Неизвесноста околу конфликтот на Блискиот Исток и неговото економско влијание и натаму се во центарот на вниманието откако цените на нафтената берза надминаа 100 долари за барел и откако практично е затворен Ормускиот Теснец преку кој дневно поминува околу 20 проценти од глобално тргуваната нафта.
Цените на нафтата скокнаа за повеќе од пет проценти во вторникот, бидејќи неколку земји не го прифатија барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да помогнат во обезбедувањето на клучниот Ормутски теснец, додека Иран продолжи да ги таргетира соседните земји што произведуваат сурова нафта.
Со овој раст од пет проценти се надомести остриот пад од претходниот ден, што дојде откако шефот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) изјави дека може да се искористат повеќе залихи доколку е потребно, јавува новинската агенција Франс прес.
Оваа неизвесност е причината поради која земјите од регионот во изминативе две недели применија различни модели за ублажување на ценовниот шок од растот на цената на нафтата.
Заедничко на поголемиот дел од македонските соседи е во тоа што брзо реагираа, дел со директни, дел со индиректни мерки. За разлика од нив, македонската влада, засега вели дека активно ја следи состојбата со цените на горивата и размислува за неколку можни мерки кои „навремено би ги спровела“.
„Меѓу опциите кои се разгледуваат е намалување на ДДВ од 18% на 10%, со можност за дополнително намалување, зависно од движењата на светските пазари. Целта е заштита на животниот стандард, намалување на ценовниот притисок и одржување на економската стабилност“, се вели во одговорот на Владата на прашањата на Радио Слободна Европа.
Во нив е посочено дека Владата планира навремено да реагира со ограничување на ценовните притисоци, а за таа цел имала и средба со претставници на ланците супермаркети и хипермаркети за одговорно и фер однесување на пазарот.
„Надлежните институции, како Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренција, ќе го следат однесувањето на трговците, а контролите на терен ќе продолжат. Доколку се утврдат неправилности, ќе се преземат соодветни мерки за фер однесување и заштита на граѓаните“, се вели во одговорот на Владата.
Претходно викендов премиерот Христијан Мицкоски повторно изјави дека се сретнал со големите дистрибутери на нафта и нафтени производи, и тие заклучиле дека земјата има доволно залихи.
„Доколку цената, согласно законот оди над 800 долари по тон, тогаш може да ја намалиме акцизата од 800 до 1.000 долари по тон за еден денар, а од 1.000 до 1.200 долари по тон за два денара. Над тоа и за четири денари акцизата да ја намалиме. Така што имаме механизми коишто ги планираме, доколку сето ова продолжи, но се надеваме дека тоа нема да продолжи“, изјави Мицкоски за ТВ Ора.
РКЕ : Дизелот порасна поради глобално поскапување и курсот на доларот
Цените на горивата во земјава втора недела по ред се зголемија, во просек за околу 9% во однос на минатата недела иако по првичниот рекорден раст, цената на суровата нафта падна на светските берзи.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека „референтните цени на нафтените деривати бележат значително зголемување, особено кај дизелот, а дополнително влијание има и повисокиот курс на доларот“, поради што малопродажните цени се коригирани нагоре.
Новата цена на дизелот која ќе биде во сила до крајот на неделата достигна 92 денари за литар, што е зголемување од 6,5 денари во однос на претходната недела.
Србија ја намали акцизата, Хрватска ги ограничи цените на малопродажба на нафтата
За споредба, српската Влада на 13 март донесе одлука за намалување на акцизата за нафтени деривати за 20 проценти. Таа ќе биде привремена, ќе важи до 15 април.
„Поради зголемените цени на сировата нафта на светскиот пазар, државата „го презеде товарот врз себе и го намалува износот на акцизите за безоловен бензин и дизел“, се вели во владиното соопштение што пренесува српската државна телевизија РТС.
Дополнително до 19 март во Србија е на сила забраната на српските власти за извоз на нафта и нафтени деривати.
Хрватската влада на 9 март одржа вонредна седница за повторно воведување ограничувања на цените на горивата како одговор на нестабилноста на Блискиот Исток и тековната војна во Иран, која влијае на глобалните пазари на нафта. Максималните малопродажни цени стапија на сила на 10 март и ќе важат две недели.
Грција и Бугарија со мерки против профитерството
Грција на 11 март објави ограничување на маржите на профит на горивото и производите на полиците во супермаркетите во период од три месеци за да се спречат шпекулациите од зголемувањето на цените на енергијата предизвикани од војната меѓу САД и Израел против Иран, јави новинската агенција Ројтерс.
„Очигледно, не можеме да се справиме со зголемувањето на примарните цени, но секако испраќаме порака дека оваа економска криза не треба да води кон профитерство“, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по соопштувањето на одлуката.
Во обид да ги спречи фирмите за трговија со гориво да имаат непотребни придобивки од зголемувањето на цените на енергијата на сметка на потрошувачите, грчката влада соопшти дека ќе воведе ограничување од 12 центи за литар над големопродажната цена на бензинот и дизелот на бензинските пумпи, додека супермаркетите ќе се соочат со казни до 5 милиони евра ако нивните маржи на профит го надминат просекот за 2025 година.
Бугарската привремена влада на 12 март подготви мерки за поддршка на домаќинствата и бизнисите поради зголемувањето на цените на горивата. Планирана е директна финансиска помош за лицата со пониски приходи, која ќе биде префрлена на нивните банкарски сметки доколку цените продолжат да растат. Првичниот буџет на мерката е околу 30 милиони евра, а средствата според неа се планира да бидат месечни, јавува бугарската новинска агенција БНР.
Дополнително бугарската Националната агенција за приходи најави дека ќе ја зајакне контролата врз бензинските пумпи за да следи дали зголемувањето на цените на горивата не е резултат на шпекулации.
Од земјите од Западен Балкан без засега силни мерки за справување со ценовнит шок е Албанија, каде што регулаторите најавија пред една недела дека ги следат пазарите на горива на големо и мало, особено цените на бензинот и дизелот на бензинските пумпи. За разлика од нив косовската владата вовела лимит на профитните маржи на продажбата на горивата. На 4 март, косовската министерка за индустрија, претприемништво и трговија, Мимоза Кусари-Лила, ја објави одлуката за воведување привремена граница за максималната дозволена маржа за горивата што се тргуваат на косовскиот пазар, објави весникот „Газета експрес“.