Достапни линкови

Зајакната соработка со Унгарија - утешна награда за бавната интеграција на Северна Македонија во ЕУ


Премиерите Виктор Орбан и Христијан Мицкоски во Будимпешта, 4 март 2025
Премиерите Виктор Орбан и Христијан Мицкоски во Будимпешта, 4 март 2025

За бавниот пат на Северна Македонија во Европската унија е одговорна ЕУ, смета унгарскиот премиер Орбан. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски се надева дека евроинтеграцијата ќе биде откочена со голема поддршка од Унгарија. Орбан најави и заедничка економска зона - Северна Македонија, Унгарија и Србија со огромен економски потенцијал.

Унгарија ќе ја зајакне соработката со Северна Македонија, што не е замена за главната цел - македонско членство во Европската Унија, објавија премиерите на двете држави, Виктор Орбан и Христијан Мицкоски по денешната заедничка седница на двете влади во Будимпешта.

Процесот на зачленување на Северна Македонија во Европската Унија трае премногу долго, а за тоа унгарскиот премиер Орбан смета дека се одговорни само членките на ЕУ.

„Не само што е срамно што овој процес толку бавно оди напред, а за тоа не е одговорна Северна Македонија, туку ние, членките на Европската унија. Затоа ние го поддржуваме залченувањето на Северна Македонија. ЕУ мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето“, рече Орбан.

Се разбира, рече Орбан , дека не е фер што европски лидери ја фаворизираат Украина пред Северна Македонија за придвижување на патот кон Унијата.

„Би можел да споменам и други држави од Западен Балкан кон кои не е фер она што го прави Брисел, но најгрдата работа се гледа во случајот на Северна Македонија. Премиерот Мицкоски кажа дека преговорите за зачленување во ЕУ сега се билатерализирани наместо Унијата да помогне во решавањето на овие недоразбирања“, изјави премиерот на Унгарија.

Според него, најголемиот морален долг на ЕУ сега постои кон Северна Македонија, но Унгарија треба да признае дека тоа европско однесување не може сама да го смени.

„Тоа што можеме да го направиме е што потесно да соработуваме со Македонија. Ова не е замена за интеграција, но може да се смета како утешна награда за изградба на еден заеднички регион со Србија и со Северна Македонија“, рече Орбан.

Мицкоски изрази надеж дека овој процес конечно ќе биде откочен за земјава, со голема поддршка од Унгарија.

„Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна, била, е и ќе остане наша стратешка цел. Но, исто така мораме да потенцираме дека тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата која беше пред 20 години, е навистина бесценета, односно цената е толку голема, што не може да се утврди, бидејќи пред се зборуваме за процесот на билатерализација на преговори, а не за европеизација на преговорите“, рече Мицкоски.

Северна Македонија и Унгарија во иднина ќе соработуваат уште потесно, при што се подготвуваат договори влада со влада во делот на инфраструктурата, воената соработка, образованието, културата и земјоделството. Премиерите Христијан Мицкоски и Виктор Орбан ова го објавија во Будимпешта каде на 3 и 4 март се одржа заедничка унгарско-македонска владина седница.

Поздравени преговорите меѓу САД и Русија за Украина

Во однос на војната во Украина, Орбан рече дека Унгарија останува на ставот дека војната треба да прекине.

“Три години живееме во сенката на војната. Ние ги поздравуваме преговорите меѓу САД и Русија и сме заинтересирани за успешен исход. Ние им се спротиставуваме на оние држави од Европската уинија, кои се наши пријатели и сојузници, но кои решија дека војната во Украина мора да продолжи. Продолжувањето на војната е лошо, погрешно и е грешка. Во четврток за тоа ќе зборуваме во Брисел“, рече Орбан.

Мицкоски кажа дека заедно ќе поттикнат Европа да заземе поинтензивна улога во процес на постигнување траен и одржлив мир во Украина преку партнерство и сојузништво со САД, „нешто што е и во полза на украинските пријатели, но и на самата Европа“.

Најавена меѓувладина економска спогодба

Орбан кажа дека Северна Македонија, Унгарија и Србија припаѓаат на иста економска регија, простор што може да биде заедничка економска зона која може да донесе огромен економски потенцијал. Но, бидејќи Северна Македонија и Србија се надвор од ЕУ, тоа единствено може да се премости со интензивни билатерални односи меѓу земјите.

Трговската размена меѓу Северна Македонија и Унгарија постојано расте и од 2010 година досега е седумпати зголемена, според Орбан.

„Имаме силна финансиска соработка, се подготвуваме да потпишеме и меѓувладина економска спогодба. Но покрај државата своја улога треба да има и приватна иницијатива и затоа ги охрабруваме бизнисмените од двете држави да учествуваат во изградбата на оваа еконоска соработка“, рече унгарскиот премиер.

Мицкоски рече дека со пари од Унгарија се градат училишта, патишта, булевари, градинки во земјава и дека практично со тие средства се модернизира државата. Но, идната соработка би била уште подлабока.

„Ќе ја разгледуваме можноста за договор на влада со влада во делот на инфраструктурата, воената соработка, образованието, културата, земјоделството“, рече Мицкоски.

Владиниот самит почна вчера со средбата на министрите за надворешна политика и трговија Тимчо Муцунски и Петер Сијарто. Двајцата министри се осврнаа и на конфликтот во Украина и обидите за негово решавање од новата аминистрација на САД и претседателот Доналд Трамп. Сијарто нагласи дека двете земји се за мир во Украина што го покажале со поддршката на Резолуцијата на САД во ОН.

На заедничката унгарско-македонска владина седница присуствуваше делегација од десетина министри кои одржаа повеќе билатерални средби.

Премиерот и владината делегација што ја предводи претпладнево беа пречекани на платото во кралскиот дворец од страна на Орбан. Делегацијата беше пречекана со интонирање на македонската и унгарската химна, со највисоки државни и воени почести. По тет-а-тет средбата на двајцата премиери, се одржа заедничка пленарна седница на двете влади.

Виктор Орбан беше првиот странски лидер што дојде во официјална посета на Македонија откако по парламентарните избори во мај 2024 власта ја презеде ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски. За време на оваа посета во септември 2024 во Охрид се одржа и прават заедничка седница на унгарската и македонската влада.

Инаку, Мицкоски и Орбан, го договорија унгарскиот кредит од 500 милиони евра на маргините на НАТО самитот во Вашингтон, во јули 2024 година. За унгарскиот заем, Собранието на 17 септември изгласа посебен Закон по што на 8 октомври во Будимпешта следуваше потпишување на договорот меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и претставници на унгарската Експорт-импорт банка. Половина од парите се за инфраструктурни проекти на општините, а половина за кредити за фирми.

XS
SM
MD
LG