Достапни линкови

Aлармантни гледишта за сексуалното злоставување во Црна Гора


56 проценти од жените во Црна Гора веруваат дека сексуалното насилство се случува често

Експертите ги оценуваат ставовите на црногорските граѓани за сексуалното насилство врз девојчиња и жени како алармантни. Тие веруваат дека е можен некаков напредок преку економско зајакнување и независност на жените. Лела Шќепановиќ

Речиси половина од мажите во Црна Гора мислат дека жените на работа уживаат во сексуалното внимание на нивните колеги мажи, а една третина од мажите тврдат дека жените понекогаш измислуваат сексуално насилство со цел да изнудат пари од нивниот работодавец.

Ова се резултатите од истражувањето од 8 октомври, кое невладината организација „Безбедна женска куќа“ ги оцени како „алармантни“. Повеќе од една четвртина од испитаниците веруваат дека жртвите на силување се всушност жени кои сакале сексуален однос, но потоа „се предомислиле“.

Обвинувања за силувања во Србија и соочувањето со вистината

Една четвртина веруваат дека жените кои велат дека доживеале сексуално насилство измислуваат или претеруваат со наводи за злоупотреба или силување. Петина од мажите мислат дека жената дури и кога вели „НЕ“ всушност тоа значи „ДА“. Една четвртина од мажите веруваат дека брачно силување не постои. Ако жената е силувана, речиси една петтина од анкетираните веруваат дека таа направила нешто што довело до тоа.

Што ги одредува таквите ставови?

„Повеќето наоди од истражувањето се само врв на ледениот брег“, вели за Радио Слободна Европа психологот Радоје Церовиќ, додавајќи: „Тој врв му припаѓа на општиот културен амбиент и начин на размислување, кој длабоко и неразделно ѝ припаѓа на културата на Црна Гора, во овој момент“.

Професорката на Филозофскиот факултет во Никшиќ, социологот Билјана Масловариќ, е згрозена од ставовите од истражувањето. „Тука е извонредно видливо наученото однесување. Преживува благодарение на погрешното образование и искривениот циклус на социјализација, и секојдневно е поддржано со искуства на супериорност, кои изгледаат бенигни за таа доминантна група", вели Масловариќ.

Терминот бенигни, објаснува таа, се однесува на фактот дека тие не се свесни за проблематичната природа на нивните ставови за жените.

„Оваа започнува во раната возраст, со пристрасни и неточни информации добиени дома, во училиште, во институциите, преку религијата, преку медиумите, каде што правото на нешто станува нормално, очекувано за општествениот поредок. Се стекнува по раѓање, тоа е вашата матрица, мажите се однесуваат вака, а жените вака“, додава Масловариќ, наведувајќи:

„И таквата доминација е нормална за нив во секој вид на врска. И подредената група, во овој случај е јасно дека се жени, систематски се осудува, понижува, експлоатира или малтретира од членовите на доминантната група, односно онаа која има моќ во општеството. Додека митовите штитат и даваат моќ на доминантната група, подредената група останува немоќна во збунета состојба на сопствена подреденост“.

Каде е коренот на проблемот?

Психологот Церовиќ објаснува дека таквите ставови на мажите не доаѓаат од „она што нашите родители ни го кажале“, како што често се поедноставува и се верува. Според Церовиќ, ова се веќе многу длабоки психолошки состојби, кои потекнуваат од она што поединецот го видел и доживеал во семејството.

Радоје Церовиќ, психолог, Комуникациски стратегии
Радоје Церовиќ, психолог, Комуникациски стратегии

„Она што станува дел од нас е културниот модел што го гледаме и сме опкружени со него. Како што се: односот помеѓу родителите, односот на мајката кон себе, односот на таткото кон мајката и односот на таткото кон себе“, рече Церовиќ.

Според Масловариќ, причините за ваквите ставови на мажите се во образовниот систем, делумно во традицијата, семејството, културата, институциите, јазикот и однесувањето на поединците. Таа проценува дека резултатите од истражувањето се производ на свеста на некои мажи, кои на жените гледаат исклучиво како објект, а не како активен член на општеството.

За тоа придонесуваат и централизираните и хипербирократските институции кои се бариера за економската и политичката моќ на жените. Освен полот, Масловариќ гледа и неколку други сегменти на дискриминација.

„На пример, зборуваме за возраста. Потоа зборуваме за физичките способности, се прави дискриминација во општеството на луѓе кои имаат одредени физички тешкотии; верски убедувања, сексуални ориентации“, вели Масловариќ.

Од страв, жените жртви обично не пријавуваат насилство. Жените, пак, како што покажува истражувањето, сметаат дека сексуалното насилство е многу важен проблем.

Дури 56 проценти од жените веруваат дека сексуалното насилство се случува често, а секое трета на возраст од 18 до 34 години верува дека е изложена на ризик од овој вид насилство. Како најчеста причина, тие наведуваат: „живееме во насилно општество“.

Во Црна Гора селективни абортуси за повеќе машки деца

Речиси 80 проценти од испитаниците веруваат дека казните за сторителите на сексуално насилство во Црна Гора се премногу благи. „Најчестите причини за непријавување на сексуалното насилство се стравот и срамот од јавноста, недостатокот на доверба во институциите, патријархалното воспитување и традиција“, се наведува во истражувањето.

Промената на ставовите е долг процес

Според Масловариќ, решението лежи во промена на ставовите на поединците што е долг процес. Церовиќ вели дека за да се сменат вкоренетите ставови, важно е да се разбере оти културната трансформација е долгорочен процес, кој вклучува и мажи и жени.

„Имено, и двете страни се носители на тој трансгенерациски пренос на културните обрасци за кои зборуваме. Мајките, во значителна мерка, го пренесуваат трансгенерацискиот културен модел", посочува Церовиќ.

„Жените за жените“ - уметнички потраги по родовата рамноправност

Таа, како и Масловариќ, решението го гледа во економското зајакнување на жените. „Моментот кога жената не зависи од преживување или одгледување потомство од никого. Тогаш ги ставаме работите на егалитарна основа. Верувам дека еманципацијата на жените оди, многу значајно, преку економска еманципација", заклучува Церовиќ.

Анкетата на јавното мислење за перцепцијата на сексуалното насилство врз девојчињата и жените во Црна Гора беше спроведена на репрезентативен примерок од 800 испитаници на возраст од 18 до 65 години. Црна Гора во 2011 ја потпиша Истанбулската конвенција, првиот европски и најдалекусежен меѓународен договор за борба против насилството врз жените и семејното насилство.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG