Достапни линкови

Македонија со потерници бара околу 400 криминалци


Колажна фотографија од меѓународни потерници за македонски државјани
Колажна фотографија од меѓународни потерници за македонски државјани

Околу 400 луѓе и побегнале на македонската правда. Поранешен премиер, екс разузнавачи, осудени за петкратното убиство кај Смилковското езеро, осуден за насилниот упад во Собрание на 27 април, се само дел од луѓето кои со години се бараат со меѓународни потерници.

Македонската полиција со години трага по криминаци кои успеале да и побегнат на правдата. Најдолго се трага, по осудениот за убиство Ацо Боцевски - Циганот. Потерницата за него е активна веќе 25 години. Некои од оние кои се бараат, избегале од затвор, други, пак, не стигнале ниту зад решетки.

Од „правдата“ побегнале речиси 400 луѓе, според податоците на Кривичниот суд.

Она што бележи константен раст во изминативе години е листата на меѓународни потерници кои се објавени на веб страницата на Министерството за внатрешни работи за побегнати осуденици. До објавувањето на овој текст, на листата се евидентирани 103 бегалци на правдата, за кои полицијата распишала меѓународна потерница. За повеќе од половина од нив, односно за 57 потерниците се распишани во последниве 5 години.

За пет години му застарува делото на Ацо Боцевски - Циганот

Виновниот за првата гангстерска ликвидација во центарот на Скопје сред бел ден и по 25 години од убиството е на слобода. Една од најстарите меѓународни потерници на веб страницата на Министерството за внатрешни работи е за осудениот Ацо Боцевски познат во јавноста по прекарот Ацо Циганот.

Полицијата по него трага уште од 1998 година по пресудата за убиството што го изврши на скопската улица убивајќи го Сеат Ибраими.

На oвa убиството во 1996 година му претходела неколкуминутна автомобилска брканица низ градските улици околу Собранието. Автомобилот марка „мерцедес”, кој го управувал Ибраими, излетал од патот во близина на зградата на Осигурителната компанија „Кјуби”, а веднаш зад него запрела „корветата“ зад чиј волан седел Ацо Боцевски кој испразнил цел шаржер во телот на Ибраими.

За ова убиство тој е осуден на 15 години затворска казна, но откако бил пуштен од затворски во домашен притвор, тој побегна од земјава.

Ако се следи судската пракса, доколку полицијата не го пронајде Ацо наскоро досудената пресуда нема да ја издржи, односно за пет години извршувањето на казната ќе застари.

Засега се активни 368 наредби за приведување во Основниот кривичен суд. Оттаму објаснуваат дека овие наредби се однесуваат на централни потерници за издржување на казна затвор и за тие што не се одѕвале на поканата на Судот и тоа на дневна основа, што значи дека нивниот број е често променлив.

„Во тој правец, дел од наредбите на дневна основа и се повлекуваат и стопираат доколку лицето само се јави во суд или на издржување на правосилно досудена казна затвор или е спроведен во судот а по предлог на јавниот обвинител не се предложи некоја од мерките за обезбедување присуство“, се вели во одговор од Основниот суд Скопје.

Кој овозможува криминалците да и избегаат на правдата?

Слабиот правосуден систем им овозможува на криминалците да и избегаат на правдата вели Стефан Буџаковски, професор од областа на безбедносни науки и кривично право. Според него клучниот проблем е корумпираниот систем.

„Правниот систем на Република Македонија е добар, но неговата реализација е спорна. Проблемот лежи во оние кои ја спроведуваат правдата. Дали тоа го прават под притисок на одредени криминални структури, дали тоа го прават под влијание на одредени политички структури не е ни битно во овој контекст, битно е дека судскиот систем не функционира. Судската власт која треба да е независна, кај нас за жал е под контрола на извршната власт“, вели Буџаковски.

По Груевски се „трага“ пет години

Највпечатливо име на прва проверка на листата е поранешниот премиер Никола Груевски по казната затвор од две години за случајот „Тенк“, за незаконска набавка на луксузниот автомобил од марка „Мерцедес“. Тој во 2018 побегна од Скопје во Будимпешта каде доби азил. Во отсуство го осудија за уште пет други дела поврзани со најголемата досега афера за прислушување.

Последен предмет за кој беше осуден е „Плацеви на Водно“ за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. Тој беше осуден и за „Насилство во центар“, за организација на протести во име на отпор против уривање на црквата „Св. Констатин и Елена“ а со цел спречување на промена на Деталниот урбанистички план (ДУП) за „Мал ринг“.

Тој е осуден и за случајот познат во јавноста како „ТНТ“ за злоупотреба на службена положба и незаконско уривање на објектот „Космос“, на инвеститорот Фиат Цаноски. И последен предмет за кој е осуден е „Талир“ кој се однесува за незаконско финансирање на партијата „ВМРО – ДПМНЕ“.

Поранешните разузнавачи и обвинети за уништување на опремата за прислушување во УБК како и за организирање на настаните на 27 април 2017 во Собранието Никола Бошковски и Горан Грујевски слободно шетаат низ Грција откако грчкиот Врховен суд го одби барањето на македонскотo Mинистерство за правда за екстрадиција. Тие исто како и Груевски својата одбрана во судот ја претставуваат како политички прогон.

Косово одбива да ги екстрадира обвинетите за „Монструм“

Пред три години косовските власти одбија да ги екстрадираат обвинетите во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исламиловиќ. Станува збор за прво и второ обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро кое се случи на 12 април 2012 година. За нив министерството за правда најмалку три пати досега испрати барања за екстрадиција со ветување дека ќе добијат фер судење, нешто за кое косовските власти велат дека се сомневаат оти ќе им биде пресудено врз национална основа.

Познатиот жител на Кондово Агим Красниќи во 2020 година побегна од штипскиот затвор, каде што правеше и свадба. Агим Красниќи беше уапсен во 2008 година заедно со уште шестмина кои како злосторничка група беа фатени со нелегално оружје и обвинети за нерегуларности и предизвикување на неправилности на тогашните парламентарни избори. Красниќи беше осуден на 15 години затворска казна. Красниќи во септември 2017 прв пат доби право на отсуство по 9 години поминати зад решетки, а во 2020 тоа право го искористи за да побегне.

Буџаковски - Проблемот не се криминалците

Професорот Буџаковски објаснува дека намерната погрешна примена на правото им дава простор на криминалците да ја напуштат државата.

„Проблемот не се криминалците, проблемот е спроведувањето на правото. Ако имаме навремено превенираме, навремено носење на пресуди, тогаш нема да имаме проблем“, вели тој.

Осудениците што се во бегство може да ја избегнат казната ако помине извесен временски период до застарувањето на казната. Тоа е регулирано со член 109 од Kривичниот законик, односно застарувањето зависи од висината на казната.

За пресуда доживотна казна, казната застарува кога ќе поминат 30 години од пресудата, односно ако осуденикот е во бегство 30 години. За казна затвор од 10 години, застарувањето поминува по 20 години. За две години застарува пресуда до една година или парична казна. Застарувањето на делото, според Буџаковски е казна за системот, затоа што одреден законски рок не успеал да ја задоволи правдата.

Голем дел од бараните лица биле уапсени во странство, но често преку правните и други лавиринти успеале да го избегнат испорачувањето во земјава. Токму затоа и потерниците по нив се уште се активни.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG