Достапни линкови

Паузата за американската помош во странство, ќе одекне низ цел свет


илустрација
илустрација

Хуманитарните групи, невладините организации, претприемачите, земјоделците и владите ширум светот со загриженост ги следат плановите на Вашингтон, откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ја суспендираше на одредено време странската помош во очекување на проценката од неговата администрација.

Во Авганистан, замрзнувањето на американската странска помош за земјата би било „катастрофално“ за милиони Авганистанци кои имаат потреба, вели шефот на голема меѓународна хуманитарна група.

Во Украина, активист за борба против корупцијата вели дека прекинот на финансирањето може да сигнализира намалена поддршка на САД за демократските реформи, но дека граѓанското општество е отпорно.

Во Косово, производител на дрво, се надева дека Вашингтон нема да и сврти грб на балканската нација.

Како еден од првите чекори на неговата нова администрација, претседателот Доналд Трамп ја потпиша извршната наредба за суспендирање на надворешната помош на САД за 90 дена, велејќи дека: „никаква дополнителна странска помош на САД нема да се исплатува на начин што не е целосно усогласен“ со неговата надворешна политика.

Наредбата на Трамп не прецизираше кои земји, програми или приматели на оваа помош ќе бидат погодени и не беше веднаш јасно како тоа ќе влијае на странската помош која е веќе усвоена од американскиот Конгрес во федералниот буџет.

Јан Егеланд, генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци се надева дека нема да има замрзнување на хуманитарната помош за Авганистан.

„Ако има, би било катастрофално за повеќе од 22 милиони Авганистанци на кои им е потребна помош“, изјави Егеланд за Радио Азади на РСЕ во интервју на 22 јануари.

Трамп долго време ја критикуваше странската помош на САД, која сочинува околу 1 процент од федералниот буџет.

Инфографика - Помош од УСАИД во 2023 година на избрани земји
Инфографика - Помош од УСАИД во 2023 година на избрани земји

Во обраќањето до Обединетите Нации во 2018 година за време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп изјави:

„Ние ќе им дадеме странска помош само на оние кои не почитуваат и кои ни се искрени пријатели“.

Во изјава на 22 јануари, новиот државен секретар на Трамп, Марко Рубио, рече:

„Секој долар што го трошиме, секоја програма што ја финансираме и секоја политика што ја водиме мора да се оправда со одговорот на три едноставни прашања: Дали тоа ја прави Америка побезбедна? Дали тоа ја прави Америка посилна? Дали тоа ја прави Америка попросперитетна?“, рече Рубио.

Според извештајот на Специјалниот генерален инспекторат за обнова на Авганистан, од преземањето на Талибанците, Вашингтон обезбеди речиси 3 милијарди долари помош за Авганистан.

Во предлог буџетот за 2025 година, администрацијата на претходникот на Трамп, Џо Бајден, предложи околу 104 милиони долари за здравство, образование и други форми на билатерална помош за Авганистан, што е помалку од 143 милиони долари претходната година.

Извршната наредба на Трамп му дава на Рубио овластување да се откаже од тримесечната пауза за „специфични програми“.

Егеланд за Радио Азади изјави дека се надева дека ќе има исклучок за хуманитарната помош за Авганистан, од каде што САД ги повлекоа своите сили во август 2021 година, поради преземањето на земјата од страна на Талибанците по 20-годишната војна во Авганистан предводена од САД.

„Помошта за развој не оди кај режимот, не оди кај раководството. Таа оди кај многу сиромашни луѓе на кои им е потребна за да се грижат за себе“, истакнува Егеланд.

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и Канцеларијата за менаџмент и буџет не одговорија веднаш на нашето барање за коментар испратено по е-пошта на 22 јануари. Белата куќа, исто така, не одговори до објавувањето на овој текст.

Самодоверба и издржливост во Украина

Откако Русија ја започна својата сеопфатна војна против Украина во февруари 2022 година, УСАИД - основната владина организација за помош на Вашингтон - и обезбеди на Украина милијарди долари хуманитарна помош, развојна помош и директна буџетска поддршка.

Трамп го критикуваше износот на помош - вклучително и милијардите долари во оружје - што администрацијата на Бајден и ја обезбеди на Украина.

Што ќе биде приоритет во надворешната политика на Трамп?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:57 0:00

Свитлана Мусијак, истражувач во Киевската независна антикорупциска комисија (НАКО), невладина организација, за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека прекинот на финансирањето на УСАИД за Украина може негативно да влијае на програмите на граѓанското општество и да сигнализира „намалена поддршка на САД за демократски реформи и економска стабилност во земјата“.

И таа рече дека украинското граѓанско општество постојано ја демонстрирало својата „самодоверба и издржливост“.

„Ваквите ситуации може да го комплицираат спроведувањето на промените, но нема да ги спречат“, уверува Мусијак.

Андриј Кравчук, претставник на групата за правата на ЛГБТ „Нашиот свет“, ја нарече помошта на САД за украинското општество „многу значајна, но не и одлучувачка“.

„Се надеваме дека Стејт департментот ќе продолжи да ги поддржува нашите активности, бидејќи на крајот, тие ги користат нашите податоци за нивните годишни извештаи за Украина. На крајот на краиштата, ние добивме средства од нив дури и за време на првиот мандат на претседателот Трамп“, вели Кравчук.

Клучна помош за Косово

Крешник Шеху, производител на дрво во централно Косово, вели дека странската помош на САД одиграла клучна улога во зајакнувањето на извозот на дрво од неговата земја, која прогласи независност од Србија во 2008 година, по нејзината крвава војна со Србија речиси една деценија претходно.

Истоимената компанија на Шеху и генерално целиот косовски дрвен сектор имаат корист од финансирањето на УСАИД како дел од нејзините напори за зајакнување на владината одговорност, демократските процеси и „конкурентноста на приватниот сектор“ во оваа балканска нација.

„Во 2014 година, извозот во нашиот сектор беше 2,5 милиони евра (2,6 милиони долари). Денес тоа е повеќе од 150 милиони евра. Ова покажува дека во изминатите 10 години придонесот на УСАИД беше многу голем. И тоа беше клучен фактор за растот на секторот“, рече Шеху за косовскиот сервис на РСЕ.

УСАИД соопшти дека има инвестирано повеќе од 1 милијарда долари во развојот на Косово од 1999 година.

„Да не постоеше таа помош, ќе заостаневме многу години“, додаде Шеху, чија фирма е со седиште во градот Дреница.

Шеху вели дека „не сака да верува дека УСАИД ќе ни сврти грб“.

„Сè уште ни треба, и сè уште не сме 'пораснале' доволно за да се соочиме со неверојатната конкуренција на меѓународниот пазар“, убеден е овој косовски стопанственик.

XS
SM
MD
LG