Вести
Најмалку пет новинарки во Србија, според здруженијата, добиле отказ заради студентските протести

Најмалку пет новинарки од повеќе редакции во Србија добиле отказ откако на своите лични профили на социјалните мрежи објавиле фотографии од студентските протести, пишувале за протестите или јавно се спротивставиле на одредени одлуки на уредништвата.
При отказите, најчесто биле прогласувани за технолошки вишок.
На собирот „Стоп за прогон на новинари“, што го организираа во Белград Здружението на новинари на Србија (УНС) и Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), новинарките порачаа дека отказите најчесто ги добивале директно од управата, без претходно известување или консултација со уредниците.
Уредничката на викенд-изданието на Политика, Сандра Гуцијан, изјави дека таа и уредничката на хрониката, Доротеа Чарниќ, добиле отказ откако биле изменети правилата за систематизација на работата во редакцијата, со што нивните позиции биле укинати, а тие прогласени за технолошки вишок.
„Јас не сум ја прекршила уредувачката политика. Мојот последен текст беше ‘Александар Вучиќ во Ниш’ на првата страница. Од таа гледна точка, јас бев во линија со уредувачката политика“, рече Гуцијан.
Сандра Гуцијан посочи дека во нејзиниот случај, како и во случајот на нејзината колешка Доротеа Чарниќ, проблемот бил тоа што своите „активности во приватното, слободно време ги објавувале на социјалните мрежи, кои исто така биле затворени профили“.
Таа ја прочита пораката од Чарниќ, која не можела да присуствува на трибината, во која се наведува дека целта на настанот е да се укаже на тоа дека „властите сè почесто се пресметуваат со новинаркипреку откази — жени кои професионално си ја вршеле работата, без да го кријат својот политички став, на што според законот имаат право“.
Водителката на телевизијата Јуроњуз (Euronews), Марија Шехиќ, изјави дека добила отказ поради наводно кршење на работната дисциплина, непрофесионализам, неизвршување на работните обврски и прекршување на новинарската етика — но дека тоа се случило откако таа и дел од нејзините колеги се оградиле од соопштението на управата со кое се осудуваше студентската блокада на РТС.
„Имаше многу ситуации и реченици што во моментот не привлекуваат внимание, како на пример: ‘Биди паметна’, ‘Полека’, ‘Чекај, застани, знаеш ли ти за кого работиш’, ‘Ајде да бидеме паметни’“, рече Шехиќ.
Настанот го осветли зголемениот притисок врз новинарките во Србија кои јавно изразуваат ставови, дури и надвор од работното време, при што отказите сè почесто се користат како средство за замолчување и дисциплинирање.
Новинарката на Вечерње новости, Војислава Црњански Спасојевиќ, изјави дека била прогласена за технолошки вишок откако се оградила од објавувањето на лични податоци од пасошите на двајца студенти во онлајн изданието на „Новости“, како и поради објава на Инстаграм за време на нејзиното учество на студентските протести.
„Ден потоа, без никакво предупредување, без понуда за друго работно место, без никаков разговор, добив решение дека сум технолошки вишок – по 31 година работен стаж, од кои 15 години поминати во ‘Вечерње новости’“, рече таа.
Црњански Спасојевиќ истакна дека дури ни нејзините уредници не биле информирани за отказот и дека првпат слушнале за тоа од неа самата.
Овој случај, како и претходните, го нагласува загрижувачкиот тренд на отстранување новинари кои јавно или приватно изразуваат став што се разликува од линијата на медиумската управа или владејачката структура – често без транспарентна процедура и без правна заштита.
Уредничката на онлајн изданието на магазинот Elle за Србија, Тара Ѓукиќ, изјави дека добила отказ поради објава на текст за студентските протести, односно откако исечок од текстот бил споделен на Инстаграм — што го забележал сопственикот на компанијата, Игор Жежељ.
„Тогаш започнаа закани, заплашувања од самиот врв на нашата компанија, илјадници повици што беа упатени кон целата редакција – ние сме четири лица – но најмногу кон мене како веб уредник, со барање веднаш да го повлечам и избришам текстот“, рече Ѓукиќ.
Кога одбила да го стори тоа, ѝ било соопштено дека е прогласена за технолошки вишок.
Овој случај се надоврзува на серијата откази кои, според самите новинари и новинарки, не се резултат на реална потреба за реорганизација, туку чин на цензура и одмазда поради уредничка независност и професионален интегритет. Случаите јасно покажуваат дека учеството во јавен дијалог или дури објективно известување за протести се третираат како прекршок во дел од медиумските средини во Србија.
Претседателката на Европската федерација на новинари, Маја Север, оцени дека е „застрашувачко тоа што се случува“, укажувајќи на длабоки промени што се случуваат во медиумскиот простор, особено по уривањето на бетонската надстрешница на Железничката станица во Нови Сад, каде што загинаа 16 лица. Таа истакна дека начинот на кој политиката се рефлектира врз редакциите станува сè поагресивен и загрижувачки.
Трагедијата во Нови Сад беше клучен момент што предизвика масовнистудентски и граѓански протести, со јасни барања за одговорност од страна на властите — како на локално, така и на државно ниво.
Во последно време, студентите го радикализираа својот став и почнаа да бараат распишување на вонредни парламентарни избори, наведувајќи ја недостигот од транспарентност, одговорност и безбедност како главни причини за својата политичка мобилизација.
Сите овие настани се одвиваат во атмосфера на зголемени притисоци врз медиумите и новинарите, каде што известувањето за протестите, па дури и приватните објави на социјалните мрежи, доведуваат до откази, цензура или заплашување – што дополнително ја продлабочува загриженоста за состојбата со медиумските слободи во Србија.
види ги сите денешни вести
Русија лансираше стотици дронови во Украина

Русија почна масовен напад со стотици беспилотни летала врз Украина ноќта кон 19 јули, при што загина најмалку едно лице, како дел од засилената кампања на бомбардирање што ги уништи надежите за пробив во напорите за ставање крај на повеќе од три годишната војна, објави агенцијата АП.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави на мрежата „Икс“ дека Русија испукала над 300 беспилотни летала, заедно со повеќе од 30 крстосувачки ракети.
Едно лице загина кога руските сили го нападнаа пристанишниот град Одеса со повеќе од 20 беспилотни летала и еден проектил, изјави градоначалникот на Одеса Генадиј Труханов, додека пет лица беа спасени кога избувна пожар во станбена висока зграда.
Според Зеленски, уште шест лица беа ранети во нападот врз Одеса, вклучувајќи едно дете, а беше оштетена и критична инфраструктура во североисточниот сумиски регион на Украина.
Украинскиот претседател им се заблагодари на меѓународните лидери „кои разбираат колку е важно брзо да се спроведат нашите договори“ насочени кон зајакнување на одбранбените капацитети на Украина, вклучително и заедничко производство на оружје, производство на беспилотни летала и снабдување со системи за воздушна одбрана, јави АП.
Русија ги интензивира своите напади со долг дострел врз украинските градови. Сега често ја напаѓа Украина со повеќе беспилотни летала во една ноќ отколку што го правеше тоа во текот на цели месеци во 2024 година.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека соборило 71 украински беспилотни летала во ноќта кон 19 јули.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, рече дека 13 беспилотни летала биле соборени додека се приближувале кон руската престолнина.
Автомобил влета во толпа луѓе во Лос Анџелес, најмалку 28 повредени

Најмалку 28 лица се повредени откако „непознат“ автомобил влета во толпа во Холивуд, кварт во Лос Анџелес, соопшти противпожарната служба на Лос Анџелес, без да даде информации за причината за инцидентот, јави агенцијата АФП.
Повеќе од 100 пожарникари реагираа на местото на настанот во источен Холивуд помагајќи им на тројца пациенти во критична состојба и шест во сериозна состојба, додека 19 пациенти се во стабилна состојба, соопшти противпожарната служба.
ABC News цитираше официјален претставник на противпожарната служба кој рече дека прелиминарните истраги укажуваат на возач кој изгубил свест и удрил голема толпа пред ноќен клуб. Сепак, ова не можеше веднаш да се потврди.
Областа каде што се случил инцидентот е во близина на холивудските знаменитости, вклучувајќи го булеварот „Сансет“ и „Булеварот на славните“ - тротоар украсен со ѕвезди во чест на личности од филмската индустрија.
Сириското претседателство тврди дека на сила е прекин на огнот по конфликтот на југот од земјата

Владата на Сирија, предводена од исламистите, соопшти дека нејзините внатрешни безбедносни сили почнале да се распоредуваат во Свеида додека претседателството ги повика сите страни да го почитуваат прекинот на огнот откако крвопролевањето во областа претежно населена со Друзи однесе стотици мртви.
Сириското претседателство објави итен и сеопфатен прекин на огнот и ги повика сите страни да се обврзат на него и веднаш да ги прекинат непријателствата во сите области.
Портпаролот на сириското Министерство за внатрешни работи претходно на 19 јули изјави дека внатрешните безбедносни сили почнале да се распоредуваат во Свеида, покраина на југот од земјата.
Израел интервенираше во конфликтот претходно оваа недела, погодувајќи ги владините сили и зградата на Министерството за одбрана во Дамаск во знак на поддршка на Друзите.
Американскиот амбасадор во Турција и претставникот на Вашингтон за Сирија, Том Барак, изјавија дека двете земји се согласиле за прекин на огнот поддржан од Турција, Јордан и нејзините соседи.
Сириската покраина Свеида е зафатена од насилство кое почна со судири меѓу бедуинските борци и друзските фракции, пред да се вмешаат владините безбедносни сили испратени од Дамаск во областа.
Барак ги повика Друзите, бедуините и сунитите да го положат оружјето и „да изградат нов и обединет сириски идентитет заедно со другите малцинства“.
Израел тврди дека неговата цел е да го заштити сириското малцинство Друзи и дека сака областите долж јужната граница на Сирија да останат демилитаризирани.
Привремениот претседател Ахмед ал-Шара го обвини Израел дека се обидува да посее поделби меѓу Сиријците.
Активни се четири пожари, 27 се изгаснати

Изгаснати се 27 пожари на отворен простор, а четири се ставени под контрола во изминатото деноноќие, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Активни пожари има во село Нивичино, општина Василево, во село Грешница, општина Македонски Брод, меѓу прилепските села Царевиќ и Смолани и во село Виштица, општина Липково.
ЦУК соопшти дека под контрола се ставени пожарите во општина Велес, кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци, во село Николиќ, општина Дојран, во општина Демир Хисар, кај градската депонија и во општина Македонски Брод, кај селата Црешнево, Локвица и Крапа.
По три пожари се изгаснати во општините Ранковце и Куманово, а два во општина Липково. Изгаснати се пожарите и во општините Старо Нагоричане, Кратово, Јегуновце, Теарце, Тетово, Свети Николе, Битола, Карбинци, Штип, Делчево, Росоман…
Во општина Аеродром изгаснат е пожарот на улица „Гаврил Константиновиќ“, каде гореше ниска вегетација, во општина Гази Баба – кај стрелиште Камник, во општина Сарај – крај Вардар, а во општина Бутел – населба Визбегово. Во општина Ѓорче Петров се изгаснати два пожара, на влезот во населбата Ѓорче Петров и на улица „Васил Чакаларов“, во општина Илинден, кај индустриската зона.
Трамп ги тужи Мардок и „Волстрит џурнал“ поради текстот за Епштајн, бара 10 милијарди долари отштета

Доналд Трамп, претседателот на Соединетите Американски Држави(САД), поднесе тужба за клевета вредна 10 милијарди долари против издавачот на „Волстрит џурнал“(WSJ) и против новинари поради текст за збирка писма дадени на сексуалниот престапник Џефри Епштајн за неговиот 50-ти роденден во 2003 година, вклучувајќи белешка со потписот на Трамп и цртеж од гола жена.
Трамп категорично негира дека е автор на пораката.
Тужбата е поднесена против „Дау Џонс“, матичната компанија на „Волстрит џурнал“, нејзиниот сопственик, Руперт Мардок и двајца новинари на весникот.
Според судскиот поднесок поднесен во федералниот суд во Јужна Флорида, Трамп тужи за клевета, напад и навреда. Копија од тужбата не е прикачена на судскиот досие.
„Волстрит џурнал“ објави дека писмото, на кое пишувало името на Трамп, содржело неколку реда текст врамени со контура на гола жена, која изгледала како рачно нацртана со дебел маркер.
Весникот наведува дека писмото завршува со „Среќен роденден - и нека секој ден биде уште една прекрасна тајна“ и дека е потпишано со „Доналд“.
Трамп се закани дека ќе тужи речиси веднаш по објавувањето на статијата, напишана од новинарите на „Волстрит џурнал“, Кади Сафдар и Џо Палацоло.
„Волстрит џурнал“ и Руперт Мардок беа лично предупредени директно од претседателот Доналд Трамп дека наводното писмо што го објавиле - наводното писмо на Трамп до Епштајн - е лажно и дека ако го објават, ќе бидат тужени“, објави Трамп на својата социјална мрежа.
Милијардерот Џефри Епштајн се самоуби во затвор во август 2019 година, откако беше обвинет за сексуално злоставување малолетници.
Загинаа 26 лица во израелски напади, според цивилната одбрана на Газа

Загинаа 26 лица, а повеќе од 100 се повредени во израелски напади во близина на два хуманитарни центри на југот од палестинската територија, соопшти Агенцијата за цивилна одбрана на Газа, јави агенцијата АФП.
Портпаролот на агенцијата, Махмуд Басал, изјави за АФП дека 22 лица биле убиени во близина на локација југозападно од Кан Јунис а четворица во близина на друг центар северозападно од Рафа, поради „израелското пукање“.
Еден очевидец рече дека се упатил кон областа Ал-Тина во Кан Јунис пред зори со петмина негови роднини за да се обиде да купи храна кога „израелските војници“ почнале да пукаат.
„Моите роднини и јас не можевме да купиме ништо“, изјави за АФП 37-годишниот Абдул Азиз Абед. „Секој ден одам таму и сè што добиваме се куршуми и исцрпеност наместо храна“.
Израелската војска соопшти дека ги испитува тврдењата кога била контактирана од АФП.
Војната во Газа, предизвикана од смртоносниот напад на милитантната група Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, создаде тешки хуманитарни услови за локалното население.
Повеќе од два милиони луѓе кои живеат на густо населената крајбрежна територија се соочуваат со сериозен недостиг на храна и други основни производи, а лекарите пријавија пораст на акутна неухранетост.
Агенцијата за цивилна одбрана објави дека девет лица биле застрелани и убиени во близина на истата точка за помош во областа Ал-Шакуш северозападно од Рафа на 18 јули.
Обединетите нации (ОН) соопштија дека регистрирале 875 убиени лица во Газа додека се обидувале да добијат храна.
Нормализирано е водоснабдувањето во болницата „Козле“

Водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано.
Хоспитализацијата на пациентите продолжува непречено, а здравствената установа функционира во целосен капацитет – информораше попладнево Министерството за здравство.
Претходно денеска, МЗ соопшти дека поради прекин во водоснабдувањето во болницата во Козле, веднаш е побарано од Универзитетска клиника за детски болести и Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби времено да ги згрижат пациентите кои ќе имаат потреба од хоспитализација, додека во Козле ќе продолжи третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.
Каја Шукова е кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска (18 јули) на прес-конференција објави уште еден дел од кандидатите за локалните избори, по состанокот на Извршниот одбор на партијата, којшто заседавал денеска.
За кандидат за градоначалник на Скопје ја најави потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.
-За кандидат за Општина Битола - претседателот на Општинската организација Методија Куновски, во Валандово актуелниот градоначалник Перо Костадинов, во Виница претседателот на Општинската организација Гоце Милевски, во Зрновци претседателот на ОО Ванчо Митев, во Кавадарци регионалниот партиски координатор Виктор Велевски, рече Филипче на прес-конференцијата.
Тој истакна дека за Општина Карпош кандидатка за градоначалник ќе биде
д-р Маја Мојсова Миовска, поранешна директорка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), додека на Општина Кисела Вода Горан Трајковски, кој е поранешен директор на Државен пазарен инспекторат.
-Во Општина Маврово Ростуше кандидат ќе биде Анес Ахмети, во Општина Ново село Петар Спасов, во Петровец Елизабета Зелениковска, во Прилеп претседателката на ОО Петра Лукаровска, во Радовиш партискиот претседател Ристо Спасов, во Свети Николе Дејан Гичев, во Општина Чашка актуелниот градоначалник Горан Стојановски, во Општина Брвеница Светлана Митревска Анџелковска, информираше Филипче.
Oдговарајќи на новинарско прашање дали коалицираат со ДУИ и Левица за локалните избори, опозицискиот лидер нагласи дека активно разговараат и оти за секоја општина ќе имаат посебна стратегија.
„Нашата партиска стратегија е јасна – консолидација на секое ниво, широк инклузивен процес во избор на нашите најдобри кандидати коишто имаат и легитимитет и кредибилитет да излезат пред граѓаните да ја побараат довербата. Тие кандидати заклучно со овие денеска објавени, практично се избрани во еден процес со многу широк консензус“, рече Филипче.
По неговата прес конференција, ВМРО-ДПМНЕ реагираше преку писмено соопштение:
СДС тонат сѐ подлабоко во својот бунар без дно, сите кандидати или им се претседатели на општински организации кои мораат да излезат и да изгубат во своите општини или пак поранешни кадри на Заев. Со ова дефинитивно се потврдува дека СДС немаат кадри, ниту пак некој сака да им се нафати да изгуби. Во Скопје ќе одат со кадар на Заев, поранешната министерка за животна средина Каја Шукова.
Истата Каја Шукова ќе им ветува на Скопјани чист воздух и чиста околина, а додека беше министерка за животна средина со прст не мрдна за подобрување на аерозагадувањето, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
Локалните избори ќе се одржат во октомври 2025 година.
Судот одреди обештетување за семејствата на настраданите во Нови Сад

Вишиот суд во Нови Сад денеска (18 јули) соопшти дека донел пресуда со која државното претпријатие „Инфраструктура железница Србија“ и државата Србија се обврзуваат да им исплатат надомест на штета за претрпена душевна болка на четири лица поради смртта на нивни блиски.
Радио-телевизија Србија (РТС) објави дека се работи за членови на фамилиите на загинатите при падот на настрешницата.
Во соопштението се наведува дека на тужителите Б.Р., Б.П. и И.Р. треба да им се исплатат по 5.000.000 динари (околу 42.600 евра), а на тужителката М.Р. износ од 4.500.000 динари (околу 38.400 евра) со законска казнена камата.
Против оваа пресуда е дозволена жалба до Апелациониот суд во Нови Сад.
При уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1. ноември 2024 година, загинаа 16 луѓе. Настрешницата падна четири месеци по свеченото отворање на зградата по тригодишна реконструкција.
Оваа трагедија доведе до повеќемесечни протести и блокади на факултетите во Србија, на кои се бара одговорност од властите за несреќата.
И „Козле“ остана без вода, децата привремено згрижени на други клиники

Поради проблем со водоснабдувањето, децата кои имаат потреба за хоспитализација на Клиниката за белодробни заболувања во Козле, ќе се препраќаат кон Клиниката за детски болести и Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Министерството за здравство денеска (18 јули) соопшти дека во Козле ќе продолжи само третманот на пациенти во дневна болница и амбулантските прегледи.
По нормализирање на водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата ‘Козле’, непречено ќе продолжи хоспитализацијата на пациентите во оваа јавна здравствена установа - велат од Министерството за здравство.
Директорката на болницата, Катерина Бошкова вчера за дел од медиумите изјави дека функционираат со цистерни со техничка вода донесена од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.
„Невозможно е да се лекуваат болнички пациенти без вода“, додаде д-р Бошкова.
ЈП „Водовод и канализација“-Скопје во врска со прекинот на водоснабдувањето на Детската болница Козле попладнево информираше дека при нивниот извршен увид констатирале оти причината за прекинот не е во нивна надлежност.
Во денешното писмено соопштение, од ова јавно претпријатие посочуваат дека станува збор за дефект на водоводната инсталација која е во сопственост на болницата.
За наведеното, известени се надлежните во болницата и тие треба да го санираат дефектот на внатрешната водоводна инсталација, велат од скопски Водовод.
Од јавното претпријатие посочуваат дека и покрај нивните апели, во текот на увидот констатирале дека болницата Козле нерационално ја користи водата за пиење, со полевање на парковската површина во склоп на болницата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете