Достапни линкови

„Свето тројство“ пред избори- нетранспарентна Влада, напади и притисоци врз новинари


Беловски - Владата да престане да ги „затега новинарите на менгеме“
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:44 0:00

Беловски - Владата да престане да ги „затега новинарите на менгеме“

Транспарентноста на Владата полека одумира, се намалува и пристапот до информации, се отежнува работата на новинарите, а дополнително кога се ближат избори расте и ризикот од напади и притисоци врз нив, вели во интервју за РСЕ претседателот на Самостојниот синдикат на новинари, Павле Беловски.

Владини реклами во приватни медиуми се повторно во игра. Дел од новинарите преку неколку здруженија се спротивставија на ова со бојкот на јавната расправа за законските измени. Што ќе донесат во медиумскиот простор овие законски измени ?

Од 2017 година, навака, еве веќе петта година се води една заткулисна борба, како да се укине „102-ката“ односно да се врати членот со кој е овозможено Владата да се рекламира одново во националните радија, во регионалните и локалните и приватните национални телевизии. И сега за да биде уште по дегутантно, Владата од една страна кокетира со работодавците и кон нас вперува прст, дека сме ние браната, пречката, „102-ката“ да се тргне, да се укине и да се донесе она законско решение со кое 4 реклами на годишно ниво, и тоа државни ќе се плаќаат со отприлика 0,1 процент од БДП на Република Македонија. Зборуваме за некаде од прилика сума од 4,5 милиони евра, од кои 75 проценти треба да завршат кај петте национални телевизии. Ако гледаме на годишно ниво тоа не би било помалку од 600-тини илјади евра, примамлива сума за работодавците.

Но, тука лежи лагата. Владата, оваа Влада која на наше барање во 2017 година се согласи дека ќе донесе забрана на државното владино рекламирање, сега сака да не втурне во дебата и ние да го промениме ставот, односно нашето право да бидеме против.

Ова може да се донесе, да немаме дилема, но ние ќе си останеме против. Затоа што последниот збор знаеме дека одговорност ќе имаат пратениците во Собранието. И во таков случај одговорноста ќе биде кај нив, и ние ќе можеме да бараме одговори каде тие пари, како се трошат парите на граѓаните, затоа што тие се буџетски пари, како се трошат, како се наменети, и ние ќе можеме понатака преку мерливи критериуми дали положбата на работникот, на медиумскиот работник се подобрила.

Владата да престане да си игра, да не става во средна односно да не „затега на менгеме“, за да го промениме нашиот став. Ставот нема да биде променет. Не станува збор за став на поединци, за став на претседатели на медиумски организации, туку станува збор за став на сите новинари и медиумски работници, затоа што ние го претставуваме ставот на секој поединец кој членува во организациите.

Последните извештаи на меѓународни новинарски организации покажуваат подобрување односно задоволителна слобода на медиумите. Како Вие ја оценувате состојбата на терен ?

Во Македонија низ бројка до која дојде Синдикатот на новинарите е дека 63 проценти од новинарите имаат примања под просечната плата. Така што, веќе еден од оние пет носечки столбови на рангирањето го поткрепуваме со аргументи дека е во лоша состојба, дека свети црвено светло, а тоа се условите во кои работиме и базата, односно нашата егзистенција за да можеме да нудиме и даваме квалитет.

Имаме и многу други бројки и сознанија, тука е и безбедноста на новинарите, која тука морам да заклучам дека се подобрува, се засилува, иако имаме неколку случаи во последниот период кои не одат во полза на оваа констатација. Така што тоа се сериозни проблеми кои се влошени од короната кризата па навака. Така што тие места кои се само една, како да кажам, одат само во корист на Владата, за некаде да се лицитира со таа бројка. Ако се погледне вовнатре во суштината, јас одговорно тврдам дека сме отидени подоле на ранг листата.

Како ја оценувате транспарентноста на Владата ?

Транспарентноста на Владата како еден од носечки елементи кога се презентираше како програма и ни нудеше реформа од еден партиско-политички систем до денеска се загуби тој термин транспарентност. Ни се претставуваше дека постојано ќе имаме апдејт за трошоците на секое министерство на официјалната страница на МИОА. Веќе втора година како не се додаваат информации. Кога ќе побараме пристап до информации од јавен карактер, кое по закон ни е овозможено, добиваме или оскудни одговори, или воопшто не ги добиваме или со пробиен рок во кое се заклучува дека не ни било соодветно барањето. Така што, транспарентноста на владата полека одумира. И сега не е смислата на ова интервју да говориме под каков притисок или политички контекст се соочува владата.

Меѓутоа како ни се приближуваат избори, секогаш се случува, паѓа квалитетот на безбедноста на новинарите, транспарентноста на владата и се засилуваат нападите врз новинарите кои доаѓаат токму од лица инволвирани во политиката и од јавни функционери. Ова тројство секогаш ни се случува како се доближуваат избори. Се создава една нервоза, помеѓу политичките субјекти во трката на освојување кој повеќе пратеници да добие, не се бираат средства. Затоа што ние сме првата брана, првиот чекор за нивната порака да стигне до граѓаните. И воедно имаат и потреба од нас, сакаат да не манипулираат, сакаат да имаат влијание врз уредувачките политики. Од друга страна, кога не можат да го добијат тоа, стануваат нервозни, почнуваат тие он лајн закани, тужби, навреди.

Целото интервју со претседателот на ССНМ Павле Беловски може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG