Достапни линкови

Вести

Сѐ повеќе заболени од рак на грлото на матката

Фотоархива: Гинеколошка ординација
Фотоархива: Гинеколошка ординација

Расте бројот на заболени од рак на грлото на матката. Во 2025 година, на Клиниката за онкологија во Скопје бројот на новодијагностицирани е речиси дуплиран во споредба со претходната.

Најновата епидемиолошка статистика на оваа клиника покажува дека лани за првпат со оваа дијагноза се јавиле 122 пациентки, за разлика од 2024, кога имало само 74 пациентки.

Овие наоди, денеска (23 јануари) беа соопштени по повод одбележувањето на Неделата за подигнување на свеста за борбата против ракот на грлото на матката.

Претседателот на Македонското лекарско друштво и на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, проф.д-р Горан Димитров рече дека новата метода што е во скринингот и која според Светската здравствена организација би требале да ја применуваат веќе сите земји од 2030 година е ХПВ тестот.

Според него, овој тест, е примарно средство за скринирање на ракот на грлото на матката.

„Втората работа е дека тие што ќе ги откриеме треба да ги третираме, за тоа имаме персонал, имаме изучен кадар, така што подготвени сме кога би можеле да прејдеме на таков приод во скринирањето, да направиме скринингот на жените во нашата Република оди во најдобар можен ред“, истакна д-р Димитров.

Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и претседател на Комисијата за превенција на цервикален карцином, проф.д-р Ирена Алексиоска-Папестиев истакна дека според последните податоци од клиничката студија, изработена од Институтот за епидемиологија, за период од 2016 до 2023 година за жал, сѐ уште овој превентибилен карцином кај нас претставува сериозен проблем, поради тоа што во тој период биле дијагностицирани 2.263 пациентки.

„Повеќе загрижува што кај сѐ помлади пациентки се јавува. Најмладите пациентки се на 18 годишна возраст, дијагностицирани 2017 и 2020 година и средната возраст е некаде 55 години“, рече д-р Алексиоска Папестиев.

Другата работа која загрижува, според неа, е тоа што 24 отсто од пациентките починале, иако се работи за карцином кој е превентибилен.

Директорката на ГАК посочи дека конечно ги имаат резултатите од пилот студијата за ефикасноста на ХПВ базираниот скрининг, затоа што навистина резултатите покажале дека тоа како и што светот го говори, всушност е најсофистицираниот метод.

„Како резултат на тоа, работна група во рамки на Комисијата за превенција на цервикален карцином изготви упатство во кое ние даваме предлог како гинеколози, а беа вклучени и патолог и онколог и епидемиолог, кој е најдобриот начин за конечно ХПВ базираниот скрининг да стане примарно помагало за откривање на овој превентабилен карцином“, додаде проф.д-р Алексиоска Папестиев.

Раководителката на Одделението за малигни генитални тумори кај жената на Клиниката за радиотерапија и онкологија, проф.д-р Виолета Клисаровска рече дека висок процент од овие пациентки се јавуваат во локално напредната болест.

Таа посочи дека најсилното и најмоќното оружје кое го имаме за превенција во борба со оваа болест е ХПВ вакцинацијата, што поширока популација да биде благовремено вакцинирана, регуларен скрининг програм кој сериозно треба да се спроведува и да опфати што поширок дел од популацијата.

Националниот координатор за имунизација, проф.д-р Александра Грозданова рече дека 2025 година ја одбележале со комплетно преоѓање на деветвалентната ХПВ вакцина и ја вовеле таа вакцина и за момчињата.

Ако досега товарот беше и фокусот беше ставен само на девојките, појасни таа, сега имаме имунизација и за момчињата.

„Веќе има 60 отсто опфат со оваа вакцина, бидејќи долги години наназад не можевме да стигнеме до овој процент. Во регионот сме меѓу лидерите, бидејќи и првпат меѓу првите ја воведовме ХПВ вакцината. Го зголемивме и временскиот период кога оваа вакцина може да се прима затоа што родителите најчесто немаа против, меѓутоа и ја одложуваа временски оваа вакцина“, рече д-р Грозданова.

На товар на државата се вакцинираат сите момчиња и девојчиња до 19 годишна возраст.

„Во пораст е и орофаренгиалниот карцином за која оваа вакцина исто така обезбедува заштита“, додаде д-р Грозданова.

Специјалистот патолог и раководител на Цитолошката лабораторија на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Верди Станојевиќ рече дека според податоците за 2025 година, од 60.000 пап тестови, 2.500 биле со позитивен наод.


Посочи дека запрепастувачко е што имаат осум пациентки со инвазивен карцином.

„Значи кога ќе откриете инвазивен карцином на пап тест тоа е значи многу напредна фаза. Тоа се пациенти кои веројатно долго време не биле на контрола“, додаде д-р Станојевиќ.

Јованка Брајовиќ Григоријевиќ од УНФПА рече дека образованието во рана возраст е дел од тој цел циклус на универзална здравствена покриеност и постигнување на сите на потенцијалот и на младите и на возрасните и на постарите лица.

„Покрај одредени предизвици во изминатиот период, гледано значи години наназад постепено има напредок. Работиме на збогатување на ЕДУИНО платформата со содржини, материјали од домен на сексуално образование. Ќе продолжиме да го поддржуваме тој процес, да се направи пристапот до информации и за младите и за наставниците полесен и согласно стандарди коишто се препорачани од УНЕСКО и другите меѓународни релевантни организации“, додаде Брајовиќ Григоријевиќ.

види ги сите денешни вести

Фатон Сељами е новиот Народен правобранител

Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител
Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител

Собранието денеска (23 јануари) во рамките на 65. седница го избра Фатон Сељами од Тетово за нов народен правобранител. За изборот на Сељами гласаа 89 пратеници, шест беа против, а од пратениците што припаѓаат на заедници што не се мнозинство, 28 беа „за“, осум „против“.

Сељами е дипломиран правник, магистер по правни науки, со положен правосуден и нотарски испит.

Собранието го избира и разрешува народниот правобранител. Тој се избира за време од осум години, со право на уште еден избор. Изборот и разрешувањето на народниот правобранител Собранието го врши со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство.

Мандатот на Насер Зибери, претходник на Сељами, истече на 12 јули минатата година бидејќи на тој ден исполнил услови за пензионирање.

Спикерот Гаши на 12-ти овој месец, информираше дека на координацијата ги повикал координаторите на пратеничките групи да се усогласат за изборот на народниот правобранител и да се најде решение и изрази надеж дека тоа ќе се случи бргу.

„Ги повикав координаторите на пратеничките групи да се усогласат со народниот правобранител ако можеме да најдеме решение. Немаше некоја забелешка за тоа. Никој не беше против, само ќе треба да се разговара во меѓувреме. Се надевам дека набргу ќе дојдеме до решение“, рече тој.

Според него, за ова прашање потребни се политички разговори на ниво на координаторите на пратеничките групи. Народниот правобранител како институција е надлежен за заштитата на слободата и правата на граѓаните, а претставува и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите од јавниот сектор.

Данските трупи биле борбено подготвени на Гренланд во случај на напад од САД, се наведува во извештај

Фотоархива: Заедничка вежба на дански и француски војници на Гренланд, на 17 септември 2025 година.
Фотоархива: Заедничка вежба на дански и француски војници на Гренланд, на 17 септември 2025 година.

Трупите што Копенхаген ги испрати на Гренланд добиле наредба да бидат борбено подготвени во случај Соединетите Американски Држави да ја нападнат оваа автономна данска територија, јави во петокот данскиот јавен сервис ДР, пренесе АФП.

Американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканите дека со сила ќе го преземе Гренланд, по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во средата, истакнувајќи дека е постигната „рамка“ на договор за арктичкиот остров.

Претходно, Трамп не ја исклучуваше употребата на сила, инсистирајќи дека на САД им е потребен Гренланд поради „националната безбедност“.

ДР наведува дека во воената наредба на данската армија, издадена минатата недела, се нагласува оти војниците на Гренланд треба да бидат опремени со боева муниција.

Во документот е опишана и операција во повеќе фази, со можност за подоцнежно испраќање дополнителни сили и средства, доколку биде потребно.

Според пишувањето на ДР, цивилни и воени авиони потоа почнале да превезуваат војници и опрема на Гренланд.

Распоредувањето на силите официјално било дел од воена вежба под водство на Данска, „Arctic Endurance“, за која Копенхаген соопшти дека ќе продолжи „во текот на поголемиот дел од наредната година“.

Неколку дена откако Трамп изјави дека Соединетите Американски Држави ќе го добијат Гренланд „на овој или на оној начин“, осум европски земји испратија неколку десетици војници на Гренланд, официјално за подготовки за вежба.

Некои од нив, во меѓувреме, заминаа, вклучувајќи група од околу 15 германски војници и неколку Швеѓани, додека други и понатаму пристигнуваат.

ДР исто така јави за широка политичка поддршка, и од данската влада и од опозицијата — за пружање отпор во случај на американски напад.

Обраќајќи им се на новинарите во петокот, данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен одби да го коментира овој извештај.

Задоцнетата плата ги извади на протест вработените во „Пошта“

Фотоархива: Главен центар за поштенски сообраќај Скопје 2.
Фотоархива: Главен центар за поштенски сообраќај Скопје 2.

По бојкотот на работата во ноември поради задоцнетата исплата на платите, вработените во АД „Македонска пошта“ денеска (23 јануари) протестираа низ целата државата. Пробивањето на рокот за исплата и на последната плата го зголеми револтот кај нив и најавија можен штрајк.

Претседателот на Синдикалната организација на „Пошта“, Сашо Димитриевски најави дека доколку до средината на следниот месец повторно им доцни платата тие ќе застанат со работа, за што ќе го известат и Управниот одбор.

„Тоа не значи дека понатака нема да преземеме поригорозни чекори и да започнеме со штрајк“, додаде Димитриевски.

Од вкупно 1700 вработени, шеесетина отсто работат за минималец. Меѓу нив, е и скопјанката Сузана Мрмова која во Пошта работи 35 години. За Радио Слободна Европа, претходно таа раскажа дека проблемот се провлекува од месец во месец, а таа и нејзините колеги живеат во страв и финансиска неизвесност.

„Како ќе ги платиме сметките? Треба да се купи. Овде има баби, треба да купат нешто на внучињата. Има родители со студенти, треба да се плати година, семестар. Храна треба да се купи, сметки треба да се платат. Како доаѓаме на работа, никој не нѐ прашува со кои средства стигнуваме до работа. Трчаме пешки по автобуси. А ние работиме ревносно, одговорно, се плашиме за нашата работа, да не ја изгубиме“, рече Мрмова за РСЕ.

Култната шалтер сала на Пошта, илустрација за пропаѓањето на ова претпријатие
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:27 0:00

Вработените во Пошта, на денешниот протест добија поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија, чиј лидер, Слободан Трендафилов рече дека тие освен плата, бараат и соодветна опрема за работа.

„Овие луѓе се оставени во најдолгиот месец без плата од страна на раководството. Луѓето повеќе од 45 дена се без апсолутно никакви приходи“, реагираше Трендафилов.

Одговарајќи на новинарско прашање, што доколку не ја добијат платата денеска, тој рече дека сите ќе бидат излезени пред поштите и нема да ги вршат работните задачи бидејќи „без плата нема работа“.

Радио Слободна Европа и претходно пишуваше за напластените проблеми во ова акционерско друштво, кое постојано е во долгови.

Бројот на поштари не е доволен за пратките да стигнат навремено до граѓаните, но директорот, Орхан Куртиши признава дека бројот на административци е преголем, а препораките на ЕУ се тој да биде намален.

Во изјава за Радио Слободна Европа, Куртиши претходно рече дека до крајот на овој месец ќе заврши и новата систематизација.

„Точно ќе видиме колку ни се потребни работни места, колку ни се потребни вработени, бидејќи има дуплифицирани позиции кои реално не ни се потребни. Значи имаме преголем број на администрација и препораките на Европа се да го намалиме тој број. Околу 33% треба да се намали од 9 до 12%. Се обидуваме да најдеме решение и се обидуваме и во делот на платите да обрнеме внимание бидејќи реално сме со најниските плати во другите институции во државата“, додаде посочи Куртиши.

По денешниот протест пристигна реакција од „Македонска пошта“ од каде во писмено соопштение тврдат дека е обезбедена плата за сите вработени.

-Крајно тенденциозно и несериозно е организирањето штрајк од страна на еден од Синдикатот на вработените во „Македонска пошта“ во услови кога за сите вработени платата е веќе обезбедена. Од тие причини веруваме дека штрајкот е политички мотивиран, а вработените се манипулирани, со што се нарушува нормалното функционирање на претпријатието - порачуваат од „Македонска пошта“.

Инаку, вработените во АД „Пошта“ сочинуваат околу 61 процент од вкупниот број на лица вработени во поштенскиот пазар кој брои вкупно 2,744 вработени.

Овие податоци објавени од Агенцијата за пошти во 2024 година, покажуваат дека споредено со 2023 година, бројот на вработени во АД „Пошта“ се намалил за околу 7,6 отсто.

ЕУ побара од САД партнерство засновано на меѓусебно почитување

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на прес-конференција по вонредниот самит, Брисел, 22 јануари 2026 година.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на прес-конференција по вонредниот самит, Брисел, 22 јануари 2026 година.

Европската Унија побара од Соединетите Држави да се однесуваат кон неа со почит.

На крајот од вонредниот самит на лидерите на земјите-членки, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, потсети дека трансатлантската заедница е изградена низ историјата, заснована на заеднички вредности и посветена на просперитетот и безбедноста на нашите народи.

„Веруваме дека односите меѓу партнерите и сојузниците треба да се воспостават на срдечен и меѓусебно почитувачки начин“, рече Антонио Кошта на крајот од самитот.

Вонредниот самит беше свикан откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за одредени европски земји.

И откако американскиот претседател на 21 јануари објави дека се откажува од царините, ЕУ не го откажа самитот, сметајќи дека е потребно да се разговара за состојбата и иднината на трансатлантските односи.

„Европската Унија ќе продолжи да се залага за своите интереси и да се брани себеси, своите земји-членки, своите граѓани и своите компании од каква било форма на принуда. Има сила и инструменти да го стори тоа и ќе го стори тоа доколку и кога е потребно“, рече Кошта.

Почитување на територијалниот интегритет на Гренланд и Данска

„Кралството Данска и Гренланд имаат целосна поддршка од Европската Унија. Само Кралството Данска и Гренланд може да одлучува за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“, рече претседателот на Европскиот совет.

„Ова е одраз на нашата цврста посветеност на принципите на меѓународното право, територијалниот интегритет и националниот суверенитет, кои се клучни за Европа и меѓународната заедница како целина. Овие принципи ќе продолжат да ги водат нашите постапки“, додаде тој.

Кошта нагласи дека ЕУ и САД имаат заеднички интерес кога станува збор за безбедноста на арктичкиот регион, преку соработка во рамките на НАТО алијансата.

Лидерите на европските земји потврдија дека Европа ќе игра посилна улога во овој регион.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека европските институции досега не обрнале доволно внимание на потребите на Арктикот.

„Колективно недоволно инвестиравме во Арктикот и безбедноста на Арктикот. Мораме посилно да се ангажираме. За следниот долгорочен буџет, предложивме удвојување на средствата за Гренланд. Комисијата наскоро ќе предложи значаен инвестициски пакет“, потврди претседателот на Европската комисија.

ЕУ резервирана за „Одборот за мир“ на Трамп

Претседателот на Европскиот совет потврди дека земјите-членки се резервирани кога станува збор за учество во новоформираниот „Одбор за мир“.

„Имаме сериозни сомнежи за голем број елементи во повелбата на „Одборот за мир“, поврзани со неговиот обем, управување и компатибилност со Повелбата на Обединетите нации“, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Тој ја потврди подготвеноста на европските институции да соработуваат со Соединетите Држави за спроведување на сеопфатен мировен план за Газа, но нагласи дека Одборот треба да ја извршува својата мисија како преодна администрација, во согласност со резолуциите на Советот за безбедност на ООН.

ЕУ планира санкции против иранскиот министер и шефовите на безбедносните сили

Иранскиот министер за внатрешни работи Ескандар Момени
Иранскиот министер за внатрешни работи Ескандар Момени

Европската Унија предложи санкции против министерот за внатрешни работи на Иран, Ескандер Момени и 14 други високи функционери за нивната улога во насилното задушување на масовните протести што избувнаа кон крајот на декември, покажуваат документите до кои дојде Радио Слободна Европа.

Протестите избувнаа на 28 декември поради тешката економска состојба, вклучително и падот на валутата, но брзо се претворија во антирежимски протести, на кои властите одговорија со смртоносна сила.

Министрите за надворешни работи на ЕУ би можеле да ги усвојат мерките, кои вклучуваат замрзнување на средства и забрани за патување, на состанокот во Брисел на 29 јануари.

За да бидат усвоени санкциите, сите земји-членки мора да гласаат „за“.

Предлогот, датиран на 20 јануари и дистрибуиран во Советот на ЕУ, е насочен кон министерот за внатрешни работи Момени, кој ги надгледува иранските сили за спроведување на законот (LEF), како и кон Иранската револуционерна гарда (IRGC), која се смета за одговорна за смртта на стотици демонстранти.

Главниот обвинител Мохамед Мовахеди-Азад се соочува со санкции за заканување на демонстрантите со смртна казна под обвинение за „непријателство против Бога“ за време на немирите.

Според документите на ЕУ, Момени, кој е и заменик-врховен командант, командувал со силите „за потиснување на уличните протести“, за време на кои биле регистрирани голем број жртви.

Предложените мерки на ЕУ вклучуваат и шест институции и компании кои овозможуваат репресија - од иранската Агенција за регулирање на аудио-визуелни медиуми (SATRA), која цензурира несогласување, до технолошките фирми Јафтар и Доуран, кои развиваат алатки за блокирање на VPN и технологија за препознавање лица.

На мета е и Работната група за криминална содржина (WGDICC), судско тело кое филтрира и цензурира пристап до интернет.

Од 8 јануари, Иранците се речиси целосно отсечени од надворешниот свет, откако властите воведоа речиси целосна блокада на интернетот.

Сè уште не е јасно кога ќе бидат обновени услугите, а експертите стравуваат дека дури и тогаш властите ќе ги принудат граѓаните да го користат домашниот „интранет“, кој работи независно од глобалниот интернет.

Иранци во Босна и Србија: „Се надеваме на крај на репресијата“
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:03 0:00

Назначувањето на ИРГК како терористичка организација е малку веројатно

Предложените забрани за патување и замрзнување на средства доаѓаат во време кога ЕУ е под притисок со години - и надворешно и внатрешно - да ја назначи Иранската револуционерна гарда како терористичка организација.

Сепак, таквата одлука е малку веројатно да се донесе следната недела.

Вметнувањето на ИРГК на црната листа бара едногласна одлука, а таа елитна формација е длабоко вкоренета во економијата на Иран и ја води регионалната политика на Исламската Република.

Италија, Франција и Шпанија се спротивставуваат на одлуката и нема знаци дека ќе го променат својот став.

Зеленски го повика Трамп да обезбеди посилна воздушна одбрана за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека за време на состанокот во Давос го повикал американскиот претседател Доналд Трамп да обезбеди повеќе ракети „Патриот“ и други системи за воздушна одбрана, додека американските претставници се подготвуваа за понатамошни разговори во Москва со рускиот претседател Владимир Путин.

Зеленски, исто така, ја покрена можноста за трилатерални разговори меѓу руските, украинските и американските тимови што ќе се одржат во Обединетите Арапски Емирати на 23 и 24 јануари.

Трамп и Зеленски на Светскиот економски форум во Давос се состанаа повеќе од еден час, во разговори што Трамп ги нарече позитивни.

„Средбата со претседателот Зеленски беше добра. Ќе видиме како ќе заврши“, рече Трамп за време на краткиот состанок со новинарите, додавајќи дека неговата порака до Путин е дека „војната мора да заврши“.

Кратко по коментарите на Трамп, Зеленски рече дека неговата главна порака е дека на Украина ѝ е потребна дополнителна одбрана од руските напади со беспилотни летала и ракети што оставија до милион луѓе без греење и електрична енергија на температури под нулата.

„Моите последни зборови... до претседателот Трамп (беа): Не заборавајте на воздушната одбрана, не заборавајте на Патриот“, рече Зеленски, додавајќи дека тоа е „многу важно за Украина оваа зима“.

Ден на мрмотот

Зеленски упатил вакви апели многу пати, а го започнал и завршил својот говор зборувајќи за глобалниот Ден на мрмотот во кој кризите доведоа до силни зборови, но не и до решителна акција.

„Секој форум како овој го докажува тоа. Само минатата година тука во Давос, го завршив мојот говор со зборовите: „Европа мора да знае како да се брани“. Помина една година и ништо не се променило“.

Зеленски рече дека ова важи и за Иран, каде што „имаше толку многу разговори... но се удавија во крв“, како и за застојот во напорите за создавање меѓународен кривичен трибунал за руската агресија во Украина.

Критикувајќи го „недостатокот на политичка волја“ во Европа, тој исто така спореди како американските поморски сили запленуваат танкери од таканаречената флота во сенка, додека „руската нафта се транспортира по самите брегови на Европа“ без никакво пресретнување.

Зеленски заврши велејќи: „Да го завршиме овој Ден на мрмотот“ и дека мировните разговори со Русија сега влегуваат во „последната милја“.

Таа милја започнува со тоа што американската делегација предводена од специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, се упатуваат кон Москва на разговори со Путин на 22 јануари.

Претходно, самиот Виткоф даде оптимистички коментари, велејќи дека „сега сме на крајот. Всушност, јас сум оптимист“.

„Мислам дека се сведовме на едно прашање и разговаравме за верзии на тоа прашање, што значи дека е решливо. Значи, ако двете страни сакаат да го решат ова, ние ќе го решиме“, рече Виткоф.

Во Москва, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да го коментира оптимизмот на Виткоф, велејќи само дека „дискусиите ќе продолжат за прашањето за украинското решение и други поврзани теми“.

Кремљ соопшти дека разговорите ќе се одржат навечер, а Виткоф рече дека американската делегација нема да преноќи во Москва, туку ќе лета директно за ОАЕ.

Сепак, немаше непосредни информации од руски или американски претставници за трилатералните разговори што ги спомена Зеленски.

Заминува американската амбасадорка Агелер: САД остануваат цврст партнер на Северна Македонија

Американската амбасадорка Анџела Агелер.
Американската амбасадорка Анџела Агелер.

Американската амбасадорка Анџела Агелер, пред заминувањето од земјава, преку социјалните мрежи упати порака до македонските граѓани, во која истакна дека „заслужуваме да бидеме земја каква сакаме да бидеме и оти заминува со верба во силата и храброста што ја имаме да го постигнеме тоа.“

Таа порачува дека САД секогаш ќе бидат покрај земјата и дека ќе го споделуваат нашиот сон за посилен, попросперитетен, побезбеден, целосно интегриран евроатлантски партнер и сојузник.

„Пред три години пристигнав во Скопје како десетти амбасадор на САД во оваа прекрасна земја. Бев, и сè уште сум, длабоко почестена од извонредната привилегија да ја претставувам мојата голема нација во вашата земја. Кога стапив на оваа улога, реков дека имам огромна верба во силата и храброста на народот на Северна Македонија. Оттогаш, таа верба е оправдана, обновена и зајакната одново и одново“, вели Агелер:

„Исто така, реков дека цврсто верувам дека сега е времето да се направи вистинска разлика - да се зајакне економскиот раст, енергетската независност, судскиот интегритет, образовната извонредност, културната отпорност и европската интеграција. Во некои области, соработувајќи тесно, постигнавме вистински напредок. Во други, останува работата, посочува Агелер во пораката до македонските граѓани“, вели таа.

Потестува дека 2025 година ја одбележа 30-годишнината од билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија, иако, како што вели, „нашето партнерство датира од поодамна.“

„Соединетите Американски Држави секогаш ќе бидат покрај вас, верувајќи како и многумина од вас, во сонот за посилен, попросперитетен, побезбеден, целосно интегриран евроатлантски партнер и сојузник. Ве оставам со последна порака на надеж - ова е вашата земја и секој од вас заслужува таа да биде земјата за која сонувате дека може да биде. По три години, сè уште ја негувам огромната вера што ја имам во силата и храброста на народот на Северна Македонија“, вели Агелер.

Лидерите на ЕУ разговараат за Гренланд и трговските односи со САД

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Лидерите на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) се собираат во Брисел вечерва на 22 јануари на вонреден самит, свикан откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за одредени европски земји.

Самитот беше потврден и откако американскиот претседател се откажа на 21 јануари од воведување царини, откако во Давос беше постигнат рамковен договор за Гренланд на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Европската Унија првично планираше да разговара за заеднички одговор на американските закани со царини на самитот. Се очекува лидерите да разговараат и за стратегија за одговор на потенцијалните идни закани од Доналд Трамп.

Во покана до шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нагласи дека сака да разговара за предизвиците во трансатлантските односи, нивните последици за Европската Унија, како и за координацијата на идните чекори.

Европскиот парламент на 21 јануари го замрзна процесот на ратификација на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави, во услови на тензиите околу Гренланд.

Според европските дипломати, ЕУ сака јасно да утврди колку е силно, стабилно и предвидливо сегашното трансатлантско трговско партнерство и воен сојуз.

Фокусот на дискусијата несомнено ќе биде Гренланд, а се очекува лидерите да добијат повеќе информации од Данска.

По потврдувањето на рамковниот договор, премиерката на Данска изјави дека нејзината земја е подготвена да разговара за безбедноста на Арктикот, но инсистира на почитување на територијалниот интегритет.

Европската унија во моментов се двоуми дали формално да учествува во новоформираниот Мировен комитет, чекајќи дополнителни објаснувања од американската страна, но и анализирајќи дали учеството во овој форум е дозволено со уставите на поединечните земји-членки.

Европската комисија првично ја поздрави идејата за овој комитет, но ЕУ ќе се обиде да заземе заеднички став и по ова прашање.

За некои европски земји е проблематично што Трамп ги покани во Комитетот претседателите на Русија и Белорусија, Владимир Путин и Александар Лукашенко.

Сепак, едногласноста по ова прашање повеќе не е можна, бидејќи Бугарија и Унгарија се приклучија на Комитетот.

МЗ: Стоп за промоцијата на тутун, приоритет е здравјето на децата

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Министерството за здравство соопшти дека новиот предлог-закон за заштита од пушење предвидува целосна забрана за рекламирање, промоции и спонзорства од тутунската индустрија, со цел јавното здравје да се стави пред комерцијалниот интерес.

Според соопштението, забраната ќе важи за сите форми на промоција – во медиумите, на интернет и на социјалните мрежи, како и за настани, наградни игри, попусти и подароци поврзани со тутунски и никотински производи.

Министерот за здравство Азир Алиу во писмена изјава нагласува дека лесната достапност и видливоста на овие производи го зголемуваат бројот на нови корисници, особено меѓу децата и младите. „Заштитата на децата е апсолутен приоритет“, истакнува Алиу, додавајќи дека намалувањето на видливоста е една од најефикасните превентивни мерки.

„Рекламирањето директно влијае врз почнувањето со пушење, особено кај младите. Со овие законски одредби се спречуваат и прикриените форми на промоција. Јавното здравје има предност пред комерцијалниот интерес“, порачува министерот Алиу.

Предлог-законот, како што се вели, предвидува и проширување на забраната за продажба на малолетни лица, која ќе се однесува не само на класичните цигари, туку и на сите други никотински производи.

Дополнително, се воведува забрана за јавно изложување на тутунски и никотински производи на продажни места, како и забрана за нивна продажба во угостителски објекти, спортски и културни објекти и на јавни настани.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG