Достапни линкови

Пензионери го „спасуваат“ пазарот на труд


Илустрација, пензионери во Скопје
Илустрација, пензионери во Скопје

Министри, трговци, градежни и транспортни фирми бараат од пензионери да се вратат на работа, велат синдикатите и работодавачите. Некои компании се обратиле и до Сојузот на пензионери за да ангажираат нивни членови. Ниските пензии се најчест мотив пензионерите да ги одложат мирните неработни денови.

По 45 години работен стаж, 64 годишниот Горан М. од Скопје, наместо удобно во фотелја да гледа утринска програма, вели дека и натаму секое утро се бричи, ја облекува работната униформа од фирмата за обезбедување и заминува на работа. Планот за мирни пензионерски денови, го одложил на неодредено, затоа што со пензијата од 21 илјада денари, не може да го исплати кредитот.

Септемвриското покачување од 2 500 денари го „промашило “ за еден ден, затоа што во пензија заминал на крајот на август минатата година. Пресметката за пензијата од дома не му испаднала иста во Пензискиот фонд затоа што за време на транзицијата, една од фирмите во кои работел неколку години не му исплаќале придонеси.

„Уште пред да отидам во пензија, газдата ми понуди да останам да работам, за иста плата, нешто повисока од минималната - 24 илјади денари. Имам кредити, па четвртина од платата ми одеше за тоа, затоа решив да продолжам да работам како обезбедување“, вели Горан за Радио Слободна Европа.

Компаниите, соочени со недостиг на квалификувана работна сила, сè почесто ги отвoраат вратите за пензионери.

„Речиси сите колеги се возрасни како мене, луѓе во пензија, младите не сакаат да го работат ова, а и платите не се атрактивни“, вели Горан кој работи како обезбедување во основно училиште во Скопје.

Пензионерите се „на цена“ на пазарот на трудот и во јавниот и во приватниот сектор. Од една страна работодавачите имаат потреба од кадар, а од друга на пензионерите не им е доволна пензијата. Според податоците до Пензискиот фонд (ПИОМ) во просек годишно околу пет илјади работници одат во пензија.

Според актуелниот Закон за работни односи, старосната граница за пензионирање за жени е на 62 години, а за мажи на 64 годишна возраст со најмалку 15 години работен стаж. Жените имаат можност да го продолжат својот работен век до 64 години.

До пред некоја година професори, лекари и вработени во јавна администрација во земјава можеа за уште три години да го продолжат работниот век, но со последните измени на Законот за работни односи во 2022 година таа можност им е скратена.

Во јавните институции ако има дефицитарни кадри во здравството и во образованието работниците можат да работат како консултанти и да бидат ангажирани со посебен договор за работа доколку во установата каде што работат нема таков вид на специјалисти. Ако продолжат да работат според овој договор, нивната пензија се става во мирување и земаат плата според новиот договор за работа.

УПОЗ: Министри бараат од пензионери да се вратат на работа во администрација

Платата во јавната администрација не е веќе толку привлечна, па многумина квалификувани кадри ја напуштаат, а со тоа дел од институциите „кубурат“ со кадар, вели претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) Трпе Деаноски. Според тоа потребата од пензионери да продолажат да работат со договор на дело е голема.

„Се почесто имаме примери кога министри или директори на институции ги замолуваат колегите кои заминале во пензија да се вратат на работа, да работат на договор на дело за да им помогнат и да обучат други луѓе во тие институции како да работат, затоа што веќе обучените кадри или заминуваат во странство, или во пензија или во приватен сектор“, вели Деаноски.

Најчесто работниот век во јавната администрација го продолжуваат жените, со исполнување на уставното право да работат до 64 години. Причините за тоа е економски, да „закрпат некоја дупка“ во домашниот буџет, да вратат некој кредит или да им помогнат на своите деца, објаснува Деаноски. Но, додава дека поради ниските плати во јавниот сектор, административците кои заминуваат во пензија добиваат недостоинствени пензии.

„Кога ќе ги видите решенијата за пензија на колегите и сумите кои ги добиваат за пензија се катастрофално ниски и недостоинствени. Не знам како тие луѓе кои заминуваат во пензија може да си дозволат нормален живот. Во судовите колегите кои што работеле на шалтер или записничарки со 40 години работен стаж добиваат од 18 до 20 илјади денари пензија, а 40 години работеле во Суд“, додава тој.

Пензионер може да работи со договор на дело или авторски договор

Според македонските правила за работа по пензија, еден пензионер ако е работоспособен и сака да го продолжи работниот век, може да склучи договор за работа на дело или по авторски договор. Тоа се договори кои што не влијаат на исплатата на пензијата.

„Односно за Фондот е небитно дали прима дополнителни приходи пензионерот по стекнување на право на пензија, еднинствен проблем е ако пензиoнерот повторно се вработи ( и е во осигурување ) во тој случај се запира исплататa на пензија согласно член 148 од Законот за ПИО, а се воспоставува истата по престанок на осигурување“, е наведено во одговорот на ПИОМ за Радио Слободна Европа.

Маркети вработуваат пензионери

Интересот за продолжување на работниот век кај пензионерите е голем вели претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова. Во сојузот редовно се јауваат фирми кои бараат да вработат пензионери.

„Станува збор за трговски фирми, маркети кои стапија во контакт со нас и со нив разговаравме дека при вработување на пензионери треба да ги стават во иста правна положба со другите вработени и да им се даваат работни задачи кои ќе одговараат на нивната психофизичка способност. Тука станува збор за вработување на пензионери по договор на дело“, вели Трајкова.

Пензионерите бараат измени на дел од законите со кои би можеле да продолжат да работат, односно да се вработат со вклучено осигурување и придонеси, без при тоа да им се стави во мирување пензијата.

Димитров: Без пензионери некои компании ќе затворат

Големиот недостиг на квалификувани и специфични кадри на пазарот на труд, ги принудува работодавачите да бараат од пензионерите да продолжат со работниот век и покрај делумните ограничувања во законот, велат од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

„На пример, 90 проценти, а може и 100 отсто од возачите на комбињата кои ги превезуваат работниците до ТИРЗ зоните се пензионери. Кога ќе им укажате на дел од компаниите, дека според законот за работни односи не може пензионер да работи со договор на дело во она што е основна дејност на фирмата, одговараат без нив нема друго чаре. Ни велат дека ако не се пензионерите не може да си ја вршат дејноста. Ова е само пример, дека без пензионерите некои компании ќе треба да затворат“, вели Ангел Димитров од ОРМ.

Од друга страна, пак, вели дека и пензионери кои се чувствуваат работоспособни и сакаат да и помогнат финансиски на фамилијата бараат работа.

„Нашиот закон не дозволува нормално вработување и пријавување, плаќање на давачки, тој мора да ја остави пензијата во мирување и да се вработи повторно, што за нив е неоправдано, затоа што тие сметаат дека си ја заработиле пензијата и дека треба да си ја земаат“, додава Димитров.

Според него, краткорочното решение за проблемот со дефицитарен работен кадар може да се гледа во вработување на пензионери. Но за тоа се потребни измени на Законот за пензиско осигурување со кои пензионерот при вработување да може да си ја задржи пензијата, но од платата да му се извојуваат пари за здравствено и пензиско осигурување. Но, по завршување на работниот ангажман да му се зголеми основицата на пензијата, затоа што плаќал дополнителни придонеси.

Второто предлог решение на Димитров е измени во Законот за работни односи со кои ќе се отстрани ограничувањето на договорите на дело со дејноста на компанијата како досега, туку да се овоможи договор со кој пензионерот ќе да работи во основната дејност на компанијата. Како пример за ова ограничување, Димитров ги посочува фирмите кои вршат меѓуградски превоз на патници. Тие може да ангажираат пензионери ама не како возачи, што е основна дејност на фирмата, туку како молери или за некоја друга услуга која не им е во дејноста.

„Тоа е многу ограничувачки во законот, затоа што во некоја компанија имате потреба од некој инженер или занаетчија што го нема на пазарот на трудот и вие не можете да го ангажирате затоа што спаѓа во основната дејност на компанијата “, вели Димитров.

Според побарувачката на пазарот на трудот, дефицитарни кадри кои постојано се бараат во Агенцијата за вработување се возачи, обезбедување на училишта, багеристи, градежници, готвачи, пекари, трговци, лекари, градежни и електро инженери и сметководители.

Во ЕУ 13 проценти од пензионерите продолжиле да работат

Само 13 проценти од вработените по добивањето на првата старосна пезнија продолжиле да работат покажува анкетата за работна сила во ЕУ на Евроостат за 2024 година.

Меѓу оние кои продолжиле да работат, околу половина продолжиле како порано, додека за другата половина имало промени, како што се менување на работните места, работејќи помалку часови или работа на втора работа додека ја прекинале првата работа.

Најголем удел на луѓе кои продолжиле да работат е забележан во балтичките земји, Естонија (54,9%), Латвија (44,2%) и Литванија (43,7%), додека најмал удел се регистрирани во Романија (1,7%), Грција (4,2%) ) и Шпанија (4,9%).

„Можеби изгледа ниска бројка, но возраста за пензионирање се зголеми за неколку години во многу земји на ЕУ“, вели истражувач на пазарот на труд во Холандскиот интердисциплинарен демографски институт (Ниди), Јеле Лосбрук .

Данска, Холандија и Италија имаат најголем процент на луѓе кои продолжиле да работат затоа што уживале во тоа. Од друга страна, финансиската неопходност беше главната причина за продолжување на работата во Кипар, Романија и Бугарија.

„Земјите како Луксембург и Холандија имаат многу дарежливи јавни пензии, дури и ако се земат предвид високите трошоци за живот, додека земјите во Источна или Јужна Европа генерално ги засноваат своите пензиски системи силно на платата што ја имаа луѓето“, рече Лосбрук.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG