Не ви се плашиме, дојдовме за повисоки плати и ќе дојдеме пак, рече Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) обраќајќи се пред Работничкиот дом во Скопје од каде ССМ го почна протестот за 600 евра минимална плата и по 6.000 денари зголемување на сите останати плати.
Работниците организирани во ССМ на улица протестираат од јануари откако не постигнаа договор со работодавачите и со Владата за зголемување на минималната плата во Северна Македонија која е меѓу најниските во регионот (понизок минималец има само Косово, 384 евра).
Минималната плата во моментов во Северна Македонија е 24.379 денари. Со законското усогласување во март ќе се зголеми за 1.667 денари и ќе изнесува околу 26.000 денари.
„Покажавме и дека 21 човек на улица вршат работа да прават нервоза кај газдите. Покажавме дека можеме и многу повеќе. Денес им покажуваме дека можеме и највеќе затоа што без работници нема држава, а нема ниту власт“, рече Трендафилов.
Тој кажа дека работници биле спречени да дојдат на протестот поради закани дека ќе ги изгубат работните места.
Од Работничкиот дом, протестот продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и пред Владата.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Иван Пешевски, пред Стопанската комора упати критика до работодавачите и институциите дека се повикуваат на поддршка на работниците, а од друга страна ги намалуваат платите.
„Тука сме да покажеме дека нема бегање од покачување на платите. Платите мора да пораснат за младите да останат. Тоа е мотото кое ќе не води додека не ја постигнеме целта“, рече Пешевски.
Според податоците на Управата за јавни приходи, на кои се повикува синдикатот, околу 160.000 работници примаат плата под прагот на сиромаштија.
Според ССМ, законското усогласување од 1.667 денари не го покрива ни растот на трошоците на живот, затоа што вредноста на синдикалната минимална кошничка се зголемила за 2.000 денари во последните два месеци.
„Сметаме дека во месец март мора да се зголеми минималната плата, затоа што тие не ја даваат, туку затоа што ние како работници ја заработуваме и затоа што им заработуваме многу повеќе од тоа што тие не плаќаат“, кажа Трендафилов.
За СДСМ, Мицкоски ги изневерил Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ виде „заедничка парада“ на ССМ и СДС
Опозицискиот Социјадемократски сојуз на Македонија (СДСМ) оцени дека премиерот Христијан Мицкоски ги изневерил, ги излажал и ги понижил работниците.
„Ве нарекува хистерични затоа што барате минимална плата од 600 евра. Додека тој носи часовници од 150 минимални плати. Уште вели дека можеле работниците и без одмор, следно ќе каже може и без да јадат“, рече Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ на прес конференција на 14 март.
СДСМ до Собранието поднесе предлог-закон за минимална плата од 600 евра, но предлогот не доби поддршка од пратениците од власта.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, соопштија дека „денешниот протест покажа дека е само една заедничка парада на СДС и ССМ со која ги лажат работниците дека се залагаат за повисоки плати“.
„Во текот на денешниот протест низ улиците се гледаат лица со промотивен материјал и обележја на СДС, лица кои носат маици со натпис СДС. Оова не е борба за работнички права на Синдикатот“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, „ова е доказ и на нашите информации според кои луѓе се носени за протести и од други градови, а истите се организирани од локални штабови на СДС“.
На маса не се постигна договор
Синдикатот од минатата година бараше минимална плата од по 500 евра, но ни за тоа не доби поддршка ни од работодавачите ни од Владата.
Затоа, ССМ најави протест после 20 јануари. Целта е да се подобри животниот стандард на граѓаните, да се изедначат платите со регионалните минимални приходи кои растат и да се спречи одливот на работници, велат од Синдикатот.
Премиерот Мицкоски и Владата неколку пати посочија дека за барањата на работниците е потребно да се постигне договор помеѓу нив и работодавачите.
„Посочуваме дека најавите за штрајк се демократско право, но воедно потсетуваме дека Владата прв пат води конструктивен социјален дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет, каде сите прашања се дискутираат јавно и транспарентно, во интерес на сите засегнати страни, со цел обезбедување на подобар животен стандард. Владата континуирано гради инклузивен дијалог со сите засегнати страни, вклучително работниците и бизнис-секторот, со цел изнаоѓање одржливи решенија кои ќе придонесат за подобрување на животниот стандард“, одговорија од Владата за РСЕ кога Синдикатот ги најави протестите.
Економско-социјален совет е советодавно тело на Владата, кое треба да овозможи тристрана соработка меѓу Владата, синдикатите и работодавачите за решавање на економските и социјалните прашања и проблеми.