Достапни линкови

За ќерките чеиз, за синовите цел имот - обичаите пред законот

Илустрација - Нерамноправна поделба на наследство
Илустрација - Нерамноправна поделба на наследство

Како е да се биде „во штиклите на македонската жена“ и што се случува кога во руралните средини родителите носат одлука - дали ќерката треба да наследи нешто или само синот? Во над 80 отсто од анкетираните во истражувањето на битолската Организација на жени, ќерките не добиле имот од родителите. Жените и сами се откажуваат од наследство, иако законот е прецизен дека имаат подеднакво право.

Убаво е да се биде во штиклите на македонската жена, но суровата реалност ни удира шамар. Затоа важно е секоја жена да си ги знае своите права.

Ова во разговор со Радио Слободна Европа го кажа студентката по новинарство Софија Бислимовски. Таа со говорот „Во штиклите на македонската жена“, победи на ораторска вечер „Иво Пухан“, која се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, на 2 декември.

Во победничкиот говор ја осудува дискриминацијата и рамнодушноста на општеството кон женските права.

„Сите треба да бидеме еднакви, само тоа е најбитно. Бидејќи сите сме луѓе на крајот од денот“, вели Бислимовски.

Дали ќерките и синовите се еднакви во наследството на имотот?

Што добиваат жените кои имаат браќа кога се дели семејното наследство? На оваа тема неодамна истражуваше Организација на жени на општина Битола.

За ќерката чеиз или мираз, договорен меѓу идните сватови пред свадбата. За синот - целиот имот. Вака било некогаш, но некаде, вака е и денес, забележува претседателката на организацијата, Светлана Петковска.

Таа и нејзините колешки активистки анализираа како родителите во руралните средини во битолско го делат својот имот на наследниците.

„Се враќавме наназад, во 40-тите и 50-тите години кога уште законската регулатива не била поставена децидно како денес. Оттогаш наваму државата напредува, правните регулативи добиваат на квалитет и предвидуваат сите деца да имаат подеднакво право на имотот. Но, кај некои уште има стигма и срам, ако се разбере дека си препишал не само на синот, туку и на ќерката. Уште е срамота, барем кај нас, во руралните средини, сестрата да побара дел од имотот. Мислат дека го бараат од братот“, вели Петковска.

Во десет битолски села разговарале со по десет жени, или вкупно 100, за да видат каква е праксата денес, во рамки на проектот насловен „И женските деца се деца во распределба на имотот на родителите “.

„Во над 80 % од анкетираните од семејства со еден брат и една сестра, ќерките не добиле никаков имот од родителите. Дел кажаа дека во некој момент кога отишле да живеат во куќата на родителите, за која мислеле дека е нивна, сфатиле дека имотот родителите го дале на братот. Само 22 % од браќата кои го зеле целиот имот, некако ја „почестиле“ својата сестра или сестри, но симболично. Во еден случај, се препишала куќа на братот, а тој им дал по 500 евра на внуците од сестрата“, додава активистката.

Инфографика - Резултати од истражување на Организација на жени Битола во рамки на проектот „И женските деца се деца во поделбата на имотот на родителите“
Инфографика - Резултати од истражување на Организација на жени Битола во рамки на проектот „И женските деца се деца во поделбата на имотот на родителите“

Како што се зголемува бројот на децата во семејството, поделбата на имотот е порамномерна. Исклучок при истражувањето биле две семејства со шест деца, во кои имотот го добил еден од синовите.

Анализата покажала дека 62 % од жените кои не добиле имот од своите родители, не мислат во иднина да го поделат наследството рамноправно на своите деца.

А 87 % од анкетираните рекле дека „односите меѓу браќата и сестрите се заладиле“ после поделбата на имотот.

Обичајните наспроти законските норми

Распределувањето на наследството е регулирано во македонскиот Закон за наследување и може да биде законско или тестаментално.

Професорот Дејан Мицковиќ кој на Правниот факултет при УКИМ предава Семејно право и Наследно право потсетува дека законските норми се јасни и прецизни и според нив, сите наследници имаат еднакви права, независно од полот и независно дали се деца родени во брак или надвор од брак.

„Во најголем број случаи оставината во Македонија се дели во првиот законски наследен ред, каде што влегуваат брачниот партнер на оставителот и неговите деца, синови и ќерки и оставината се дели на еднакви делови“, вели професорот Мицковиќ.

Toj забележува дека обичајните норми имаат влијание особено во руралните средини.

„Има ситуации, особено во руралните средини да се почитуваат некакви традиционални обичајни правила и како наследници да се јавуваат само машките потомци на оставителот. Мислам дека таа пракса не е премногу раширена, но се уште постои. Се смета дека ако кога ќерките склучиле брак родителите дале некаков мираз при склучувањето на бракот, дека ете, на тој начин добиле дел од оставината. Но, тоа е работа на обичајните норми и правила“, додава професорот.

Некои не знаат што им следува

Вкупно 58 од 100 анкетирани жени во битолско доброволно се откажале од својот дел, во корист на братот.

Свесноста за тоа кои права ги уживаат жените е многу ниска. Ваков е генералниот впечаток од разговорите со голем број на жени кои по различни основи барале бесплатна правна помош во Хелсиншкиот комитет, вели професорката по облигационо право и правото на интелектуална сопственост, Неда Здравева, која е претседателка на Управниот одбор на Хелсиншкиот комитет.

Таа вели дека жените многу често и не се свесни дека пред законот се подеднакво сопственици како што се и нивните брачни партнери.

„Особено кога станува збор за права од работен однос, имотните права, вклучително и правата во постапки за наследување, не знаат дека апсолутно ниту законот, ниту судот, односно нотарот од нив не бара тие да се откажат, што најчесто го прават во корист на своите машки потомци или браќа“, посочува Здравева.

Протестен марш во Скопје: За женски права не се преговара!

Осма година по ред се организираше маршот како потсетување дека „женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето“
1/11 Осма година по ред се организираше маршот како потсетување дека „женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето“
Сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности – еднаков пристап до здравствени услуги без да биде загрозена нашата автономија, достапност на бесплатни гинеколошки прегледи во секој град и во секое населено место, менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување, независност и сигурност – во сите сегменти од живеењето, рекоа од Платформата за родова еднаквост пред почетокот на маршот.
2/11 Сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности – еднаков пристап до здравствени услуги без да биде загрозена нашата автономија, достапност на бесплатни гинеколошки прегледи во секој град и во секое населено место, менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство – физичко и дигитално, безбедност во јавниот и приватниот простор, фер и непристрасно институционално постапување, независност и сигурност – во сите сегменти од живеењето, рекоа од Платформата за родова еднаквост пред почетокот на маршот.
Платформата за родова еднаквост организираше протестен марш во Скопје на којшто се испишуваат осум црвени линии, меѓу кои еднакви плати меѓу мажите и жените, 50 проценти застапеност на жените на позициите на моќ и решителност на институциите во борба и активност во справување и препознавање на фемицидот.
3/11 Платформата за родова еднаквост организираше протестен марш во Скопје на којшто се испишуваат осум црвени линии, меѓу кои еднакви плати меѓу мажите и жените, 50 проценти застапеност на жените на позициите на моќ и решителност на институциите во борба и активност во справување и препознавање на фемицидот.
Борбата уште не е завршена, имаме уште многу работа за да стигнеме до еднакви права, велат организаторите и учесниците.
4/11 Борбата уште не е завршена, имаме уште многу работа за да стигнеме до еднакви права, велат организаторите и учесниците.
Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање, потенцираа учесниците во маршот.
5/11 Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, потсетуваме дека правата на жените не се за преговарање, потенцираа учесниците во маршот.
Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права! Затоа што сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности, им порачаа учесниците во маршот на институциите и на политичарите.
6/11 Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права! Затоа што сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности, им порачаа учесниците во маршот на институциите и на политичарите.
“Дали е среќен 8 Март”, “Не преговарам за моите права”, “Платен домашен труд”, беа само дел од написите на транспарентите на учесниците.
7/11 “Дали е среќен 8 Март”, “Не преговарам за моите права”, “Платен домашен труд”, беа само дел од написите на транспарентите на учесниците.
Правата на жените Ромки се меѓу „најкршените во државата“, велат учесниците во протестниот марш и додаваат дека на тоа поле треба многу работа.
8/11 Правата на жените Ромки се меѓу „најкршените во државата“, велат учесниците во протестниот марш и додаваат дека на тоа поле треба многу работа.
На маршот имаше и транспаренти поврзани со правата на жените Ромки, како и транспаренти за солидарност со палестинските жени во Газа.
9/11 На маршот имаше и транспаренти поврзани со правата на жените Ромки, како и транспаренти за солидарност со палестинските жени во Газа.
Треба сите здружено заедно со граѓанскиот сектор, институциите, но и луѓето што ги претставуваме заеднички да работиме на менување на свеста пред се за да дојдеме до општествена трансформација која потоа би ни дозволила секој подеднакво да ги ужива своите права, порачаа од маршот.
10/11 Треба сите здружено заедно со граѓанскиот сектор, институциите, но и луѓето што ги претставуваме заеднички да работиме на менување на свеста пред се за да дојдеме до општествена трансформација која потоа би ни дозволила секој подеднакво да ги ужива своите права, порачаа од маршот.
Маршот заврши во паркот Жена борец, наспроти Парламентот од каде беа испратени пораки до институциите и до креаторите на политиките.
11/11 Маршот заврши во паркот Жена борец, наспроти Парламентот од каде беа испратени пораки до институциите и до креаторите на политиките.
Previous slide
Next slide

Ниту една жена досега не побарала бесплатна правна помош од Хелсиншкиот комитет за човекови права, во делот на заштита и остварување на своите наследни права.

„Но, има една друга, поразителна статистика, а тоа е дека, во скоро 90 проценти од случаите кога жени жртви на насилство бараат бесплатна правна помош од Хелсиншкиот комитет, истовремено тие се и особено финансиски зависни од лицето од кое што го трпат семејното насилство. Во најголем број од овие случаи и немаат свој имот или пак имотот стекнат во брак воопшто не го гледаат како нивен имот“, додава професорката Здравева.

Организацијата на жени од Општина Битола, планира да продолжи со анализите. Урбаната средина уште не им е истражена, но и таму, велат, очекувани се слични резултати.

„Многу ќе бидат интересни показателите, ама не сега, можеби по 10 или 15 години, ако анкетираме како побогатите жени, оти сега веќе имаме бизнисменки чиј бизнис достигнува добри бројки, како тие сега, како жени, ќе поделат на своите наследници. Тоа ќе биде интересно“, смета претседателката на организацијата, Петковска.

Според професорката Здравева, клучно е зајакнувањето на свеста дека жените имаат права и дека освен традиционалните сфаќања за тоа која е улогата на машкото дете, наспроти улогата на женското дете во семејството, ништо друго не ги спречува подеднакво да ги наследуваат своите родители како и нивните браќа.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG