Достапни линкови

Никој не сака да остане без претседателски кандидат на двојни избори


Претседателската резиденција, Вила Водно (архивска фотографија)
Претседателската резиденција, Вила Водно (архивска фотографија)

Одржувањето на парламентарните заедно со претседателски избори се гледа како една од причините зошто има голем број кандидати. Претседателската кампања, исто така, ќе се искористи и за промоција на партиите кои не сакаат да остават впечаток на нерелевантни доколку немаат кандидат за шеф на државата, сметаат аналитичарите.

Најмалку девет имиња влегуваат во трката за претседателските избори што треба да се одржат на 24 април (прв круг) и на 8 мај (втор круг) годинава во Северна Македонија. Доколку сите или повеќето од нив успеат да го соберат потребниот број од 10.000 потписи, ова ќе бидат избори со најмногу кандидати на гласачкото ливче по оние во 2009 година кога имаше седум претенденти за Вила Водно.

Фактот што вториот круг на претседателските избори ќе се одржи заедно со парламентарните, како и можноста за промоција на партијата се меѓу причините зошто граѓаните ќе имаат толку широка понуда за иден шеф на државата, сметаат политичките аналитичари и поранешни претседателски кандидати Имер Селмани и Тито Петковски.

Кои се кандидатите?

Од најголемите партии во македонскиот политички блок – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, извесни се кандидатурите на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски и на пратеничката Гордана Силјановска-Давкова. Имињата се познати и во албанскиот кампус – ДУИ ќе трча со шефот на дипломатијата Бујар Османи, а опозициската коалиција Европски сојуз за промени со актуелниот градоначалник на Гостивар Арбен Таравари.

Левица ја промовираше професорката од Филозофскиот факултет во Скопје Билјана Ванковска, кандидатура најави и градоначалникот на Карпош и претседател на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски, а како независен планира да се кандидира и докторот Вело Марковски.

Актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски, кој ја формираше партијата ЗНАМ - За наша Македонија, исто така, влегува во трката.

Утре (23 февруари) се очекува Бошњачкиот демократски сојуз официјално да ја промовира и граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ за своја кандидатка.

Оваа листа од девет претенденти може да се прошири со уште неколку кандидати. Еден од нив може да дојде од партијата Нова Алтернатива која неодамна ја презеде градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, а одлука дали ќе истрча со свој кандидат допрва треба да донесе и крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците.

Колку од нив ќе се најдат на гласачкото ливче ќе се знае по 8 март, кога истекува рокот за собирање потписи кој почнува да тече утре (23 февруари). За да се биде претседателски кандидат потребно е да се исполат еден од двата услови – поддршка од 30 пратеници во Собранието или 10 000 потписи од граѓани со право на глас.

Во актуелниот парламентарен состав бројката од 30 пратеници ја имаат само пратеничките групи на коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека сите останати ќе мора да собираат граѓански потписи.

Досегашната практика што ја применуваа и двете најголеми партии беше покрај од пратениците, да собираат потписи и од граѓани за да ја покажат поддршката. Таков беше случајот и на минатите избори кога, исто така, се соочија Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.

„Влогот е голем – ниедна партија не смее да биде без претседателски кандидат“

Политичкиот аналитичар Имер Селмани, кој и самиот беше дел од претседателската трка во 2009 година како кандидат на Нова Демократија, посочува три пресудни работи за големиот број кандидат за шеф на државата. Прво – со претседателските има и парламентарни избори.

„Очигледно дека импактот на претседателските врз парламентарните ќе биде и тоа како важен во смисла на бројот на пратениците. Така што ниедна политичка сила во државата не смееше да остане без свој кандидат за претседателски избори затоа што ќе влезеше со одреден минус на наредните парламентарни избори“, вели Селмани за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Втор момент кој го нагласува тој е што во државата има отворена дебата за уставните измени и за членството на ЕУ што се теми кои ги тангираат сите граѓани и партии (и проевропските и оние што поевроскептични), па затоа тоа ги мобилизира луѓето да излезат да гласаат, а партиите да номинираат кандидати.

„И се разбира по овие избори, едноставно таа политичка сила која ќе ги добие изборите на парламентарните односно претседателските избори ќе има мандат од четири односно пет години мандат да управува со органите на државата така што влогот е премногу голем и затоа сите политичките сили се ангажирани“, посочува Селмани.

Покрај тоа што во прашање се двојни избори што е мотивација да се излезе на гласање, претседателски кандидат на СДСМ од 1999 година, Тито Петковски, смета дека кандидатурите за шеф на државата ќе се искористат и за промоција на самите партии.

„Мислам дека основната причина е промоција на политичките партии во смисла дека доколку политичката партија нема претседателски кандидат не се смета за релевантна во очите на граѓаните, но и можноста за промоција и на кандидатот и на политичката партија за која граѓаните треба да излезат на избори“, вели Петковски за РСЕ.

Широката понуда нема да биде ги остави комотни најголемите партии

Двајцата соговорници се согласни дека тоа што има голем број кандидати нема да им даде комоција на најголемите политички партии.

„Тоа значи дека ниту еден кандидат не е комфорен и комотен во својата позиција дека стартно има обезбедено влез во вториот круг. Така што сите кандидати треба да понудат сериозна програма и сериозна визија за државата од една страна и од друга страна секој сериозен кандидат треба да се обрати до сите граѓани значи со програма која позитивно ќе ги мотивира сите граѓани на државата без разлика на етничката, верската и социјалната припадност“, вели Селмани.

Петковски смета дека е реално да се очекува кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да влезат во вториот круг, но дециден е дека големиот број кандидати ќе им нанесе штета бидејќи се губи можноста гласовите од повеќе партии да се концентрирани кај еден кандидат.

„Сигурно дека ќе им наштети, дали ги загрозува (најголемите партии) не сум сигурен, но ќе се види кои се релевантни, кои не се и кои излегуваат само да ги слушнат граѓаните, а кои реално имаат можност да ги мотивираат граѓаните да изберат претседател“, вели Петковски кој посочува дека вистинската битка, сепак, ќе биде во вториот круг односно кој, особено од албанските партии, чиј кандидат ќе поддржат.

Последен избор на претседател со непосредно гласање?

Овие избори за шеф на државата, ако се следи реториката на партиите од албанскиот политички блок, тие би сакале да бидат и последни на кои граѓаните со непосредно гласање ќе избираат шеф на државата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска, 22 февруари, во обраќање по повод изборите и промоција на Бујар Османи како кандидат настапи со слоганот „НЕ за Русија, ДА за Европа“, но и го објави барањето на неговата партија. Воведување функција потпретседател на државата и во иднина заедно со претседателот, тие да се избираат со двотретинско и бадентерово двојно мнозинство во Собранието. Тоа, според Ахмети, ќе биде остварување на визијата за консензуален претседател.

За промена на начинот на избор на претседател, потребни се уставни измени. Тоа ќе биде и услов на ДУИ за коалицирање во идната влада заедно со внесувањето на бугарската заедница, што ќе ги откочи и продолжувањето на преговорите со ЕУ.

„Пред Вас, давам одлучен завет дека ние нема да бидеме дел од ниту една влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме и да ги победиме егзистенцијалните закани за нашата земја“, порача Ахмети.

Со вакво барање синоќа (21 февруари) настапи и Таравари на вонредна прес-конференција, за што побара поддршка и од ДУИ.

„Моите партнери и јас целиме идното отворање на Уставот да вклучи три елементи: Внесување на Бугарите и другите малцинства во Уставот, второ, отстранување на 20-те проценти што го дефинираат албанскиот јазик, трето, изборот на претседател да се прави во Собрание а не повеќе преку избори. Ова е големата вест. На овој начин во иднина политичките сили што ги застапуваат двете најголеми националности заедно во Собранието ќе одлучуваат за распределба на трите највисоки државни функции“, рече Таравари, кој е претседателски кандидат на опозицискиот Европски сојуз за промени.

Досега на шест претседателски избори најмногу кандидати во 1999 и 2009

Досега, граѓаните шест пати со излегување на гласачко место бираа претседател на државата. Првиот мандат на поранешниот претседател Киро Глигоров од 1991 година беше врз основа на избор од Собранието.

На првите непосредни избори во 1994, кандидати беа Киро Глигоров од Сојуз за Македонија и Љубиша Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во 1999, пак, на гласачкото ливче во првиот круг се најдоа: Тито Петковски (СДСМ), Борис Трајковски (ВМРО-ДПМНЕ), Васил Топурковски (Демократска алтернатива), Муарем Неџипи (ДПА), Стојан Андов (ЛДП) и Мухамед Халили (ПДП). Во вториот круг Трајковски победи во соочувањето со Петковски.

Четири имиња, пак, се најдоа во првиот круг на изборите во 2004: Бранко Црвенковски (СДСМ), Сашко Кедев (ВМРО-ДПМНЕ), Гзим Острени (ДУИ), Зуди Џелили (ДПА). По победата над Кедев во вториот круг, Црвенковски стана нов шеф на државата.

Во 2009 година имаше најмногу - седум кандидати: Ѓорѓе Иванов (ВМРО-ДПМНЕ), Љубомир Фрчкоски (СДСМ), Имер Селмани (Нова Демократија), Љубе Бошковски (независен), Агрон Буџаку (ДУИ), Нано Ружин (ЛДП) и Мируше Хоџа (ДПА). Тогаш, Иванов го победи Фрчковски во вториот круг.

Тој освои и втор претседателски мандат во 2014 кога во вториот круг се соочи со актуелниот шеф на државата и извесен кандидат на СДСМ за нов мандат Стево Пендаровски. Во првиот круг, покрај нив, на гласачкото ливче се најдоа и Зоран Поповски (ГРОМ) и Илјаз Халими (ДПА).

На претходните претседателски избори во 2019 кога Пендаровски и Силјановска-Давкова беа во трката, во првиот круг кандидат беше и Блерим Река (Алијанса за Албанците и Беса).

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG