Достапни линкови

Нема мајстори -дипломите не градат куќа и не прават бурек

Илустрација
Илустрација

Мајстори нема доволно, а кога ќе се најдат, скапи се и се чека на ред, се жалат граѓани. Околу 70.000 денари е месечната плата на мајстор-пекар во Скопје, двојно повеќе од плата на наставник во основно училиште, а сепак многу пекарници не можат да најдат пекар. Расте интересот за упис во средни стручни училишта и за дуалното образование, но и тоа не е брзо решение.

Откако почнавме да го реновираме станот, сфатив дека побрзо ќе закажете на „Мој термин“ кај лекар отколку кај мајстор за плочки. Ред чекам и кај мајсторот за подно греење и кај тој за местење прозори, вели скопјанката Павлинка Герасимова која по неколку разговори со мајстори сфатила дека реновирањето ќе биде подолго и поскапо од што планирала.

„Ми требаа добри препораки и многу преговори. Предизвик е и цената, разликата од една до друга понуда за истата работа како е разлика како меѓу „мерцедес“ и „фиќо“. Сега, стравувам мајсторот што почна да работи во меѓувреме да не побегне на друга „тезга“ па да го чекам да се врати, оти и тоа се случува“, вели Герасимова за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во Северна Македонија има околу 8.000 самостојни занаетчии и над 20.000 вршители на занаетчиска дејност (фирми), регистрирани во Занаетчиската комора на Македонија.

Во Скопје се активни 2. 198 занаетчии, според податоците од Занаетчиска комора - Скопје.

Има фризери и козметичари, пекари и слаткари ни за лек

Овој број не е доволен, што се чувствува во секојдневниот живот - од поправка на електрични апарати во домаќинство, реновирање, преку при изградбата на згради но и на патишта и јавна инфраструктура.

Недостигаат мајстори во сите бранши - особено ѕидари, автомеханичари, автолакери, пекари, слаткари...Доволно има само фризери и козметичари“, вели Агрон Фазлији, претседател на Националната комора на занаетчии.

„И кај автомеханичар се закажува термин - ако се јавите сега, ќе ви рече да дојдете по една недела, ако не и за подолго. Сега да побараме десет заварувачи во цела држава, нема да ги најдеме. Во цела нова зграда, само тројца лепат плочки. Искусните заминаа во земјите каде нивниот труд повеќе се плаќа“, вели Фазлији за РСЕ.

Недостигот на мајстори се гледа не само според времето што се чека да ве услужат - туку и по огласите за вработување на кои ретко кој се јавува.

Таков проблем има и пекарница од Куманово, која на отворен оглас бара пекари и слаткари. Со месеци не успева да најде.

„Последниот оглас го пуштивме пред Нова година. Досега стигнаа само две биографии, а и тие се за помошници пекари. Мајстори нема. Ретко се јавува некој, а и кога ќе се јави, е без искуство“, ни рекоа од пекарницата.

Кај нив, платата за пекар е од 40.000 - 45.000 денари.

Во Скопје, мајсторите - пекари земаат по околу 70.000 денари месечно.

„Некои занаетчии месечно можат да заработат повеќе од луѓе кои завршиле факултет. Добра заработка имаат златарите, мајсторите кои местат клими, електричарите“, велат од Комората на занаетчии.

За споредба, платата на наставник во основно образование со над 15 години стаж е околу 40.000 денари.

Лепење плочки - од 25 евра за квадрат

Според цените на кои наидовме, лепење плочки е околу 1.500 - 1.800 денари за квадратен метар (25-30 евра), вадење стари плочки е од четири до седум евра за квадратен метар. Менување на водоинсталација во тоалет чини околу 800 евра, уривање ѕид и изнесување на градежниот шут најмалку 500 евра, па нагоре...

Граѓани велат дека работната рака на мајсторите секој месец како да е се поскапа.

Илустрација
Илустрација

Од Занаетчиската комора Скопје, пак, одговараат дека занаетчиите ги креираат цените на услугите и производите согласно трошоците кои ги имаат од работењето, но во предвид секогаш ја имаат и куповната моќ на клиентот. Притоа, „причината за поскапување на услугата е поскапување на трошоците за репроматеријали и трошоци за водење занаетчиски бизнис“.

„Дејности кои што се неопходни во текот на секојдневниот живот, како на пример водоводџија, плочкар, тапетар, паркетар, инсталатер на парно греење се занимања кои се помалку се достапни на граѓанинот и поради тоа и цените на нивните услуги растат. Овие занаети допрва стануваат привлечни како идна професија на младиот човек затоа што растат цените на услугите во овие дејности“, вели Анета Атанасовска, извршна директорка на Занаетчиската комора - Скопје.

Гипсар со 20 годишно искуство вели дека работа има, мајстори нема, па не може да си најде партнер за да заработи и повеќе.

„На клентите им кажувам дека ќе треба да ме почекаат, затоа што не се постигнува да завршам кај сите што се јавуваат. Што се однесува до цената на гипсарските работи, на сите ни стана животот скап, мене ми поскапеа материјалите за работа, алатот, па и доручекот и дневниците за чираците“, вели тој.

Стручно и дуално образование - можност, но не и магично решение

Покрај заминувањето на занаетчиите во земји кои повеќе го плаќаат нивниот труд, друга причина за недостигот на мајстори е што се форсираа гимназии, факултетско образование и канцелариска работа, а се потценуваше стручното образование.

Ситуацијата се смени во последните неколку години, кога почне да расте бројот на ученици во стручните училишта, а да опаѓа во гимназиите. За учебната 2025/2026 година, од предвидени 27.600 ученички места за упис во прва година средно, 7.900 места беа за гимназии, а околу 18.000 за стручни училишта.

Во 2024 година, од околу 17.000 запишани средношколци, 12.000 избрале стручно училиште.

Како дел од решението, државата и Стопанската комора го развиваат дуалното образование - систем во кој ученици од стручни училишта одат на пракса во компании. Повеќе од 550 компании во Северна Македонија учествуваат во овој систем, кој Министерството за образование и наука (МОН) го поддржува со стипендии за учениците - по 3.500 денари за ученик во девет месеци во годината.

Притоа, компаниите имаат обврска да обезбедат ментори и практична обука за учениците директно на работно место, заедно со опрема и машини.

Но, Фазлији од Занаетчиската комора вели дека ни тоа нема да го реши проблемот со недостиг на занаетчии, затоа што според нивни анализи, околу 40 отсто од запишаните во средно стручно се во медицинските училишта - медицински сестри и болничари, кои, според него, „нема да останат тука, се подготвуваат за пазарот во ЕУ“.

„И дуалното образование има големи проблеми. Треба да се стимулираат и менторите на учениците, фирмите не се обврзани да ги вработат учениците кои биле на пракса кај нив. Државата треба да им даде бенефиции на тие фирми, да направи целосна стратегија како да ги задржи мајсторите тука и како да ги инспирира младите да го прифатат занаетот како избор за егзистенција“, вели претседателот на Занаетчиската комора.

Според анкета на Стопанската комора, спроведена од ноември 2024 до јануари 2025 година меѓу компании со странски капитал кои имаат инвестиции во државата во вредност од над 4 милијарди евра и вработуваат повеќе од 39.000 лица, недостиг на квалификувана работна сила е една од најчестите пречки во нивната работа. Дури 93 отсто фирми имале проблем со ангажирање работна сила, и тоа: инженери, технички персонал и оператори.


XS
SM
MD
LG