Достапни линкови

За феминизмот веќе не се зборува само на панели и дебати, туку и по дома


Илустрација, Работилница во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО
Илустрација, Работилница во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО

Фестивалот за феминистичка култура ПРВО ПА ЖЕНСКО во организација на Тииит!, по деветти пат го стави феминизмот како тема во фокусот. Ова издание отвори дискусија и го преиспита концептот на „јавно“, во контекст на светска пандемија, но и локално.

Годинава, во рамките на младинската програма на ПРВО ПА ЖЕНСКО #9 се одржаа две интерни програми, за селектирани учеснички – школата во четири дела во соработка со феминистичката платформа Медуза и соработка со колективот за филмска критика Гледај.мк.


„Ние сме многу задоволни од тоа како излезе целата програма оваа година и одзивот што го имаа настаните. И покрај променливите протоколи заради пандемијата, особено сме среќни што ни гостуваше Албена Баева, визуелна уметница, кураторка и продуцентка од Бугарија, со нејзината изложба „Овцата, змијата, кучката и нивната свиња“ и Кортни Стивенс, продуцентка од Лос Анџелес, во склоп на филмската програма каде се прикажа и европската премиера на нејзиниот филм „Земја женска“ (анг. Terra Femme)“, изјави за РСЕ Елена Петрова, уредничка на младинската програма на фестивалот.

„Сметаме дека градењето на капацитети за пишување на текстови преку призмата на феминистичката критика ни е потребно за да добиеме увид во приказни кои досега не биле толку присутни. Идејата за целиот процес беше охрабрување на учесничките и нивно снабдување со адекватни извори за информации, како тие самите би ги формирале сопствените наративи. Интересот беше навистина огромен, што особено ме радува“, додаде Петрова.

Генералниот впечаток е дека феминизмот меѓу младите е тема која сè почесто се отвора лесно и редовно се става на „дневен ред“, не само во рамки на дебати и панели, туку и по дома и на кафе муабет.

„Сметам дека меѓу младите за феминизмот сè почесто се разговара, со тоа што свесно правам разлика дека дискусијата е различна во различни старосни групи во таа генерализирана група означена како „младите“. Во таа насока, мислам дека влијае и опкружувањето во кое живеат младите, зависно од тоа дали се во урбана или рурална средина и економската класа на која ѝ припаѓаат. Но, ова пак остава простор за артикулирање на различни феминизми. Формалното образование (основно и средно) сè уште се мачи со вметнување на феминизмот во училницата, па затоа младите се принудени да си бараат алтернативни извори на информации, што скоро секојпат е интернетот. За феминизмот веќе не зборуваме само на панели, организирани дискусии и дебати, туку и по дома, на кафе или низ муабет. А, тоа е и целта“, додава уредничката.

Илустрација, Работилница во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО
Илустрација, Работилница во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО

Потребни се прогресивни умови за радикални чекори

Младите се свесни дека за да дојде до промена, потребна е лична но и здружена акција која ќе ги помести и избрише границите. Слобода, солидарност и другарство се обединувачки елементи на заедниците кои се борат за промени.

„Гледиштата на младите се сè попрогресивни и се радикализираат и затоа нормално, не чекаат промените да им паднат од небо. Уште поважно, феминистките и феминистите се здружуваат и формираат сојузи и иницијативи преку кои организирано дејствуваат. Само во последниве неколку години се формирани неколку младински групи кои се залагаат за феминистички вредности, како Period. The Menstrual Movement Skopje, феминистичкиот книжевен клуб, иницијативата СподелиАвторка. Но, ако тргнувам од впечатокот кој го добив од работилниците, тогаш станувам уште пооптимистична затоа што искрено верувам во моќта на заедниците кои се градат врз основа на слобода, солидарност и другарство“, вели Петрова.

Илустрација, Работилница во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО
Илустрација, Работилница во рамки на ПРВО ПА ЖЕНСКО

„Живееме со шовинистичко и патријахално изобилие“

Оние кои ја разбираат феминистичката култура точно знаат што им значи феминизмот лично, но и во поширока смисла. Но, како тие да им го доближат концептот на своите врсници, оние за кои дефиницијата не е баш јасна, па често феминизмот значи „само“ некаква борба за женски права и толку?

„Моето искуство е дека големите концепти најдобро се учат преку секојдневни приказни и тоа локално. Па така, доколку зборуваме за менструална правда, можете да им речете да прошетаат низ државните училишни и универзитетски тоалети или да спомнете за месечните трошоци кои ги имаат лицата кои менструираат. Можете да им раскажете за условите во кои работат текстилните работнички и платите кои ги земаат. Живееме со шовинистичко и патријахално изобилие, така што не мора макотрпно да ги ловиме примерите околу нас. Но, во крајна линија, доколку зборуваме за млади кои живеат во релативно привилегирана позиција и имаат пристап до интернет, одговорноста да се информираат за феминизмот е нивна, а не задолжение на феминистките околу нив. Зашто сепак и тоа е неплатен труд“, истакна уредничката на младинската програма на ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Целта на ПРВО ПА ЖЕНСКО е оградување и обезбедување на простор и платформа за сите оние кои активно се занимаваат со преиспитување и напуштање на доминантната и обременувачка патријархална култура.

Но, не мора да се чека следното „официјално“преиспитување за тоа до каде сме на тема феминизам како општество. Расположените за дебата, неофицијално ќе дискутираат на темата кога и да е и каде и да се. А ако од другата страна има некој расположен да ги слушне и разбере, следното издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО ќе донесе уште пооптимистични впечатоци.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG