Повеќе од половина припадници на генерацијата З (Зет) ја гледаат својата иднина во матичните земји на Западен Балкан, покажало истражувањето на Фондациите Отворено општество - Западен Балкан спроведено меѓу мај и јуни 2025 година на над 6.000 припадници на генерацијата на возраст од 16 до 28 години.
Истражувањето ги мерело политичките ставови, грижите и надежите на оваа генерација во подем која живее во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и во Србија. Генерацијата З ја сочинуваат родените межу 1995 до 2010 година.
Притоа, 64,8 отсто испитаници одговориле дека иднината ја замислуваат во својата матична земја. Највисок е процентот во Црна Гора (74,5 отсто). Следуваат Косово (73,4 отсто), Албанија (69, 6 отсто), Србија (66 отсто), Северна Македонија (53, 3 отсто) и Босна и Херцеговина (со 52,9 отсто).
Нспроти нив, 23 отсто испитаници одговориле дека не ја замислуваат иднината во својата земја, а 12, 2 отсто одговориле дека не знаат.
Севкупно, истражувањето дало „убедливи податоци“ дека низ целиот регион генерацијата З верува во демократијата, ги цени изборите и ја поддржува европската иднина, информирана е за политиката и прагматична за институционалните реформи потребни за решавање на секојдневните проблеми, но сепак останува исклучена од формалната политика и само селективно се мобилизира за специфични прашања.
Поради тоа, здобивањето на нивната доверба и согласност е главниот предизвик за
националните и институциите на Европската унија.
Лура Положани, авторка на истражувањето, вели дека постојат неколку причини зошто поголемиот дел од генерацијата З на Западен Балкан ја гледаат иднината во сопствените земји.
„За генерацијата З семејството е многу важно, па не сакаат да бидат далеку од своите најблиски. Второ, им одговара начинот на живот што го имаат дома, што дополнително ги мотивира да останат. Конечно, тие се релативно оптимистична генерација, многумина веруваат дека нивниот живот ќе се подобри во следните пет години, па затоа имаат позитивен поглед кон иднината“, вели Положани.
Силна посветеност кон демократијата
Високи 79,7 отсто испитаници од генерацијата З на Западен Балкан веруваат дека демократијата е „најдобрата форма на владеење, или целосно или до одреден степен“. Ова е повисок процент од младите во Германија (71 отсто) и повисоко од просекот низ цела Европа (57 отсто).
На прашање „Што би направиле ако владата или лидерот на вашата земја утре незаконски преземат повеќе овластувања?“, 40 отсто испитаници во истражувањето одговориле дека ќе протестираат против владата или лидерот. Дека нема да им е грижа одговориле 21 отсто, поддршка ќе дадат 5, 7 отсто, а дека не знаат одговориле 17, 5 отсто.
Генерацијата З покажала одвоеност од формалната политика. Речиси половина, односно 48, 2 отсто испитаници сметаат дека немаат никакво влијание во формалната политика; 24,6 отсто одговориле дека дека имаат мало влијание, а 15,4 дека имаат умерено влијание врз политиката.
Загриженост за квалитетот на живот, поддршка за членство во ЕУ
Иако генерално е оптимист, генерацијата З на Западен Балкан е загрижена за квалитетот на живот, поголем дел од испитаниците смета дека нивните земји се многу загадени. Генерацијата З првенствено реагира на еколошките проблеми преку прилагодувања на индивидуалниот начин на живот.
Но, прва грижа на овие млади луѓе им е вработувањето, и тоа на 43 отсто испитаници во Албанија, на 42,6 отсто Северна Македонија и на 37, 6 отсто во Косово.
Помал е процентот на загриженост за вработување во БиХ, каде изнесува 35 отсто, во Србија е 31 отсто и во Црна Гора е 13, 5 отсто.
Висок процент, 76,2 отсто припадници на генерација З на Западен Балкан би ја поддржале вклучувањето на нивната земја во ЕУ, или го сметаат тоа за важно
(57,1 отсто) или се подготвени да го поддржат дури и ако не е неопходно (19,1 отсто).
Според истражувањето, поради нивната посветеност на демократијата и институционалните реформи, оваа генерација може да се смета за „генерација на ЕУ“. Но, нивната поддршка е условена, односно не сака членство во ЕУ по секоја
цена, т.е. без реформи или јасна визија за тоа што вклучувањето во ЕУ
значи за нивната иднина.
Притоа, 26,9 отсто испитаници очекуваат нивната земја да влезе во ЕУ до 2035 година. И покрај политичкото разочарување, 71,7 отсто очекуваат нивниот живот да
се подобри во следните пет години. Тоа, според истражувањето, одразува надеж и оптимизам, а не не одобрување на моменталните политички реалности или елити.