Достапни линкови

Менструални маки- весник наместо влошка, срам наместо прифаќање


Илустрација
Илустрација

Весници наместо влошки, шепотење наместо отворено зборување за менструацијата. Со вакви искуства се среќавала Андреа Накова од македонското здружение „Новинари за човекови права“, со која разговаравме за менструалната сиромаштија и вадењето на етикетата табу од темата-менструација.

Една од три жени во Северна Македонија нема пристап до менструални производи поради високата цена и тоа влијае на менструалната сиромаштија во земјата. Ова го покажуваат анализите на организацијата „Здружение за човекови права“ која речиси 10 години ја истражува менструалната сиромаштија и цели да ја искорени.

Кога ги анализирале трошоците за менструално здравје, во 2022 година, за менструална хигиена на жените им биле потребни околу 250 денари месечно. Сумата е добиена според пресметка дека просечна цена на пакетче влошки е околу 125 денари, а најчесто се потребни две. Сега, цените се уште повисоки, посочуваат тие.

„Во последните година и половина бевме сведоци на огромна инфлација, што значи дека цените и на овие производи се и тоа како пораснати, а примањата и не се со таков процент зголемени“, вели Андреа Накова, младински координатор во Новинари за човекови права.

Освен регуларните, некои користат и секојдневни влошки во остатокот од месецот. За дел од жените, пак, трошок се и лекарства поврзани со менструалното здравје. На удар се оние со ниски или без примања, но особено семејствата со повеќе женски деца.

„Најголем проблем се појавува во многудетните семејства со повеќе девојчиња, плус мајката на кои им се потребни менструални производи на месечно ниво, а примањата се најчесто само да речеме од едниот родител или таткото“, додава Накова.

Нејзиниот тим на терен сведочи дека некои бараат иновативни начини за намалување на трошокот, како на пример, со користење на менструална чашка за повеќекратна употреба. Но, има такви за кои единствена достапна алтернатива е весник наместо влошка.

„Се шијат и домашни влошки за повеќекратна употреба. Но за жал, има и ситуации каде користат една влошка подолг временски период, што секако не се препорачува. А во најлошите и најзагрозени случаи имаме забележано и слушнато дека користат весници, бидејќи тоа е најдостапно за нив“, вели младинската координаторка.

Илустрација - Менструален календар
Илустрација - Менструален календар

Тоа што данокот за менструалните производи е намален, односно има повластена стапка од 5 % според Накова е голема победа. Но, таа потенцира дека целосно бришење на данокот е една од мерките во борбата против менструална сиромаштија.

Борба со трошоци, но и борба со стигма

Над 70 % од жените во Северна Македонија не се чувствуваат пријатно да разговараат за менструацијата дома, со колегите, со пријателите, ниту со давателите на здравствени услуги. На ова укажува тековното истражување на организацијата, на кое работат заедно со партнерски организации.

Во некои средини до денес е пракса продавачот да го завитка пакетчето влошки во хартија за да не се види производот во ќесата на купувачот. Но, ситуации кои се поврзуваат со срам, велат, се случуваат и во која било урбана средина.

„Дури и да не тргнуваме од мали продавници во мали средини, туку од наједноставната ситуација- девојка седи во кафуле, пие кафе и треба да смени менструална влошка. Или ја става во џеб или оди до тоалетот со својата чанта за да не ја извади влошката, да прошета со неа, како што велат, низ масите“, додава Накова.

Кога почнале да ја истражуваат темата, отворено не сакале да зборуваат ниту младите, ниту повозрасните, но менструацијата не е табу тема како некогаш.

„Со срам се говореше за темата, зад затворени врати, на само, или во инбокс или на телефон. А средбите кои сме ги организирале доаѓале многу малку или ниту една млада девојка. Со текот на годините ова се менува. Тоа се должи не само на нашата борба тука, туку и на борбата на светско ниво“, смета координаторката.

Сепак, не може да се каже дека сме на некое завидно ниво во однос на комуникацијата за менструалното здравје, па борбата продолжува и нема откажување, заклучува таа.

„Новинари за човекови права“ се залага секоја девојка во репродуктивен период, која е дел од образовниот процес, да добива бесплатни менструални производи обезбедени од државата, во секој хотел и во секој трговски центар да има бесплатен пристап до менструални производи и 1 до 2 дена одобрено отсуство од работа поради болки како резултат на менструација.

Според нивното последно истражување, 380 од 1.118 испитанички, или 34 %, немаат пристап до производи за управување со менструалното здравје. Во Србија, проценот е 31 отсто, во Косово 40 отсто, а во Албанија 62 %.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG