Достапни линкови

Меџити: Клиниките и болниците имаат пари, проблемот е лошото менаџирање


Меџити: Не знам зошто никој не одговора за доцнењето на тендерите
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:04 0:00

Меџити: Не знам зошто никој не одговора за доцнењето на тендерите

Ни треба целосна реорганизација на здравството, зошто е во многу лоша кондиција, признава министерот за здравство Фатмир Меџити во неделното интервју на РСЕ. Вели дека лошото менаџирање на некои здравствени установи, а не недостигот на пари, е причината за катастрофалните услови во некои од нив. Најавува укинување на економските директори од 1 јануари следната година, а одливот на лекари ќе го решава преку нудење работни места и повисоки плати

Министре во изминатите 4, 5 месеци колку што сте на функцијата, што освен кадровските промени на дел од клиниките успеавте да реформирате?

Конкретно од првиот ден започнавме да работиме во сите насоки. Цела јавност и пациентите знаат дека здравството е во лоша кондиција и јас би кажал дека тоа не е поради немање средства, туку поради организацијата. Ќе ни треба нова реорганизација и систематизација на целото јавно здравство во нашата држава. Објектите се руинирани, тоа го гледаме, а работејќи како невролог секојдневно се соочувавме со ред дефицитарни работи. Прво што најавивме е ажурирање на позитивната листа на лекови, веќе сме при крај со комисијата и со сите подготовки и се очекува компаниите да почнат да аплицираат.

Велите дека проблем е организираноста, менаџирањето на болниците. Во тој контекст, најавивте дека ќе ги укинете економските директори на клиниките. Укинавте ли и колку?

Точно. За жал, се уште се назначуваат такви организациони директори зошто законот е таков и јас се зафатив со тој проблем и веќе пред месец дена информацијата ми е во Влада. Реков дека во овој мал простор 66 директори и 33 правни субјекти и управни одбори што воопшто не се потребни според нашите пресметувања и се договараме и со Влада и со Фонот за здравство дека е најдобро да се укинат тие места од 1 јануари 2024 година. Тоа подразбира дека во тој момент ќе ги снема тие организациски директори. Тоа не значи дека тие ќе останат без работа, некои ќе се вратат на претходните места, а другите ќе видиме ќе се организираме и ќе ги вработиме.

„Како пациент јас тука не би се лекувал“, изјавивте кога ја посетивте штипската болница. Толку ли е лоша состојбата и поважно од се што правите за да се подобри ситуацијата во повеќето здравствени установи ширум земјава?

Тоа што го кажав е точно така, но не размислувам така. И јас се лекувам во јавното здравство тука, зошто ние имаме врвни здравствени работници, врвни кадри. Но тоа што досега навистина не било во ред е организирањето, менаџирањето на клиниките. Знам дека сите клиники имаат буџети и некој знае да ги изменаџира тие финансиски средства, некој не знае. Но тоа што ние го правиме е следно, по сите клиники има контроли, има инспекции и таму каде што ќе има недомаќинско работење, ќе укажеме и ќе барам да се сменат тие менаџери. Но мојата цел е целосна реорганизација и систематизација на здравството.

И вие сте лекар и многу добро знаете дека во повеќето лаборатории нема реагенси, во други не работат апарати, пациенти сами си купуваат инјекции, луѓе умираат од инфекции од интрахоспитални бактерии, нема цитостатици. Проблемот се тендерите и задоцнетите набавки. Имате ли решение?

Тоа што ние го правиме, еве за ретките болести е електронски модул каде точно ќе се знае кој лек до кога има рок на употреба, каде може да се најде во кои количини и тоа што е најважно, јас како министер и Кабинетот во секој миг ќе имаме увид кој лек каде го има или нема. Јас не знам зошто никој не одговарал досега за овие работи и затоа сакам да поставам механизам без разлика кој ќе биде министер утре, да не е до негова волја дали ќе распише или не тендер. Да биде по автоматизам. Тоа е законска обврска ама проблемот во државата е што никој не одговара за своите постапки.

Недостигот на лекари е уште една болна точка во здравството. Лекарите си одат за повисоки плати. Како ќе ги спречите да заминат?

Не е само тоа. Тоа што не ни чини во државата е правниот сектор, знаете кога нема правда, луѓето не се чувствуваат безбедни и бегаат. Но тоа што можеме да го направиме е да преземаме конкретни чекори, а тоа значи да имаме точна бројка на студентите во шеста година од медицина, фармација и штом завршат веднаш да им биде обезбедено работното место.

Пациенти се жалат дека нема редовен термин за одредена услуга со месеци, но дека ако за таа услуга си плати приватно, лекарот може да најде термин многу побрзо. Можете ли да ставите ред во „Мој термин“?

Една од мерките е дисперзирање на хроничната терапија. Знаеме дека 30 до 40 проценти од пациентите се пациенти кои доаѓаат да препишат хронична терапија, конзилијарна. Од август веќе ќе може кај матичните лекари да се препише лекот, зошто дигиталната ера дозволува тоа така да се организира.

Зборувате за дисперзирање, но во некои од болниците има апарати за третман на пациенти болни од рак кои фаќаат прашина со години?

И со тоа се занимавам од првиот ден. Еден таков апарат чини од 2 до 3 милиони евра и некој не е способен тој апарат да го стави во функција. Еве на онкологија има конкретно апарат кој треба да се стави во употреба а за сервисирање требаат околу 200, 300 илјади евра. Зошто тој апарат не е ставен во употреба и зошто некој го донел, а не го ставил во употреба?

И тоа за „Мој термин“ што го кажувате, ние праќаме контрола во секоја здравствена установа и укажуваме прво со опомена, со добро, да отворат повеќе термини за пациентите. Во случај тоа да не го направат ние имаме ингеренции ако одреден колега не отвори термин, ние од „Мој термин“ интервенираме и отвораме 20 нови термини.

Дали некои од колегите правел „злоупотреби“ со термините и дали бил казнет за тоа?

Значи, ова е кратко време, нас целта не ни е да ги казнуваме колегите и здравствените работници. Затоа прво апелираме, даваме до знаење, па бараме од менаџерот на клиниката да оди на дисциплинска комисија и ако и после тоа не се направи нешто, ќе се санкционира и менаџерот на здравствената установа и самиот лекар. И тука нема да престанеме, ќе се оди до крај, но знаете за четири месеци, толку можевме.

Целото интервју со министерот за здравство Фатмир Меџити може да го погледнете на видеоснимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG