Достапни линкови

Сообраќајната (не)култура предизвикува хаос во Скопје


илустрација
илустрација

Сообраќајна некултура, непочитување на прописите, неправилно паркирање и недостиг на полицајци се дел од сообраќајниот хаос во Скопје. Од МВР велат дека едуцираат и казнуваат, но дека свеста кај граѓаните тешко се менува.

Нервозни возачи, свирење, несоодветна брзина за возење, поминување на жолто па дури и на црвено светло на семафорот е сликата која се почесто може да се забележи низ улиците на главниот град. Пешаците ретко се пропуштаат на пешачки премин, мотори возат на пешачки, иако не смеат, тротоарите се узурпирани од непрописно паркирани возила.

Граѓаните се жалат на ниската сообраќајна култура во градот.

„Свеста е за никаде, поминуваат на пешачки, поминуваат на црвено и на жолто, зборуваат на телефон додека возат“, вели Миле, студент од Скопје.

“Луѓето ја немаат потребната свест, возачите не почитуваат правила, гледаат црвено и поминуваат“, вели Сафет од Скопје.

Повеќе за мислењата на граѓаните од видео прилогот:

Сообраќајна некултура во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:30 0:00

Не им е лесно ниту на велосипедистите.

„Бидејќи сум релативно нов велосипедист мое лично мислење е дека не се почитуваат сообраќајните правила во целост. Луѓето немаат осет на пример од која страна би требало да се вози, значи возат по погрешна страна. Мое лично мислење е дека имаме уште да учиме во однос на сообраќајната култура“, вели Рената, жителка на Скопје.

Но, дел од анкетираните граѓани сметаат дека проблем е недостигот на сообраќајни полицајци на терен, бидејќи според нив така може да се воспостави поголема контрола. Граѓаните велат дека тензијата и нервозата во превозот само ќе расте, ако не се зголеми бројот на сообраќајни полицајци особено на пофреквентните места.

„Според мене би било пожелно полицијата да земе помасовно учество во однос на секаква општа култура, а не само во сообраќајот“, вели еден од анкетираните граѓани.

Од МВР негираат дека има недостиг на сообраќајни полицајци. Ги има во доволен број и тие се постојано на терен, велат од министерството и посочуваат дека континуирано се работи на подигнување на сообраќајната свест кај сите учесници во сообраќајот.

„МВР е една од институциите која придонесува за намалување на несреќите и тоа го прави преку репресивни но и преку превентивни мерки заедно со невладините организации со кои правиме заеднички кампањи. И тоа што го правиме во однос на казнувањето, не е целта да им се земат парите на граѓаните, целта е да се казни за да се подигне свеста да не се прават прекршоци и да не се загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот“, вели Тони Анѓеловски, портпарол на МВР.

Но, мислењата за тоа дали сообраќајната свест ќе се зголеми ако има построги казни, се поделени.

„Тоа е релативно, не значи дека ќе се исплашат или нешто ќе се смени ако има казни...“

„Прво удри го по џеб, па да видиш друг пат дали другпат ќе претрча или ќе вози...“... велат граѓаните што ги анкетиравме.

Дека во сообраќајот има голем прекршоци потврдуваат и од полицијата. Непочитување на брзина и на првенство, како и конзимирање алкохол се прекршоци кои полицијата најчесто ги казанува, но има непочитување на правилата и од пешаци.

Во првите шест месеци од годината полицијата казнила 10 666 лица поради сообраќајни прекршоци, што е помала во однос на истиот период лани, а се должи и поради полицискиот час во периодот на пандемија. Сепак, бројката не е драстично помала, и е доказ дека полицајците се постојано присутни на терен, додава Анѓеловски.

„Ние веќе во наредните денови подготвуваме акциски контроли и позасилено присуство на полицијата на улиците и патиштата за да се санкционираат сите оние кои ги прекршуваат сообраќајните прописи“, вели Анѓеловски.

Како резултат на мерките на полицијата Ангеловски вели дека се намалува бројот на несреќи со жртви во споредба со другите години. Во насока на поголема контрола, МВР најавува нов проект кој вклучува поставување на камери на сите раскрсници во градовите и на автопатите, со цел зголемување на безбедноста на сообраќајците, но и исклучување на каква било можност за манипулација. Подготовките се во тек и во иднина треба да се реализира.

Сепак според граѓаните полициските акции се повремени. Како примери посочуваат одредени населби како кај пластичарската улица или на Бит Пазар и во Чаир, каде што поради непрописно паркирање на автомобилите на улица се закочуваат цели сообраќајни ленти. Луѓето кои живеат во овие делови на градот велат дека акциите на отстранување на непрописно паркираните возила треба да имаат континуитет и да бидат секојдневни.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG