Достапни линкови

Со „Амбер Алерт“ ќе се бараат исчезнати деца во Северна Македонија


Илустрација:
Илустрација:

„Најди ме – Систем за рано предупредување за исчезнати деца“ од декември итно ќе ги алармира граѓаните со цел ако имаат некакви информации за исчезнувањето, веднаш да ги споделат. Вакви системи има во Европа и во САД, а веќе и во регионот. За три години во Северна Македонија исчезнале 74 деца.

Родителите на Петар Џобески речиси една година чекаат вест за својот тогаш 10-годишен син кој исчезна на 25 февруари лани во село Врпско, мариовско. Таму бил со семејството да ги проверат пчелите.

По Петар, дете со попреченост, околу тешко пристапниот селски предел трагаа полицијата, службени кучиња, дронови, селани и ловџии.

Петар е последното од неколку исчезнати деца за кои не се знае што се случило со нив. Неговата фотографија и сега е на интернет-страницата на МВР, каде се објавуваат основните информации за исчезнати луѓе.

Петар Џобески, исчезнат на 10 години
Петар Џобески, исчезнат на 10 години

Од Петар уште нема ни трага ни глас.

„До овој момент лицето не е најдено. Потрагата продолжува се до негово пронаоѓање“, велат од МВР за Радио Слободна Европа.

За секој родител страшно е да го изгуби детето и да не дознае што и како се случило.

„Помислата дека може да го изгубите ваше дете меѓу непознати е застрашувачка, дури и ако трае една секунда. Ми се случи еднаш на плажа да не можам да го лоцирам детето. Го барав неколку минути, ама траеше како цела вечност. Си помислив, што ако го нема за во следните часови, денови..? Сигурно ќе звонам на сите звона“, вели мајка на осумгодишно девојче од Скопје.

„Најди ме“ ќе алармира за исчезнати деца

Медиумите ја прекинуваат програмата на секој половина час и објавуваат фотографија од исчезнато дете. Истата фотографија свети од лед - екрани на аеродроми и на автопатишта. Информацијата се шири со брзина на светлината, сите дознаваат и сите се алармирани.

„Пронајди ме“, пишува во кратката, но важна смс-порака што истовремено ја добиваат граѓаните и на мобилните телефони. Целта е ако имаат некакви информации за исчезнувањето, веднаш да ги споделат.

Вака во Србија од крајот на октомври почна да функционира системот „Пронајди ме“, по примерот на таканаречениот „Амбер алерт“ кој итно ја известува јавноста кога ќе исчезне дете.

Сличен систем за брзо пронаоѓање исчезнати деца ќе алармира и во Северна Македонија. Наречен е „Најди ме – Систем за рано предупредување за исчезнати деца“ и ќе биде промовиран следниот месец. Воспоставен е од граѓанската организација „Новинари за човекови права“, во соработка и под проектен менаџмент на партнерската организација ЕКПАТ – Австрија. Се потпира на австриско искуство, бидејќи таков систем веќе постои во Австрија, која е дел од мрежата на „Амберт Алерт Европа“.

Министерството за внатрешни работи (МВР) дало поддршка на идејата. Се очекува да се вклучат и министерствата за труд и социјална политика, здравство и за образование.

Фотографии на банкомати, градски автобуси, такси – возила...

„Кај нас ќе бидат вклучени банки (фотографија од исчезнато дете ќе се појавува на банкомат кога ќе сакате да извадите пари), такси компании, јавниот градски превоз, мобилен оператор, на рецепција во хотелите ќе стигне фотографија од исчезнатото лице...На почетокот ќе бидат опфатени само деца, а потоа и возрасни, кои Министерството за внатрешни работи ги потврдило како исчезнати“, објаснува Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“.

За таа цел веќе функционира интернет страницата „Најди ме“ која ќе споделува податоци на македонски, албански и ромски јазик. Направени се и другите технички подготовки.

Првично воспоставен во САД, системот постои во повеќе европски држави, а постепено го воцедуваат и земјите од регионов. Покрај во Србија, системи за предупредување за исчезнати деца има и во Албанија и во Хрватска (во Хрватска се вика „Нено аларм“). Иницијатива да се воведе има и во БиХ.

Некои од системите за предупредување за исчезнати лица се по примерот на американскиот, други по примерот на европскиот „Амбер алерт“. Драстична разлика меѓу нив нема, освен во начинот на финансирање.

„Неопходен ни е таков систем. Кога го имаме и во околните држави, полесен е протокот на информации“, вели Доковска.

Според официјалните податоци од МВР, во последните три години (од 2020 до 27.10.2023) биле исчезнати 74 малолетни лица. Од нив, 65 се пронајдени. Девет деца уште се водат како исчезнати.

Кога некој ќе исчезне во Северна Македонија, според досегашната пракса, блиските прво бараат помош од социјалните мрежи. Се објавува апел со фотографија од лицето, податоци каде и кога исчезнал и како бил облечен, телефонски броеви на кои можат да се јават граѓаните ако имаат некоја информација за исчезнатото лице.

Од последните три години, најмногу луѓе исчезнале во 2021

Полициската статистика за последните три години покажува и дека најмногу исчезнати луѓе во Северна Македонија имало во 2021 година – вкупно 126 лица, што е значително повеќе од годината претходно, кога за исчезнати биле пријавени 91 лице. Од почетокот на оваа година пак исчезнале 59 лица. По осум уште се трага, останатите се пронајдени.

Кога некој ќе пријави исчезнати лице, МВР веднаш постапува. Не се чека да поминат 24 часа или 48 часа по пријавата.

„Во зависност од информациите со кои располагаме: причините за исчезнување, местото на исчезнување, неговото движење, дали лицето имало намера да ја напушти државата и така натаму, се распишува локална или централна објава, а по потреба и меѓународна објава“, велат од МВР.

Регионални искуства

Во Србија, системот ќе функционира така што кога полицијата ќе го покрене системот, медиумите во првите осум часа ќе имаат обврска на секои 30 минути да ја прекинуваат програмата, за да емитуваат фотографија од исчезнатото дете и информации важни за потрагата. После тоа, до истекот на 48 часа, медиумите ќе објавуваат податоци на секој еден час.

По 48 часа, медиумите веќе немаат обврска за објавување, бидејќи се смета дека јавноста е доволно информирана. Системот може повторно да се покрене на барање од полицијата.

За воведување на системот во оваа земја се зборуваше од 2015 година, кога беше киднапирана и убиена тогаш 15-годишната Тијана Јуриќ од Суботица.

Партнер на „Пронајди ме“ во Србија е Амбадата на САД.

Тијана Јуриќ, 15-годишно девојче од Србија, киднапирана и убиена во 2015
Тијана Јуриќ, 15-годишно девојче од Србија, киднапирана и убиена во 2015

Хрватска има „Нено Аларм“ од минатата 2022 година. Кога ќе исчезне дете, хрватската полиција ја известува компанијата Мета, која иницира предупредување, односно „Нено аларм“, до граѓаните - корисници на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм - во радиус од 60 километри од местото каде што детето последен пат е видено.

Предупредувањето содржи основни информации за исчезнатото дете и линк до неговиот профил на веб-страницата на Националниот регистар на исчезнати лица.

Инфографика: „Амбер Алерт“ во Европа
Инфографика: „Амбер Алерт“ во Европа

Системот се користи во повеќе европски држави – Белгија, Чешка, Франција, Германија, Грција, Малта, Ирска, Полска, Бугарија, Уталија, Холандија, Бугарија...

Во САД, „Амбер Алерт“ во САД функционира од 1996 година. Именуван е по девет годишно девојче од Тексас, Амбер Хагерман, која била киднапирана додека возела велосипед, а потоа и убиена. Случаен минувач шетајќи го кучето го нашол телото на Амбер пет дена подоцна, фрлено во поток, на помалку од 10 километри од паркингот каде Амбер била киднапирана.

XS
SM
MD
LG