Достапни линкови

Звукот на камбаната во Блатец посилен од багерите за хидроцентрала

Протест и блокада против изградба на хидроцентрала на река Блатешница во Блатец, февруари 2026 г.
Протест и блокада против изградба на хидроцентрала на река Блатешница во Блатец, февруари 2026 г.

Протестот во виничкото село Блатец против изградба на хидроцентрала е кулминација на десет годишно вртење во круг низ институциите со што се соочиле и жителите и концесионерот. Мештаните стравуваат дека ќе секне водата за пиење и за наводнување, концесионерот тврди дека се е законски, со отстапки на негова штета. Градоначалникот на Виница очекува дека „ситуацијата ќе се реши за добро на жителите“.

Кога ќе чукне камбаната, тоа е знак и излегува цело село, вели Благојчо Анакиевски, претставник на селаните од виничкото село Блатец, за начинот на кој селаните се мобилизираат против изградбата на мала хидроцентрала на реката Блатешница затоа што сметаат дека ќе им го загрози снабдувањето со вода за пиење и за земјоделството.

Тука, камбаната не е повик за богослужба.

„Тоа е аларм, најсигурното средство. Ние убаво знаеме кога, како и за кого бијат камбаните“, вели Анакиевски во разговор за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Жителите на Блатец денеска од 15 до 17 часот ќе го блокираат патот Виница - Берово. Мобилизацијата почнала уште пред Нова година, а претходните денови поставија ноќни стражи и блокади за да го бранат селото од изградбата на хидроцентрала.

Концесијата за хидроцентрала ја има фирмата „Енерџи лукс“ Кочани уште од 2012 година. Владата во октомври лани ѝ го продолжи рокот за изградба на хидроцентралата до 7 март 2026 година.

Протест и блокада против хидроцентрала во Блатец, февруари 2026
Протест и блокада против хидроцентрала во Блатец, февруари 2026

„Механизација, возила и луѓето, нашите сограѓани, за пократко од десетина минути бевме на местото каде ја правиме блокадата“, раскажува Анакиевски за тоа колку е голем отпорот во селото против изградбата на хидроцентрала.

Мијалче Ѓорѓиев, пак, еден од концесионерите во „Енерџи лукс“ - Кочани, вели дека ги има сите документи за хидроцентралата, направиле измени според барањата на жителите и се подготвени да најдат заедничко решение преку разговор.

Мештаните и концесионерот меѓусебно се обвинуваат за предизвикување тензии и инциденти на блокадите.

Актуелните случувања се кулминација на десет годишно вртење во круг низ институциите преку разговори, тужби и докажувања за оваа хидроцентрала за која мештаните бараат од Владата да ја поништи концесијата. Тие велат дека немаат ништо против концесионерот, туку се противат на намерата воопшто да има хидроцентрала на Блатечка река.

И градоначалникот на Виница на блокадата

Поддршка на жителите им дава и градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски, кој во разговор со РСЕ најави дека ќе се придружи на денешнита блокадата на патот кон Берово.

Вчера, 19 февруари, претставници на општината и жителите беа на средби со претставници на министерства, и според очекувањата на градоначалникот „ситуацијата ќе се реши за добро на жителите“.

„Оди во добра насока исходот за луѓето во Блатец. Сега за сега не можеме да кажеме ништо повеќе, засега останува блокадата, поддршка даваме и ние“, вели Костадиновски за РСЕ.

На прашањето дали една од опциите е можеби поништување на дозволата за градење, градоначалникот кратко одговори дека „и тоа е една од опциите“ нагласувајќи дека од понеделник би се знаеле повеќе детали како ќе се реши проблемот.

Од Владата, во одговор за РСЕ, објаснуваат кога е склучен договорот за концесија и дека Министерството за енергетика има надлежност да го следи статусот на реализацијата на проектот за мини хидроцентрала на Блатечка река.

Нема одговор дали ќе се поништи концесијата, како што бараат жителите на Блатец.

Што е спорно за жителите, што нуди концесионерот

Објаснувајќи зошто жителите на Блатец се против изградба на хидроцентрала, Анакиевски вели дека зафатот од кој селото пие вода се поклопува со дел од цевководот за хидроцентралата што ќе го наруши водоснабдувањето и ќе пресуши дел од реката.

„Станува збор за хидроцентрала која работи на принцип на цевковод. Значи, од одредена точка висинска се зафаќа водата, се става целата река во цевки и се води на одредена должина од 2-3 километри па и повеќе се до турбината каде треба да произведе струја. И тој простор од 3-4 километри, бидејќи реката не е права линија, ако цевките се 2 километри или нешто повеќе, а реката има своја патека што се издолжува, ние сметаме дека 3-4 километри од таа река трајно ќе остане сушна“, вели Анакиевски.

И тоа, според жителите не е најголем проблем.

„Во средината на тој цевковод се наоѓа нашиот зафат за вода од кој селото пие вода. И вие да градите хидроцентрала на такво место каде основно и неотповикливо право е водата да се користи прво за пиење... Лудост е да имаш концесија на место каде луѓето пијат вода со години“, додава Анакиевски.

Ѓорѓиев, како еден од концесионетите, пак, вели дека станува збор за потисен цевковод долг 1,9 километри, а не 3-4 километри како што велат жители на Блатец. Вели дека тие се повикуваат на „некои свои податоци“ што не се точни. Вели и дека како инвеститор се обврзале жителите да имаат обезбеден пристап со вода за пиење пред зафатот, со што водоснабдувањето нема да биде нарушено.

„Турбината се гради над зафатот за водата за наводнување. Беше 850 киловати, ние ја дигнавме и со тоа изгубивме, сега сме на 606 киловати. Лево и десно има по три притоки што ја дополнуваат водата. Водата за пиење доаѓа на средината едниот дел, бидејќи еднаш пијат од тука, друг пат пијат од друго место. Ние се обврзавме и тогаш и сега дека ќе направиме нов цевковод за нив и цевководот ќе го дигнеме над зафатот. Така, прво ќе има вода за пиење, а во хидроцентралата колку ќе има вода - толку. Значи, во лето не може да работи таа хидроцентрала затоа што и нема капацитет на вода“, вели Ѓорѓиев во разговорот за РСЕ.

Исто така, вели дека е подготвен да направи и десен канал, на трошок на хидроцентралата, за да не се загрозат полињата, кога ќе има вода.

Што се случувало со концесијата?

Фирмата „Енерџи лукс“ - Кочани во 2012 година склучила договор со тогашната Влада за концесија за мини - хидроцентрала на река Блатешница, со предвидена моќност од 606 киловати, со локација на водотекот на Блатешка река. Согласно законите, фирмата има решение за привремен статус на повластен производител на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија. Важењето на решението по автоматизам го продолжува Регулаторната комисија за енергетика, со анекс-договори и досега е продолжено десетина пати.

Владата, на својата 117 седница на 3 октомври 2025 ја разгледала информацијата за статусот на реализација на договорот за концесија на Блатечка река и на концесионерот му го продолжила рокот за продолжување со комерцијална работа до 7 март 2026 година.

На истата седница, Владата ѝ препорачува на општина Виница да постапи по решението на Вишиот управен суд од 2023 година и да ѝ овозможи на фирмата „Енерџи лукс“ да почне градежни активности на Блатешница.

Ова следува откако општина Виница уште во 2015 година го поништила одобрението за градба на „Енерџи лукс“, но второстепена комисија при Министерството за транспорт го укинала тоа решение. Општината поднела тужба пред Управниот суд, но тој ја одбил со образложение дека општина не може да тужи Министертво.

Пресудата ја потврдил и Вишиот управен суд.

„Значи за овие 10 години не сме престанале да одиме и да бараме начин како правнички нели да ја стопираме таа концесија и секогаш сме стигнувале до некаде каде што понатаму вешто ни се затвораат вратите. Остануваме и понатаму да се бориме во правниот дел за да истраеме до конечната одлука за одземање на концесијата - не само на концесионерот туку за трајно поништување на одлуката реката Блатешница да биде место каде што би можело да се гради. Ние немаме проблем со концесионерот. Кој и да е, дали ќе е тој што е сега или ќе дојде некој друг или трет, не дај Боже... ние имаме проблем со самата концесија, треба трајно да се поништи Блатечка река како локација за изградба на хидроцентрала“, вели Анакиевски.

Блатец е село со околу 1.100 жители, колку што останаа постојано да живеат во него по миграциите во други држави, особено во Италија.

Малите хидроцентрали како обновлив извор на енергија ги промовираше владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски и Али Ахмети од ДУИ уште во 2012 година. Според тогашните најави на Груевски, требаше да се изградат 400 мали хидроцентрали, во кои ќе се инвестираат 176 милиони евра и за нив беа одредени места секаде низ државата.

Против тогашната државна енергетска стратегија за изградба на нови хидроелектрани борба почнаа повеќе еколошки граѓански организации кои укажуваа на штетите по животната средина од изградбата на овие проекти, но и се јави отпор кај локалното население кое стравува за своите реки и за изворите на водата за пиење.


  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG