Достапни линкови

Кој ќе служи кафе ако сите сме програмери?


Илустрација
Илустрација

Угостителските објекти кубурат со кадар, додека младите сакаат „дигитални професии“. Треба младите да се насочат кон професиите на иднината, но и да се тргне стигмата дека постојат повеќе важни и неважни професии, велат од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи.

Нема работа под стрес, а не мора ни да кажеш каде се гледаш себеси за пет години. Од вештини потребно е да знаеш да собираш и да множиш или да знаеш да работиш на дигитрон. Ова стои во шеговитиот оглас за работа во скопско кафуле, објавен на социјалните мрежи.

„Мислам дека нема кафуле, кафеана, ресторан каде не им требаат луѓе. Ако е сега ваква ситуацијава којзнае каква ќе биде кога ќе дојде лето и кога и тие што ги бива малку ќе си отидат за Хрватска, за Грција, за Малта. Многу е тешко, не можеме да најдеме луѓе. Ќе ги обучиме и ќе си отидат за 3-4 месеци максимум и што е најсмешно после доаѓа и ја бара работата пак кога ќе му помине сезоната“, вели Саша Шотаровски, менаџер на кафулето.

Во коментар на објавата тој вели дека никој не сака да работи за 30.000 денари плата плус бакшиш, 6 часа дневно, 6 дена во седмицата, бидејќи сите сакаат државна работа.

„Модерно е да работат во општина за 23-24000 или во министерство, а не е модерно да работат некаде кадешто врвни баристи би земале меѓу 1500 и 2000 денари на ден, плус бакшиш и осигурување. Поставено е така да сакаат државно да се работи, иако тоа е половина од она што во поелитно кафуле или ресторан би го земале младите или кој било“, додаде тој за РСЕ.

Илустрација
Илустрација

Зошто младите не сакаат да бидат келнери, готвачи, продавачи?

Новите технологии и пристапот на информации кои ги имаат младите преку нив се главен виновник за разликата во перцепцијата кон различните работни места, смета Бојан Тодоровски, проектен координатор и програмски директор во Бизнис Конфедерација на Македонија.

„Тука се технологиите кои ја креираат таа социјална стигма за некојси нереален престиж кој мора да се постигне. Работите во угостителството и услужните дејности често се гледаат како работи со низок статус или како работни места за неквалификуван кадар, што може да ги направи многу помалку привлечни за младите кои бараат работа, во споредба со оние работни места кои нудат повеќе престиж или почит“, вели Тодоровски.

Друга причина може да бидат долгите работни часови, нередовните распореди, работата до доцна навечер или за викенд и празник. Вака младите не можат да балансираат меѓу работата и другите обврски, смета програмскиот директор во Бизнис Конфедерација на Македонија.

„Некои угостителски и услужни работи бараат долго стоење, кревање на тешки предмети и други физички тешки работи. Ова може да биде предизвикувачко и заморно особено за младите кои за разлика од другите генерации не се навикнати на такви барања“, додава тој.

Како естремно демотивирачко за младите кои бараат кариерен пат, Тодоровски го истакнува и недостатокот на можности за напредок кои како што вели, во многу угостителски и услужни дејности се ограничени.

Сепак, треба да се работи на подигнување на свеста за потребата од кадар во другите професии смета Тодоровски. Според него, потребни се кампањи за стручните работни места да станат попривлечни за младите. Бидејќи, како што вели, не кубурат само услужните дејности, па ќе дојде време кога ќе немаме кој да ни поправи нешто дома, бидејќи младите многу помалку познаваат такви работи.

Најголем број на слободни работни места се токму во услужната дејност и трговијата која се карактеризира со ниски плати, несигурно вработување, неизвесност, нефлексибилност, отсуство на формално работно место, неволно привремено вработување и вработување на скратено работно време што се коси со концептот на пристојна работа. Ова е еден од клучните наоди во извештајот на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП). Тие од март до декември 2022 година, го спроведоа проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.

Што сакаат да работат младите денес?

Најатрактивни се професиите во кои се користат напредни технологии и во кои не се бара толку физичка работа, вели програмскиот директор во Бизнис Конфедерација на Македонија, Тодоровски.

„Тука може да се најдат тестери за осигурување на квалитет, програмери, графички дизајнери. Исто така, имаме зголемен интерес за дигиталниот маркетинг“, истакна тој.

Од ИДУЕП, пак, велат дека професиите кои се базирани на ИТ се професии на иднината, но веќе одамна се и професии на сегашноста.

„Погледнете ги податоците од 'Државниот завод за статистика' и таму јасно ќе видите дека на врвот на најдобро платените професии се оние од ИТ и сродните дигитални области. И тоа со просечна плата која денес веќе надминува 82 илјади денари! Ако само до пред некоја година на врвот на најплатени беа професиите поврзани со банкарството, осигурувањето итн., сега веќе приматот е преселен кај дигиталниот и ИТ сектор“, велат од ИДУЕП.

Дoдаваат дека младите треба да се насочуваат кон стекнување на вештини и знаења денес кои ќе ги насочат кон професиите на иднината, но не треба да забораваме дека има многу професии на иднината кои често ги забораваме или не ги ставаме на приоритетната листа каде што им е реално местото. На пример, занаетите и занаетчиските професии. Електричари, водоинсталатери, тапетари… Ова се едни од најдефицитарните, но и едни од професиите со најбрзорастечки плати.

Дали знаете колку во западните земји чини една ваква услуга, но и колку време некогаш се чека за да може истата да се добие? - прашуваат од Институтот. Ако на ова ја додадеме културолошката дискриминација во однос на професиите како што се уметноста, убавината и модата, инфлуенсерството, има многу на што да се работи. Потребно е сите овие професии јасно да ги ставиме во контекст на професии на иднината и конечно да ја тргнеме стигмата дека постојат повеќе важни и неважни професии, заклучуваат од ИДУЕП.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG