Достапни линкови

Амнестиите изгубени во политичкиот пазар


Илустрација
Илустрација

Кој сè ќе биде амнестиран? Владата го врати да се доработи Предлогот за амнестија на лесни кривични дела наводно од технички причини. Во меѓувреме опозициските партии бараат амнестија и за посериозни кривични дела. Амнестијата причина и за раздор меѓу Мицкоски и Груевски.

Сè погласни се сомнежите дека зад Предлог законот за амнестија, со кој треба да се амнестираат „ситни риби“ и зад веќе донесените измени на Кривичниот закон, со кој куртулуваат „капиталците“, стои политички пазар.

Сомнежите се подгреваат откако Предлог законот за амнестија не помина на владината седница на 19 септември, со објаснување дека треба да се доработи. Првичната верзија не опфаќа тешки дела. Но сега има предлози со него да бидат опфатени и делата тероризам за случаи, како „27 април“, „Монструм“, и „Диво насеље“...

Во меѓувреме интензивни се и изјавите на политичарите, за тоа кој со кого правел „дил“ за евентуално помилување преку измени на Кривичниот законик, експресно донесени пред две недели.

И двете „амнестии“ се случуваат во време кога од пратениците во Собранието се очекува да изгласаа уставни измени, со кои, меѓудругото во Уставот ќе бидат вметнати и Бугарите. Тоа пак е барање што земјава се согласи да го исполни, ако сака да го продолжи интегрирањето во Европската унија.

Сегашниот и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Никола Груевски водат јавна преписка откако првиот обвини дека има валкан договор меѓу Груевски и власта за протуркување на уставните измени.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, на прес – конференција рече дека власта на чело со премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети преговараат амнестија со Груевски. Тоа, според, Милошоски, се случувало пред околу осум месеци во Будимпешта, а во преговорите учествувале високи претставници на СДСМ и еден министер од ДУИ. За тоа, како што вели имаат сериозни индиции и документација.

„Споменатите преговарачи на амнестијата нема да застанат тука. Во моментов разговараат за нов закон за амнестија со кој би се спасиле од затвор лица блиски до власта, но имаат несогласувања кои дела да ги опфаќа тој закон за амнестија. Во Министерството за правда и Владата има различни позиции“, рече Милошоски на прес-конференција на 20 септември.

Кој со кого преговарал?

Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за германски Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) обвини дека неговиот претходник Никола Груевски тајно комуницира со Владата за да се протуркаат уставни измени. Мицкоски вели дека Владата планира да му вети кривична неказнивост на Груевски, кој побегна во Унгарија во 2018, за да поминат уставните измени во Парламентот. Тој побара и доби политички азил, откако побегна од земјата во која се водат повеќе кривични постапки против него. Со новите измени на Кривичниот законик, пак, најголем дел од постапките против него ќе застарат.

Груевски преку својот профил на Фејсбук побара Мицкоски да даде доказ за наводната валкана игра меѓу поранешниот премиер и сегашната власт. Денеска Мицкоски му се обрати на Груевски со соопштение велејќи дека „за Македонија не смее да има пазар и договори под маса“.
„Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018-та, ова е друго време“, напиша Мицкоски.

Пред неколку денови претседателот на државата Стево Пендаровски изјави дека лица блиски до опозицијата се распрашувале кај него за амнестија за Груевски. Потоа Груевски, пак преку Фејсбук, порача дека не побарал од никого да бара амнестија за него од Пендаровски.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во телевизиско интервју рече дека ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку години барале измени на Кривичен закони. Тоа било во време пред да се случат измените на Уставот според Преспанскиот Договор. Измени потоа барал и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој дојде на местото на Груевски, но потоа тој се повлекол од тоа барање.

Услови во најголемиот затвор во Северна Македонија, Идризово, 14 септември 2023
Услови во најголемиот затвор во Северна Македонија, Идризово, 14 септември 2023

„Ситна“ амнестија

На седница на 19 септември Владата одлучи да го врати Предлогот законот за амнестија на усогласување со надлежните институции, по гласните реакции на јавноста. Извори од Министерството за правда велат дека требало да се средат технички работи и да се добие мислење од други институции од кои зависи носење на одлуки за амнестија.

По седницата проструи информацијата дека министерот за правда, Кренар Лога, се заканил дека ќе поднесе оставка, ако не помине неговиот предлог. Но од Министерството за правда за Радио Слободна Европа потоа рекоа дека тој не поднел писмена оставка.

Министерството предлагаше да се ослободат од затвор осудени лица за лесни кривични дела кои се казнуваат со затворска казна до шест месеци. На тие пак кои биле осудени на повисока казна од шест месеци требаше да им се намалат казните за 30 отсто.

За овој Предлог нема политички консензус. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во озјава за РСЕ оцени дека е селективен, парцијално решение кое служи за „ситни политички поени“ пред избори, оти во него не влегуваат осудените за 27 април, за упадот во Собранието во 2017 година.

Пред неколку денови министерот за правда Кренар Лога рече дека ќе има соодветен одговор, ако во процедурата за носење на законот се случи пазар меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за амнестија на осудените за 27 април.

„Такво нешто воопшто не е на маса за преговори. Но и доколку СДСМ, ДУИ и ВМРО ДПМНЕ договорат и се обидат да донесат, Алијанса за Албанците жестоко ќе се спротивстави и ќе го блокира со милион амандмани“, изјави Лога.

Амнестијата не треба да биде селективна, порачува и поранешниот претседател на Алијансата на Албанците, Зијадин Села. Токму од редовите на оваа партија е и актуелниот министер за правда, Кренар Лога. Села вели дека Предлогот за амнестија треба да ги опфати и другите, како што вели, монтирани политички случаи, како „Монструм“, „Диво Насеље“, „Алфа“.

„Доколку треба да се помилуваат такви политичари и други политички ликови, тогаш тоа треба да оди паралелно и со другите прашања, да има општа амнестија. Има многу други теми Монструм, Диво Насеље, кои се резултат на тој лош режим кој го донесе тоа, да ги отвориме сите прашања!? Не може делумно да се отвораат темите!“, вели Зијадин Села во емисијата Клик Плус на ТВ 21.

Дебатите за Предлог законот за амнестија, почнаа на само неколку денови откако во Собранието, во експресна процедура и со европско знаменце, беа изгласани измени на Кривичен законик. Овие измени предвидуваат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни има и за делото злосторничко здружување. Освен реакции од јавноста, загриженост за експресносо изгласување и за последиците од овие измени, изразија и од Европската Комисија и од американскиот Стејт Департмент.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG