Достапни линкови

Термин на приватно или со врски ?


Илустрација
Илустрација

Пациентите се жалат дека со месеци чекаат за термин за одредени специјалистички прегледи. Многу пациенти кои немаат време да чекаат и по неколку месеци се приморани да си платат приватно или се вртат телефони и се фаќаат „врски“. Здравствените власти најавуваат измени во “Мој термин“.

Во недостиг на термини во јавното здравство, единствена опција за пациентите кои немаат време да чекаат по три месеци за преглед е да си платат приватно.

Пациентка која се соочила со рак на дојка за РСЕ раскажува како била приморана да се лекува во приватните болници токму поради неможноста да добие навремена здравствена услуга.

„Во периодот на дијагностицирање немаше термини, не можев до радиолог да дојдам, па отидов на торакален хирург. На првата контрола пробав да најдам термин, но потоа одлучив дека ќе се лекувам приватно, бидејќи не можев да се нервирам дали имало или немало термин“, вели пациентката од Скопје.

Исто искуство имала и пензионерката Зорица од Скопје, која со страшни болки во стомакот не можела да дојде до термин, па ќерка и морала да ја носи во приватна болница.

„Не дај боже да те заболи нешто, пред некој месец имав страшни болки во стомак, а извадена ми е жолчката, и не знаев што ми е. Имав како топка во стомакот, постојано ми беше подуен. Матичната не можеше да ми најде термин за гастрологија, со недели бркаше, врски баравме и на крај ќерка ми се изнервира и ми закажа приватно. Мораше да плати 5 илјади денари само да да ме прегледа доктор и за ехо да ми направат, плус терапијата што ми ја даде, изгор скапа што ја нема на рецепт“, раскажува за РСЕ пензионерката Зорица од Скопје.

Недостигаат лекари специјалисти

Недостигот на лекари специјалисти е проблем и за самите лекари.

Д-р Лилија Чолакова Дервишова вели дека матичните лекари мака мачат да фатат термин. Смета дека причина за тоа е одливот на кадар и недостигот од специјалисти во земјава.

„Секој ден станува се полоша состојбата затоа што бројот на спеицјалисти во болниците се намалува, има еден генерациски одлив, додека во Скопје се случува одлив од јавно во приватно и со недостигот од доктори логично следи и недостиг од термин.“

Најдолго вели се чека за компјутерска томографија, магнетна, ехо на дојки, но и за други специјалистички прегледи.

„На пример интернистите ќе пуштат термини еднаш на две недели и кој фатил фатил и тоа ако ви е пријател да ви каже кога ќе ги пушта термините, значи тоа не е систем, не смее системот да функционира на пријателска база“, вели д-р Чолакова.

Хронични болки на здравството - нема доволно лекари, пари и опрема
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:41 0:00

Д-р Чолакова вели дека ваквите состојби пацинетите ги чини и пари и време, бидејќи во недостиг на термини во државното здравство, дел од пациентите мора да си платат приватно.

Како што објаснува и д-р Бојан Трајковски, често пати и самите матични лекари ги користат контактите во обид да обезбедат термин за своите пациенти.

„Државното здравство за жал е сведено на „врски“, при што пациентите се приморани да се снајдат и да дојдат до контакт, но во принцип ако одиме по легалистички пат, мал број на термини имаме ние каде што можеме да им закажеме на пациентите. Јас лично се трудам преку лични контакти да им помогнам на пациентите, но тоа е на добра волја на лекарот за жал, затоа што сакаме да им помогнеме на пациентите“, вели д-р Трајковски.

Министерството ќе интервенира во термините

Во одредени ситуации пациентите може и во државна болница да добијат приватна услуга, но како што вели д-р Трајковски проблемот со недостигот од медицински кадар веќе се чувствува и во приватните болници каде и таму се подолго се чека за одредени специјалистички прегледи и испитувања.

„Постои правило во кое што е дозволено доколку пациент сака да биде приватно опериран да ја закупи просто кажано салата односно да му биде наплатено приватно испитувањето односно операцијата, па потоа затоа што салите секако не фунцкиорнираат 24 часа, по завршувањето на операцијата да биде опериран на приватно во државна болница и да ја наплати на приватно“, објаснува д-р Трајковски.

Министерството за здравство пак, веќе соопшти дека ќе интервенира со закажување на термини кај лекарите. Министерот Фатмир Меџити, веќе најави измени во системот „Мој термин“.

„Во случај колегите да не даваат термини, ние како министерство имаме можност да им ги закажеме, да дадеме повеќе термини со цел пациентите да бидат згрижени. Ако даваат по два-три термини, веќе дадов наредба и допис до сите здравствени институции низ државата да се пуштат“, рече Меџити.

Електорнскиот систем за закажување прегледи “Мој термин“ беше воведен во 2014 година за да го олесни пристапот на пациентите до здравствените услуги и да се води евиденција за нивната здравствена состојба.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG