Достапни линкови

Кочани учи да живее со болката и чека правда


Графичка илустрација - Кочани
Графичка илустрација - Кочани

Во судницата во затворот во Идризово денеска продолжи судењето за пожарот во „Пулс“. Додека се чека пресуда, девет месеци по трагедијата, Кочани живее со чувство на вознемиреност и колективна траума. Се прават обиди да се намалат последиците врз психолошката состојба на граѓаните, но и врз бизнисите. Опоравувањето ќе биде долго, а за да се случи, се очекуваат правда, поддршка и солидарност.

Не се чувствуваме добро, како да е мртов градот. Камо да живне еден ден како што беше пред тоа, го чекаме тој момент, вели Васко Илиев, поранешен наставник од Кочани, додека сам и замислен се враќа од пазарот во центарот на градот.

Пазарниот ден во четврток е единствениот во неделата што колку - толку ги полни со луѓе улиците на малиот град во источниот дел на државата, каде на 16 март во трагичен пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 млади луѓе а повеќе од 200 беа повредени.

Трагедијата во диско клуб во Кочани предизвика шок и вознемиреност
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:25 0:00

Променета е дури и секојдневната комуникација - тешко е да се почне разговор, без страв дека ќе се допре болна тема или ќе се налета на сограѓанин кој има загинато или дете кое се лекува, сведочат жители на Кочани.

„Ограничени сме. Не смееш да се дружиш со некој, не знаеш каков муабет да почнеш да правиш, дали нешто за весело, дали за тажно“, вели Илиев за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Васко Илиев, граѓанин
Васко Илиев, граѓанин

Неговата сограѓанка Стојанка Миленкова на прашањето како живеат девет месеци по трагедијата, одговара со прашање.

„Како може да живееме? Деца толку отидоа...жално, нема народ, не е весел“, ни рече таа.

Болка, празнина и чекање

„Марш на ангелите“ секоја сабота минува низ кочанските улици. Родителите на загинатите во пожарот, здружени во Здружението „16 март 2025“ марширајќи со фотографии од децата порачуваат дека се тука, дека чекаат правда за загинатите.

„После девет месеци, на некој начин, ја прифаќаме реалноста дека ги нема нашите деца. Болката не е намалена, напротив, со секој изминат ден како да се зголемува. Особено, кога ќе дојде некаков празник, некаков повод за прослава во семејството, што сега не може ни да се случи“, вели Кире Димитриев, татко на загинатиот Диме Димитриев (30), за РСЕ.

Кире Димитриев, татко на загинато дете во „Пулс“
Кире Димитриев, татко на загинато дете во „Пулс“

Тој сега живее за внуците - малата Елена и 9-месечниот Кирил кој се родил еден ден после пожарот во кој го изгубил татко си. Поддршка од сограѓаните имаат, некои им се приклучуваат на маршевите.

Но, разочаран е од отсуството на поддршка од институциите.

„Мислам дека Владата како најодговорна институција во државата, нашиот случај не го сфаќа сериозно. Мислам дека од нив не сме разбрани, дека тие требаше да бидат главните кои ќе ни понудат помош. Не зборувам за материјална, материјалната е последна, има многу други начини за помош. Но, ете, никако ми се чини дека не се заинтересирани за нас“, вели Димитриев.

Меѓу барањата на родители на загинатите деца до Владата се: на некои да им се скрати работното време, оти по загубата на дете не се работоспособни како претходно; за други, година-две пред пензија, да се најде начин да се пензионираат порано. Одговор досега не добиле, како што уште не добиле ни место во Кочани во спомен на загинатите каде сакаат да се собираат и да ја споделуваат тагата.

За таа намена побарале да уредат мал парк во центарот на Кочани, но тоа уште е во административни процедури.

На 9 декември во 2025 во Собранието се одржа Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на која се расправаше по претставката на родителите на загинатите деца по пожарот во „Пулс“.

По седницата на комисијата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата ќе стори сè за да им помогне на тие кои се лекуваат и изрази сочувство со болката на семејства кои ги загубија своите најмили.

Димитриев, пак, очекува по судењето, да излезе „вистината на виделина“ - дека меѓу одговорните за трагедијата треба да има и други, повисоки функционери.

„Сатисфакција, колку - толку би било да се докаже дека нашите деца не се виновни и дека тука не станува збор за несреќа, туку за пропусти. Како што викаат бранителите, системски пропусти. Да, но овој случај системот има име и презиме. Да се направи нешто во државата. Иако поминаа девет месеци сметам дека ништо не е преземено во тој правец. Да не се повтори веќе никогаш никаде ова нешто“, вели тој.

Судењето за случајот „Пулс“ почна осум месеци по трагедијата и уште е на почеток. Вкупно 35 лица и три фирми се обвинети дека со корупција, непостапување и системски пропусти придонеле да се случи трагедијата.

Центрите за психосоцијална поддршка - безбедно засолниште

Уште дваесетина од повредените деца вежбаат со физиотерапевти од кочанската болница. Кај останатите, лекувањето во овој дел е завршено.

Многумина од нив заздравуваа во светски медицински центри.

„Напредокот се гледа во оспособување на зглобовите, во санирање на самите контрактури и во подобрување на кожата, на лузните“, вели физиотерапевтката Дивна Цветанов.

Дивна Цветанов, физиотерапевт во ЈЗУ Општа болница - Кочани
Дивна Цветанов, физиотерапевт во ЈЗУ Општа болница - Кочани

Се очекува потешко повредените, покрај првичните операции по пожарот, да имаат дополнителни операции и интервенции.

Потешки од физичките се психолошките рани. Тие допрва се отвараат, вели психологот проф.Мирјана Јовановска Стојановска.

„Сега, после волку месеци, имаме група жители, повредени, кои успеаја до извесен степен да ги процесуираат своите емоции, да најдат начин како да се справат со тагата, со болката, со шокот, со изненаденоста, со лутината, со чувство на вина зошто некој преживеал, а некој не, со чувство на некоја лична вина, зошто го пуштив, зошто не го запрев, или, требаше да се вратам да помогнам. Голем дел од населението кој успева да се справи со тоа. Ама имаме и дел кој сега има посттрауматско стресно растројство“, вели Јовановска Стојановска.

Проф.Мирјана Јовновска Стојановска, психолог
Проф.Мирјана Јовновска Стојановска, психолог

За да им се помогне на граѓаните, за период од два месеци во Кочани се отворени два центри за психосоцијална поддршка.

Едниот, кој функционира од септември, е идеја на иницијативата „Супорт Кочани“. Нуди дружба преку едукативни, креативни и психолошки работилници.

Наречен е „Гнездо“, како симбол на место каде младите ќе се чувствуваат безбедно „додека не се подготвени сами да полетаат“.

Психолошките работилници се најпосетени.

„Никојпат нема да се заборави тоа што ни се случи на сите нас, но активно се обидуваме да продолжиме, да се бориме за правда и да се смееме се почесто“, вели Ана Вучева од „Супорт Кочани“.

Вториот е Регионален центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка, на Црвениот крст. Достапен е за граѓаните од целиот регион околу Кочани и нуди психолошка помош.

„Имаме наш тим локални лиценцирани психолози. Секој може да закаже термин за индивидуална или групна поддршка. Закажување е по договор и во време кое им одговара и на двете страни“, изјави Анета Коцева, секретар на општинската организација на Црвен крст во Кочани.

Анета Коцева, секретар на општинска организација на Црвен крст - Кочани
Анета Коцева, секретар на општинска организација на Црвен крст - Кочани

Жители на Кочани со кои разговараше РСЕ очекуваат судењето да заврши побрзо и казни за виновниците за трагедијата.

„Болката ќе трае. Се надеваме, барем правда дека би имало“, ни рече младата Јорданка Точева.

За трагедијата во Кочани зборуваше и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во годишното обраќање во Собранието на 23 декември.

Таа им порача на партиите и на политичарите да ги прекинат дневно-политичките препукувања на сметка на судиите и на трагедијата, оценувајќи дека „Кочани покажува дека владеење на правото не е техничко прашање, туку прашање на живот или смрт“.



XS
SM
MD
LG