Достапни линкови

Отчетноста на функционерите и транспарентноста на Владата - на пауза


Министерот за информатичко општество Азир Алиу и Министерот за финансии Фатмир Бесими
Министерот за информатичко општество Азир Алиу и Министерот за финансии Фатмир Бесими

Њузлетер 19.05.2023 - Кога не функцинираат алатките за транспарентност на владините функционери и на институциите, кога се пласираат дозирани информации, се множат дезинформации и шпекулации.

„Отворена влада – отворени податоци“ – без податоци скоро три години

Владата, предводена од СДСМ, по доаѓањето на власт во 2017-та, вети отчетност на владините функционери и транспарентност во работењето. За таа цел, беа изработени и неколку веб алатки, односно, сајтови, на кои се гледаа трошоците на институции и функционери, нивните плати, предложените закони.
И така беше до ноември 2020-та. Алатката „Отворена влада – отворени податоци“ не се ажурира. Исто така, не е ажурирана и алатката за платите на претседателот на Владата и министрите.

Истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) покажува и дека речиси за две третини од предлог-законите не бил направен консултативен процес на Електронскиот национален регистер (ЕНЕР).
За намалената транспарентност укажуваат и новинарите кои често не добиваат одговори од институциите на поставените прашања, покажуваат истражувањата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Од Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата, задолжена за добро владеење, Славица Грковска, објаснуваат дека имало период на застој во ажурирањето на алатката за отчетност на владините функционери, но посочуваат дека работат на решение со кое институциите редовно и самостојно ќе ги внесувале податоците за јавноста навремено да има увид во направените службени трошоци на функционерите.

Што потпиша министерот Бочварски во Црна Гора?

За нетранспарентноста на договорот со Бехтел и Енка за изградба на автопатишта, пишуваа речиси сите медиуми. Исто како и за постапката за менување на закони во врска со овој договор, на кои владата, за да ги забрза, им стави европско знаме.
Деновиве, Владата најде „изговор“ зошто имаат европско знаменце. Имено, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во Црна Гора, како што изјави, потпишал Спогодба (анекс) помеѓу Северна Македонија и Европската Унија, со која, според него, Коридорот 8 и официјално влегува на мапата на главните европски коридори.
Но, изостанаа информации дали и кој потпиша од другата страна и што конкретно содржи овој анекс.

Како и да е, Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, смета дека овој аргумент е тешко прифатлив и не ја оправдува постапката на Владата.
„Никој не го спори значењето на коридорите, но постапката во парламентот со овие специфични закони и ставањето на овој коридор во мапата на европски коридори тешко дека ќе го реши процедуралниот момент кој е доведен во прашање.
Значи ова несомнено отвора простор за реакција од Европската Комисија“, смета Кацарска.
Дека не е во ред ставањето европско знаменце веќе реагираа од канцеларијата на ЕУ во Скопје.

За започнување на преговорите за членство во ЕУ, не се проблем само уставните измени

Власта не е докрај транспарентна и во врска со евентуалниот формален почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Институтот за демократија, по анализата на Заклучоците на Советот на Европа, усвоени по потпишувањето на Протоколот со Бугарија, смета дека, иако експлицитно не е напоменато, произлегува дека тука се опфатени и условите од Протоколот со Бугарија, со чие потпишување земјава се обврзува да исполни и низа други обврски.
„А тоа, освен уставните измени, значи и прашањата од историјата што ги отвори Бугарија, измени во програмите по историја, нови учебници, натписите на некои споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, говорот на омраза, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“, предупредува Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ постојано повторува дека се јасно исцртани условите под кои ќе се случи втората меѓувладина конференција, односно дека тие претпоставуваат спроведување на уставните измени и завршување на скринингот и усвојување на скрининг извештајот.
Но, дека односите со Бугарија не одат во добра насока потврди и „препирката“ меѓу бугарската потпретседателка Јотова и македонскиот премиер Ковачевски на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик. Според Јотова, во Северна Македонија има систематско кршење на правата на Бугарите, на што Kовачевски возврати дека дискурсот на Бугарија кон Северна Mакедонија наликува на оној на Русија кон Украина.

Банките „транспарентно“ ни земаат провизии

Прашањето на РСЕ на Фејсбук „Што мислат граѓаните за наплатата на провизија од страна на банките при онлајн плаќање сметки за струја, вода, парно...“ отвори широка дебата. Едни се за укинување, или да бидат симболични, додека други ја оправдуваат наплатата. Најголемиот дел се согласуваат дека „секаде во светот со дигитализацијата провизиите паѓаат, а само кај нас растат“.
Банкарските провизии, меѓу кои и оние при онлајн плаќање, станаа уште поактуелни по објавувањето на последните податоци на Народна банка, според кои, во 2022 година сите 13 банки во Северна Македонија заедно имале нето-заработка од над 101 милион евра, само од провизии и надоместоци.

За „високите“ провизии, и на шалтер и онлајн, уште пред една година во Собранието беше побарана и државна интервенција, но до сега нема реакција.
Според Закон за платежни услуги и платни системи, од годинава како опција постои т.н. платежна сметка со основни функции која може да ја добие секој граѓанин. Оваа сметка овозможува минимум пет платежни трансакции во текот на месецот без да биде наплатена провизија. На овој начин, граѓаните можат да си ги платат најчестите комунални сметки преку оваа сметка која според закон мора да има „разумна висина на надоместок“.
За оваа опција, според коментарите на посетителите на фејсбук-страницата на РСЕ, речиси никој не знае.

Дезинформациите причина за падот на имунизација на девојчиња со ХПВ вакцина

ХПВ вакцината во земјава воведена е во редовниот календар како задолжителна вакцина за девојчиња на 12 годишна возраст. ХПВ е еден од главните причини за рак на грлото на матката, која е една од петте водечки причини за малигни заболувања кај жените во Македонија.
Д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво вели дека ако во 2109 година опфатот бил 57%, во 2020 година изнесувал 42,5% додека во 2021 бил само 35,5%.
„Некогаш бевме шампиони во југоисточна Европа и на Балканот со добри 65%, но за жал во последните години опаѓа на 50%, а во 2021 година и на околу 35%. Опфатот секако дека не е добар, затоа што за добра покриеност со вакцинираност се смета некаде над 80 или 90 %“, вели д-р Димитров.

Според д-р Димитров падот на вакцинација во голема мера се должи на дезинформациите и антивакциналните камапањи кои што ја намалуваат довербата во системот.
Вакцината е многу безбедна, немаме последици или како што се верува смртни случаи, таква работа се нема случено иако се дадени милиони дози од оваа вакцина. Таа се смета за ефикасна и безбедна“, објаснува д-р Димитров.

Инфографика - Опфат на имунизација со ХПВ вакцина во Северна Македонија
Инфографика - Опфат на имунизација со ХПВ вакцина во Северна Македонија

„Вклучете ги мозоците и за нас, поинаквите“ – порачува тинејџерката Дени

Шеснаесетгодишната Дени живее со церебрална парализа и со многу соништа поврзани со уметноста. Таа не дозволува состојбата да ѝ застане на патот. Па заедно со својата наставничка по музичко образование од училиштето „Гоце Делчев“ каде завршила основно, и денес, вредно се посветува на музичката мисија. Кога се движи низ Скопје со количка во придружба на својата мајка, оваа средношколка од гимназијата „Јосип Броз Тито“, мора да ги заобиколува физичките пречки, па има и што да им порача на институциите.

Тинејџерка со церебрална парализа: „Вклучете ги мозоците и за нас, поинаквите“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:55 0:00

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG