Достапни линкови

Вести

Протест на ССМ пред Владата: Исполнување на барањата или генерален штрајк

илустрација
илустрација

Сојузот на синдикати денеска, 17 февруари ја реализираше последната од три блокади пред одредени институции. Пред Владата денеска побараа да предложи измени на Законот за минимална плата со кои ќе се зголеми минималната плата на 600 евра и сите останати плати за 100 евра.

Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, од протестот пред Владата порача дека работниците нема да отстапат од своите барања и дека синдикалната борба ќе продолжи сè додека не се обезбеди достоинствен животен стандард.

Според него, барањата на синдикатот не се политички, туку егзистенцијални и произлегуваат од потребата за фер плати и подобри услови за работа.

„Ако до крајот на февруари не се договорат и не разговараат за зголемување на минималната и на сите останати плати, следува генерален штрајк, со генерален работнички протест во неработно време, на кој ќе бидат повикани сите работници. Ќе обезбедиме превоз, за да нема изговор. Тоа ќе биде во првата половина на март, затоа што март е месецот кога треба да се утврди висината на минималната плата“, изјави Трендафилов.

Овој протест следуваше по неодамнешните протести пред Собранието и стопанските комори, каде што исто така беа повторени барањата на работниците.

Доколку не се исполнат барањата на ССМ, во март ќе се изврши усогласување на минималната плата, кое според пресметките, ќе изнесува од 1500 до 1700 денари што работниците ќе го земат во априлската плата.

ССМ останува на барањата за зголемување на платите со образложение дека растат животните трошоци и вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка која во јануари во споредба со декември е зголемена за речиси илјада денари.

Пресметките на ССМ покажуваат дека во јануари вредноста на синдикалната кошничка изнесувала 66.413 денари.

види ги сите денешни вести

ЕУ бара од Украина да го поправи нафтоводот „Дружба“ што ги снабдува Унгарија и Словачка со руска нафта

Нафтовод „Дружба“, архивска фотографија
Нафтовод „Дружба“, архивска фотографија

Брисел е во контакт со Украина во врска со нафтоводот „Дружба“, кој е оштетен од крајот на јануари, што го спречи протокот на руска нафта кон Унгарија и Словачка, потврди портпаролката на Европската комисија(ЕК).

„Во контакт сме со Украина во врска со временската рамка за поправка на нафтоводот „Дружба“ и колку брзо би можел да се врати во употреба“, изјави Ана-Каиса Итконен за новинарите во Брисел, додавајќи дека ЕК е подготвена да свика итна координативна група со релевантните страни за да разговара за алтернативни патишта за снабдување со гориво.

Итконен додаде дека „нема краткорочни ризици за безбедноста на снабдувањето во Унгарија и Словачка“, бидејќи тие земји имаат залихи за 90 дена.

Прекинот на протокот на руска нафта преку нафтоводот предизвика тензии меѓу Украина и земјите-членки на Европската унија, Унгарија и Словачка.

Додека Киев тврдеше дека руски напад со беспилотни летала е одговорен за прекинот на снабдувањето што почна на 27 јануари, словачкиот премиер Роберт Фицо на 15 февруари изјави дека Украина го одложува рестартирањето на протокот на нафта за да изврши притисок врз Унгарија да го повлече ветото врз идното членство на Украина во Европската унија.

Фицо го нарече тоа „политичка уцена“.

Иако Европската унија воведе забрана за увоз на руска нафта преку цевководи поради војната на Русија во Украина, континенталните земји без излез на море - Унгарија и Словачка - обезбедија исклучоци од тие санкции.

На 16 февруари, Унгарија, исто така, изрази желба да го искористи привременото ослободување за увоз на руска сурова нафта по море преку Хрватска, користејќи го Јадранскиот цевковод.

„Бараме од Хрватска да го олесни транспортот на руска нафта до Унгарија и Словачка преку Јадранскиот цевковод, бидејќи нашето ослободување од санкциите овозможува увоз на руска нафта по море во случај на прекин на снабдувањето преку цевководот“, напиша унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто на мрежата Икс.

Хрватскиот министер за економија Анте Шушњар изјави дека Загреб ќе може да помогне, пишувајќи на Икс дека „Хрватска нема да дозволи снабдувањето со гориво во Централна Европа да биде загрозено. Ние сме подготвени да помогнеме во решавањето на сегашното нарушување“.

Сепак, во истиот пост, тој ги критикуваше Будимпешта и Братислава за тоа што досега не успеаја да ги диверзифицираат своите извори на енергија.

„Јадранскиот гасовод е подготвен, така што повеќе нема технички изговори за останување врзан за руска нафта во која било земја од ЕУ. Барел купен од Русија може да им изгледа поевтино на некои, но помага во финансирањето на војната и нападите врз украинскиот народ. Време е да се запре профитирањето од војната“, напиша Сијарто на мрежата Икс.

Во извештај објавен на 16 февруари, Центарот за проучување на демократијата(ЦСД), истражувачки институт од Бугарија, исто така изјави дека на Унгарија не ѝ е потребна руска нафта бидејќи други извори се лесно достапни.

„Нема технички или економски причини за продолжување на ослободувањето од санкции за руската нафта во Централна Европа. Континуираната зависност на Унгарија е политичка одлука што го ослабува единството на ЕУ и го поткопува кредибилитетот на санкциите. Постепеното укинување на руската сурова нафта до крајот на 2026 година е можно и неопходно за долгорочната енергетска безбедност на Европа“, рече Мартин Владимиров, директор на програмата за енергија и клима на ЦСД.

Синиша Каран положи заклетва и стана претседател на Република Српска

БиХ - Синиша Каран(лево) и Милорад Додик(десно) на прослава на победата на предвремените претседателски избори, Бања Лука, 23 ноември 2025 година.
БиХ - Синиша Каран(лево) и Милорад Додик(десно) на прослава на победата на предвремените претседателски избори, Бања Лука, 23 ноември 2025 година.

Новоизбраниот претседател на Република Српска, Синиша Каран, положи заклетва на 17 февруари во Народното собрание на овој ентитет на Босна и Херцеговина (БиХ), официјално преземајќи ја функцијата.

На 13 февруари, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина официјално потврди дека Каран, член на Сојузот на независни социјалдемократи, партијата на Милорад Додик, победил на предвремените избори за претседател на Република Српска.

Тој ќе биде на функцијата до следните општи избори во БиХ, кои се закажани за октомври оваа година.

Каран беше избран на предвремените избори одржани на 23 ноември 2024 година.

Сепак, тој мораше да почека за да ја преземе функцијата, бидејќи изборите беа повторени на 136 избирачки места поради откриени злоупотреби.

Вклучувајќи ги резултатите од повторените избори одржани на 8 февруари, Каран освои вкупно 50,5 проценти од гласовите, додека неговиот главен противник, Бранко Блануша од опозициската Српска демократска партија, освои 48,1 отсто од вкупниот број на гласачи.

Изборите во Република Српска беа распишани откако на Милорад Додик му беше одземен претседателскиот мандат во август 2025 година, по пресуда за непочитување на одлуките на Високиот претставник.

Во меѓувреме, вршител на должноста претседател беше Ана Тришиќ Бабиќ, долгогодишна советничка на Додик.

Синиша Каран (63) е доктор по правни науки од Бања Лука, кој во последните неколку години беше министер за внатрешни работи на Република Српска, а поголемиот дел од својата кариера го помина како полицаец.

Мицкоски-Варнс: Јакнење на односите меѓу Северна Македонија и САД

Премиерот Христијан Мицкоски и вршителката на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Никол Варнс, Скопје, 17 февруари 2026 година
Премиерот Христијан Мицкоски и вршителката на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Никол Варнс, Скопје, 17 февруари 2026 година

Унапредување на билатералната соработка, заедничките приоритети и можностите за продлабочување на партнерството во области од заемен интерес биле темите за кои денеска, 17 февруари разговарале премиерот Христијан Мицкоски и вршителката на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Никол Варнс.

„Разговаравме за унапредување на билатералната соработка, заедничките приоритети и можностите за продлабочување на партнерството во области од заемен интерес. Средбата помина во дух на пријателство, отворен дијалог и заедничка заложба за понатамошно зајакнување на односите“, напиша премиерот на својот Фејсбук профил.

Инаку пред неколку дена Соединетите Држави и Северна Македонија постигнаа согласност за рамковен договор за фер и реципрочна трговија, со кој се отвораат нови можности за извозниците и се продлабочува билатералната економска соработка.

Според договорот, Скопје ќе ги укине царинските давачки за сите индустриски и земјоделски производи од САД, додека Соединетите Држави ќе задржат 15% тарифи за дел од македонските производи, со можност одредени производи да добијат нулта стапка.

Надлежните договорот го оценија како важен и значаен исчекор во економската соработка со САД кој, како што соопштија, има големо значење за македонската економија и од кој конкретен бенефит ќе имаат македонските компании.

„Онкологија 2“: За набавка на биолошка терапија не одлучувал стручен колегиум, недостигале протоколи и упатства

илустрација
илустрација

Слабости и неусогласености со законските прописи утврдила ревизијата на Клиниката за онкологија - изјави претставник од Државниот завод за ревизија, кој во детали објасни како и зошто била извршена ревизијата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) за 2021 година, на денешното рочиште за случајот „Онкологија 2“.

„Ревизија се изврши во согласност со редовната годишна програма од ДЗР за 2021 година донесена по редовна постапка на крајот на 2021 во декември“, изјави претставникот нагласувајќи дека извештајот се однесува на финансиските извештаи за таа година и дека во него се наведени неусогласености со законот и слабости во користењето на средствата.

Во делот за пописот на средствата, сведокот посочи дека ревизорите утврдиле недоследности.

„Со пописот не е утврдена состојбата и не се поблиску опишани дел од средствата со кои располага Клиниката, како градежни објекти, нематеријални средства, патнички автомобили и материјални средства во подготовка. Во дел од пописните листи не се наведени вредносни показатели и не е извршено вредносно усогласување на податоците од спроведениот физички попис со податоците од сметководствената евиденција. Во извештајот од спроведениот попис не е наведена состојбата од постојаните средства и состојбата со резерва на лекови, реагенси и медицински потрошен материјал“, констатираше тој.

Претставникот на ДЗР заклучи дека ваквата состојба имала директно влијание врз веродостојноста на финансиските извештаи на клиниката.

Дополнително, тој посочи дека планот за набавка на биолошка терапија не бил резултат на стручен колегиум, туку се базирал единствено на историски податоци за потрошени количини лекови, што создава ризик од селективно определување на терапијата, без стручна анализа.

„Во текот на 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија за што одобрение давал медицинскиот директор, без да се земе предвид дали клиниката располага со доволно количини лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата“, посочи сведокот, додавајќи дека на клиниката не биле донесени медицински протоколи, упатства или насоки со кои ќе се воспостават правила и ќе се утврдат критериуми, кои треба да ги исполнува пациентот за да прима биолошка терапија.

Според извештајот, тој сподели дека во 2021 набавувана била биолошка терапија во период кога постапката за таква набавка, како што рече, сѐ уште не била спроведена од Министерството за здравство.

Судењето продолжува со вкрстени прашања од одбраната.

Во случајот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле државниот буџет за речиси 36 милиони евра.

Двајцата обвинети ја негираат вината и тврдат дека процесот е политички мотивиран.

Покрај овој предмет, во тек е и постапката „Онкологија 1“, во која Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.

Сараевскиот премиер бара истрага за транспортната компанија, старите трамваи надвор од употреба

Нихад Ук, премиер на кантонот Сараево
Нихад Ук, премиер на кантонот Сараево

На 17 февруари, премиерот во оставка на Сараевскиот кантон, Нихад Ук, се обрати на јавноста за прв пат по минатонеделната трамвајска несреќа во која загина едно лице. Тој го повика Обвинителството на Сараевскиот кантон да „отвори случаи и да ги гони одговорните“ за, како што изјави, криминал во градската транспортна компанија.

Во несреќата на 12 февруари во близина на Националниот музеј на Босна и Херцеговина, трамвај излета од шините и ја урна постојката, при што загина 23-годишниот Ердоан Моранкиќ, а неколку други беа повредени.

Ук изјави дека сите постари трамваи, вклучително и оние што се технички исправни, се повлечени од сообраќај и дека ниту еден нема да биде вратен во сообраќај, додека јавноста не биде информирана за наодите од анализите и сертификатите.

Тој побара од Обвинителството на Сараевскиот кантон да постапи по претходно поднесените кривични пријави поврзани со работењето на Кантоналното јавно комунално претпријатие ГРАС.

Според Уко, претходната влада поднела серија кривични пријави за ситуацијата со ГРАС во кои се вклучени 47 лица, но досега немало кривично гонење.

Тој додаде дека кантоналната влада ги зајакнала судските институции финансиски и во однос на персоналот во изминатите години и дека очекува конкретни резултати.

„Стотици милиони марки беа инвестирани во јавниот градски превоз. Откривме повеќе од 300 милиони марки (околу 150 милиони евра) долгови, а отплативме повеќе од 100. Исто така, го зајакнавме капацитетот на Обвинителството во изминатите години. Инсистирам да се отворат случаи и да почнат да се гонат оние што се одговорни за ситуацијата во ГРАС“, рече Ук.

УК поднесе оставка на 15 февруари, со што Владата на Кантон Сараево (КС) премина во технички мандат. Собранието на КС мора да ја прифати оставката, а потоа да назначи нов претставник и влада. Еден ден подоцна, директорот на комуналното јавно претпријатие, ГРАС Сенад Мујакиќ, исто така, поднесе оставка.

Ук ја поздрави оставката на Мујагиќ и најави воспоставување нова управувачка структура во таа компанија, вклучувајќи итни независни ревизии на деловните процеси. Тој рече дека новата администрација на ГРАС мора да овозможи целосна соработка со Обвинителството на Кантон Сараево во врска со несреќата и да воспостави процедури што би спречиле слични инциденти.

Обвинителството на Кантонот Сараево (КС) претходно објави дека ја исклучило документацијата од ГРАС и спровело истрага со присуство на експерти од инженерската, сообраќајната и електроенергетската индустрија, но не објави дополнителни детали „поради интересот на истрагата“.

Возачот на трамвајот беше ослободен откако Кантоналниот суд во Сараево го отфрли предлогот на Обвинителството на Кантонот Сараево за определување притвор.

Обвинителството на КС претходно побара едномесечен притвор, наведувајќи дека причина за несреќата е „човечки фактор“, додека возачот се изјасни за невин и дека причина е техничка неисправност на трамвајот, на што инсистира Синдикатот на ГРАС.

Стотина граѓани протестираа претходните четири дена на местото на несреќата, како и пред владините и судските институции, барајќи одговорност за трагедијата.

update

Договорот е неизвесен, Иран и САД ја завршуваат втората рунда преговори во Женева

Демонстранти држат транспаренти и портрети додека демонстрираат пред канцеларијата на Обединетите нации пред индиректните нуклеарни разговори меѓу САД и Иран во Женева, 17 февруари 2026 година.
Демонстранти држат транспаренти и портрети додека демонстрираат пред канцеларијата на Обединетите нации пред индиректните нуклеарни разговори меѓу САД и Иран во Женева, 17 февруари 2026 година.

Втората рунда индиректни разговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД) за нуклеарната програма на Техеран заврши во Женева, Швајцарија, на 17 февруари без договор.

Министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи, им изјави на државните медиуми дека двете страни „постигнале разбирање“ за клучните прашања, но предупреди дека тоа „не значи дека наскоро ќе постигнеме договор“.

Тој додаде дека Техеран и Вашингтон ќе почнат да работат на потенцијални документи за договор.

Радио Слободна Европа (РСЕ) побара коментар од Белата куќа.

Обраќајќи се на специјалната сесија на Конференцијата за разоружување во Обединетите нации по разговорите со САД, Аракчи рече дека Техеран „се надева дека преговорите ќе доведат до одржливо и договорено решение кое може да им служи на интересите“ на сите вклучени страни.

Сепак, тој додаде дека Иран е „целосно подготвен да се одбрани“ од американските напади.

Со посредство на Оман, преговорите имаат за цел да го решат долгогодишниот спор околу нуклеарната програма на Иран, додека САД продолжуваат да акумулираат сили во Арапското Море.

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека неуспехот да се постигне договор може да доведе до воен напади.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, ги отфрли заканите на САД за воена акција, додека иранските и американските преговарачи почнуваа индиректни разговори за нуклеарната програма на Техеран во Женева.

Обраќајќи се пред толпа поддржувачи во Техеран, Хамнеи на 17 февруари посочи дека Иран има капацитет да потопи американски воени бродови што се собираат пред неговиот праг.

„Она што е поопасно од воен брод е оружјето што може да го испрати на дното на морето“, рече тој, осврнувајќи се на иранските ракети.

Неговите коментари доаѓаат еден ден откако Трамп наговести за можноста за воена акција ако дипломатијата не успее.

„Не мислам дека ги сакаат последиците од непостигнувањето договор“, им рече Трамп на новинарите во авионот „Ер Форс Уан“ на 16 февруари.

„Можевме да имаме договор наместо да ги испраќаме Б-2 за да го уништиме нивниот нуклеарен потенцијал. И мораше да ги испратиме Б-2“, додаде тој, осврнувајќи се на бомбардирањето на иранските нуклеарни постројки во јуни 2025 година.

На 13 февруари, американскиот претседател рече дека промената на режимот во Иран би била „најдоброто нешто што може да се случи“.

Директно обраќајќи му се на Трамп, Хамнеи рече дека претседателот „нема да може“ да ја собори Исламската република

Со зголемувањето на военото присуство на САД на прагот на Иран, Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на 16 февруари започна поморски вежби во Ормутскиот теснец.

Иранските медиуми објавија дека целта била да се тестира оперативната подготвеност на морнарицата на ИРГЦ против „можни безбедносни и воени закани“.

Трамп рече дека ќе биде „индиректно“ вклучен во преговорите во Женева. Ова го означува вториот круг преговори оваа година меѓу Техеран и Вашингтон, по разговорите претходно овој месец во Мускат.

Иран изјави дека е подготвен да се подложи на строг режим на инспекција на своите нуклеарни објекти во замена за укинување на санкциите на САД. Исто така, се обиде да ја претстави својата економија погодена од санкции како профитабилна инвестициска можност за американските фирми.

Сепак, Техеран ја отфрли можноста за преговори за прашања како што се неговата ракетна програма и поддршката за посредници во регионот - црвени линии за кои администрацијата на Трамп инсистира дека мора да се решат.

Разговорите се одржуваат во конзулатот на Оман, а медијаторите разменуваат пораки меѓу иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.

Русија ја напаѓа Украина пред мировните преговори во Женева

Последици од рускиот напад во пристанишниот град Одеса на Црното Море, 17 февруари 2026 година.
Последици од рускиот напад во пристанишниот град Одеса на Црното Море, 17 февруари 2026 година.

Украинските и руските преговарачи требаше да се сретнат на најновата рунда мировни преговори посредувани од Соединетите Држави, додека Москва напаѓаше цели низ Украина со стотици беспилотни летала и ракети.

Разговорите на 17 февруари што се одржуваат во Женева се одржуваат една недела пред четвртата годишнина од тоталната војна на Русија против Украина, конфликт во кој загинаа или беа повредени над 2 милиони луѓе од двете страни.

Напорите предводени од САД за решавање на конфликтот напредуваа повеќе од кога било досега од месеците по инвазијата на 24 февруари 2022 година. Сепак, Русија покажа мала подготвеност да се повлече од своите тврдокорни барања, кои вклучуваат откажување од територијата што сè уште ја држи во источниот регион Донбас од страна на Киев.

Во меѓувреме, Украина ги притискаше Вашингтон и европските сојузници за цврсти безбедносни гаранции што би помогнале да се заштити од идна руска агресија.

И Украина и Русија ги опишаа претходните рунди разговори фокусирани на детални безбедносни прашања како позитивни. Сепак, руската делегација што присуствува на новите разговори го вклучува Владимир Медински, ревизионистички историчар и поранешен министер за култура чии ставови Украина ги исмејува како „псевдоисториски“.

Пред разговорите, се чини дека водачот на украинската делегација, Кирило Буданов, го нападна Медински, велејќи:

„Ќе ги разговараме лекциите од нашата историја со нашите колеги и ќе бараме правилни заклучоци“.

Двајцата мажи задолжени да ги водат напорите на САД се специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

Американските претставници изјавија дека секретарот на армијата Ден Дрискол, кој одиграл истакната улога во минатото, исто така ќе присуствува, заедно со врвниот американски воен офицер за европските сили.

Во пресрет на разговорите, Трамп, кој е фрустриран од неговата неспособност да го реши конфликтот, се чини дека се потпира на украинскиот лидер Володимир Зеленски.

„Имаме големи разговори. Ќе биде многу лесно. Подобро Украина брзо да седне на маса. Тоа е сè што ќе ви кажам“, им рече тој на новинарите.

И на бојното поле и во преговорите, Русија се чини дека верува дека има предност. Додека руските сили напредуваат со брзина на полжав низ фронтовската линија, Москва ја уништи енергетската инфраструктура на Украина. Милиони луѓе се мачат во услови на невообичаено студена зима без греење или електрична енергија.

Украинската војска соопшти дека Русија испалила повеќе од 420 беспилотни летала и ракети кон цели низ целата земја. Службениците за итни случаи пријавиле повредени цивили во пристанишниот град Одеса на Црното Море и северниот град Суми.

Во меѓувреме, во руско анектираниот Крим, Михаил Развожаев, администраторот на пристанишниот град Севастопол поставен од Москва, изјави дека повеќе од 24 беспилотни летала биле соборени за време на „еден од најдолгите напади во последно време“.

Радио Слободна Европа не беше во можност независно да го потврди пријавениот напад врз Крим.

Еден мртов и двајца ранети во напад со нож во Сиднеј

илустрација
илустрација

Едно лице е убиено, а двајца други се тешко повредени синоќа во напад со нож во Сиднеј, објави ДПА, повикувајќи се на полициско соопштение.

Службите за Итна помош биле повикани во предградие западно од Сиднеј околу 10 часот по локално време поради пријави дека маж избодел неколку луѓе и избегал, соопшти полицијата на Нов Јужен Велс.

Нападот се случил на прометна улица. Медицинските лица им пружиле помош на три лица со тешки повреди, вклучувајќи маж на возраст меѓу 30 и 40 години, кој починал на лице место, изјави полицискиот комесар на Нов Јужен Велс, Сајмон Гласер.

„Другите две жртви, 22-годишен маж и 47-годишна жена, биле однесени во болница во критична состојба“, додаде тој.

Еден маж бил уапсен кратко време подоцна по полициска операција во областа.

„Осомничениот е познат на полицијата за ситни кривични дела и голем број инциденти поврзани со неговото ментално здравје“, изјави Гласер, додавајќи дека се очекува осомничениот да се јави во суд.

„Истрагата е во многу рана фаза. Полицијата сè уште не знае кој е мотивот. Сепак, се чини дека станува збор за случаен напад“, додаде тој, нагласувајќи дека се случил „непосредно пред пладне, кога имало многу луѓе наоколу“.

Српската полиција спречи демонстранти да се приближат до Народниот театар, каде се собрани поддржувачите на власта

Силни полициски сили ги спречуваат антивладините демонстранти да се приближат до Српскиот народен театар во центарот на Нови Сад, каде што се одржува церемонија по повод 200-годишнината од академијата „Матица Српска“.

Полициски кордони во опрема за немири се поставени околу зградата на театарот, додека антивладините демонстранти се зад кордонот.

Најавено е дека претседателот на владејачката Српска напредна партија, Милош Вучевиќ, и патријархот на Српската православна црква, Порфирије, ќе зборуваат по повод годишнината од академијата „Матица Српска“.

Колона од неколку илјади демонстранти првично беше запрена на неколку стотици метри од Српскиот народен театар, на раскрсницата во близина на седиштето на Покраинската влада на Војводина, како што објави репортер на РСЕ/РЛ.

Нови Сад, Србија -- Церемонијална академија по повод 200 години Матица Српска во Српскиот народен театар, 16 февруари 2026 година.
Нови Сад, Србија -- Церемонијална академија по повод 200 години Матица Српска во Српскиот народен театар, 16 февруари 2026 година.

Полицијата и жандармеријата формираа кордони таму и го затворија сообраќајот. Полициски возила се паркирани зад кордонот.

Сепак, некои од демонстрантите успеаја да се приближат до Српскиот народен театар, преку споредни улици и премини кои не беа обезбедени.

Таму ги пречека нов полициски кордон. Демонстрантите зад кордонот извикуваа „убијци“ и „не сте добредојдени“.

Сепак, полицијата им дозволи премин кон Српскиот народен театар на поддржувачите на владата, кои се собраа пред зградата на театарот во пресрет на почетокот на свечената академија.

Група од неколку стотици луѓе извикуваа, меѓу другото, „Ацо, Срби“, што е повик за поддршка на претседателот на државата, Александар Вучиќ.

Свечена академија по повод 200-годишнината од Матица Српска во Српскиот народен театар, 16 февруари 2026 година.
Свечена академија по повод 200-годишнината од Матица Српска во Српскиот народен театар, 16 февруари 2026 година.

Собирот на антивладините демонстранти, на кој повикаа студентите во блокадата и граѓаните обединети на неформални собири, започна попладнето на кампусот на Универзитетот во Нови Сад.

Потоа, со слоганот на антивладините протести „Пумпај“ и извиците „Сите на улица“, се упатија кон седиштето на Владата.

Протестот беше закажан бидејќи првично беше најавено дека говорот на церемонијата во Матица Српска ќе го одржи претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Со најавите за протести на социјалните мрежи, во последните денови низ градот беа залепени постери и налепници со пораката „Не сте добредојдени“.

Во меѓувреме, Вучиќ објави дека сепак нема да дојде бидејќи, како што рече, патува кон Индија. Студентите и граѓаните не се откажаа од најавениот протест.

Во Нови Сад, при уривањето на настрешницата на железничката станица во ноември 2024 година загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено.

Ова предизвика бран антивладини протести кои траат повеќе од 15 месеци. Тие се предводени од студенти, а фокусот на демонстрациите се обвинувањата дека небрежноста и корупцијата на владата довеле до несреќата.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG