И по повеќе од две децении ветувања и потрошени стотици милиони евра јавни пари, Северна Македонија останува без функционална национална гасоводна мрежа. Природниот гас во моментов реално го користат само два града во земјава, од кои само еден има дистрибутивна мрежа. Најголемиот дел од магистралните гасоводи се изградени, но празни, додека во исто време Европската Унија забрзано ги напушта фосилните горива и инвестира во водород, што исто така е гас, а земјава бавно ги става во функција преносните гасоводни системи што одамна требаше да бидат основа на енергетската транзиција.
Единствено интерконективниот гасовод со Грција, кој во моментов е во изградба, е проектиран така што во иднина би можел да се прилагоди за транспорт на водород. Тоа дополнително го отвора прашањето дали Северна Македонија воопшто ќе може навреме да се откаже од фосилните горива до 2050 година, вклучително и природниот гас, како потписник на Парискиот договор за клима и другите меѓународни климатски обврски.
Многу финансиски средства се вложени во изминатите 11 години без да добиеме никаков ефект од истите, според Митко Андреевски - експерт за енергетика и гасификација. Тој за Радио Слободна Европа вели дека развојот на дистрибутивни гасоводни системи ќе одземе дополнителна деценија, додека истакнува дека државата во моментов нема јасна визија какви ќе бидат придобивките од нив.
„Според мене приоритет треба да биде ставањето во функција на веќе изградените магистрални гасоводни системи. Ние имаме индустриски капацитети кои може да се приклучат на преносниот систем кој е веќе изграден, но е надвор од функција. Пред сè мислам на индустриските зони во Штип, Неготино, Кавадарци, Прилеп и Битола како и делницата кон Тетово и Гостивар покрај кој поминува магистралниот гасовод. Во следна фаза се ТЕЦ Неготино и РЕК Битола“, вели Андреевски.
Две децении ветувања, два града со гас
Во моментов само 663 потрошувачи се приклучени на активните дистрибутивни мрежи на гас. Од нив 411 се во Струмица, 235 во Куманово, а само 17 индустриски корисници се приклучени на гас преку економската зона ТИРЗ Скопје, според податоците на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска рече дека последните седум години имало застој во развојот на дистрибутивната гасоводна мрежа, но дека моментално заедно со НОМАГАС прават нов акционен план за гасификацијата.
„Имаме сè на хартија и тоа треба да се реализира“, изјави Божиновска која презентираше годишен план за изградба на 67 енергетски објекти, главно фотонапонски центали, една ветерна електрана, но и когенеративна гасна централа со капацитет од 496 мегавати (MW) и инвестиција од над 445 милиони евра во Вардарскиот регион.
Иако уште во 2019 година беше најавено јавно-приватно партнерство за изградба и управување со дистрибутивната гасоводна мрежа, постапката беше поништена во август 2024 година. Државниот завод за ревизија во извештај од декември 2025 година, предупредува дека со ваквата одлука „идниот модел на гасификација на домаќинствата и бизнисите останува неизвесен“, оставајќи ја земјата без јасна стратегија како гасот да стигне до крајните корисници.
Божиновска денеска рече дека сè уште не е финализирана одлуката каков ќе биде моделот, но дека „се работи на тоа“.
Северна Македонија нема сопствени наоѓалишта на природен гас и целосно се потпира на увоз. Во моментов земјата се снабдува само преку цевководот од Бугарија, кој е дел од Меѓународниот коридор 8, кој минува низ Украина, Молдавија, Романија и Бугарија, со главен извор на гас од Русија.
Цевководот од Бугарија е преносен, а за приклучување на домаќинствата, индустријата и помалите бизниси неопходна е изградба на дистрибутивна мрежа. Разликата од преносната мрежа е што дистрибутивната работи на понизок притисок.
Во моментов, само во Куманово има дистрибутивна мрежа која е поврзана со преносниот систем на интерконекторот со Бугарија.
Во Струмица домаќинства што користат гас се приклучени на т.н. „виртуелен гасоводен систем“, бидејќи градот не е физички поврзан со преносната мрежа и се доставува компримиран.
Гасификација без гас
Но гас во градовите не доаѓа и покрај тоа што Државниот завоз за ревизија утврди дека во изминатите години биле вложени над 143 милиони евра јавни средства пари за изградба на три магистрални гасоводи, но дека тие сè уште не се ставени во употреба.
Ревизорите утврдиле сериозни системски слабости во работењето на АД НОМАГАС Скопје, државната компанија задолжена за пренос на природен гас.
Наведено е во ревизорскиот извештај дека стотици километри целосно изградена инфраструктура во периодот од 2016 до 2024 година не носи никаков енергетски или економски ефект.
Станува збор за сè уште неизградените магистрални гасоводи - делницата од Клечовци долга 61 километар (ЛОТ 1), 36 километци во Неготино со гасни станици во Штип и Неготино , преносниот гасовод од 92 километри Неготино/Кавадарци до Битола (ЛОТ 2) и гасоводот од 78 километри Скопје – Тетово – Гостивар (ЛОТ 5).
Андреевски вели дека инвестициите во дистрибуција на природен гас се долг процес и повратот на инвестицијата е минимум за 15-20 години и дека од тие причини лиценцата за овие проекти најчесто е во времетраење од 30 до 35 год.
„Придобивките од гасификација се неспорни, но начинот по кој таа ќе се развива мора да биде внимателен. Притоа треба да се има предвид дека ЕУ во својата визија за 2050 тотално го напушта природниот гас и го заменува со водород, кој исто така е гасовито гориво но потребни се различни инвестиции од најавените за природен гас. Таков е примерот на интерконекторот со Република Грција кој е во согласност со визијата на ЕУ за примена на водорот по истиот гасен коридор“, вели Андреевски.
Владините ветувања продолжуваат
Од Скопје кон Тетово и Гостивар поминува магистрален гасовод кој беше изграден пред неколку години, но низ него сè уште не тече гас, а во овие градови сè уште не е започната изградба на дистрибутивна мрежа. Набавени се цевки за изградба на дистрибутивна мрежа за пренос на природен гас-прстен Град Скопје како што наведуваат ревизорите, но реализација нема.
Во исто време, само неколку големи индустриски потрошувачи во Скопје, како фабриката Макстил и когенеративната електрана ТЕ-ТО се директно приклучени на гасниот систем и добиваат гас директно од преносниот гасовод од Бугарија. Големите индустриски потрошувачи можат директно да се приклучат на преносните системи и не им мрежа со помал притисок.
Ветувања за гасификација и претходно доаѓа од актуелната Влада. Министерката Божиновска неколку пати потенцираше дека енергетската инфраструктура, вклучувајќи и гасните интерконектори, треба да се гради со забрзано темпо за да ја зајакне енергетската сигурност на земјата. Таа неодамна го посочи и гасоводниот интерконектор со Србија како стратегиски и дека треба да се имплементира со забрзана динамика“.
„Гасовниот интерконектор со Србија е еден од најважните регионални инфраструктурни проекти што ќе овозможи вистинска енергетска стабилност и безбедност. Овој проект не е важен само за Северна Македонија и Србија - тој е значаен и за цела Европа“, рече Божиновска.
Премиерот Христијан Мицкоски во јануари годинава најави дека државата ќе преговара за инвестиција од околу една милијарда евра за гасификација. Тој рече дека инвестицијата ќе биде на енергетската компанијата „АКСА“ оваа есен но, и уште неколку проекти кои се разработуваат за гасната инфраструктура и когенеративните гасни централи.“
Ветувања за гасификација имаше од претнодната влада. Меѓу другите проекти, во 2021 тогашниот премиер Зоран Заев вети дека до 2026 првиот блок на најголемиот енергетски капацитет во земјата РЕК Битола ќе да биде заменет со когенеративна гасна електрана од 250 мегавати, која покрај електрична енергија ќе обезбедува и топлинска енергија за Битола.
Гасот е важен за конкурентни бизниси
Андреевски вели дека дефинитивно гасификацијата носи еколошки, економски и финансиски придобивки и дека невозможно е бизнисите користат нафта и мазут да бидат конкурентни со тие во соседството кои користат природен гас во својот процес.
„Вашиот производ едноставно нема да може да биде конкурентен. Воведувањето на CBAM дополнително ќе врши сериозен притисок кон сите секторни индустрии кој вршат извоз на своите производи во ЕУ да го прилагодат производниот процес со намалена емисија на CO2“, вели Андреевски.
CBAM (Carbon Border Adjustment Mechanism) е политика на ЕУ која воведува „цена на јаглерод“ за одредени увезени производи со висок јаглероден отпечаток, како челик, алуминиум, цемент, ѓубрива, водород и електрична енергија.
Ќе можат ли домаќинствата да користат гас?
Во однос на тоа дали е технички и економски изводливо да се спроведе гасификација и дистрибутивна мрежа во веќе изградени станбени и деловни објекти во главниот град Скопје и другите градови, особено со оглед на забрзаната урбана експанзија, Андреевски вели дека технички е изводливо и еколошки исплатливо, но за економските придобивки повторно вели дека е потребна визија или парадигма во кој правец ќе се движи државата во наредните децении.
„Пример: Скопје има топлификациски систем кој е искористен 40-50 проценти. Развојот на гасификација го конкурира веќе постоечкиот топлификационен систем и создава услови за негово запирање. Дали е тоа економски оправдано ?“, вели Андреевски.
Цената на гасот драматично порасна на светските берзи особено по руската инвазија врз Украина во 2022, иако цените потоа се стабилизираа.
Малопродажната цена за крајните корисници на гас во 2025 година е меѓу 56 и 60 евра за мегават час, според податоците на Државниот завод за статистика.
Тоа е значителна разлика од периодот кога просечната европска цена на природниот гас во 2022 година достигна екстремни 132 евра за мегават час, а во август 2022 цените на пазарот беа и до 236 евра за мегават час.
Истражување на граѓанската организација „Еко-свест“ во 2023 година, покажува дека интерес кај домаќинствата да се префрат на природен гас би имало само ако цената би се движела меѓу 65 и 90 евра за мегават час.
„Тоа значи дека проекциите за масовна гасификација се остварливи само доколку гасот остане значително поевтин од алтернативните горива“, се вели во истражувањето на „Еко свест“.