Достапни линкови

Oбвинувања за нерегуларности и за најави за бојкот


Архивска фотографија- гласање на изборно место во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат за нерегуларности во изборниот процес и за подготвување терен за бојкот. Сепак, аналитичарите засега не гледаат црвста подлога ниту за едното, ниту за другото.

Наспроти впечатокот во дел од јавноста дека изборната кампања поминува во помирна атмосфера споредено со претходните гласачки циклуси, опозицијата периодов речиси секојдневно тврди дека има прекршувањата на законите кои ги смета за изборни нерегуларности.

Досега ВМРО-ДПМНЕ поднесе и неколку приговори до Државната комисија за спречување корупција поврзани со, како што велат, трошење буџетски пари во изборен период што би можело да претставува поткуп на гласачи, а обвинуваат за користење и на државни ресурси во кампањата на кандидатот на владиното мнозинство Стево Пендаровски.

Едно од последните обвинувања е поврзано со апликација за паметен телефон со која од СДСМ, како што тврдат од тимот на кандидатката Гордана Сиљановска- Давкова, прибирале лични податоци за сите што ја симнале апликацијата. Од владејачката партија демантираа дека се работи за нелегално прибирање податоци, туку за иновативен начин на водење кампања.

„ВМРО-ДПМНЕ да не смислува алиби и да не бара оправдувања за бојкот, соочена со изборниот пораз кој ги чека”, наведуваат од СДСМ.

На три дена до изборите, аналитичарите пак не гледаат терен за нерегуларности на изборите, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, за бојкот, како што обвинува СДСМ. Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, надлежните институции во меѓувреме мора да одговорат на наводите за нерегуларности за да се исклучат аргументите за евентуален бојкот.

„Од друга страна, барем во јавните изјави на претставниците на опозицијата не се остава впечаток дека тие се подготвуваат за евентуален бојкот на изборите, а според мене ако се одлучат на тој чекор, тоа ќе биде катастрофално за нив и за нивниот имиџ затоа што би бил втор циклус во кој нема да учествуваат”, вели Муслиу.

Тој потсетува дека генерално претседателските избори во земјава секогаш поминувале во помирна атмосфера, па очекува дека и целиот изборен циклус ќе заврши мирно.

Со слични очекувања е и Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, кој бара и сериозно да се земат предвид забелешките на опозицијата.

„Опозицијата секогаш треба да предупредува за одредени евентуални злоупотреби и тоа и го прави и сега ВМРО-ДПМНЕ како опозиција и порано кога опозиција беше СДСМ и тоа не треба да се поврзува со бојкот оти јас не гледам реален индикатор дека опозицијата тоа сака да го прави”, вели Божиновски.

Инаку меѓународните набљудувачи веќе излегоа со периодичниот извештај за кампањата во кој нотираат дека и натаму не е постапено по некои нивни претходни препораки. Мисијата на ОДИХР меѓу нив ги набројува оние поврзани со ограничувањата на правото да се биде избиран, ускратувањето на избирачките права врз основа на одземената деловна способност, деталната анализа на периодичните извештаи за финансирање на кампањата и законските ограничувања во врска со својството на подносител на приговори.

„Г-ѓа Сиљановска Давкова се соочи со негативни родови стереотипи на социјалните медиуми, на пример коментари за нејзиниот изглед”, наведуваат од ОДИХР.

Мисијата речиси во сите извештаи досега поврзани со изборите има забелешки. Па така во периодичниот извештај за изборите во 2014 година во неколку наврати забележуваат дека членовите на Државната изборна комисија гласале по партиска линија, а нотирани се и обвинувања од тогашната опозиција за предвремено почнување на изборната кампања од тогашниот премиер Никола Груевски и кандидатот за претседател Ѓорге Иванов.

Во периодичниот извештај во 2009 година, кога првиот мандат го доби сегашниот претседател во заминување, пак уште подетално наведуваат дека имало “притисок или застрашување на граѓани вработени во јавен сектор да гласаат за владејачките партии”, “обезбедување листи со имиња на луѓе кои би гласале за нивните кандидатите”, за забележуваа и дека, имало „скапа кампања на владата од висок профил за поддршка на своите политики и програми”. Во тој извештај се нотираат и тензии во Гостивар, Дебар и Шуто Оризари.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG