Достапни линкови

Холандија стави во мирување проект со Судскиот совет поради скандалите


Илустрација : правда
Илустрација : правда

Сериозни критики за правосудниот систем упати холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во неделното интервју на РСЕ. Според него, Судскиот совет во земјава стана нелегитимно тело.

Холандија стави „во мирување “ голем проект со Судскиот совет. Станува збор за проект за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспрарентноста на Судскиот совет кој старувал во 2020 година а треба да заврши во 2024 година. Ова за Радио Слободна Европа го открива холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп кој остро ги критикуваше последните случувања во Советот, кој избира и назначува судии и чија задача е да ја гарантира независноста на судската власт.

Тонењето на високо профилните случаи на поранешното специјално обвинителство и последните случувања во Судскиот совет кои го направија нелегитимно ова тело, се причините за таквата одлука, вели во интервју за Радио Слободна Европа холандскиот амбасадор, Коп. Тоа за него е сериозен проблем и болно е за гледање.

За пет месеци во Судскиот совет се сменија двете претседателки во тензична атмосфера. И двете претседателки Павлина Црвенковска и Весна Дамева заминаа од функцијата со тешки обвинувања. Дамева за политички влијанија, а Црвенковска даде оставка и обвини за делување на судска- бизнис елита.

Новиот претседател Сашко Георгиев беше избран на „колегиум“ по десетдневно „натегање “ околу процедурите за разрешување на претходниот. Дамева по разрешувањето поднесе и тужба до Управниот суд за нејзиното, како што вели, незаконско разрешување. По овие случувања Обвинителството набрзо отвори предмет за коруптивно однесување на двајца судии , еден од Врховен суд, другиот од Апелација.

Претходно во текот на еден месец Апелација ги укина двете пресуди за најголемата афера за прислушување, „Таргет - Тврдина“ и „Трезор“, со што предметите се вратија на повторно судење.

Коп: Политичко влијание во сите судови

Амбасадорот Коп додава дека по двегодишното напредување во правосудниот систем, сега е очигледно влошувањето на функционирањето на системот.

„Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители. Гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго и дозволете да ве потсетам дека во февруари 2020 година, кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување и тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно“, вели амбасадорот.

Според него овие проблеми во правосудниот систем ќе бидат главна тема во отворањето на првиот кластер од преговорите со ЕУ, поглавјето „правосудство и темелни права“, за кое додава дека последно се затвора и ќе остане во целиот процес- прашање од висока важност.

Ова се само последните критики за судството и корупцијата која останува неказнета, а доаѓаат од меѓународните партнери на Северна Македонија.

Разочараност во ЕУ заради застарувањето на случаите со прислушување

Евроамбасародот Дејвид Гир минатиот месец изјави дека е разочарувачки како се спроведуваат реформите во областа на владеење на правото и борбата против корупцијата. Според него многу малку е постигнато во исполнувањето на препораките на Европската комисија во борбата против корупцијата, но најзгрижувачки што се дозволува да застарат случаи за најголемите афери.

„Темелно спроведување на антикорупциската рамка е исто така важна. Консолидацијата на досието за проактивно истражување, гонење и конечни пресуди во борбата против корупцијата на сите нивоа и против сериозниот и организиран криминал мора да биде клучна цел на земјата на нејзиниот европски пат, особено сега кога некои важни судски предмети се соочуваат со застарување“, рече во април евроамбасадорот Гир.

Се чека црната листа на САД

Во изминатиов месец силни критики за правосудниот систем дојдоа и од американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер, која посочи дека САД се надева дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кои се неговите раководители. Се очекува американските власти да објават и црна листа со санкции за корумпирани македонски функционери.

Последниот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент нотира сериозна корупција во власта и отсуство на судска независност. Извештајот укажува дека Владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност.

„Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото“, се наведува во извештајот.

Стотина жалби за судии, обично поминуваат само со опомени

Недостигот на интегритет при избор на клучни фигури во судството и неефикасното водење на тековните случаи против корупција ги поткопува напорите во вистинска насока на властите во Северна Македонија кои отвораат нови случаи на корупција, беше наведено и во Индексот на перцепција на корупцијата што годишно го изготвува Транспаренси интернешенал во јануари годинава.

Судскиот совет има задача да ја утврдува одговорноста на судиите, но бројките покажуваат дека тоа ретко се случува.

Во текот на минатата година Советот добил 84 барања за утврдување на одговорност на 144 судии, покажува годишниот извештај доставен до Собранието. Во него е посочено дека Судскиот совет отфрлил 72 од нив, за 8 ја запрел постапката, а другите биле повлечени. Според извештајот, Советот донел само 4 одлуки за дисциплински постапки со кои на двајца судии им е намалена платата за 30 и 15 отсто, а двајца судии поминале со писмена опомена. Во 2022 година од работа се отпуштени тројца судии поради нестручно работење, за постапки кои биле покренати во претходни години.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG