Вести
Нова рунда разговори меѓу Србија и Косово во Брисел
Нова рунда дијалог меѓу Косово и Србија ќе се одржи во четврток, 22 јануари во Брисел на ниво на главните преговарачи, со посредство на Европската Унија.
Главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, и главниот преговарач на Косово, Бесник Бислими според неофицијални информации, ќе разговараат со европската страна за спроведувањето на Декларацијата за исчезнати лица, која српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ја постигнаа во 2023 година.
Според неофицијални информации, главните преговарачи треба да се договорат за функционирање на Заедничката комисија за исчезнати лица од војната во Косово.
Главните преговарачи се согласија за ова прашање во 2024 година, а првата средба требаше да се одржи во јануари.
Сепак, српската страна одби да учествува во тоа време поради акциите за затворање на канцелариите поддржани од Србија во Косово.
Ова е првата средба во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово оваа година.
Таа доаѓа веднаш откако европскиот посредник за дијалог, Питер Соренсен, ги посети Приштина и Белград. Соренсен ќе одржи одделни разговори со главните преговарачи во Брисел, по што треба да следи заеднички состанок на главните преговарачи на Косово и Србија.
види ги сите денешни вести
Градежен бум за брз профит: Становите скапи, квалитетот сомнителен
Пукаат цевки, од влага неколку пати мувлосале елементите во кујна, поради лоша поврзаност на вентилацијата кога се готви во еден, мириса во друг стан...Вакви проблеми има скопјанецот Атанас Ј. и по девет години откако купил стан во една од комплексот згради на улица „Македонска војска“ во скопската општина Ѓорче Петров.
„Кога протече над нас, лом ни направи - кујната стана неупотреблива, дури и рингла се расипа, одново и варосувавме. Гаражата која е на ниво - 1, на секој дожд целосно се поплавува. Влезот пред зградата е толку лошо направен што баш тука се собира вода. Нема никаква звучна изолација, соседите ги слушаме како да седат кај нас во дневна соба дури и кога тивко разговараат“, вели Атанас за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Цената на становите во новоградбите во поатрактивните општини во Скопје надминува по 2.500 евра за квадрат и веќе е споредлива со цените во европски градови. Просечна цена на квадрат во Солун е 3.270 евра, во Рига во Латвија е 2.720 евра, во Дортмунд во Германија е 2.700 евра, според онлајн базата на страницата Numbeo.com.
Најголема постигната цена за квадратен метар во Скопје е 189.231 денари( 280.000 евра) за стан од 91 квадрат во општина Центар, според последниот извештај на Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар за третиот квартал од 2025 година (1 јули - 30 септември).
Или, 3.076 евра за метар квадратен.
Атанас раскажува дека зградата ја граделе двајца инвеститори - едниот непарните, а другиот парните катови. Па, на местото каде на еден кат има кујна на другиот кат над него е направено купатило - кога пукаат цевки, вода од купатилата тече во кујните.
Слични проблеми има и Моника Младеновиќ, која во 2023 година се вселила во новоградба во населба Тафталиџе. Станот го купила две години претходно, по 1.250 евра за метар квадратен.
„По една недела откако се вселивме, се поплавија кујната и купатилото. Не можевме да закачиме телевизор на ѕидот затоа што под гипс-гартон имаше гола црвена цигла, без малтер, без ништо. Вентилацијата не функционира. Долго време немавме имотен лист, а договор за купопродажба на станот се направи дури откако го добивме имотниот лист. На паркингот уште висат железни шипки, не е безбедно“, вели Младеновиќ за РСЕ.
На другиот крај од градот, во населбата Ново Лисиче, скопјанката Марија Најдова по секое туширање ја собира водата од купатилото затоа што тече обратно наместо накај сифонот.
„Вода уште не беше приклучена во зградата, а купатилата беа направени. Проблемот е затоа што не е погоден „падот“ на водата. Се жалевме, дојдоа мајстори, ги прелепија плочките и пак е исто“, вели Најдова, исто така вселена во нова зграда.
Профитот - главен интерес
Слични проблеми има во најголем број од новоградбите, проценува архитектот Никола Велковски, поранешен главен архитект на Скопје и екс претседател на Градежната комора.
Според него, 80 отсто од приватните инвеститори не се градежни фирми, туку луѓе кои воопшто не се во секторот, градат еднаш или најмногу неколку пати во зависност колку локации ќе добијат, имаат и други бизниси и краен интерес им е профитот.
„Сметам дека новите градби се сигурни во делот на статиката, но се друго е паушално и неквалитетно. За око убаво изгледа, убаво го претставуваат, но купувачот после ќе ги види недостатоците. Квалитетот е на најниско ниво што може да постои - изјави Велковски за РСЕ.
Според него, проблемот настанува уште при првиот чекор, изработката на проект.
„Важно им е не кој знае, туку кој е најевтин. Изведувачите многу често не се класични изведувачи, туку групи мајстори со кои нема инжинер да го контролира квалитетот на работите. Надзорот во најголем дел е паушален, ќе земат некој колку да им напише технички извештај на крај, а во тек на градба го нема никаде. Купувачите се заведени, на хартија има и надзор и се што треба, а во пракса го нема“, вели тој.
Недостатоците во квалитетот на градбите се показател за поширок проблем во станбеното градење, велат и од Организацијата за домување и станари (ОДС), граѓанско здружение кое работи на пристапно и пристојно домување и заштитени граѓански права.
„Станува збор за последици од брза и неквалитетна изведба, недоволна контрола на градежните фази и користење материјали со низок квалитет. Овие проблеми најчесто укажуваат на системски пропусти во проектирањето и изведбата на објектот. Дополнителен проблем е што граѓаните често немаат доволно јасни договори, не се информирани за своите права или немаат механизми за ефективна заштита, па во пракса тешко доаѓаат до поправки или обештетување. Ова создава чувство на немоќ и недоверба во системот“, велат од оваа организација.
РСЕ побара став за квалитетот на градбите од неколку приватни инвеститори кои нудат станови за продажба во веќе изградени или во згради во изградба, но никој од нив не сакаше да даде изјава.
Архитектот Велкоски, пак, смета дека купувачи за становите има без разлика на цената, затоа што инвестицијата во недвижност уште се смета како една од најсигурните инвестиции.
Несигурноста во квалитетот на материјалите било причина скопјанецот Иван М. да се всели во стар стан. Првично барал нов, но инвеститори на зградите му рекле дека гарантниот рок на становите или на материјалите вградени во нив најчесто е две - три години.
„Јас во тој стан треба да живеам со децении, а по мене можеби и децата. Кој гарантен рок се две години, па за телевизор има повеќе гаранција“, вели Иван.
Затоа, по месеци гледање нови, на крај купил стан во зграда на булеварот „АСНОМ“, градена меѓу 1985-1990 година од тогаш реномирани градежни фирми. Вели дека е подготвен да вложи повеќе за да го реновира, но дека барем ќе знае што ќе стави во него.
Без контрола на квалитетот, купувачите оставени сами на себе
Според законите, контрола на градбите вршат повеќе институции.
Министерството за транспорт и врски е надлежно за законската регулатива, директната контрола на изградбата останува на локално ниво. Општините издаваат дозволи за градба, следат дали се почитуваат роковите за изградба, според Законот за градење.
Но, градежните инспектори не се надлежни да го проверат квалитетот на становите. Тоа го прават фирми за надзор кои инвеститорот сам ги ангажира, иако надзорот треба да биде независен од фирмата што гради.
Или, тој што гради, тој одлучува и кој ќе го контролира.
Од јули до септември 2025 најмногу продадени станови имало во скопската општина Центар (611), според Регистарот на цени и закупнини на недвижностите. Следуваат Аеродром со 515 и Карпош со 440 трансакции за купопродажби и закупи на станови.
„Општината не е надлежна за утврдување на квалитетот на завршените станови, тоа се регулира со договор мегу изведувачот (инвеститорот) и клиентот“, ни одговорија од општина Центар.
Дејан Митески, градоначалник на општина Аеродром, вели дека во неформални разговори и до него стикнале поплаки од сограѓани, но дека општината нема надлежност во тој дел.
„До 2005 година, надзор врз објектите од втора категорија правеа општините и издаваа одобренија за употреба. Потоа тоа се смени и сега не е така. Можеби пак треба да се врати таа одредба“, вели Митески за РСЕ.
Секоја зграда треба да има избрана фирма која е лиценциран управител со станбени објекти. Во моментов има 62 такви фирми со лиенци. Но и на нив рацете им се врзани.
„Има реакции и кај нас, многубројни се. Многу згради немаат хидрантски мрежи и противпожарни апарати. Граѓанин купил гаража, а нема отвор да влезе во гаражата. Или, направени паркинг места на шини, па нема пристап до нив. Или, инвеститор ги продал и заедничките простории во зградата. Ако зградата е во гарантен рок, ние се обраќаме до инвеститорот, па има посредување, преговарање..Но, откако ќе ги предаде клучевите, одговорноста на инвеститорот како да престанува“, ни рече управителка на една таква фирма.
Во државата има и Регулаторна комисија за домување, но и таа не е надлежна за контрола на квалитетот на новоизградените станови.
Поплаките во ќорсокак, граѓаните сами се снаоѓаат
Откако видел дека нема чаре, на Атанас од Ѓорче Петров за колку - толку да се заштити, единствена опција му била да плаќа годишно осигурување во осигурителна компанија. По една од многуте штети, добил 30.000 денари од осигурувањето.
Моника Младеновиќ од Тафталиџе, пак, по многубројни и бурни конфликти со инвеститорот, се обидела да се пожали во општината. Ја пратиле да пополни формулар, консултирала адвокат и се повлекла кога увидела дека ќе влезе во долга и скапа судска постапка.
„На крај, решив да поправам што може да се поправи и да си го чувам здравјето“, раскажува Моника како завршила голготата.
Архитектот Велковски, пак, апелира државата и општините да преземат мерки и да ги засилат контролите затоа што продажбата на неквалитетни станови станува масовна појава.
Од јули до септември 2025 се продадени недвижности во вкупна вредност од 305 милиони евра, според последниот квартален извештај во Регистарот на цени и закупнини.
Најголем број од купопродажбите на недвижности, третина од вкупниот број, се купопрадажба на станови.
Исто така, во овој извештај стои дека во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани 26.463 листови за предобележување - што укажува дека толку објекти се градат и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.
Фредериксен: Данска ќе разговара за безбедноста на Арктикот, но да се почитува интегритетот
Данската премиерка Мете Фредериксен изјави дека НАТО е целосно свесен за ставот на Кралството Данска: дека за сите политички прашања - безбедноста, инвестициите и економијата - може да се преговара, но не и за „нашиот суверенитет“.
„Бев информирана дека тоа не е случај. И, секако, само Данска и Гренланд можат да донесуваат одлуки за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“, истакна данската премиерка во изјава објавена во четврток, по потврдата дека американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, постигнале рамковен договор за прашањето на Гренланд.
Во својата изјава, таа нагласи дека безбедноста на Арктикот е прашање на целиот воен сојуз и дека, според неа, е „добро и природно“ да се дискутира за тоа меѓу генералниот секретар на НАТО и претседателот на Соединетите Држави.
Таа потврди дека во текот на целиот процес данската влада ги координирала своите напори со гренландската влада на Налакерсуисут и била во контакт со генералниот секретар на НАТО, вклучително и периодот пред и по неговата средба со претседателот Трамп во Давос.
„Кралството Данска сè уште сака да води конструктивен дијалог со сојузниците за тоа како можеме да ја зајакнеме безбедноста на Арктикот, вклучително и американската „Златна купола“, под услов тоа да се направи со целосно почитување на нашиот територијален интегритет“, рече Фредериксен.
Трамп во среда изјави дека нема да воведува царини за европските земји, што беше планирано за 1 февруари, по, како што рече, договорот за „рамка за иден договор“ за иднината на Гренланд.
Тој ја објави одлуката неколку часа по обраќањето на Светскиот економски форум, каде што рече дека не планира да употреби сила за да ги натера САД да ја преземат контролата врз Гренланд, но дека сè уште инсистира на разговори за улогата на САД во областа.
Елементите на тој рамковен договор засега не се познати.
Американскиот претседател само навести дека деталите сè уште ќе бидат разработени.
Портпаролката на НАТО, Алисон Харт, им изјави на новинарите дека разговорите меѓу сојузниците на Алијансата ќе се фокусираат на зајакнување на безбедноста на Арктикот преку колективни напори, особено на седумте арктички членки на НАТО.
„Преговорите меѓу Данска, Гренланд и САД ќе продолжат со цел да се обезбеди Русија и Кина никогаш да не добијат упориште, ниту економско, ниту воено во Гренланд“, се вели во писмената изјава на таа земја.
Виткоф вели дека останува само „едно прашање“ во мировните преговори за Украина
Американскиот специјален претставник Стив Виткоф даде оптимистички забелешки за тековните напори за мир во Украина на Светскиот економски форум во Давос на 22 јануари, велејќи на состанокот за појадок: „Сега сме на крајот. Всушност сум оптимист“.
Неговите коментари дојдоа во време кога дипломатијата повторно се обидува да го забрза процесот.
Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да се сретнат наскоро во Давос, а Виткоф рече дека ќе замине за Москва подоцна во текот на денот.
„Мислам дека го сведовме на едно прашање и разговаравме за повторувања на тоа прашање, а тоа значи дека е решливо. Значи, ако двете страни сакаат да го решат ова, ние ќе го решиме“, рече Виткоф.
Тој не објасни што беше „каменот на сопнување“, но неговите коментари беа во спротивност со забелешките на Трамп претходниот ден, кој зборуваше за тешкотиите во мировните преговори.
„Она што се случува е дека честопати ќе имаме договор со Русија, руската група, а претседателот Зеленски нема да го стори тоа. Го видовте тоа кога беше во Овалната соба. Не бев задоволен. А потоа, претседателот Зеленски ќе сака да склучи договор, а рускиот претседател Владимир Путин нема да сака да склучи договор“, рече Трамп.
Претходно, се чинеше дека Зеленски го поврзува присуството во Давос со потпишување договори со САД и други партнери за воздушна одбрана и други прашања. Не е јасно дали ова ќе се случи.
Сегашната делегација на Украина во Давос е предводена од Рустем Умеров, кој рече дека таму имал состаноци со Виткоф за економски развој, повоено закрепнување и безбедносни гаранции.
На 17 и 18 јануари, украинска делегација се сретна со претставници на САД во Мајами, каде што наводно разговарале за економска помош до 800 милијарди долари.
Разговорите во Давос, живописен швајцарски скијачки центар кој е домаќин на Светскиот Економски Форум од 1971 година, се одржуваат во време на немилосрдна руска кампања со ракети и беспилотни летала насочени кон украинските енергетски објекти.
Руските напади оставија до 1 милион луѓе без светлина и греење во период кога температурите се под нулата.
Трамп се откажа од заканата за царини поради Гренланд по разговорите со НАТО во Давос
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да воведува царини за европските земји кои беа планирани за 1 февруари, по она што тој го нарече договор за „рамка за иден договор“ за иднината на Гренланд и поширокиот арктички регион, по разговорите со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Давос.
Трамп ја објави одлуката неколку часа по говорот на Светскиот економски форум, каде што рече дека нема планови да употреби сила за да ги принуди САД да ја преземат контролата врз Гренланд, но дека ќе продолжи да инсистира на разговори за улогата на САД во областа.
„Изградивме рамка за иден договор во врска со Гренланд и, всушност, целиот арктички регион. Ова решение, доколку се финализира, ќе биде многу добро за САД и за сите земји-членки на НАТО“, напиша Трамп на мрежата Truth Social, додавајќи дека најавените царини повеќе нема да стапат во сила.
Тој рече дека понатамошните преговори ќе ги водат потпретседателот Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф, кои ќе му известуваат директно за напредокот на разговорите.
Европските претставници претходно остро реагираа на најавите на Трамп, предупредувајќи дека воведувањето царини поради прашањето за суверенитетот на Гренланд би можело сериозно да ги наруши односите меѓу САД и нивните европски сојузници.
Гренланд е полуавтономна територија што му припаѓа на Кралството Данска и има значајна геостратешка позиција на Арктикот. Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го отвори прашањето за преземање на островот од страна на САД во првите недели од неговиот нов мандат, тврдејќи дека е клучен за безбедноста на САД и НАТО, особено во контекст на руското и кинеското присуство во арктичкиот регион.
Кон средината на јануари, Трамп се закани дека ќе воведе тарифи од 10 проценти на увозот од осум европски земји - вклучувајќи ги Данска, Германија, Франција и Обединетото Кралство - кои одбија да ја поддржат неговата иницијатива за Гренланд. Тој, исто така, најави можност за зголемување на овие тарифи на 25 проценти од јуни доколку не се постигне договор.
Заканите предизвикаа силни реакции низ цела Европа. Европската комисија и неколку влади предупредија дека таков потег може да доведе до сериозна ескалација на трговските спорови и да ги оштети трансатлантските односи. Некои европски претставници, исто така, ја разгледаа можноста за одмазднички мерки, вклучително и користење механизми за заштита на ЕУ од економска принуда.
Прашањето за Гренланд доминираше и во дискусиите на Светскиот економски форум во Давос, каде што Трамп за прв пат јавно ја отфрли воената опција, но во исто време повика на „итни преговори“ за иднината на островот. Данска и Гренланд постојано велат дека не се подготвени да разговараат за промена на суверенитетот, но остануваат отворени за соработка во врска со безбедноста на Арктикот во рамките на НАТО.
Пресвртот дојде по средбата на Трамп со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на 21 јануари, кога американскиот претседател објави дека е постигнат договор за рамката на идниот договор и дека воведувањето на царини планирани за почетокот на февруари се откажува.
Нов протест против „Усје“, компанијата обвинува за тенденциозни напади
Голем број граѓани доцна попладнето ја блокираа крстосницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во близина на цементарницата „Усје“ во Скопје, под мотото „Воздухот не е луксуз, тоа е право!“.
Демонстрантите повторно ја посочија фабриката како главен виновник за загадувањето и бараат нејзина дислокација.
Протестот е организиран од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, која бара конкретни институционални мерки против аерозагадувањето од цементарницата „Усје“ велејќи дека се одложуваат со месеци или остануваат само на ниво на ветувања.
Присутните им доделија жолти картони на „Усје“ и Министерството за животна средина, барајќи независен мониторинг на фабриката. Организаторите од „Стоп за Усје“ објаснија дека граѓаните не веруваат во резултатите од мерењата што самиот капацитет ги врши и објавува.
Од иницијатувата бараат инсталирање на независни мерни станици под контрола на државни или независни тела, со 24-часовен мониторинг во реално време.
„Ако загадувањето се случува секоја минута, контролата мора да биде постојана, транспарентна и отпорна на манипулации“, истакнаа организаторите.
Од „Стоп за Усје“ посочија дека вечерашниот протест е продолжение на собирот од 26 декември 2025 година, по кој нема видлив напредок.
„Усје“ негира дека го загадува воздухот
Во пресрет на најавата за денешниот протест, од компанијата излегоа со соопштение наведувајќи дека „и покрај сите факти и докази кои потврдуваат дека компанијата работи согласно домашната регулатива и кои беа јасно потврдени од страна на релевантните институции, продолжуваат нападите кон „ТИТАН Усје“.
Компанијата оценува дека нападите не само што се тенденциозни, туку се засновани на произволни толкувања и прашуваат од кои причини и мотиви прстот неосновано се посочува само кон цементарницата.
„Овие напади ниту малку не придонесуваат кон изнаоѓање на решение за загадувањето во Скопје. Дека компанијата не е причина за ваквите состојби, покрај другото, зборуваат и фактите од последните неколку дена. Имено, поради редовен ремонт двете печки не работат – едната од 20 декември 2025 година, а втората од петокот на 16 јануари 2026 година. И покрај тоа што „ТИТАН Усје“ целосно не работи, на 16 јануари највисоката вредност на ПМ10 честичките достигна 275 микрограми на кубен метар, на 17 јануари – 250, на 18 јануари 202. Во понеделникот на 19 јануари – 190 и вчера, во вторник – 221 микрограми на кубен метар. Оваа состојба се потврдува секоја година“, велат од компанијата.
Од таму велат дека „ТИТАН Усје“ има А-интегрирана дозвола и дека цементарницата е под континуиран 24-часовен независен мониторинг на излезните гасови од оџаците, а резултатите од мерењата се јавно достапни преку неделни извештаи. Мерењата на оџаците, како што тврдат „се одвиваат согласно законската регулатива која ја пропишуваат институциите и е усогласена со европските директиви“.
„Дека нашето работење не е поврзано со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје зборува и фактот дека и кога компанијата не работи, загадувањето е високо“, додаваат од компанијата.
Скопјани секоја зима се соочуваат со сериозно аерозагадување, кое често го пласира главниот град Скопје меѓу најзагадените во Европа.
Полицијата ги избрка студентите од Филозофскиот факултет во Нови Сад
Полицијата во опрема за разбивање немири ги избрка студентите и граѓаните од зградата на Филозофскиот факултет во Нови Сад.
Студентите претходно објавија дека го блокираат факултетот бидејќи на професорката Јелена Клаут ѝ е доставено отказно решение.
Тие бараат Клеут да биде вратена на работа. Веруваат дека одлуката да не ѝ се обнови договорот за вработување е чин на политичка одмазда за нејзината поддршка на студентските протести.
„Ако професорката Клеут не може да држи предавања, никој не може“, рекоа студентите на факултетот кои се собраа.
Деканот на факултетот, Миливој Алановиќ, постојано ги повикуваше насобраните да ја напуштат зградата. Веб-страницата на високообразовната институција подоцна објави дека „Филозофскиот факултет не е под блокада“.
„Наставата и сите други активности на Филозофскиот факултет се одржуваат редовно“, се вели во соопштението.
Порано на факултетот пристигнаа неколку полицајци, кои, поради автономијата на универзитетот, можат да влезат во зградата на барање на деканот.
Алановиќ рече дека разговорите меѓу полицијата, администрацијата и студентите се во тек.
Собраните студенти, професори и граѓани цел ден креваат бучава, свират со свирчиња и се расфрлани по ходниците на факултетската зграда.
Професорот Клеут накратко им кажа дека се води борба за „одбрана на универзитетот“.
„Знам дека кога викате „Јелена!“ мислите на целиот универзитет, затоа викате, бидејќи мора да го одбраниме“, рече Клеут.
Деканот на Филозофскиот факултет неколку пати во текот на денот им се обрати на насобраните.
Меѓу другото, тој рече дека не постои законска основа врз која Јелена Клеут би можела да го задржи своето вработување на факултетот од денес.
„Би сакал да го замолам мојот колега Клеут да ве извести дека факултетот нема апсолутно никакви правни опции. Мојот колега Клеут е запознаен со сите законски постапки“, рече Алановиќ.
За време на неговото обраќање, насобраните скандираа „Администрација надвор“.
Што претходеше?
На доцентката на Филозофскиот факултет Јелена Клеут ѝ беше врачено решение за престанок на работниот однос, со што формално остана без работа на таа високообразовна институција.
Во одлуката се наведува дека работниот однос завршил на 20 јануари „поради истекот на рокот на кој се темелел“.
На ова му претходеше одлуката на Сенатот на Универзитетот во Нови Сад да не ја избере за звање редовен професор.
Клеут поднесе жалба на одлуката, но проширениот состав на Сенатот го отфрли нејзиниот приговор.
Речиси 1.200 професори потпишаа писмо за поддршка на Јелена Клоут, нарекувајќи го тоа „политичка одмазда“ со оглед на тоа што експертските тела дадоа позитивна оценка за нејзината теза за назначување за титулата.
Универзитетската администрација тврди дека постапката е спроведена во согласност со важечките прописи и овластувањата на Сенатот. Професорот најави тужба поради оваа одлука.
Во последните недели, голем број студенти и професори од Нови Сад организираа собири во поддршка на Јелена Клеут, која работеше на Филозофскиот факултет дваесет години.
Од самиот почеток, таа јавно ги поддржуваше студентите кои повеќе од една година ги водеа антивладините протести низ цела Србија.
Академиците, исто така, ги блокираа државните факултети речиси една година, од декември 2024 година, барајќи да се утврди одговорност за смртта на 16 лица на железничката станица во Нови Сад и да се распишат предвремени парламентарни избори.
Студентите на Филозофскиот факултет во Нови Сад беа меѓу првите што се придружија на блокадата. Беше прекинат кога деканот Миливоје Алановиќ, на 26 август минатата година, ги исклучи студентите кои го блокираа факултетот и ја повика полицијата, која со денови беше во зградата.
Ова доведе до неколку протести пред зградата на факултетот, за време на кои се случија судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Најголемиот протест се одржа на 5 септември, кога полицијата интервенираше на неколку места на кампусот на Универзитетот во Нови Сад. Потоа демонстрантите ја обвинија полицијата за прекумерна употреба на сила, што Министерството за внатрешни работи го негираше.
Европскиот парламент го замрзна трговскиот договор со САД поради тензиите околу Гренланд
Европскиот парламент (ЕП) го суспендираше процесот на ратификација на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави (САД) поради ситуацијата околу Гренланд.
„Со оглед на континуираните и ескалирачки закани, вклучително и закани со царини, против Гренланд и Данска, како и нивните европски сојузници, немавме друг избор освен да ја суспендираме работата на двата законски предлози на Тарнбери сè додека САД не одлучат повторно да се вклучат на кооперативен, а не на конфронтациски начин, и пред да се преземат какви било понатамошни чекори“, се вели во соопштението на Комитетот за меѓународна трговија на ЕП.
„Договорот Тарнбери“, именуван по местото каде што беше постигнат меѓу ЕУ и САД минатата година, воведе привремена царина од околу 15% за поголемиот дел од европскиот извоз во САД со цел да се избегне трговска војна.
Договорот предвидува укинување на царините за сите американски индустриски стоки и воспоставување систем на царински квоти за голем број американски земјоделско-прехранбени производи што влегуваат во ЕУ.
„Сепак, заканите за територијалниот интегритет и суверенитет на земја-членка на ЕУ, во комбинација со употребата на царини како инструмент за принуда, покажуваат дека САД ја поткопуваат стабилноста и предвидливоста на трговските односи меѓу ЕУ и САД“, се вели во соопштението на Европскиот парламент.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги објави царините на 17 јануари откако некои европски земји јавно се спротивставија на неговиот обид да ја преземе контролата врз Гренланд и испратија воен персонал на островот во поддршка на Данска и НАТО.
Претседателот на САД се фокусираше на осум европски земји: Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија.
Европската Унија веќе има подготвено пакет контрамерки, кои би стапиле на сила доколку САД воведат царини.
Во говорот во Давос на 20 јануари, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека европскиот одговор на какви било царини ќе биде „непоколеблив, обединет и пропорционален“.
Раководни функции по заслуги – предлог законско решение за вработување во јавната администрација
Мерит-принципот ќе стане правило, се најави на денешната прва јавна дебата за предлог-законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите.
Законското решение предвидува транспарентна постапка за именување на високораководните функционери, но и јасно ги уредува мандатите и го ограничува изборот. Функциите на високите раководители ќе бидат достапни за сите заинтересирани кандидати под еднакви услови.
Со новиот закон предвидено е да се напушти досегашната пракса на разни правила и минимални формални услови за избор на директори и членови на управните одбори, кои не гарантираа дека институциите ќе бидат раководени од компетентни лица.
Со законот ќе се следат и оценуваат резултатите од работењето на високите ракводители, управните одбори ќе се сведат на три члена, а статусот в.д. ќе стане исклучок строго временски и правно ограничен со максимум траење од шест месеци.
„Нема веќе доживотни функции и недопирливи позиции. Раководителите ќе имаат јасна обврска да испорачуваат резултати. Позицијата веќе не е титула, туку одговорност. Првпат се воспоставува единствена, јасна и системска рамка за именувањето, мандатот, одговорноста и разрешувањето на највисоките раководни позиции во администрацијата - кој, како и под кои услови ги води клучните институции. Воведуваме појасни и унифицирани критериуми за избор на директори, државни секретари и членови на колегијални органи на државната управа, но и за членови на управни одбори за кои досега не постоеја речиси никакви правила“, нагласи министерот за јавната администрација, Горан Минчев.
Според него, со години високите раководни позиции во државната управа и фондовите се уредуваа без единствен пристап, со разни критериуми и недоволно јасни правила.
„Таквата состојба создаде простор за несигурност, нееднаква примена на стандардите и слабеење на институционалниот капацитет. Наместо стабилност и континуитет, честопати добивавме привремени решенија, а наместо јавна одговорност, добивавме нејасни надлежности. Сега со новиот закон правиме обид ваквата состојба системски да ја промениме“ потенцира Минчев.
Тој посебно се осврна на управните одбори.
„Освен што воведуваме изедначени услови за членовите на управните одбори, критериуми за нивна селекција и постапка за нивно именување, со законот составот го намалување на три члена. Наместо бројност, воведуваме квалитет, наместо формално учество, воведуваме реална одговорност. Правната празнина ја пополнуваме, а членовите на управните одбори мора да исполнуваат значителни услови за да дојдат на таа функција. Управните одбори веќе нема да бидат проширени и нефункционални структури без јасен учинок, туку компактни и ефикасни тела составени од лица со соодветни професионални квалификации, знаења и интегритет“ рече министерот.
Невладините согласни со законот, ама нудат и корекции
Невладиниот сектор го поздравува нацрт-законот, но смета дека треба да има извесни корекции, особено во делот на критериумите за состав на комисиите, кои ќе го вршат изборот на кандидатите за директори и други високи позиции во државната управа. Засега, беше предочено, се предвидува министерот да ги составува овие комисии.
Извршната директорка на Центарот за управување со промени (ЦУП), Неда Малеска-Сачмароска, оцени дека донесувањето на овој закон е исклучително важен политички чекор.
„Законот нуди конкурентност, транспарентост и поголема отчетост зашто јавните огласи ќе бидат објавени на едно централно место - во Агенцијата за администрација и заинтересираните кандидати ќе имаат можност навмрено да се информираат за овие работни позиции. Тоа значи дека работните позиции ќе бидат отворени за една поширока група луѓе и назначувањата нема да бидат по пат на политика. Новина е тоа што управувањето со резултати во институциите ќе биде предмет на опсервација од страна на органите што ги избираат и именуваат раководните лица или владата, мандатот ќе биде врзан со остварување определени цели и телата што ги назначуваат ќе имаат обврска да бараат отчет, а извршните директори ќе бидат обврзани да даваат отчет за остварувањето на целите - истакна Малеска-Сачмароска.
Според неа, ќе има и поотворена, поконкурентна постапка за избор што ќе се темели на стручноста на кандидатите и на нивните компетенции да се справуваат со сериозни, комплексни проблеми, да имаат стратешка визија и да комуницираат меѓусебно.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) оцени дека е потребно донесување дополнителни одредби за зацрстување на одредени критериуми.
„Забелешките се однесуваат главно на обезбедување дополнителни одредби што ќе гарантираат независност во изборот на високите раководни службеници - професионализација, зацврстување на критериумите кој сè може да биде член во комисиите за избор, зашто министерот ја составува комисијата, што веднаш алудира дека ќе може да стави кандидати поблагонаклонети кон изборот што сакаат да се направи. Членовите на комисијата треба да бидат избрани со критериуми, треба да се скрати листата од пет на три, мора да се именува најдобриот прворангиран кандидат на тестовите или интервјуата, а сега дискреционо одлучува министерот - тој може да избере еден од тие пет или тројца. Имаме забелешки и во делот на вршителот на должност“,изјави Филков.
„Мерит“ системот, познат и како „систем на заслуги“, претставува начин на вработување и унапредување во јавната администрација. Во него, клучни критериуми се вештините, вредностите и заслугите на кандидатот. Овој пристап ги исклучува политичката припадност или етничкото фаворизирање, кои според извештаи на невладини организации досега беа честа пракса.
Предлог-законот го регулира пушењето на отворен јавен простор каде има присуство на повеќе луѓе
Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидено е негово регулирање на отворени јавни простори, каде што има присуство или движење на повеќе луѓе, истакнува министерот за здравство Азир Алиу, во пишана изјава до медиумите.
Поконкретно, пишува министерот, станува збор за простор околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни настани, спортски и културни настани, како и места наменети за деца, млади и семејства. Ова е особено важен аспект од законската рамка, имајќи предвид дека кога луѓето се блиску, чадот и аеросолот директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна.
Според Алиу, на јавни отворени простори граѓаните немаат реален избор да се оддалечат, а особено децата, постарите и хронично болните. Законот, вели тој, интервенира само таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав простор за сите.
„Посебен акцент е ставен нa локациите каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност на чадот од цигари, како на пример, при чекање во ред, простори на отворено каде се престојува подолго и други јавни собири на отворено. За илустрација, луѓето кои чекаат во редица за да купат билет за влез во установа од областа на културата или за влез на спортски натпревар, реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари. Целта на предлог-законот е да се заштити здравјето на оваа категорија население“, вели Алиу во пишаната изјава.
Исто така, во делот на регулирање на пушењето на отворени јавни простори, посебно е ограничено пушењето на места наменети за деца, млади и семејства, како на пример пред детските игротеки, каде најмладите не би можеле да избегнат изложеност на чад од цигарите.
„Отворен простор не значи автоматски безбеден простор, доколку истиот е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат на мало растојание и се директно изложени на чад од цигари. Токму затоа, ова е еден од клучните аспекти на законската рамка за заштита на здравјето на населението, а особено на најмладите“, појаснува министерот Алиу.
Инаку Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација.
Целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, забрана за рекламирање, како и регулирање на продажбата се само дел од измените кои ги предвидува новиот Закон за заштита од пушење. Глобите за непочитување на Законот чија нацрт верзија веќе е објавена на ЕНЕР, достигнуваат и до пет илјади евра.
Околу четири илјади животи годишно згаснуваат во Северна Македонија како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Бројот на активни пушачи во земјава е 40,4 отсто.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете