Достапни линкови

Вести

Контроверзност околу 50 неидентификувани женски тела во мртовечница во Техеран

Илустрација, Мансур Џалали, позната како „Мајка Бехкиш“, чии пет члена од нејзиното семејство биле погубени или убиени од иранските власти за време на насилството во 1980-тите.
Илустрација, Мансур Џалали, позната како „Мајка Бехкиш“, чии пет члена од нејзиното семејство биле погубени или убиени од иранските власти за време на насилството во 1980-тите.

Повеќе од еден месец по бруталното задушување на демонстрантите во Иран, контроверзни извештаи за неидентификувани женски трупови во мртовечница предизвикаа возбуда во Техеран, јавува германската новинска агенција ДПА.

Иранскиот пратеникот Мохамед Сераџ, потврди дека телата на 50 неидентификувани жени остануваат во мртовечница во главниот град.

„Никој не дојде да ги бара, а тие немаа лични документи со нив“, изјави тој за иранската новинска агенција ИЛНА.

Коментарите се спротивни на соопштението од Иранската организација за правна медицина, во која се вели дека сите жени убиени во „немирите“ се идентификувани, а нивните останки се предадени на роднините.

Контроверзноста датира од извештајот објавен минатата недела од страна на здружението на студенти по социологија на реномираниот универзитет Тарбијат Модарес, во кој се тврди дека трупови се чуваат во мртовечница во главниот град.

„Кои беа овие 50 жени кои остануваат во мртовечницата на Техеран до денес?“, е прашањато поставено во соопштението, кое беше објавено на Телеграм.

„Една жена цврсто ги стегна забите, а целото лице ѝ беше покриено со крв. Стравот и гневот сè уште беа видливи на нејзиното лице“, се додава во соопштението.

Според американската новинска агенција „Активисти за човекови права“ (HRANA), повеќе од 7.000 луѓе беа убиени во бруталното задушување на протестите во декември и јануари, вклучувајќи околу 6.500 демонстранти.

Според извештаите, повеќе од 50.000 луѓе беа уапсени. Иранската влада се обиде да прикаже поинаков наратив, тврдејќи дека платеници најмени од САД и Израел извршиле терористички напади низ целата земја. Според официјалните бројки, 3.117 луѓе беа убиени во немирите.

види ги сите денешни вести

Блокади во Сараево, демонстранти бараат одговорност за несреќата со трамвајот

Протести во Сараево, 14 февруари 2026
Протести во Сараево, 14 февруари 2026

Илјадници граѓани (меѓу нив голем број ученици и студенти) се собраа во центарот на Сараево, два дена по сериозната трамвајска несреќа во која загина 23-годишен маж.

По собирот, демонстрантите излегоа на главниот пат, целосно го блокираа и се упатија кон зградата на Владата на Кантонот Сараево, барајќи одговорност од властите и итни мерки за зголемување на безбедноста на јавниот превоз.

Протестот започна со спонтан собир во центарот на градот, но набрзо прерасна во масовна блокада на главниот пат во градот.

Демонстрантите бараат конкретни реформи во јавниот превоз и одговорност од сите институции одговорни за безбедноста на трамвајскиот систем.

Несреќата се случи на 12 февруари, кога трамвај излета од шините при свртување лево, а потоа удри во патничко возило, метален столб и заштитна ограда на станицата, при што загина 23-годишен маж, а четири други лица беа повредени, вклучувајќи и малолетник со тешки повреди.

Возачот на трамвајот беше уапсен под сомнение за сторено кривично дело против безбедноста на јавниот превоз и беше предаден на Обвинителството на кантонот Сараево, каде што ќе биде задржан 24 часа додека не се донесе одлука за понатамошни мерки.

Владата на кантонот Сараево го прогласи 14 февруари за Ден на жалост. Обвинителството на кантонот Сараево започна истрага.

Понатамошни детали не беа соопштени во интерес на истрагата, а причината за несреќата ќе се утврди откако експертите ќе ги достават своите наоди.

Зеленски бара безбедносни гаранции против „робот на војната“ Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара повеќе западно оружје и за „вистински безбедносни гаранции“, нарекувајќи го рускиот претседател Владимир Путин „роб на војната“ кој ќе ѝ се закани на Европа ако не биде запрен во Украина.

Во говорот одржан напладне на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари, Зеленски рече дека се надева дека новата рунда трилатерални разговори со Русија и САД која ќе се одржи следната недела ќе биде продуктивна. Но, тој посочи дека притисокот на САД за отстапки често е насочен главно кон Киев, а Русија покажа малку знаци дека е подготвена за компромис.

„Никој во Украина не верува дека [Путин] некогаш ќе го пушти нашиот народ, но нема да ги пушти ниту другите европски нации, бидејќи не може да се откаже од самата идеја за војна. Тој можеби се гледа себеси како цар, но во реалноста е роб на војната“, изјави Зеленски.

Речиси четири години од војната во Украина

Говорот на Зеленски се одржа 10 дена пред одбележувањето на четири години од целосната инвазија на Русија врз Украина. Русија со оваа инвазија ја започна најсмртоносната војна во Европа од 1945 година. По четири години војување, бројот на жртви од двете страни заедно се искачи на околу два милиони војници убиени, ранети или исчезнати.

Покрај тоа, Русија уби илјадници украински цивили и речиси секојдневно ја напаѓа енергетската инфраструктура на земјата.

„Нема ниту една електрана во Украина што не е оштетена од руските напади“, рече Зеленски во својот говор.

Со оглед на тоа што американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да посредува во мир откако се врати на функцијата во јануари 2025 година, Зеленски повтори дека силните безбедносни гаранции за Киев се клучен елемент на секој договор.

„Мора да има вистински безбедносни гаранции за Украина и за Европа, силни безбедносни гаранции,“побара Зеленски.

Тој рече дека Украина е подготвена да потпише договори за безбедносни гаранции со САД и Европа и дека тие треба „да дојдат пред каков било договор за прекин на војната“.
„Се надеваме дека претседателот Трамп ќе нè слушне. Се надеваме дека Конгресот ќе нè слушне. Се надеваме дека американскиот народ ќе нè слушне“, рече Зеленски, кој сака договорот за безбедносни гаранции да биде ратификуван од американскиот Конгрес и се сретна со група американски сенатори во Минхен.

Се очекува Зеленски подоцна во текот на денот да се сретне и со американскиот државен секретар Марко Рубио на маргините од годишната конференција, на која ниту еден висок руски функционер не присуствувал откако Путин ја започна целосната инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Во својот говор и други коментари претходно на 14 февруари, Рубио рече дека „прашањата за завршување на војната се стеснети, но лошата вест е дека сега сè се сведува на најтешките прашања“.

Рубио рече дека не сака Русија да ги постигне своите првични воени цели, за кои е широко познато дека вклучувале и покорување на Украина, и дека „сега во голема мера е стеснето на нивната желба да ги земат 20-те проценти од Донецк што моментално не ги поседуваат“.

Путин и други руски функционери постојано повторуваат дека Москва ќе го освои остатокот од регионот Донецк, една од двете провинции што го сочинуваат Донбас, со сила или преку дипломатија.

Зеленски укажа на огромните загуби што Русија ги претрпе во тие напори, велејќи дека „на фронтот Донецк цената што Русија ја плаќа за еден километар е 156 војници“.

Тој рече дека 35.000 руски војници биле убиени или тешко ранети во декември и 30.000 во јануари.

„Путин не е загрижен за ова сега, но постои ниво на кое ќе почне да се грижи. Секој месец Русија мобилизира околу 40.000 луѓе. За нашата армија мисијата е јасна: да уништи повеќе руски окупатори. Целта е најмалку 50.000 месечно“, изјави Зеленски.

Русија сега „губи многу повеќе [човечка сила] отколку што може да надополни“, изјави холандскиот премиер Дик Шуф за РСЕ/РЛ во Минхен.

Тој рече дека западните земји треба да ги „забрзаат“ испораките на воздушна одбрана и друго оружје и дека се надева дека „украинските сили ќе можат повеќе да ја потиснат Русија“ во блиска иднина.

Со оглед на тоа што третата рунда разговори меѓу САД, Украина и Русија е закажана за одржување во Женева на 17 и 18 февруари, Зеленски рече дека Киев се надева дека состаноците „ќе бидат сериозни, суштински, корисни за сите нас“, но додаде дека „искрено, понекогаш се чувствува како страните да зборуваат за сосема различни работи“.

Русија повторува барања што се неприфатливи за Киев, посочи тој, додека „Американците често се враќаат на темата за отстапки, а премногу често тие отстапки се дискутираат само во контекст на Украина, а не на Русија. Европа практично не е присутна на масата. Според мене, ова е голема грешка“.

Неколку пати во текот на изминатата година, Трамп посочи дека одговорноста е главно на Украина да преземе чекори потребни за постигнување мировен договор, а критичарите... „Русија сака да склучи договор и Зеленски ќе мора да дејствува, во спротивно ќе пропушти одлична можност“, им рече тој на новинарите пред Белата куќа на 13 февруари.

Иранската опозиција организира најголем протест досега во Европа

Учесниците го држат историското иранско национално знаме „Лав и сонце“, како и постери со поранешниот ирански престолонаследник и сега клучна опозициска фигура Реза Пахлави за време на демонстрациите на иранската опозиција на 14 февруари 2026 година во Терезија.
Учесниците го држат историското иранско национално знаме „Лав и сонце“, како и постери со поранешниот ирански престолонаследник и сега клучна опозициска фигура Реза Пахлави за време на демонстрациите на иранската опозиција на 14 февруари 2026 година во Терезија.

Околу 250.000 луѓе се придружија на демонстрациите во баварската престолнина, изјави германската полиција за РСЕ/РЛ, во најголемиот протест досега во Европа од страна на противниците на властите во Иран.

Продолжуваа да пристигнуваат повеќе луѓе, исполнувајќи го метрото во Минхен со ирански знамиња и извикувајќи слогани.

Протестот во Минхен е дел од глобалниот ден на акција организиран од Реза Пахлави, последниот син на шахот на Иран, кој беше соборен за време на Исламската револуција во земјата во 1979 година. Се очекуваа и други големи собири во Лос Анџелес и Торонто. Пахлави наводно пристигнал на демонстрациите во Минхен.

Луѓе дојдоа во Минхен од цела Европа, гневни поради крвавото задушување на демонстрантите во Иран во јануари, во кое безбедносните сили убија илјадници луѓе.

„Толку сум среќна што се будат. Многу е тажно да се каже дека тие, ние, плаќаме цена, се разбира, за овие млади луѓе што умираат секој ден. Оваа крв, толку е тажна“, изјави жена по име Атена за РСЕ/РЛ.

Како и другите демонстранти, Атена, која допатува тука од Милано, Италија, одби да го каже своето целосно име.

Истакнувајќи дека има братучеди и пријатели во Техеран и други градови, Атена рече дека јануарските протести во Иран ѝ дале надеж и покрај одговорот на безбедносните сили.

„Толку сум среќна што се будат и бараат промена... Овој пат, [промената] ќе се случи“, рече таа.

Друг демонстрант, Расул, изјави за РСЕ/РЛ дека допатувал од Холандија за да се придружи на протестот во Минхен.

„Се налутив, се вознемирив, бидејќи моите браќа и сестри, нашите родители, се во опасна ситуација. Тие [ги оставија] своите животи на улица за слобода“, рече Расул.

„Овој режим во овој момент е најслаб [што] бил досега. Значи, ако САД и Европа ни помогнат со воена акција, луѓето можат да ја завршат работата што ја започнале“, додаде тој.

Повици за воена акција на САД

Слоганите на Расул се повторуваа на многу транспаренти со кои се повикува на воена акција на САД против Иран.

Американските поморски сили во Персискиот Залив остануваат подготвени на ударна оддалеченост од Иран во едно од најголемите американски воени засилувања во регионот во последниве години.

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази поддршка и охрабрување за иранските демонстранти и сигнализираше дека американските сили би можеле да интервенираат за да ги заштитат.

Сепак, разговорите меѓу американските и иранските преговарачи се чини дека се повеќе фокусирани на други прашања, како што се нуклеарните и ракетните програми на Иран и неговата мрежа на прокси сили во Либан, Ирак и Јемен.

Зборувајќи на прес-конференција претходно на 14 февруари, Пахлави го повика Трамп да преземе акција.

„Иранскиот народ ве слушна како велите „помошта е на пат“ и тие имаат доверба во вас. Помогнете им и историјата ќе ве запише не само покрај најголемите херои на иранската нација, туку и во светот“, рече тој.

Пахлави е една од многуте личности истакнати личности меѓу поделената иранска опозиција во егзил, од кои некои објавија дека ќе одржат сопернички демонстрации во Минхен на 13 и 14 февруари - додека светските лидери се собраа во градот за годишната конференција за безбедност.

Претходниот ден, тој се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, исклучително ретка средба на такво ниво за поранешниот престолонаследник.

Видео снимено од украинската јавна телевизија ги прикажува двајцата мажи како се ракуваат во просторија со дрвени панели, а потоа седат на маса. Пахлави му се заблагодари на Зеленски за изразената поддршка за иранските демонстранти за време на неговиот говор на неодамнешниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија.

Но, иако Соединетите Американски Држави ги поддржаа иранските демонстранти, тие не го поддржаа Пахлави или кој било друг лидер во егзил - иако Пахлави постојано повикуваше на интервенција во Иран од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

На 13 февруари беше одржан многу помал протест од страна на Националниот совет за отпор на Иран, кој ги осуди и сегашните ирански власти и идејата за монархистичко владеење.

Нови сознанија за смртта на Навални

Илустрација, книга посветена на опозицискиот лидер Алексеј Навални
Илустрација, книга посветена на опозицискиот лидер Алексеј Навални

Пет европски влади изјавија дека се уверени дека рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил отруен со смртоносен токсин пронајден во отровни жаби во Јужна Америка.

Во соопштението потпишано од владите на Велика Британија, Шведска, Франција, Германија и Холандија се вели дека заклучокот е базиран на анализи на примероци од Алексеј Навални.

Навални, најистакнатата опозициска фигура во Русија, почина во февруари 2024 година во арктички затвор под мистериозни околности.

„Овие анализи дефинитивно го потврдија присуството на епибатидин. Епибатидинот е токсин што се наоѓа кај отровните жаби-стрели во Јужна Америка. Не се јавува природно во Русија“, се вели во заедничкото соопштение.

Во соопштението се додава дека Русија тврдела дека Навални починал од природни причини, но дека, со оглед на токсичноста на епибатидинот и пријавените симптоми, „труењето најверојатно било причина за неговата смрт“.

„Навални починал додека бил во затвор, што значи дека Русија имала средства, мотив и можност да му го администрира овој отров“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека најновите наоди уште еднаш ја нагласуваат потребата Русија да се смета за одговорна за нејзините повторени прекршувања на Конвенцијата за хемиско оружје, а во овој случај и на Конвенцијата за биолошко и токсично оружје.

„Остануваме загрижени што Русија не го уништила целото свое хемиско оружје. Ние и нашите партнери ќе ги искористиме сите политички лостови што ни се на располагање за да продолжиме да ја сметаме Русија за одговорна“, се вели во соопштението на владите на Велика Британија, Шведска, Франција, Германија и Холандија.

Американските сенатори изразија загриженост поради постапките на Додик

Сенаторката на САД, Џин Шахин, 30 јануари 2026 година.
Сенаторката на САД, Џин Шахин, 30 јануари 2026 година.

Членовите на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат се сретнаа на маргините на Минхенската безбедносна конференција со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, и високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Делегацијата на Сенатот ја предводеше американската сенаторка Џин Шахин, која во изјава рече дека на своите соговорници им пренела длабока загриженост за континуираната сецесионистичка реторика и, како што истакна, нелегалните потези на Милорад Додик што го загрозуваат Дејтонскиот мировен договор.

„Важно е да се напомене дека вишата членка на Сенатот, Сахин, ја нагласи својата посветеност да изврши притисок врз администрацијата на претседателот Доналд Трамп повторно да воведе санкции врз г-дин Додик и сите оние кои го поткопуваат Дејтонскиот мировен договор, што е задолжително овластување вклучено во Законот за национална одбрана за фискалната 2026 година“, се вели во соопштението.

Во октомври минатата година, САД ги укинаа санкциите врз Милорад Додик, како и врз членката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, и одредени членови на семејството на Додик кои беа предмет на санкции од САД.

Сенаторката Шахин ја потврди својата силна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина.

Според соопштението, таа, исто така, ја нагласи важноста на континуираниот ангажман на Соединетите Американски Држави и меѓународната заедница, вклучително и поддршката за демократските институции и владеењето на правото, за да се обезбеди мирна и просперитетна иднина за сите граѓани на Босна и Херцеговина.

Сахин, исто така, објави дека ќе го надгледува спроведувањето на Законот за демократија и просперитет на Западен Балкан, со цел зајакнување на ангажманот на Соединетите Американски Држави со Босна и Херцеговина и регионот.

Фон дер Лајен: Време е да се оживее клаузулата за заемна одбрана на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборува на сцената за време на 62-та Минхенска безбедносна конференција (MSC) на 14 февруари 2026 година во Минхен, јужна Германија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборува на сцената за време на 62-та Минхенска безбедносна конференција (MSC) на 14 февруари 2026 година во Минхен, јужна Германија.

Клаузулата за заемна одбрана на Европската Унија мора да се оживее, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во саботата на Минхенската безбедносна конференција.

„Верувам дека дојде време да се оживее клаузулата за заемна одбрана на Европа. Заемната одбрана не е опционална за ЕУ - таа е обврска во рамките на нашиот сопствен договор: член 42(7).“ Обврската „еден за сите и сите за еден“ има тежина само ако е изградена врз доверба и способност“, додаде таа.

Нејзините коментари дојдоа откако германскиот канцелар Фридрих Мерц го истакна Член 42 во својот воведен говор на безбедносната конференција во петокот, инсистирајќи дека ЕУ мора да го „појасни“ значењето на клаузулата.

Во членот се наведува дека во случај на напад врз една земја-членка, сите други имаат „обврска за помош и поддршка со сите средства што се во нивна моќ“.

Досега е активирана само еднаш, од Франција по терористичките напади во Париз во 2015 година.

Многу членки на ЕУ се исто така дел од НАТО, кој има своја клаузула за колективна одбрана во Член 5.

Пошироко, фон дер Лајен ја истакна потребата од нова „европска безбедносна стратегија“ за да се утврди како „целиот пакет алатки за политика“ на блокот може да се искористи за заштита на интересите на ЕУ.

„Ова би можело да биде во форма на трговија, финансии, стандарди, податоци, критични инфраструктури, технолошки платформи и информации“, рече таа.

Претседателката на ЕК, тврди дека целта е да се „осигура дека Европа може да ја брани својата територија, економија, демократија и начин на живот“.

„Бидејќи ова е на крајот вистинското значење на независноста“, изјави фон дер Лајен.

Претходно американскиот државен секретар Марко Рубио им се обрати на европските лидери со афирмации на трансатлантските врски - нарекувајќи ја Америка „дете на Европа“ - истовремено повикувајќи на реформи за справување со предизвиците за деиндустријализација, миграција и суверенитет.


Приведен осомничен за убиство на 78-годишна жена во кумановско

Илистрација - Полиција, полициска СТОП лента
Илистрација - Полиција, полициска СТОП лента

Кумановска полиција приведе 25 годишно момче во општината Старо Нагоричане осомничен за убиство на 78 годишна жена. Според сопштението на Секторот за внатрешни работи во Куманово, осомничениот на 12 февруари влегол во домот на жената и физички ја нападнал, по што ја задушил со перница.

„Жртвата починала на самото место“ се вели во соопштението.

Според полицискиот билтен осомничениот бил гонет за повеќе дела, меѓу кои и низа тешки кражби низ околните села во општината. Тој бил приведен во текот на вчерашниот ден.

„Јавниот обвинител е известен, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава“, се вели во соопштението.

Според последните податоци од Министерството за внатрешни работи во земјва биле евидентирани 20 убиства од кои 18 се расветлени. Најголемиот дел од убиствата биле извршени во Скопје и Тетово, од кои половина со огнено оружје а четири со физичка сила, другите со ладно оружје.

Рубио: САД и Европа „припаѓаат заедно“

Американскиот државен секретар Марко РУбио на Минхенската безбедносна конференција, 14.02.2026
Американскиот државен секретар Марко РУбио на Минхенската безбедносна конференција, 14.02.2026

Американскиот државен секретар Марко Рубио упати силна порака за единство со Европа на Минхенската безбедносна конференција, велејќи дека судбината на Вашингтон е испреплетена со Европа и дека нема намера да го напушти трансатлантскиот сојуз.

Соединетите Американски Држави и Европа „припаѓаат заедно“,изјави на Минхенската безбедносна конференција, американскиот државен секретар Марко Рубио.

„Америка го трасира патот за нов век на просперитет и ние сакаме да го направиме тоа заедно со вас, наши ценети сојузници и најстари пријатели“, рече Рубио во своето главно обраќање во луксузниот хотел Бајеришер Хоф во Минхен.

Заедничкото дејствување со Европа, рече тој, „ќе помогне во обновувањето на разумната надворешна политика“.

Говорот на Рубио беше широко очекуван по ланскиот говор на американскиот потпретседател Џ. Д. Венс, кој ги критикуваше европските лидери за нивната улога во она што го опиша како ерозија на демократијата на континентот.

Адресирајќи ги разговорите за можен трансатлантски развод во својот говор, Рубио рече дека „ова не е ниту наша цел ниту наша желба“.

„Не треба да ги демонтираме глобалните институции на стариот поредок што заедно го изградивме - но тие мора да се реформираат“, изјави Рубио на конференцијата, додавајќи дека САД под водство на Доналд Трамп, сакаат да го предводат светот во „обновувањето“.

Рубио ја предводи американската делегација, најголемата досега, која ја сочинуваат повеќе од една четвртина од американскиот Сенат - на тридневниот годишен настан, на кој учествуваат стотици истакнати европски лидери, пратеници, воени функционери, академици и други.

„Дете на Европа“

Државниот секретар на САД го пофали богатото културно наследство на Европа, велејќи дека „ние Американците... секогаш ќе бидеме деца на Европа“.

„Најтешки прашања“ за Украина

Во врска со конфликтот во Украина, Рубио рече дека „прашањата за завршување на војната се стеснети, но лошата вест е дека сега се сведува на најтешките прашања“.

Трамп даде приоритет на запирањето на целосната војна на Русија, но Москва покажа мала подготвеност за компромис, оставајќи ги последните две рунди разговори меѓу САД и Русија и Украина во застој.

Се очекува Рубио да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна на 14 февруари на маргините на конференцијата.

Во кратко прашање-одговор со Волфганг Ишингер, претседателот на Минхенската безбедносна конференција, по неговиот говор, Рубио рече „она што не можеме да одговориме и [она што] ќе продолжиме да го тестираме е дали постои исход со кој Украина може да живее и што Русија ќе го прифати, а би рекол дека тоа досега беше неостварливо“.

Конференцијата се одржува во услови на светски превирања, вклучувајќи ја и можноста за воздушни напади на САД врз Иран и војната на Русија во Украина, која се приближува кон својата четврта годишнина.

Трамп: промената на режимот е „најдобрата работа што може да се случи“ во Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека промената на режимот е „најдоброто нешто што може да се случи“ во Иран, потврдувајќи дека втор носач на авиони наскоро ќе се придружи на „масивната“ американска армада во Арапското Море, во услови на високи тензии.
„Се чини дека тоа би било најдоброто нешто што може да се случи“, им рече Трамп на новинарите на 13 февруари во воена база во Северна Каролина, кога го прашаа дали бара „промена на режимот“ во Техеран.

„47 години тие разговараат и разговараат и разговараат. Во меѓувреме, изгубивме многу животи додека тие разговараат“, додаде тој во својот најдиректен повик за пад на тврдокорниот клерикален режим на Иран.
Трамп не кажа кого би сакал да види да ја преземе власта доколку владата падне, само дека „има луѓе“.

Реза Пахлави, протераниот син на последниот шах на Иран, е една од многуте личности кои се борат за превласт меѓу поделената иранска опозиција во егзил.

Теократскиот режим на Иран е на власт од 1979 година, кога во Исламската револуција свештениците лојални на ајатолахот Хомеини го соборија поддржаниот од САД шах, Мохамед Реза Пахлави. Двете земји немаат дипломатски односи од 1980 година.


Вашингтон и Техеран се вклучени во индиректни разговори за нуклеарната програма на Иран. Западните земји се сомневаат дека Иран се обидува да развие нуклеарно оружје, додека Техеран инсистира дека неговата програма е строго за цивилни цели.

Трамп, исто така, се закани со нов воен удар врз иранската влада ако ги погуби сите демонстранти уапсени за време на неодамнешните масовни антивладини демонстрации.

„Тешки“ нуклеарни преговори

Трамп им рече на американските војници во базата дека Техеран бил „тежок“ во нуклеарните разговори и посочи дека е потребен поголем притисок врз Иранците.

„Тешко е да се постигне договор“, рече тој. „Понекогаш мора да се плашите. Тоа е единственото нешто што навистина ќе ја реши ситуацијата.“

Трамп, исто така, ја поздрави 12-дневната војна во јуни, кога Израел и САД започнаа кампања за бомбардирање насочена кон нуклеарните и воените објекти на Иран.
Најновите коментари доаѓаат во време на едно од најголемите воени трупи на Вашингтон во регионот на Персискиот Залив.
Експертите велат дека распоредувањето има за цел да му даде на Трамп воени опции ако тој одлучи да дејствува според неговите закани да го нападне Иран поради неуспехот да се постигне нуклеарен договор и насилното задушување на демонстрантите.

Иранските безбедносни сили убија илјадници демонстранти во јануари, откако протестите избувнаа кон крајот на декември 2025 година, првично поради економски прашања, но подоцна прераснаа во општ гнев против режимот. Повеќе од 53.000 луѓе беа уапсени, велат групите за човекови права.

„Собирањето на силите е точка на притисок што САД го применуваат врз Иран за да постигнат договор преку преговори“, рече Амин Тарзи, професор по стратешки студии на Воениот колеџ на Маринскиот корпус.

Тарзи додаде дека по зголемувањето на силите, американската воена позиција во Заливот е „робусна“ со „морски и одбранбени капацитети за воздушна одбрана, плус офанзивни воздушни компоненти“.

Ројтерс на 13 февруари цитираше двајца неименувани американски претставници кои рекоа дека војската се подготвува за можноста за операција што ќе трае неколку недели против Иран доколку Трамп нареди напад.

Најголемиот воен брод во светот

Американската војска претходно го распореди носачот на авиони „Абрахам Линколн“ во регионот на Персискиот Залив за да се придружи на она што Трамп го нарече „масивна армада“ во близина на Иран.

На 13 февруари, Трамп потврди дека друг носач на авиони, „Џералд Р. Форд“, заедно со неговите придружни бродови, заминува од Карибите и наскоро ќе им се придружи на американските сили во регионот, веројатно во рок од околу седум дена.

„Џералд Р. Форд“ се смета за најголем воен брод во светот со должина од 337 метри и можност да носи некои од најнапредните воени технологии.

Кога беше прашан зошто го испраќа вториот воен брод, Трамп рече: „Во случај да не постигнеме договор, ќе ни треба... Ако ни треба, ќе го имаме подготвено“.


Преговарачите се состанаа во Мускат минатата недела во разговори со посредство на оманската влада, а следните сесии се нејасни, иако Ројтерс цитираше извори кои велат дека нова рунда разговори е закажана за Женева на 17 февруари.

Изворот рече дека американската делегација ќе ги вклучува пратениците Стив Виткоф и Џаред Кушнер и дека претставниците на Оман ќе служат како посредници. Виткоф и Кушнер потоа ќе учествуваат во трилатералните разговори САД-Русија-Украина подоцна во текот на денот, додаде изворот.

Техеран изрази подготвеност да разговара за својата нуклеарна програма, но ги отфрли преговорите за својата програма за балистички ракети и други поврзани прашања.

Санкциите ја погодија иранската економија

Иран е силно погоден од западните финансиски санкции кои доведоа до кратерирање на економијата на земјата.

Иран во 2015 година се согласи на значаен нуклеарен договор, Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA), со светските сили, чија цел беше да го спречат да развие нуклеарно оружје во замена за ублажување на економските санкции.

Сепак, почна да се откажува од своите обврски откако Трамп, за време на неговиот прв мандат, ги повлече САД од договорот во 2018 година и повторно воведе санкции врз Техеран.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG