Достапни линкови

Над 10 милиони евра за превенција од болести, а се повеќе болни


Илустрација - испитување за дијабетес
Илустрација - испитување за дијабетес

Малку пари, малку импровизација - зголемен број болни, е исходот од нефункционалноста на превентивните скрининзи кои ги утврдува и ги плаќа државата од буџетот, велат граѓански организации. За рана детекција на малигни заболувања се определени помалку пари од пред 10 години, иако ракот е втора водечка причина за смртност меѓу населението.

Жена која има инвазивен карцином на матка, ако не се открие навреме, ја чини државата околу 200 илјади евра, вели гинекологот д-р Глигор Тофовски за тоа колку е важна превенцијата кај болеста од која просечно годишно заболуваат по 170 жени во Северна Македонија.

„Таа жена прима хемотерапија или зрачна терапија, оди на физикална, отсуствува од работа со месеци, користи скапи лекови, можеби дури и биолошка терапија, и така натаму...се тоа државата го плаќа. Ако болеста се открие превентивно, во рана фаза, ја чини државата многу евтино. Секој еден долар во превенција заштедува девет долари во терапија“, објаснува д-р Тофовски за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Но старата мудрост „подобро да се спречи, отколку да се лечи“ се чини дека не е баш одомаќинета во македонскиот здравствен систем, покажуваат податоците на РСЕ од анализите на таканаречените скрининзи преку кои треба да се откријат потенцијални болести кај граѓаните.

Државата секоја година определува буџет за превентивни програми, односно скрининзи. Ги има десетина - за задолжителна вакцинација, здравствена заштита на мајки и деца, заштита на населението од сида, рана детекција на малигни заболувања...Тие се речиси константни со години, тоа што се менува се сумите за нив.

За 2025 година за овие скрининзи е усвоен вкупен буџет од 651 милион денари (околу 10,5 милиони евра).

Но, граѓански организации кои следат како се спроведуваат програмите велат дека превентивната здравствена заштита не претставува приоритет за државата. Образложуваат дека согласно меѓународните принципи буџетот за превенција треба да бележи континуиран пораст.

„Единствено значително зголемување има од 2020 до 2022 година, но тоа се должи пред се на превентивните мерки и набавката на вакцини за Ковид-19 пандемијата. За споредба, во 2021 како одговор на пандемијата буџетот за превентивна здравствена заштита беше 1,5 милијарди денари, за потоа во 2024 година да се намали на 590 милиони денари. Усвоениот буџет за превентивна здравствена заштита за 2025 година не значи дека ќе се потроши цел, бидејќи во 2023 и 2024 година со ребалансите, пракса е буџетот за превентивна здравствена заштита да се намалува“, изјави за РСЕ Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ.

Според него, дополнително загрижува податокот дека процентуалното учество на буџетот за превентивна здравствена заштита во буџетот на Министерството за здравство опаѓа во изминатата деценија - од 10, 4 отсто во 2015 година на 8 отсто во 2024 и 2025 година.

По 7.000 новозаболени годишно од канцер, а помалку пари за рана детекција

За рана детекција и скрининг од малигни заболувања, за 2025 година се определени 23 милиони денари(околу 374.000 евра), исто колку и лани.

Но, споредбата за последната деценија, направена од здружението ЕСЕ, покажува дека овие пари се помалку од определените пред десет години, во 2014 година. Тогаш биле 26,5 милиони денари.

За исто време, за десет години, отприлика во ист период (2013-2022) просечно годишно има по околу 7.000 нови заболени од рак, покажува Извештај на Институтот за јавно здравје.

Најзастапен е ракот на бели дробови, па на дојка, на кожа, на дебело црево и на желудник. За дел од нив и претходно имаше скрининзи, а ќе ги има и во 2025.

Но, дека нешто не „штима“ во превенцијата, потврди и Клиниката за онкологија преку соопштение пред десетина дена, откако снема дел од билошката терапија за болните со рак.

„Додека нема скрининг програми што се функционални во пракса, а не само на хартија, бројот на пациенти со напредната метастатска болест само ќе се зголемува. Следната година се очекува поголем број на пациенти“, соопштија тогаш од Клиниката.

Пациенти велат дека тоа што не „штима“ е дека или нема термин за преглед, или нема апарат, или нема кој да прочита резултат.

Според ЕСЕ, во 2023 година со скринингот на ракот на грлото на матката биле опфатени околу 49.000 жени. Или, само околу 11 отсто од целната возрасна група жени, на возраст од 21 до 59 години. Бидејќи скринингот е на три години, тоа значи дека ако продолжи истиот опфат за три години ќе бидат опфатени само нешто над 30 отсто од жените. Состојбата е уште понеповолна помеѓу жените Ромки, од кои со скринигот биле опфатени само 8 отсто, утврдиле во ЕСЕ.

Тестирањето за ХИВ - единствен начин некои луѓе да видат доктор

Скрининг има и за лицата со ХИВ, со цел да се откријат повеќе лица кои не знаат дека го имаат вирусот. Но, од „Заедно посилни“, единствената организација на луѓето кои живеат со ХИВ во земјава, велат дека тоа што го исполнува превентивната програма е далеку под потребното ниво.

„Главно, проблем се парите, бидејќи капацитети имаме. Суштината е што преку овој скрининг повеќе се откриваат позитивни случаи отколку преку државните институции, бидејќи се тестира точно определена целна група. Тука се луѓе што користат дроги, луѓе без здравствено осигурување. За некои луѓе, ова тестирање е единствен начин доктор да ги прегледа. За 2024, буџетот за превенција и за терапија беше 100 милиони денари. За годинава немаме официјален податок, но имаме сознанија дека ќе биде скратен на 90 милиони денари“, вели Андреј Сених, извршен директор на „Заедно посилни“.

Според него, во Северна Македонија годишно се тестираат од 1.000 до 2.000 лица. Во 2022, кај нас биле дијагностицирани само 72 отсто од луѓето кои живеат со ХИВ, наспроти целта на глобално ниво до 2030 година да бидат дијагностицирани 95 отсто и да се стави крај на епидемијата со ХИВ. Имаме околу 600 дијагностицирани случаи, од кои околу 450 примаат терапија.

Превентивните програми за заштита од ХИВ најмногу се развиваа од 2007 до 2014 година, со меѓународна помош. По 2017 почнаа да се финансираат од државниот буџет. Кратењата на парите, според Сених, почнале по 2022 година.

Недоволна превентива - повеќе болни

„Порастот на бројот на болни во државата, вклучувајќи канцер и хронични болести, може да биде резултат и на недоволно или недобро спроведени превентивни програми“, велат од здружението ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Во Северна Македонија расте бројот на заболени од болести на циркулаторен систем и од канцер, водечки заболувања кај населението. Тие биле и најчеста причина за смрт во 2023 година, според Државниот завод за статистика.

„Намалувањето на средствата за превенција, како и неефикасното спроведување на постојните програми, придонесуваат за зголемување на здравствените ризици кај населението. Намалувањето на средствата наменети за превентивни здравствени програми може да има долгорочни негативни последици врз здравјето на населението, бидејќи превенцијата е клучна за рано откривање и спречување на болести“, велат од ХЕРА.

Од Министерството за здравство, пак, велат дека во континуитет се залагаат и ќе се залагаат за зајакнување на превентивните активности во случајот скриниг кој влегува во делот на секундарна превенција.

Здруженијата ХЕРА, ЕСЕ, Заедно посилни и Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари направија анализа на четири превентивни програми на Министерството за здравство. Заклучиле дека одредени активности се намалени или укинати, дека од една страна, има ограничени средства, а на друго место, кај што ги има повеќе - недоволно се искористуваат. Има ограничен опфат на граѓаните и недоволна транспарентност и отчетност.

Во Стратегија за здравство на Република Северна Македонија (2020-2030 година) има насоки за тоа како треба да се прават превентивните програми.

„Ефективноста на овие системи и нивното влијание врз стапката на преживување од ракот, фазата на дијагностицирање и др. треба да се објавуваат во годишни извештаи. Ниските стапки на скрининг и
„опортунистичкиот“ скрининг ниту е клинички ниту економичен“, пишува во Стратегијата.

Се препорачува скринизите да функционираат подеднакво во целата земја, да имаат јасна структура на отчет и да може да бидат поддржани од информатички системи кои во „реално“ време ќе ја следат искористеноста, активностите и нивниот квалитет.

XS
SM
MD
LG