Достапни линкови

Претстои жешко синдикално лето: притисок на јавниот сектор за повисоки плати


Граничен премин.
Граничен премин.

Протестите и штрајковите на вработените во јавниот сектор го стартуваат жешкото синдикално лето. Последни незадоволство изразуваат вработените во Царина, во УЈП, судските административци. Претходно протестираа просветни работници, вработени во култура, во ДИЦ... Тие не сакаат да работат за подпросечни плати, додека функционерите добиваат за 78 отсто повисоки плати.

Со затворени граници и неисплаќање на плати на вработените во земјата, се заканија вработените во Царинската управа и во Управата за јавни приходи (УЈП).

Тие се последни во низата вработени во јавниот сектор, кои бараат зголемување на нивните плати и исплаќање на додатоци.

Барањата за повеќе пари станаа особено гласни откако избраните и назначени функционери во Македонија во април добија зголемување на плати за 78 проценти.

Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023
Инфографика - Колкава плата ќе земат државните функционери за април 2023

Па така претседателите на државата, на собранието и на владата имаат плата околу 2600, а министрите по околу 2000 евра месечна плата.

Повисоки плати добија 1060 функционери по одлуката на Уставен суд, а за повисоки плати на функционерите до крајот на годината ќе се потрошат дополнителни над 15 милиони евра од Буџетот на државата.

Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, повеќе од 96 проценти на вработени во администрацијата и правосудството примаат плата под просечната, која изнесува околу 570 евра.

Функционерите, иако најавија дека ќе ги ревидираат одредбите со кои драстично им се зголемија примањата, такво нешто се уште нема.

И додека земаат плати повисоки за речиси 80 проценти, најавија дека за барањата на вработените во јавниот сектор ќе се бараат системски решенија, а не поединечни.

Но и во случај да се договорат, ќе треба да помине време за да почне да се применува договореното.

„Тоа што ќе биде договорено со синдикатите ќе важи за сите вработени во јавен сектор, системско решение кое ќе гарантира статус, стандард на вработените во јавниот сектор, а воедно ќе ја следи и продуктивноста на нашата економија“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, одговарајќи на новинарски прашања на 14 јуни.

Со незадоволството на вработените во јавниот сектор почна да се остварува најавата на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) дека земјава ја очекува жешко синдикално лето.

Вработените во Царинска управа на 16 јуни, од 12 до 12 и 30 часот ќе имаат предупредувачки протест со барање да им се исплати додаток на плата во износ од 30 проценти, што, како што велат, им следува според Закон и Колективен договор.

„Затоа решивме да направиме предупредувачки протест, да побараме исплата на додаток на плата за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 51 отсто секоја година“, посочи на прес-конференција претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Доколку не им се исполни барањето, можно е да ги радикализираат протестите, односно да ги затворат граничните премини.

На 13 јуни пред Министерството за финансии, протестираа вработените во УЈП. И тие бараат повисоки плати за 30 проценти. Од Синдикатот на УЈП велат дека во изминатите 14 години, платите на вработените се коригирани само за 5 проценти, а во последните четири години воопшто немало зголемување.

„Доколку дојде до поголеми облици на протест, мора да бидеме свесни дека ќе бидат загрозени и пооделни витални функции во општеството, а ние не сакаме да дојдеме до тоа“, вели Васе Недановски од Синдикатот на УЈП.
Доколку не работи УЈП останатите вработени во земјата нема да може да добијат плата.

Луѓе чекаат на шалтер во канцеларија на УЈП во Скопје.
Луѓе чекаат на шалтер во канцеларија на УЈП во Скопје.


Иако побараа средба со министерот за финансии, тој не ги прими. Почнувајќи, пак, од 15 јуни по два часа дневно нема да ги извршуваат своите работни обврски, а се подготвуваат и за генерален штрајк.

На протест на 13 јуни се собраа и вработени во судска администрација, и тие бараат да им се исплатат додатоци на плати, кои, како што велат, со месеци не ги добиваат.

Повисоки плати за 78 проценти од април добиваат и судиите и обвинителите. Како што има европски плати за функционерите, така сакаме и за нас, велат од судската администрација.

„Деведесет отсто од вработените во судската служба се на раб на егзистенција. Просечната плата што им се исплаќа е 25 илјади денари, а минималната кошничката за четиричлено семејство за мај е 50 илјади денари“, изјави Рената Ѓеоргиевска, потпретседател на Здружение за судска администрација.

Претходниот месец за повисоки плати штрајкуваа и вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), но го прекинаа штрајкот оти требаше да се организира полагање државна матура. Во ДИЦ, која е задолжена за сите полагања на државни испити, тестирања и обуки, се пожалија дека имаат плати под просечната, а повеќе од една третина од вработените имаат минимална плата.

На крај на мај, на протест, Синдикатот на просветните работници реагираше и дека многу вработени земаат скоро двојно помалку од законски утврдената минимална плата, која изнесува 20 илјади денари ( околу 330 евра). Од таму рекоа дека просветните работници кои имаа мал фонд на часови, имаат плати од 200 евра, што е далеку под минималната плата.

Изминатите месеци во неколку наврати протестираа и вработените во културата со барање за повисоки плати. Во Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство, платите на речиси 70 отсто од вработените се под просечната плата во државава, се пожалија тие.

Но на никој од нив државата не им излезе во пресрет, односно останува на ставот дека ќе се бара решение за сите, а не само за поединечни гранки. Со протест се заканија и вработените во здравството, по што добија зголемување на нивните плати од 2000 до 3000 денари (од околу 30 до 50 евра).

На непристојни плати се жалат вработените во високото образование. Плата на редовен професор е околу 900 евра, доцентите имаат просечна плата, што е околу 500 евра, а асистентите на факултет земаат плата под македонскиот просек, вели професор Биљана Ангелова, неодамна избрана за ректор на најстариот универзитет во земјава, Свети Кирил и Методиј (УКИМ).

„Никогаш порано во историјата универзитетските професори немале пониски плати. Имаат најниски плати во Европа и во регионот. Тоа мора да се промени во иднина“, вели Ангелова.

Колективниот договор на вработените во високото образование истече во мај. Тоа е еден од најлошите колективни договори, што сме ги имале досега, вели професор Ангелова. А новиот колективен договор, со кој треба да пораснат платите треба да стартува од 2024. Тој предвидува зголемување на платите за 25 отсто идната година, и уште толку во текот 2025-та година.

„Се надевам дека Владата доследно ќе го почитува договореното“, вели новоизбраната ректорка на УКИМ во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе го емитуваме в недела.

Поголем дел од граѓаните сметаат дека ниските плати и пензии се најголем проблем со кој во моментов се соочува државата, покажува неодамнешната анкета на Националниот демократски институт (НДИ). Анкетата објавена на 6 јуни покажува дека над 27 проценти од граѓаните сметаат дека животниот стандард е главен проблем во државата. За 22,9 од испитаниците најголем проблем се криминалот и корупцијата, а за 13,3 проценти проблем се зголемувањето на цените и инфлацијата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG