Без јасна државна стратегија за интеграција на странска работна сила како што велат од агенциите кои посредуваат во вработување, странците кои сакаат да работат во Северна Македонија, но и домашните работодавци, се соочуваат со сложени процедури и долг процес за добивање работни дозволи, додека во исто време земјата се соочува со недостиг на работници поради засилената емиграција.
Во моментов на јавна дебата се ставени предлог измени на Законот за странци кои предвидуваат поедноставување на процедурите главно за потребите на стратешки партнери на земјата, како што е компанијата Бехтел и Енка која нема доволно работници за изградба на авотапатите од коридорите 8 и 10Д. Но, од агенциите за РСЕ велат дека овие измени не се доволни за генерално решавање на проблемот со недостиг на работна сила.
Зоран Кочовски, сопственик на „Коузон“, агенција што посредува за работа во странство вели дека и покрај предложените измени целиот процес и натаму е на многу ниско ниво, посочувајќи дека вака предложените измени не се координирани со потребите на индустријата и стопанството.
„Се уште државата го игнорира фактот дека треба да се постави еден закон кој ќе биде надвор од полицискиот режим кои го има поставено државата и кој ќе биде само за интеграција на странска работна сила. Законот за престој на странци во Македонија е полициски закон. Треба да се донесено конкретно нов закон кој ќе биде покренат од страна на Министерството за труд и социјална политика и ќе го тангира исклучиво секторот за вработување“, вели Кочовски.
Што е предложено во измените?
Во предлог текстот кој е објавен на ЕНЕР се вели дека се утврдени проблеми во постојниот процес за странци да добијат привремен престој заради работа, кој често е обременет со сложена и обемна документација. Иако целта е да се поедностави процедурата, измените на Законот за странци е фокусиран главно на потребите за вработување на стратешките партнери, како што е Бехтел и Енка која ги гради коридорите 8 и 10Д.
Во предложениот текст се вели дека компаниите со статус на стратешки партнер ќе можат да вработуваат странци без оглед на исцрпеноста на државната квота и без одобрение на Агенцијата за вработување. Постапката за издавање привремен престој ќе биде забрзана, а престојот на странските работници ќе се продолжува до една година со гаранција од работодавачот.
Новина е што правното лице поднесува барање за престој директно во Министерството за внатрешни работи, прескокнувајќи ја Агенцијата за вработување. Стратешките партнери ќе поднесуваат писмена гаранција дека ги преземаат сите трошоци за престојот на странците, вклучувајќи евентуално принудно отстранување.
Исто така, новите измени дозволуваат привремен престој на странски работници кои биле осудени во нивната земја, но не и во државата во која доаѓаат. Измените предвидуваат дополнителни рокови за постапките, вклучително и пократок рок од 30 дена за одобрување престој.
Ниту 1.000 дозволи на странци годишно
Во изминатиов период работници во Северна Македонија доаѓаат од земји како Непал, Индија и Пакистан да работат во градежништвото, текстилниот сектор или туризмот.
Но, Зоран Кочовски вели дека сегашниот Закон за странци ги таргетира и оние кои бараат работна дозвола, но и тие кои во земјата влегуваат по основ на студии, брак, привремен престој по други основи и друго, а додава никаде, ниту во новиот закон, не е регулирана ниту можноста за престој на таканаречените модерни номади.
Агенцијата за вработување текот на 2024 година обработила вкупно 8.912 барања поврзани со издавање работни дозволи и регулирање привремен престој на странци во Северна Македонија, а решение за издавање на работна дозвола добиле само 784 странци, според податоците кои РСЕ ги доби од Агенцијата за вработување.
Останатите се уште се во процедура, што значи дека некои ќе добијат, а некои ќе бидат одбиени. Од вкупната бројка, има 6 одбиени барања за работна дозвола минатата година, 50 нерешени барања, има 6.694 мислења за вработување на странци во РСМ и 635 негативни мислења.
Но, какви се процедурите во земјава доволно покажува ако се спореди статистиката во Хрватска, која од пред неколку години ги отвори вратите за странски работници олеснувајќи ги процедурите.
Во текот на 2024 година Хрватска издала вкупно 206.529 дозволи за престој и работа, според објавените податоци на хрватското Министерство за внатрешни работи, од кои за ново вработување дадени се 132.208 дозволи.
Најмногу дозволи за престој и работа се дадени на државјани на БиХ – 38.100 дозволи, државјани од Непал 35.635 дозволи, државјани на Србија добиле 27.988 дозволи, а Северна Македонија 13.855 државјани добиле дозвола за престој и работа во Хрватска минатата година.
Хрватска која сакаше да го помогне економскиот раст го олесни системот за аплицирање за виза преку поднесување на документи во локалните бироа за вработување. Земјата беше соочена со недостиг на работна сила во клучните сектори како градежништвото и туризмот.
Нема национална стратегија
Додека Северна Македонија не изгради национална стратегија за интеграција на странска работна сила по сите современи услови, да им се овозможи на странците да видат интерес од долгорочен престој и работа во земјава, ние ќе тонеме и натаму или ќе имаме само луѓе кои ќе пробаат да живеат во Македонија и заради нерегулираниот систем ќе бегаат, вели Кочовски.
„Вие да појдете да видите како во полиција ги третираат странците кога одат да продолжуваат документи, ќе се разочарате во која држава живеете“, вели Кочовски.
Тој вели дека Северна Македонија треба да биде помодерна државата од отворен карактер за странски работници, а не да има класична полициска регулатива која според него се продолжува и со новиот предлог закон.
„Кај нас за да увезете работник, на пример сточар, тоа е како да носите научник од НАСА. Законските измени кои се на сила, но и предложените измени, и натаму се премногу рестриктивни и премногу полициски“, вели Кочовски.
Тој додава дека прво домашните работодавци не се мотивирани да бараат дозволи за странци поради премногу сложените постапки, а посочува дека нема интерес ниту кај агенциите кои посредуваат поради немање јасни критериуми под кои државата го прифаќа или го одбива барањето за странскиот работник.
Не се зема предвид големото иселување
Сето ова се случува додека Северна Македонија е во топ десет земји по бројот на иселување на населението во странство. Државата ги олеснува само постапките за нејзините стратешки партнери, додека забрзано заминува квалификуван кадар кој според Светската банка веќе 40 отсто е заминат од земјава.
Моменталниот годишен просек на иселување од земјава е 12.000 луѓе годишно, според Државниот завод за статистика, а се очекува негативниот миграциски тренд да продолжи во следните 30 години. Прогнозите на институцијата се дека до 2070 година во земјава ќе останат околу 1,2 милиони жители од сегашните над 1,8 милиони според податоците од Пописот во 2021 година, што значи дека намалување за 35 отсто.