Достапни линкови

Енергетска транзиција со инвестиции во ископ на јаглен


Македонија - РЕК Битола. Владата набави нова механизација вредна 17 милиони евра за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола.

Можно ли е постигнување на „Зеленото сценарио“ од новата енергетска стратегија на државата? Според премиерот Заев тоа е приоритет за македонската Влада и процес кој веќе е во тек. Но, за еко-активистите е нејасно дали е можно таа цел да биде реализирана ако десулфуризацијата на РЕК „Битола“ биде направена дури за пет години.

Инвестиции за гасификација на земјата, изградба на ветерни паркови во Богданци и Миравци и фотонапонски централи на местото на РЕК „Осломеј“, реализација на капиталната инвестиција за хидроцентралата „Чебрен“.

Овие проекти, според премиерот Зоран Заев, се дел од процесот за енергетска транзиција на земјата. Но, тој најави дека истовремено ќе продолжи и ископот на јаглен за потребите на РЕК „Битола“, за што државата деновиве набавила нова механизација вредна 17 милиони евра.

Десулфуризација и декарбонизација на комбинатот се планира да биде направена во 2026 година, како што изјави Заев на заедничка прес-конференција со раководството на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

„Денешната прес-конференција е од голема важност во создавањето на одржлив развој за сегашните и идните генерации. Тоа подразбира имплементирање на зеленото сценарио како најприфатливо за развој на земјата, кое треба да обезбеди економски и еколошки бенефити“, рече Заев.

Претставници на граѓанските организации за заштита на животната средина го поздравуваат тоа што власта го афирмира Зеленото сценарио предвидено во новата Стратегија за развој на енергетиката за следните 20 години, но сепак посочуваат дека според кажаното на прес-конференцијата сѐ уште е нејасно е дали тоа ќе биде целосно реализирано.

Плановите на Владата, како што вели Заев, се во следните пет години да биде реализиран инвестициски циклус за земјата да биде „позелена“ и за зголемена ефикасност на енергетскиот сектор.

„Поконкретно, плановите се до 2026 година да биде заменет првиот блок на најголемиот енергетски капацитет во земјата РЕК „Битола“ кој работи на јаглен, со фотонапонска електрана. До 2026 година РЕК „Битола“ ќе го исклучи првиот блок кој работи на јаглен за да го замени со когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати, за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола“, рече Заев.

Тој додаде дека другите два блока на РЕК „Битола“ ќе бидат модернизирани до 2023 година преку „темелна“ реконструкција на електростатските филтри, а дека до 2026 година ќе биде направена целосна десулфуризација и декарбонизација за подобрување на еколошката прифатливост и задоволување на европските стандарди. Заев исто така рече дека ќе продолжи ископот на јаглен за потребите на РЕК „Битола“, поради што е склучен договор за набавка на опрема.

Рударско-енергетскиот комбинат „Битола“ е еден од најголемите загадувачи во земјата, но и во целиот регион кој повеќекратно ги надминува дозволените нивоа на емисии на сулфур диоксид и прашина, според извештаите на граѓанските организации за заштита на животната средина. Од работата на електраната Битола е еден од најзагадените градови, во услови кога земјата електричната енергија ја добива главно од термоелектраните на лигнит РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј.“

Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање на животната средина „Еко-свест“, вели дека ако во Зеленото сценарио на Енергетската стратегија пишува дека РЕК „Битола“ треба да биде затворен до 2028 година, тогаш според неа „малку се чудни“ најавените планови за реконструкција на комбинатот.

„Овие работи не се поддржуваат една со друга, едноставно не се во согласност. Сега сме збунети, не знаеме дали ќе се реализира Зеленото сценарио од Енергетската стратегија или ќе се реализира ама делумно“, вели Николовска.

Со новата Стратегија за енергетика Македонија во следните две децении планира да ги затвори сите термоелектрани на јаглен и да направи транзиција кон обновливи извори на енергија. Зеленото сценарио значи тоа да биде направено во најбрз рок.

Но, државата од „економски причини“ и за намалување на трошоците деновиве набави нова механизација за ископ на јаглен за потребите на РЕК Битола во вредност од 17 милиони евра.

Набавени се 36 парчиња механизација преку договори од пет фирми, бидејќи комбинатот досега употребуваше механизација од надворешни приватни фирми, за чии услуги за 14 години биле дадени 120 милиони евра, како што изјави директорот на РЕК „Битола“ Златко Ќурчиевски.

Јаглен за РЕК Битола
Јаглен за РЕК Битола

За енергетската транзиција во тек е проектот за трансформација на РЕК „Осломеј“ од производство на јаглен во капацитет кој ќе произведува од сонце, почната е изградбата на првата фотонапонска електрана, а останатите два се во тендерска процедура, како што изјави генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски.

Тој најави дека фотонапонски централи исто така ќе бидат изградени во близина на РЕК „Битола“, ХЕЦ „Тиквеш“, ХЕЦ „Маврово“, но и дека ќе биде проширено производството на ветер преку ветерните паркови „Богданци“ и „Миравци“.

„Сите активности мора да ги изведуваме паралелно и во ускладени фази и рокови за да може замената на еден извор на електрична енергија со друг почист и поприфатлив, да биде без загрозување на енергетската стабилност на државата“, вели Ковачевски.

Заев вели дека хидроелектраната „Чебрен“ е приоритет за која девет компании имаат интерес да изградат проект вреден меѓу 600 и 800 милиони евра со капацитет од 300 мегавати електрична енергија, но и дека е завршен првиот дел од постапката за инсталација на 100 мегаватната фотонапонска централа во некогашниот рудник за јаглен во ТЕЦ „Осломеј“.

За гасификацијата, тој наведува дека наскоро ќе има вкупно 372 километри гасовод, а дека во моментов „три делници“ се во градба. Наскоро треба да се гради интерконекторот со Грција вреден 54 милиони евра, во план е изградба на интерконектор со Косово и со Србија за транзит на гас преку земјата, вели тој.

Но, гасот е фосилно гориво исто како и јагленот и има емисии на стакленички гасови кои придонесуваат и во влошување на последиците од климатските промени, вели Николовска.

„Доколку навистина планираме енергетска транзиција треба тоа да го правиме повеќе како примерот на Шпанија каде се обидуваат да одат на 100 проценти обновливи извори на енергија - сонце и ветер и тоа успешно го спроведуваат, наместо повторно да се фокусираме на фосилно гориво од кое повторно ќе станеме зависни и ќе си ги заробиме инвестициите кои можеме да ги насочиме кон фотонапонски централи“, вели Николовска.

Важен чекор напред за енергетската транзиција е овозможување на граѓанска енергија, односно поставување на фотоволтаици на крововите на домаќинствата, а тоа „никаде не го слушнавме во обраќањето“, заклучува Николовска.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG