Вести
Осомничениот за убиството во старата скопска чаршија е уапсен во Косово, почнува постапка за екстрадиција
Осомничениот за убиството на 22-годишниот турски државјанин Ахмет Мерт Доган пред угостителски објект во Старата скопска чаршија за време на новогодишната ноќ е уапсен во Косово и е почната постапка за негова екстрадиција.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека врз основа на обезбедени докази, денеска поднело кривична пријава против М.Т. (25) од Република Турција со престојувалиште во Тетово осомничен за две кривични дела – „убиство“ и „убиство во обид“.
Тој е осомничен дека, во расправија, со нож го убил Ахмет Мерт Доган и го повредил и сонародникот Ч.Е. (23) и потоа избегал. Убиениот бил со престојувалиште во Скопје, а повредениот бил жител на германскиот град Есен.
Настанот е расчистен со докази обезбедени од Единицата за насилен криминал, Одделение за крвни деликти при СВР Скопје, врз основа на наредби од јавен обвинител.
„М.Т. на критичната ноќ во кафе-бар во чаршијата започнал расправија со А.М.Д. и Ч.Е., по што двајцата оштетени заедно со други лица заминале кон плоштадот. Меѓутоа, бидејќи не успеале да најдат такси, повторно се вратиле кон чаршијата и поминале во близина на истиот кафе-бар. При повторна средба со осомничениот, расправијата продолжила, а М.Т. извадил нож со кој му нанел четири удари во градниот кош и срцето на оштетениот А.М.Д., кој починал на лице место. Со еден удар му нанел телесна повреда – убодна рана во грбот и на Ч.Е., со намера и него да го лиши од живот, по што побегнал од местото на настанот“, соопштија МВР и државното Јавно обвинителство.
Вчера јавен обвинител наредил обдукција на починатиот, биле подигнати траги за вештачење, извршени разговори со повеќе лица и обезбедени снимки од видеонадзорот со што бил идентификуван осомничениот.
По преземени оперативно-тактички мерки од страна на органите на прогонот, биле добиени сознанија дека осомничениот М.Т. се наоѓа во Косово, каде што од косовските власти е лишен од слобода.
Основното јавно обвинителство Скопје наредило да се спроведе истражна постапка против турскиот државјанин осомничен за двете кривични дела.
„Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор во отсуство врз основа на кој веднаш ќе биде иницирана постапка за екстрадиција“, соопшти државното Обвинителство.
види ги сите денешни вести
Следната недела ќе се анализира дали трговците имале зголемени цени пред празниците
Министерството за економија и труд идната недела ќе прави анализа на цените на производите на крајот на минатиот месец и почетокот на месецов за да утврди дали имало поскапување и девијантно однесување од страна на трговците.
„Идната недела ќе ги анализираме податоците за цените од крајните денови на декември и првите денови од јануари и ќе бидете известени дали има девијантно однесување од трговците или зголемување на цените. Ќе бидете известени како ќе постапиме“, рече денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
На прес-конференција по повод стартот на примената на Законот за работно ангажирање на лица министерот посочи дека со овој закон ќе се намали невработеноста и оти пензионерите, студентите, корисниците на социјална помош, ќе можат да бидат вработени во текот на годината не повеќе од шест месеци.
Прашан дали ќе има прочистување на списокот во Агенцијата за вработување каде има невработени кои земаат социјална помош а неприфаќаат вработување, наведе дека со новиот закон што е во сила тие нема да ги губат правата како невработени, но ќе имаат можност да бидат вработени во дејностите земјоделство, рибарство, шумарство, угостителство.
Според направените анализи на Министерството за економија, со примената на законот се очекува формализација на 12 000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите.
Почина двегодишното дете кое беше рането од огнено оружје на новогодишната ноќ
Двегодишно дете, тешко повредено од огнено оружје за време на новогодишната ноќ, утрово им подлегна на повредите на Клиниката за детска хирургија во Скопје.
Јавното обвинителство денеска издаде наредба за обдукција на телото на двегодишното дете.
И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, истакнуваат попладнево од Министерството за здравство во врска со случајот со двегодишното дете повредено во новогодишната ноќ.
„Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на сoстојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг“, се наведува во денешното соопштение.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во изјава за медиумите информираше дека за време на новогодишната ноќ се случиле два сериозни инцидента - убиство на турски државјанин со нож во Скопската чаршија, и случајот на тешко повреденото двегодишно дете, кое било во животозагрозувачка состојба примено во Клиничкиот центар-Скопје.
„Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста“, рече Тошковски.
Повеќе од 50 граѓани побарале помош во скопските клиники вечерта на Нова година. Дежурните екипи оценија дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години, а дел од случаите се поврзани со пиење алкохол.
Мицкоски најави линеарно зголемување на пензиите од април
Во април, со мартовската пензија, ќе има линеарно зголемување на пензиите, изјави премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Кавадарци на 1 јануари.
Тој рече дека статистичките податоци за нивото на сиромаштија и Џиниевиот коефициент ја оправдуваат политиката за линеарното зголемување на пензиите.
Џиниев коефициент е мерка на статистичка распределба кој најчесто се користи за мерење на нееднаквоста на распределбата на приходите или за мерење на нееднаквоста на распределбата на богатството.
„Во април, со мартовската пензија, ќе има линеарно зголемување на пензиите така што продолжуваме со таа политика. Последните статистички параметри коишто ги издаде Државниот завод за статистика за нивото на сиромаштија и Џиниевиот коефициент само дополнително ја оправдуваат политиката на Владата за линеарното зголемување на пензиите“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека целта на Владата е да го намали нивото на стапката на сиромаштија кај оваа група граѓани.
Во 2024 година пензионерите добија линеарни покачувања на пензиите во два наврати со по 2.500 денари, или вкупно 5.000 денари.
Во септември 2025 година имаше уште едно линеарно покачување од по 1.000 денари, подеднакво за сите пензионери.
Опозицијата и експерти критикуваа дека со линеарното зголемување се заобиколува процентуалното усогласување на пензиите кое, според закон, се прави два пати годишно врз основа на растот на просечната нето плато и на трошоците за живот. Според нивни пресметки, за голем дел од пензионерите тоа е неповолно односно, тие би добиле поголеми покачувања доколку има регуларно усогласување на пензиите.
Според податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) во ноември 2025 година во Северна Македонија имало 346.909 корисници на пензија. Просечна исплатена пензија е 27.303 денари, според ПИОМ.
Нафтената индустрија на Србија доби од САД лиценца за работа до 23 јануари
Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави (САД) издаде посебна лиценца на Нафтената индустрија на Србија (НИС) што ѝ овозможува на компанијата повторно да извршува оперативни активности од 23 јануари, објави НИС.
„Оваа лиценца ѝ овозможува на НИС да одржува операции, договори и други договори поврзани со НИС и нејзините оперативни подружници, вклучително и рестартирање на преработката на рафинериите, увоз на сурова нафта и спроведување трансакции потребни за безбедност на снабдувањето и техничко одржување“, соопшти компанијата на 1 јануари.
Од почетокот на октомври, најголемата нафтена компанија во Србија, НИС, е под санкции од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД, поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво.
Поради неможноста за увоз на сурова нафта, рафинеријата Панчево, единствената во земјата, беше затворена на 2 декември.
Веста дека НИС доби нова лиценца за работа претходно ја објави на Инстаграм министерката за енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Поради американските санкции, транспортот на нафта преку Јадранскиот гасовод (ЈАНАФ) од Омишаљ до рафинеријата во Панчево, која се носи во Хрватска за НИС по море, исто така беше затворен.
На 31 декември, ЈАНАФ објави дека американската администрација издала лиценца за продолжување на транспортот на нафта до НИС, која ќе важи до 23 јануари 2026 година.
„ЈАНАФ д.д., во соработка со Владата на Република Хрватска, доби лиценца со која се овластува до 23 јануари 2026 година, учество во активности што се вообичаени и неопходни за транспорт на нафта за извршување на Договорот за транспорт на сурова нафта склучен со компанијата НИС а.д.“, соопштија од компанијата.
САД инсистираат руските компании да излезат од сопственоста на НИС. Нивниот удел моментално изнесува 56,2 проценти.
Српската радиотелевизија повикувајќи се на неименувани извори објави дека преговорите меѓу руските акционери во НИС и унгарската компанија МОЛ би можеле да бидат завршени до 23 јануари.
Српските власти претходно објавија дека овие преговори се во тек.
Рускиот претседател Владимир Путин на 19 декември изјави дека Русија „има идеи“ за тоа како и во која насока би можело да се реши прашањето за српската нафтена индустрија и дека таков дијалог со Србија е во тек.
На крајот на декември, американските власти го продолжија рокот за продажба на руски имот на српската нафтена индустрија. Сепак, таа одлука не му даде овластување на НИС да работи за време на дискусиите за наоѓање потенцијален нов мнозински сопственик.
Целта на санкциите на НИС е да се спречи Русија да ги користи приходите од енергија за финансирање на инвазијата на Украина.
Зеленски: Украинците сакаат мир, „но не по секоја цена“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ја поздрави Новата година со говор во кој вети дека ќе продолжи да работи на мировен договор за завршување на војната со Русија, но дека договорот не може да дојде „по секоја цена“.
Неговото 21-минутно новогодишно обраќање следуваше додека се подготвува за следната рунда мировни преговори, при што украинските сили го враќаат ударот врз руските енергетски ресурси по зголемените напади врз украинската цивилна инфраструктура.
Мировниот договор постигнат со посредство на Соединетите американски држави (САД) е „90 проценти“ завршен, рече Зеленски, но предупреди дека преостанатите 10 проценти ќе бидат тешки и ќе одлучат за „судбината на мирот, Украина и Европа“.
„Што сака Украина? Мир? Да. По секоја цена? Не. Сакаме крај на војната, но не и крај на Украина“, рече Зеленски во телевизиско обраќање.
„Дали сме уморни? Многу сме уморни. Дали тоа значи дека сме подготвени да се предадеме? Секој што мисли така, длабоко греши“, кажа Зеленски.
Украинскиот лидер инсистираше дека ќе потпише само „силен договор“, бидејќи секое потпишување на „слаби договори само ќе ја поттикне војната“.
Во многу пократко обраќање до Русите, рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата земја ќе ја добие војната во Украина, зборувајќи за судбината на Русија и единството на нејзините граѓани, што го нарече гаранција за суверенитетот и безбедноста на „мајката земја“.
„Им честитам на нашите борци и команданти за почетокот на Новата година! Веруваме во нив и во нашата победа“, рече Путин во тричасовно обраќање кое се фокусираше на она што Кремљ го нарекува „специјална воена операција“ во Украина.
Дипломатската активност за ставање крај на војната се интензивираше во ноември 2025 година, кога американскиот претседател Доналд Трамп го притисна Зеленски да прифати мировен предлог од 28 точки, кој многумина го сметаа за поволен за Русија.
Украина и нејзините европски сојузници - предводени од Велика Британија, Франција и Германија - побрзаа да развијат контрапредлог и излегоа со план од 20 точки што повеќе ги земаше предвид интересите на Киев, особено во однос на безбедносните гаранции и територијалниот интегритет.
Зеленски рече дека советниците за национална безбедност од таканаречената коалиција на земји кои се подготвени да се заложат ќе одржат состанок во Украина на 3 јануари, непосредно пред собирот на европските лидери на 6 јануари во Париз.
Коалицијата е неформална група од околу 30 земји, предводени од Велика Британија и Франција, кои изразија интерес за поддршка на мировните напори во случај на прекин на огнот во Украина.
Не е познато кои земји ќе учествуваат на состаноците.
Зеленски го повика „целиот свет“ да изврши притисок врз Москва и рече дека „верувањето на Кремљ на збор“ е „пресуда против заедничката меѓународна безбедност“.
Од почетокот на инвазијата, Русија извршила повеќе од 4.500 напади врз енергетската инфраструктура на Украина, според владини бројки.
Обединетите нации (ОН) предупреди дека континуираните напади врз системите за електрична енергија и греење би можеле да претставуваат сериозен хуманитарен ризик во текот на зимските месеци, особено за ранливите групи, вклучувајќи ги постарите лица, лицата со попреченост и семејствата со мали деца.
Во услови на интензивирани руски напади, Украина возврати, таргетирајќи локации во Русија со беспилотни летала за кои Киев тврди дека помагаат во поддршката на воените напори на Кремљ.
Годината почна со женско новороденче и со над 50 граѓани кои побарале лекарска помош
Женско е првото новороденче во Скопје во Новата 2026 година. Се вика Евгенија, родена е на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), објавија министерот за здравство Азир Алиу и директорката на ГАК, Ирена Алексиоска Папестиев.
Родена е со царски рез, тешка е 2,8 килограми и долга 48 сантимери и е трето дете во семејството Камчеви.
Алексиоска Папестиев рече дека Клиниката за гинекологија ќе продолжи да ги подобрува условите и дека годинава има „скок“ од 170 новороденчиња.
„Не е многу но по неколку години повторно надминавме 4.000 и минатата година имавме 4.043 раѓања во најголемото родилште во земјава. Се надевам трендот ќе го има и во другите родилишта“, рече Алексиоска Папестиев.
Уште две девојчиња - близначки се родени во специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓевски и министрите за здравство, Алиу и за демографија и млади, Фатмир Лимани, ги посетија новороденчињата и им однесоа подароци.
“Нека секое новородено дете биде наша заедничка надеж и обврска, да градиме подобра иднина, посигурна држава и посилно општество“, рече Ѓорѓевски.
Министерот Алиу посака нороденчињата да имаат здрав живот, благостостојба и да живеат во држава која ќе инвестира во здравствената инфраструктура.
Двегодишно дете рането од огнено оружје
Повеќе од 50 граѓани побарале помош во скопските клиники вечерта на Нова година, според податоците од клиниките. Дежурните екипи оценија дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително зголемен во споредба со претходните години, а дел од случаите се поврзани со пиење алкохол.
На Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување (ТОАРУЛУЦ) било примено дете на две години застрелано во главата.
„Примено е на интензивна нега со проектил во главата од огнострелно оружје. Немаме податоци што се случило. Детето е на интензивна нега“, изјави д-р Игор Мерџановски, директор на ТОАРУЛУЦ.
На оваа клиника дошле и осум пациенти повредени во физички напади, со телесни повреди. Шестмина се пуштени на домашно лекување.
Во однос на пиротехниката, лекарите информираа дека вкупно 20 пациенти се примени со повреди. Меѓу нив има и деца на 12 и 13 години кои се згрижени на Детската клиника и кои ќе бидат оперирани.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека новогодишната ноќ поминала главно мирно, но со два сериозни инциденти.
Првиот е случајот на тешко повреденото двегодишно дете на засега непознат начин.
„Станува збор за метален фрагмент, но во овој момент не можеме со сигурност да кажеме како точно дошло до повредата“, рече Тошковски.
Вториот случај е убиство на турски државјанин со нож во скопската чаршија.
Полицијата привела 49 лица, најмногу во врска со нелегална трговија со дрога и нарушен јавен ред и мир.
Најмлад пациент на Токсикологија е 14 годишно девојче
На Клиниката за токсикологија се примени 31 граѓани, од кои 13 малолетни, изјави д-р Нико Беќаровски. Најмладата пациентка имала 14, а најстарата 44 години.
На Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ ноќеска биле третирани 19 пациенти со повреди поврзани со новогодишната ноќ. Еден пациент бил со скршеница на потколеница, осум се повредени во тепачки, шест од пиротехнички материјали, а четворица во сообраќајки, изјави д-р Небојша Настов, директор на клиниката.
На клиниките биле примени и тројца пациенти кои паднале од висина. Меѓу нив е и 30 годишен маж, пронајден паднат во реонот на Буњаковец, кој бил во животозагрозувачка состојба и кај е него извршена операција на ’рбетниот столб. На Клиниката за неврохирургија бил примен 16 годишен пациент од Штип, исто така по пад од висина.
Новогодишната ноќ во Скопје се славеше на градскиот плоштад, каде имаше организиран дочек. Премиерот Христијан Мицкоски на социјалните мрежи објави дека и тој ја чекал Новата година на плоштадот во Скопје.
Десетици лица загинаа по пожар во бар во швајцарскиот ски-центар Кран Монтана
Швајцарската полиција верува дека околу 40 лица загинаа, а стотина се повредени во пожар за време на новогодишната забава во преполн бар во луксузниот ски-центар Кран Монтана во југозападна Швајцарија, соопшти италијанското Министерство за надворешни работи, јави Ројтерс.
Жртвите не можат веднаш да бидат идентификувани поради сериозноста на нивните изгореници, соопшти министерството.
Амбасадорот на Италија во Швајцарија, Џан Лоренцо Корнадо, изјави за Скај ТГ24 дека локалните власти му кажале дека пожарот е предизвикан од некој што пуштил огномет во барот, што го запалило таванот. Тој бил во Кран Монтана, каде што, како што рече, се собрале голем број Италијанци барајќи информации за исчезнати роднини или пријатели. Одби да каже дали има италијански жртви.
Тој рече дека некои од жртвите се од други земји, стотици лица работат на случајот и дека е отворена телефонска линија за помош за роднините.
Официјални лица изјавија дека задача за идентификување на тешко изгорени тела ќе одземе значително време.
„Не можам да сокријам од вас дека сите сме потресени од она што се случи ноќеска во Кран Монтана“, рече Фредерик Гислер, началник на полицијата на кантонот, на прес-конференција.
„Нашата бројка е околу 100 повредени, од кои најсериозно, а за жал десетици луѓе се претпоставува дека се мртви“, рече тој, додавајќи дека пациентите се испратени во болниците во Лозана, Женева и Цирих.
Причината за пожарот, кој првично беше пријавен како експлозија, останува нејасна, но властите рекоа дека се чини дека станува збор за несреќа, а не за напад.
Пожарот избувнал во 1.30 часот по полноќ во барот наречен „Констелејшн“ во Кран Монтана, каде полицијата, противпожарната бригада и спасувачките служби биле распоредени за да им помогнат на жртвите.
Областа е целосно затворена, а над Кран Монтана е воведена зона на забрането летање, соопшти полицијата.
Русија напаѓа енергетски објекти во Украина, Зеленски се подготвува за разговори со сојузниците
Руските сили продолжија да напаѓаат украински енергетски и цивилни објекти на последниот ден од 2025 година, додека претседателот Володимир Зеленски најави нови состаноци со европските сојузници оваа недела за да разговараат за најновите случувања во процесот насочен кон завршување на војната.
Зеленски изјави на мрежата X дека советниците за национална безбедност од таканаречената Коалиција на подготвените земји ќе се состанат во Украина на 3 јануари.
„Набргу потоа ќе се одржат разговори на ниво на лидери. Овие состаноци се неопходни“, додаде Зеленски, велејќи дека лидерите ќе се состанат на 6 јануари.
Зеленски ја поздрави „подготвеноста“ на американскиот преговарачки тим да присуствува на состанокот на коалицијата предводена од Европа, која вети дека ќе обезбеди одржлив повоен безбедносен план за Украина.
„Благодарен сум на тимот на претседателот Трамп за неговата подготвеност да учествува во сите ефикасни формати“, рече тој.
Додека Киев се обидува да ја консолидира поддршката за мировниот план од 20 точки, руските сили продолжија да напаѓаат украински региони, таргетирајќи енергетски и цивилни објекти.
Напади со беспилотни летала во регионот Одеса
Регионалните власти на 31 декември објавија дека шест лица се повредени, вклучувајќи три деца, во масовен руски напад со беспилотни летала во текот на ноќта во јужниот регион Одеса.
Властите изјавија дека нападите биле намерни напади врз цивилната инфраструктура.
„Овие напади се уште еден пример за терористичката тактика на непријателот, намерен напад врз цивилната инфраструктура во мирни градови во регионот Одеса, со што се загрозуваат животите и здравјето на луѓето“, напиша регионалниот гувернер Олег Кипер на Телеграм.
Водечката приватна енергетска компанија во Украина, ДТЕК, изјави дека две од нејзините електрани во регионот Одеса биле погодени од руски напади во текот на ноќта, предизвикувајќи голема штета.
„Штетата е значителна. Враќањето на опремата во работна состојба ќе потрае“, рече ДТЕК.
Според ДТЕК, руските сили нападнале 25 енергетски објекти низ регионот Одеса од почетокот на годината.
„Имаше една експлозија, а потоа ударниот бран ме фрли од ѕидот“, изјави Олга, жителка на Одеса, за РСЕ/РЛ.
„Бев дома со моето куче и (шокот) го фрли кучето низ собата и видов пожар. Сè се случува толку брзо што луѓето немаат време дури и да се засолнат“, додаде таа.
Во регионот Дњепропетровск, руски беспилотни летала повредија двајца мажи, на возраст од 84 и 52 години, соопштија регионалните власти.
„Две приватни куќи беа уништени, а шест други беа оштетени. Погодени беа и продавница и неколку автомобили. Погодени беа и гасовод и далновод“, напиша регионалниот гувернер на Телеграм.
Од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, Русија изврши повеќе од 4.500 напади врз енергетската инфраструктура на Украина, според податоците на украинската влада.
Обединетите нации предупредија дека континуираните напади врз системите за електрична енергија и греење би можеле да претставуваат сериозни хуманитарни ризици во текот на зимските месеци, особено за ранливите популации, вклучувајќи ги постарите лица, лицата со попреченост и семејствата со мали деца.
Во Русија, локалните власти објавија дека две лица се повредени во напад со беспилотни летала врз руското пристаниште Туапсе на Црното Море.
Во ударот е оштетено пристаниште, опрема за рафинерија за нафта и неколку куќи, соопштија локалните власти.
Се засилуваат протестите во Иран поради падот на валутата
Иранците излегоа на улиците на 31 декември четврти ден по ред за да го искажат својот гнев поради економската криза, валутата во слободен пад и заканата од нова рунда воени удари што се закануваат над земјата.
Демострации беа пријавени во неколку градови, а многу пазари и продавници повторно беа затворени откако студентите ги обновија своите протести со универзитетски собири претходниот ден.
Видеата објавени на социјалните мрежи од Фаса во провинцијата Фарс, покажаа демонстранти како се собираат пред канцеларијата на регионалниот гувернер.
Безбедносните сили во градот наводно испукале солзавец кон демонстрантите, а некои слики покажаа демонстранти како фрлаат камења кон канцеларијата на гувернерот.
Извештаите не можеа да бидат независно потврдени, иако државната новинска агенција Мехр индиректно потврди во извештај дека се случиле судири во градот.
Повикувајќи се на информиран извор, Махр ги негираше извештаите дека едно лице е убиено пред канцеларијата на гувернерот на Фаса.
Генералниот обвинител на Иран денеска изјави дека иако протестите што ја зафатија земјата се легитимни, неведе дека секој обид за создавање несигурност ќе биде пресретнат со „решителен одговор“.
Безбедносните сили испукаа солзавец за да ги растераат толпите демонстранти во текот на изминатите три дена. Луѓето скандираа антивладини слогани во знак на протест против брзата девалвација на валутата.
Како одговор, гувернерот на централната банка, Мохамед Реза Фарсин, поднесе оставка во понеделникот, а беше заменет од поранешниот министер за економија и финансии, Абдолнасер Хемати.
Закана од нови израелски напади
Додека властите во Иран ги задушуваат протестите со солзавец и палки, нова закана се појави преку Атлантикот откако американскиот претседател Доналд Трамп го угости израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неговото одморалиште Мар-а-Лаго во Флорида во понеделникот.
На прашањето дали би поддржал нови израелски воени напади врз Иран доколку Техеран продолжи со своите ракетни или нуклеарни програми, Трамп беше недвосмислен.
„Ако продолжат со ракетите - да; нуклеарната програма, брзо. Едното е „да, апсолутно“, другото е „ќе го направиме тоа веднаш“, рече Трамп.
Неколку моменти претходно, Трамп, исто така, посочи на внатрешните предизвици со кои се соочуваат иранските власти.
„Тие имаат многу проблеми во Иран. Имаат огромна инфлација. Нивната економија е во урнатини... и знам дека луѓето не се многу среќни. Но запомнете, секој пат кога има немири или некој формира група, мала или голема, тие почнуваат да пукаат во луѓе“, рече тој.
Паѓа иранскиот риал
Вредноста на иранската валута, риалот, на црниот пазар нагло падна - од 800.000 ријали за долар пред една година на 1,4 милиони ријали за долар. Официјалниот девизен курс е подобар, но многумина не можат да разменуваат странска валута по тој курс.
Многу продавници беа затворени бидејќи трговците ги затворија во знак на протест и се придружија на демонстрациите.
Лошата состојба на економијата можеби не е единствениот фактор што ги поттикнува обновените протести во Иран.
Демонстрантите, исто така, скандираа „Смрт на диктаторот“, слоган што често се слушаше за време на масовните протести „Жени, живот, слобода“ што ја потресоа земјата во 2022 година.
Покрај тоа, можноста за нови израелски напади се чини дека се зголеми по посетата на Нетанјаху на Флорида. За време на 12-дневната војна во јуни, Израел и САД започнаа кампања на бомбардирање на иранските нуклеарни и воени објекти.
„Тие ги знаат последиците. Последиците ќе бидат многу тешки, можеби потешки од минатиот пат“, рече Трамп.
Санам Вакил, раководител на програмата за Африка и Блискиот Исток во лондонскиот тинк-тенк „Чатам Хаус“, рече дека „до одреден степен, Нетанјаху го поместил фокусот, истакнувајќи ја ракетната закана како следна линија на конфликт и како оправдување за потенцијална воена акција“.
„Самото ова не ги прави воените напади поверојатни, но го проширува списокот на можни причини и оправдувања за идните акции... Силните напади врз воената инфраструктура би можеле да ги поттикнат националистичките чувства околу режимот, дури и додека ги влошуваат економските и политичките притисоци“, додаде таа.
Службениците во Техеран одговорија на двојните предизвици со закани и апели.
Али Шамхани, висок советник на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи, одговори на изјавите на Трамп, велејќи дека секој напад врз Иран би предизвикал „итен, суров одговор“.
Иранскиот претседател Масуд Пазекијан изјави дека побарал од Министерството за внатрешни работи да ги слушне „легитимните барања на демонстрантите преку дијалог со нивните претставници“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете