Достапни линкови

Лога: Не се амнестираат академци туку осуденици, но имиња не потврдувам


Кренар Лога, министер за правда
Кренар Лога, министер за правда

Додека опозицијата најавува блокада на предлог-законот за аместија, министерот за правда вели дека ќе им даде албум со фотографии и огледала на пратениците за да се погледнат пред да гласаат. Ако се донесе, законот целосно ќе ослободи најмалку 286 осуденици, а на 996 ќе им се скрати казната.

Предлог-законот за амнестија за околу десетина дена треба да се најде пред пратениците во скратена постапка. Иако претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека може да го стави на седница веќе в вторник (3 октомври), сепак, предлогот ќе го почека министерот Кренар Лога да се врати од службено патување во САД бидејќи тој лично сака да го брани законот во парламентот.

Предлогот предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.

Покрај растеретување на затворите, меѓу главните причини за носење на законот од Министерството за правда ја посочуваат и потребата од ресоцијализација бидејќи во моментов нема услови за тоа.

„Ќе влезе во затвор за една година казна, а ќе излезе како професионален криминалец“, коментира министерот Лога.

Тој очекува во Собранието поддршка од сите политички партии.

„Ова не е за секојдневната политичка агенда туку е за цели кои веќе се наведени во законот. Јас бев во посета на Идризово и влегував во сите крила и видовте и сами дека државата не е на ниво на тоа што го бара законот и на тие стандарди кои се дел од нашиот систем“, вели министерот за правда, Кренар Лога.

По најавената блокада од опозицијата, Лога планира да им подари албум со фотографии од условите во затворот и огледала на пратениците за да се погледнат пред да гласаат за или против амнестијата.

За конкретни имиња на лица и предмети кои ќе бидат опфатени со амнестијата, министерот не сакаше ништо да каже.

Вчера во јавноста излегоа информации дека меѓу оние што ќе бидат амнестирани се и двајца осуденици во предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, бизнисменот Сеад Кочан осуден во предметот „Труст“ отворен од Специјалното јавно обвинителство, но и лице поврзано со ИСИС.

Прашањата од новинарите дали со амнестијата е опфатено и делото „помагање“ за кое, на пример, се осудени Хаки и Фејзи Азири во „Монструм“, министерот го оцени како тенденциозно.

„Законот не влегува во конкретни предмети и така ќе биде предложен од Министерството за образование. Кој ќе биде опфатен, ќе се калкулира отпосле во Управата за извршување санкции. Повикувам да не се игра со имиња и со емоции на случаи. Оттаму нема да излегуваат академци, се знае дека ќе излезат затвореници осудени за кривични дела. Само во ВМРО-ДПМНЕ може да се случи да влегува затвореник како криминалец и да излегува како академик и да се пречека во палата како да е некој јунак во државата“, рече Лога.

Министерот за поравда не сакаше да одговори ниту дали е прифатива амнестија за осудените поврзани со упадот во Собранието на 27 април 2017.

Додека официјално имиња не се познати, она што се знае е дека анализите заклучно со 26 септември 2023 покажуваат дека ако законот се усвои како што е актуелниот предлог, од 2 114 осуденици колку што има во моментов во затворите, 286 целосно ќе бидат ослободени, а 996 делумно ќе бидат амнестирани. Сепак, ова не се конечните бројки бидејќи уште 2 813 лица чекаат да влезат во затвор и за нив дополнително ќе се прави анализа кој ќе биде амнестиран.

ИНФОГРАФИКА - Колку осуденици ќе се офајдат ако се усвои предложениот Закон за амнестија
ИНФОГРАФИКА - Колку осуденици ќе се офајдат ако се усвои предложениот Закон за амнестија

Опозицијата ќе блокира, Лога вели дека претходно немало забелешки

За овие осуденици да ја дочекаат амнестијата, предлог-законот прво ќе треба да ги надмине блокадите што во Собранието ги најавува опозицијата. Вчера и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека неговите пратеници ќе го блокираат преку собраниската процедура бидејќи законот нема да биде со европско знаменце што би ја спречило блокадата.

„Овој закон има двојна намена. Првата е да ослободат криминалци кои одлежуваат затворска казна, бидејќи така им ветиле, тука не мислам само на СДСМ и ДУИ, туку и на помалиот коалициски партнер Алијансата за Албанците ако воопшто постои, ако не е претопена во ДУИ или барем оној дел кој што се идентификува како Алијанса за Албанците, значи тоа се преземени обврски кон криминалците кои што се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат намалување, делумна амнестија, дел целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат“, рече вчера Мицкоски.

Министерот за правда, пак, вели дека во Собранието се среќавал со четворица координатори и никој немал забелешки. Дури, како што тврди, лично се обратил и до Мицкоски за лидерот на опозицијата потоа да излезе со најави за блокада. Лога, исто така, потсетува дека во 2018 кога беше донесен истиот закон, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со останатите партии застанаа како предлагачи.

Повеќе легла и подобри услови најрано во 2028 година

Додека амнестијата со цел растеретување на затворите изминатите денови е тема на политички препирки меѓу партиите, состојбата во затворите постојано е мета на критики од меѓународната заедница и од народниот правобранител. Едно од решенијата од кои власта очекува подобрување е новиот капацитет за 900 места што треба да се гради во Идризово. Станува збор за проект кој требало да биде завршен во 2016 година, но дури сега ќе почнува да се реализира.

Од Министерството за правда велат дека се завршени сите процедури и наредниот период треба да се распише тендер, а градбата да започне за 6 до 9 месеци.

Новиот затворски капацитет ќе зафаќа површина од 15 000 квадратни метри, а се очекува да биде завршен во 2028 или 2029 година.

Што не опфаќа Предлог-законот за амнестија

Амнестијата како инструмент кон кој посегнува власта поради лошите услови во затворите на сличен начин беше применета и во 2018 година. Покрај овие два, во земјава донесени се повеќе закони за амнестија од нејзиното осамостојување. Првиот во 1991 година, потоа во 1999 година, во 2002, па во 2003-та. Во 2018 година, покрај споменатиот, имаше уште една амнестија поврзана со настаните од 27 април 2017 година. Последен пат, закон за амнестија беше донесен годинава и се однесуваше на прекршителите на ковид-протоколите.

Во предлог-законот што власта сака да го донесе сега е предвидено дека амнестијата нема да опфати правосилно осудени лица на казни доживотен затвор, осуденици за убиство, за дела против изборите и гласањето, против половата слобода и морал, разбојништво, разбојничка кражба, против првата, против јавниот ред, против човечноста и меѓународното право, измама на штета на средства на ЕУ, перење пари, злоупотреба на службената положба и овластувања, примање и давање поткуп, давање и примање награда за противзаконито влијание, семејно и родово-базирано насилство.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG