Со дигитализација против корупцијата
Пред зградата на Управата за водење на матичните книги во Скопје, скоро секогаш има редици граѓани кои чекаат да добијат различни услуги: од вадење извод од матичната книга на родените, до закажување на термин за склучување брак или пријавување на новороденче.
Чекањето не секогаш е долго, но нервозата кај оние што трпеливо стојат во редот расте кога некои граѓани, со „помош“ на лични познанства со службениците успеваат да ги прескокнат редовите.
Сликата од редиците во зградата на Македонската радио телевизија (МРТВ) или пред полициските станици, се уште е свежа во меморијата на сите граѓани кои до неодамна мораа да ги променат своите лични документи. Граѓани сведочеа дека има одредени службеници кои „посредуваат“ во хаосот.
Ваквите слики ја засилуваат перцепцијата дека кога граѓаните доаѓаат во контакт со институциите, значително се зголемува ризикот од корупција.
Со најновите измени на Законот за електронски документи донесени на собраниската седница на 27 декември, граѓаните ќе може да си извадат, т.е. симнат и испечатат документи од електронска форма и притоа ќе им важат како оригинали, како да ги извадиле на шалтер.
Притоа, ќе се внимава на злоупотреби и фалсификати, преку кјуар (QR) код кој ќе биде на испечатениот лист, а кој ќе мора институциите, односно примателите на документот, задолжително да го скенираат.
Инаку, актуелниот министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави проект за дигитализација на личните документи, финансиран со грант од 1,2 милиони евра од Европската унија.
Овој проект, вели тој, предвидува развој на апликација која ќе обедини повеќе услуги за граѓаните и ќе содржи дигитални верзии на личната карта и возачката дозвола, со планирано воведување во 2025 година.
Северна Македонија заедно со останатите држави од Западен Балкан се обврза да ги исполни принципите од Дигиталната агенда – иницијатива на ЕУ, чија цел е граѓаните од регионот да ги искористат придобивките од дигиталната трансформација и со која треба да се модернизира јавната администрација, да се намали сивата економија и корупцијата и да се зголеми транспарентноста.
Битка против сивата економија и со дигитален денар
За дигиталниот денар, многу се заборува, малку се знае.
„Дигитален македонски денар - сега за сега тоа е само идеја, но ќе видиме како ќе се развива тоа во иднина. Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме први во регионот кој што ќе се обидеме вакво нешто да направиме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски лани во јули по средбата со Хауард Лутник кого претседателот на САД, Доналд Трамп планира да го постави за свој иден секретар за трговија.
Мицкоски на 5 декември изјави дека токму при посетата на Лутик дошле до идеја за дигитален македонски денар и дигитална банка.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во мај 2022 година најави дека Народната банка на Северна Македонија ја истражува можноста за воведување дигитална верзија на официјалната валута на земјата, македонскиот денар.
Народната банка на Северна Македонија ја истражува можноста за воведување дигитална верзија на официјалната валута на земјата, македонскиот денар.
Од Народна банка за РСЕ велат дека всушност дигиталниот денар, исто како и готовината, а тоа се книжните и кованите пари, ќе ги издава токму банката, со таа разлика што тој би бил достапен за граѓаните и компаниите во електронска форма. Целта меѓу другото е да се избегне готовинското плаќање кое носи ризици, велат од банката.
Дигиталниот денар би се чувал во дигитални паричници (e-wallets) кои можат да бидат поврзани со апликациите за мобилно банкарство на банките, но и да функционираат независно, преку други апликации.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека сепак целосната дигитализација на банкарскиот систем ќе се прави во неколку фази. Очекувањата се дека ќе заврши до крајот на мандатот на оваа Влада односно до 2028 година.
Економистите Павле Гацов, Александар Стојков и Зоран Јовановски за потребите на Стопанската комора изработија публикација во која се вели дека во дигиталниот денар се гледа можност за намалување на корупцијата и сивата економија.
„Дигиталната трага дефинитивно не се губи, зашто е во зоната на бинарните цифри и таа и по бришењето може да се врати. Поради ова, корумпираните политичари ќе мора да се збогуваат со паричното мито и со паричната корупција. И работодавачите не ќе можат без да остават трага да бараат од вработените да им се врати дел од платата или пак да им исплатат К-15 кои овие ќе го подигнат од банкомат и ќе им ги вратат парите назад“, се наведува во публикацијата „Сивиот дел од македонската економија“.
Македонски политичари новопечени ТикТокери
Политичарите ширум светот кои некогаш ја критикуваа социјалната платформа ТикТок (TikTok) сега и се придружуваат во обид да допрат до младите корисници.
На овој светски тренд се приклучија и македонските политичари. Тие на оваа платформа по изборите лани во мај и натаму секојдневно споделуваат кратки видеа со политички пораки, од средби со граѓани, од настани, каде што зборуваат за „сработеното“.
Дел од политички видео пораки достигаат и до десет илјади прегледи на платформата ТикТок, на која, според статистиките на ИТ експертите, се регистрирани околу сто илјади македонски корисници.
Најгледани им се оние малку видеа на кои се гледа како непосредно разговараат со граѓани на пазар или во спортска сала, каде што ја покажуваат својата несекојдневна слика за себе, надвор од онаа во костум од говорницата во Собрание или на прес-конференции. Неформалниот и пријателски тон на ТикТок им овозможува на политичарите да се приближат до младите избирачи и да изградат поблиска врска со нив.
Но, ТикТок е под зголемена контрола на западните регулаторни тела поради стравувањата дека корисничките податоци од апликацијата, во сопственост на компанијата со седиште во Пекинг (ByteDance), би можеле да завршат во рацете на кинеската влада.
„Сериозни анализи и истражувањата покажуваат дека се шири странско влијание преку оваа мрежа и не случајно се преземаат такви мерки и активности. Индиции и одредни докази за тоа има и затоа не случајно во одредени европски па и американски држави е забранета употреба на апликацијата на ТикТок на службени електронски уреди“, додава Кордалов.
Последен скандал кој ја разбранува европската јавност беа изборите за претседател во Романија. Декласифицирани документи на 4 декември покажаа дека земјата била цел на „агресивна хибридна руска акција“ за време на ноемвриските изборни кампањи, вклучително и на неочекуваната победа на прорускиот кандидат на екстремната десница на првиот круг од изборите во Романија.
Калин Георгеску, малку познат политичар од екстремната десница во Романија, го искористи Тик-Ток за да ги шири своите антиевропски и анти-НАТО пораки и да победи во првиот круг од претседателските избори во Романија.
Според декласифицираните документи, околу 25 000 профили на Тик-Ток, наводно користени за зголемување на популарноста на Георгеску, „станале многу активни две недели пред датумот на изборите“.
Хуманост, без пропаганда на социјални мрежи
Во домовите на Домница и Елпиники од Крушево живеат деца со попреченост. Велат дека ги сакаат како свои иако не ги родиле. Нивните, се едни од дваесетина згрижувачки семејства во градот.
Во целата држава има околу 360, а бројот последниве години расте. Има предизвици, но ниту еден не е поголем од љубовта која дава сила сѐ да се надмине, порачуваат згрижувачките кои освен своите домови ги отворија и своите срца.
Младите во видео приказните на РСЕ - преку сите пречки до сонот
Кога некој вистински сака да го оствари сонот, не постои пречка која не може да се надмине, порачаа младите пред објективот на Радио Слободна Европа.
Погледнете дел од нивните приказни кои низ видео ги раскажавме во 2024 година.
Живеат во Струмица, копнеат за Киев и за мир
Свирејќи ја украинска химна на својата виолина, основката Лиудмила Лохатска се сеќава на родната земја. Руската инвазија ги „преселила“ неа и нејзината мајка Вира, од Киев во Струмица.
Велат, благодарни се за мирот и спокојот кој го имаат сега, но сонуваат и за спокој и мир во Украина, како некогаш.
*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org