Вести
Германија го запира извозот на воена опрема во Израел

Германија нема да одобри никаков извоз на воена опрема што би можела да се користи во Газа „до понатамошно известување“, објави канцеларот Фридрих Мерц на 8 авгус. Ова е пвиот одговор на еден од најсилните меѓународни поддржувачи на Израел по одлуката соопштена од кабинетот на израескиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја преземе контролата врз Газа.
Нетанјаху претходно изјави дека сака да го преземе целиот Појас Газа - одобрениот план конкретно се фокусира на градот Газа, најголемиот град во енклавата.
Во соопштението, Мерц нагласи дека Израел „има право да се брани од теророт на Хамас“ и рече дека ослободувањето на израелските заложници и целните преговори за прекин на огнот во 22-месечниот конфликт „се наш врвен приоритет“. Тој рече дека Хамас не смее да има улога во иднината на Газа.
„Уште построгата воена акција на израелската армија во Појасот Газа, одобрена од израелскиот кабинет синоќа, ѝ отежнува на германската влада да види како ќе се постигнат овие цели. Под овие околности, германската влада нема да одобри никаков извоз на воена опрема што би можела да се користи во Појасот Газа до понатамошно известување“, додаде тој.
Не беше веднаш јасно која воена опрема од Германија ќе биде засегната, јавува новинската агенција Асошиетет прес.
Германската влада останува длабоко загрижена за страдањето на цивилите во Газа, рече Мерц.
„Со планираната офанзива, израелската влада носи уште поголема одговорност од порано за обезбедување на нивните потреби“, рече Мерц.
Тој го повика Израел да дозволи сеопфатен пристап за испораките на помош, вклучително и за организациите на ОН и други невладини организации - и рече дека Израел „мора да продолжи сеопфатно и одржливо да се справува со хуманитарната ситуација во Газа.“
Мерц, исто така, ја повика израелската влада „да не презема никакви понатамошни чекори кон анексирање на Западниот Брег“.
Овој потег има посебна тежина бидејќи Германија се смета за еден од најсилните поддржувачи на Израел, веројатно надминат само од Соединетите Држави.
Владата на Мерц не се придружи на најавите на претседателот Емануел Макрон на клучниот германски сојузник Франција и на британскиот Кир Стармер дека планираат формално да ја признаат палестинската држава во септември.
Германија со децении одржува силно произраелски став, главно поради нејзината историска одговорност за Холокаустот, кој ја обликуваше нејзината повоена надворешна политика околу обезбедувањето на безбедноста на Израел и борбата против антисемитизмот, јавива новинската агенција Асошиетет прес.
види ги сите денешни вести
Жељазков-Кошта: За да напредува кон ЕУ, Северна Македонија мора да ги исполни условите од 2022 година

Единствениот пат напред за Република Северна Македонија е целосно спроведување на договореното од јули 2022 година, без можност за нивна ревизија.
Ова го изјавил премиерот Росен Жељазков на заеднички брифинг со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, објави БГНЕС.
„Што се однесува до Република Северна Македонија, нашата позиција останува непроменета. Единствениот пат напред е целосно спроведување на договорите од Европскиот консензус од јули 2022 година, без можност за нивна ревизија“, категоричен е премиерот Жељазков.
Тој потсети дека бугарските влади на Бојко Борисов добро соработувале со владите на РСМ на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, кога беше потпишан и Договор за добрососедство.
„Беше пронајден начин што ќе им овозможи на РСМ, како и на другите балкански земји, врз основа на нивните сопствени заслуги, да напредуваат во процесот на пристапување. Предлогот за компромис за време на француското претседателство беше одобрен од Советот, доби одобрение од бугарскиот парламент и оттогаш ништо не се променило, ниту во однос на принципите, ниту во однос на пристапот, што би им дало основа на нашите колеги од Скопјe да тврдат дека постои бугарски диктат“, нагласи премиерот Жељазков.
Тој изјави дека со одлука на Народното собрание годинава, ја потврдиле бугарската позиција.
„Експлицитно изјавивме дека нема да поставуваме никакви други барања за обврски од нашите соседи“, рече Жељасков.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истакнал дека во 2022 година ЕУ ги одобрила условите за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ.
„Северна Македонија, секако, мора да ги исполни овие обврски за да постигне напредок во овие преговори“, рекол Кошта.
Бугарскиот премиер исто така рекол дека е „апсолутно неоправдано и непотребно да се поднесува жалба до Уставниот суд на РСМ против потпишаниот протокол кон Договорот за добрососедство.
Уставниот суд на 13 август информираше дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
Подносителка на иницијативата, поранешната пратеничка Поповска во иницијативата наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
„Никогаш не сме барале аргументи во внатрешните политички дебати во РСМ, но се надеваме дека говорот на омраза и почитувањето на правата на бугарското малцинство, вклучително и ова, и обврската да бидат вклучени во Уставот на РСМ, ќе бидат исполнети, бидејќи тоа е предуслов за нив да продолжат по патот на целосно соседство“, категоричен е Жељазков.
Тој потсети дека за Бугарија, проширувањето на ЕУ, особено со Западен Балкан, останува приоритет.
Пентагон соопшти дека венецуелски авиони провоцирале американски брод

Пентагон соопшти дека два венецуелски воени авиони прелетале блиску до американски воен брод во меѓународни води на 4 септември, нарекувајќи го тоа „екстремно провокативен потег“.
Објавата означува нова ескалација на тензиите што се зголемија поради распоредувањето на американски бродови во Карибите.
„Силно му советуваме на картелот што ја води Венецуела да не презема никакви понатамошни обиди за нарушување или мешање во операциите против наркотици и тероризам што ги спроведува американската војска“, соопшти Министерството за одбрана на САД во соопштение на платформата X.
Вашингтон распореди воени бродови јужно од Карибите, додека тензиите се зголемија меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и венецуелскиот лидер Николас Мадуро, кого САД го обвинуваат за водење на нарко картел.
Во вторник, американските сили нападнаа брод за кој се сомневаше дека превезува дрога во Карибите. Според Трамп, бродот ѝ припаѓал на организацијата Трен де Арагва, која САД ја ставија на списокот на терористички организации, а која американскиот претседател ја поврзува со Мадуро. Како резултат на тој напад, Трамп рече дека се убиени 11 лица.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, за време на посетата на Латинска Америка, го бранеше пристапот на САД.
„Сега тие ќе ни помогнат да ги пронајдеме овие луѓе и ние ќе ги нападнеме, ако тоа е единствениот начин“, рече Рубио за време на посетата на Кито, Еквадор на 4 септември.
Еден ден претходно, на 3 септември, за време на посетата на Мексико, американскиот шеф на дипломатијата изјави:
„Тие картели знаат дека ќе изгубат два проценти од својата стока. Она што ќе ги запре е ако ги нападнеме, ако ги уништиме.“
Во Мексико, Рубио нагласи дека Трамп ги прогласил венецуелските групи Трен де Арагва и Картел де лос Солес за „наркотерористички организации“.
„Ако сте на брод полн со кокаин или фентанил што се упатува кон Соединетите Држави, вие сте директна закана за Соединетите Држави“, рече Рубио.
По американскиот напад врз бродот, Мадуро одговори со мобилизација на венецуелската армија, која брои околу 340.000 војници, како и резервисти, за кои тврди дека се повеќе од 8 милиони, осудувајќи го она што го нарече „најголемата закана што нашиот континент ја видел во последните 100 години“.
Путин: Западните трупи во Украина би биле цел на руската армија

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека сите западни сили распоредени во Украина би биле „легитимна“ цел за московската армија, еден ден откако сојузниците на Киев изјавија дека се обврзале на присуство на војници во случај на мировен договор, јави АФП.
Дваесетина земји, предводени од Франција и Велика Британија, во четвртокот (4 септември) ветија дека ќе се приклучат со сили на копно, море и во воздух кои ќе патролираат по каков било договор.
„Доколку некои војници се појават таму, особено сега за време на борбите, ние тргнуваме од претпоставката дека тие ќе бидат легитимни цели“, рече Путин на економски форум во рускиот град Владивосток.
Тој додаде дека распоредувањето на такви сили не е погодно за долгорочен мир и рече дека поблиските воени врски на Украина со Западот се една од она што тој го нарекува „коренски причини“ за конфликтот.
Украинските сојузници не открија никакви конкретни детали за планот, вклучително и колку војници би биле вклучени и како би придонеле одредени земји.
Киев вели дека безбедносните гаранции, поддржани од западните војници, се клучни за кој било мировен договор за да се осигури дека Русија нема повторно да ја започне својата офанзива во иднина.
Десетици илјади се убиени откако Москва ја започна својата офанзива во февруари 2022 година, принудувајќи милиони да ги напуштат своите домови и уништувајќи голем дел од источна и јужна Украина.
Путин рече дека ако може да се постигне договор, нема потреба од војници.
„Доколку се донесат одлуки што ќе доведат до мир, до долгорочен мир, тогаш едноставно не ја гледам поентата во нивното присуство на територијата на Украина. Бидејќи ако се постигнат договори, никој нека не се сомнева дека Русија ќе ги почитува во целост“, рече тој.
Украина и Западот посочуваат долг список на случаи кога Русија ги прекршила договорите, вклучително и во периодот помеѓу 2014 и 2022 година, кога сепаратистите поддржани од Москва се бореа против армијата на Киев на истокот од земјата.
Трамп врши притисок врз Европа за руската нафта додека Коалицијата го финализира безбедносниот план за Украина

Американскиот претседател Доналд Трамп зазеде борбен тон со клучните европски поддржувачи на Киев, велејќи им дека треба да извршат поголем финансиски притисок врз Русија и нејзиниот главен сојузник, Кина, за да го принудат Кремљ да ја прекине војната против Украина, изјави функционер на Белата куќа.
Европските лидери го повикаа „претседателот Трамп на нивниот состанок на „Коалицијата на подготвените“, рече функционерот на Белата куќа за телефонскиот повик на 4 септември по собирот во Париз на поддржувачите на Киев.
„Претседателот Трамп нагласи дека Европа мора да престане да купува руска нафта што ја финансира војната - бидејќи Русија доби 1,1 милијарда евра (1,8 милијарди долари) од продажба на гориво од ЕУ за една година“, го цитираше Ројтерс функционерот.
Функционерот додаде дека Трамп, исто така, во телефонскиот повик рекол дека „европските лидери мора да извршат економски притисок врз Кина за финансирање на воените напори на Русија“.
Трамп, кој разговараше со европските лидери по собирот во Париз, не коментираше лично за парискиот состанок. Но, во коментарите за новинарите подоцна, тој рече дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин, кога го прашаа дали планира да разговара со Путин во блиска иднина.
Европа се обидува, уште од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, да се ослободи од зависноста од Русија за снабдување со енергија. Европската комисија предложи закон за постепено укинување на увозот на руска нафта и гас од ЕУ до 1 јануари 2028 година.
Унгарија и Словачка, обете предводени од националистички лидери со блиски врски со Кремљ, продолжија да увезуваат руски енергетски производи и покрај потезите на ЕУ за диверзификација.
Коментарите на Белата куќа доаѓаат откако францускиот претседател Емануел Макрон - лидер на „Коалицијата на подготвените“ заедно со британскиот премиер Кир Стармер - изјави дека 26 земји се согласиле да учествуваат во повоените безбедносни гаранции за Украина и дека поддршката на САД за планот ќе биде финализирана во следните денови.
Студенти во Нови Сад: Невозможни се испити под полициска окупација

Студентите кои го блокираат Филозофскиот факултет на Универзитетот во Нови Сад го повикаа деканот Миливоје Алановиќ да ја „повлече полицијата“ од факултетот и со тоа да овозможи одржување на испити во зградата на таа високообразовна институција.
„Неприфатливо е и невозможно да се одржуваат какви било испити и други академски процеси во зградата на факултетот додека таа е ефикасно под полициска окупација“, изјавија тие.
Деканот Миливоје Алановиќ влезе во зградата на 26 август со неколку вработени и ги избрка студентите кои го блокираа факултетот.
На негово барање, десетици полицајци беа постојано присутни во зградата, како и пред неа, спречувајќи ги студентите кои го блокираа факултетот да влезат во зградата.
Испитниот рок е најавен за 8 септември, а ќе следи втор уписен рок.
Студентите во блокадата изјавија дека одлуката за начинот на полагање на испити „би морала да се донесе преку дијалог и без репресија“.
„Одлуката на деканот ја спроведува репресивниот државен апарат, кршејќи ја автономијата на Универзитетот“, се вели во соопштението, објавено од Бета.
Студентите во блокада и професорите на Филозофскиот факултет, како и граѓани, неколку дена протестираа пред факултетот поради постапките на деканот.
Филозофскиот факултет во Нови Сад беше првиот во градот што беше блокиран од студенти во декември минатата година, а потоа следеа блокади и на други факултети.
Студентите започнаа блокади низ цела Србија по несреќата во Нови Сад, кога се урна настрешницата на реконструираната Железничка станица, при што загинаа 16 лица.
Оттогаш тие бараат кривична и политичка одговорност за несреќата.
На почетокот на мај, тие излегоа со барање за предвремени парламентарни избори, што владата го одби.
Конкурс за новинарски стипендии „Јиржи Динстбир“

Радио Слободна Европа објавува повик за аплицирање за стипендијата за новинарство „Јиржи Динстбир“ за 2026 година.
Целта на оваа заедничка иницијатива, која РСЕ ја спроведува со Министерството за надворешни работи на Чешката Република, е да им помогне на новинарите од земјите од Западен Балкан да ја практикуваат својата професија, а воедно да ја поддржат медиумската плурализам и независност.
Се разгледуваат апликации од новинари од Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.
Стипендистите ќе поминат шест месеци во седиштето на РСЕ во Прага. Ќе бидат сместени во Балканската служба, а последниот месец ќе го поминат во локалното биро на Радио Слободна Европа.
Стипендистите ќе добијат месечна стипендија, надомест за сместување, здравствено осигурување и патни трошоци.
Крајниот рок за аплицирање за стипендијата е 3 октомври 2025 година. Програмата ќе трае од 2 март до 30 септември 2026 година.
Апликацијата и подетални информации за програмата можете да ги најдете ТУКА.
Почна судењето против криминалната група Беланоца-Барон

Судското рочиште против деветмината водачи и членови на криминалната група Беланоца-Барон, обвинети за повеќе убиства, изнуди и загрозување на општата сигурност во периодот од 2020 до 2024 година, почна денеска (4 септември) во судницата на затворот Идризово, со воведни зборови на Обвинителството.
Јавната обвинителка посочи дека обвинетите во рамки на злосторничко здружение извршиле најмалку осум убиства, дел од нив двојни, како и сериозни инциденти со кои била нарушена општата безбедност.
Таа појасни и дека дел од доказите се прислушувани и пресретнати комуникации, содржини од видео надзори, мобилни телефони, дигитални уреди, како и физички докази оружја, возила, траги од крв, искази на сведоци и тн.
Во воведните зборови на Обвинителството, беше истакнато дека членовите на криминалната група од една страна се декларирале како големи верници и муслимани, а од друга страна учествувале во ликвидации на лица за паричен надомест, трговија со дрога, рекет, изнуда, давање под камата и проституција.
„Еден од обвинетите дури кажува дека има голема желба да изврши самоубиствен напад влегувајќи во група на луѓе, како и дека својот син го учи на тие постулати. Има луѓе за кои животот значи сума на пари кои плаќаат преголема цена доколку убиството се изврши на најсуров начин, со испукување на цел арсенал автоматско оружје во лицето на противникот за цел негово уништување, а воедно и понижување и испраќање јасна порака. Има луѓе кои немаат јасна кауза и лојалност спрема никој и денес убиваат заедно, а друг ден кројат планови за да се убиваат меѓусебно. Има луѓе кои имаат на платен список убијци, изнудувачи, потпалувачи кои се испраќаат во мисија дури и за еден погрешно кажан збор“, истакна обвинителката.
Претходно од страна на адвокатот Еленко Миланов, бранител на првообвинетиот Фатљум Ајети, беше оспорена законитоста на прибавените докази на Обвинителството, нагласувајќи дека „поднесениот обвинителен акт и листата докази на Обвинителството не е наведена ниту една наредба за посебна истражна мерка, ниту пак е доставена било каква наредба за примена на посебна истражна мерка која би значела тајно следење и снимање на лица и предмети надвор од домот или деловен простор означен како приватен“.
На ова од страна на јавната обвинителка беше посочено дека „затворската ќелија недвосмислено претставува затворен и физички ограничен простор со ѕидови и врати каде што се одвива приватна комуникација“.
Обвинети се Фатљум Ајети познат како Тоте, Акиф Равмановски познат и како Јусуф Акифи–Барон, Зулќуфли Нуредини, Акиф Мемиши, Абдула Садики, Шенаси Маслани, Мирвет Маслани, Гани Марку и Решад Исман. Дел од нив беа спроведени од притвор, а дел од затворот „Идризово“ кадешто издржуваат затворски казни од други предмети.
Почина модниот дизајнер Џорџо Армани

Италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани почина на 91-годишна возраст, објави неговата модна куќа денеска (4 септември).
„Со огромна тага, групацијата Армани ја објавува смртта на својот творец, основач и неуморна движечка сила: Џорџо Армани“, се вели во соопштението на модната куќа.
Армани беше синоним за модерен италијански стил и елеганција. Тој ја комбинираше креативноста на дизајнер со остроумноста на бизнисмен, водејќи компанија која генерираше приходи од околу 2,3 милијарди евра годишно.
Со 14 набљудувачи ОДИХР од утре почнува да ги следи локалните избори

Четиринаесет набљудувачи на мисијата ОДИХР ќе ги следат локалните избори 2025 година.
Нивните барања за акредитации за набљудување на локалните избори едногласно ги усвоија членовите на Државната изборна комисија (ДИК) на денешната (4 септември) 133 седница.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, рече дека официјално утре ќе ја имаат и првата средба со претставниците на набљудувачката мисија, со што и официјално почнуваат со нивната работа.
„Тие ќе бидат во постојана комуникација за сите потребни појаснувања до Државната изборна комисија и ќе бидат присутни на сите наши отворени јавни седници. Така што во таа насока ги усвојуваме првите нивни барања за акредитација на набљудувачи. Едното барање е за шест лица, другото барање е за осум лица“, рече Кондарко.
Членовите на ДИК едногласно ги усвоија и измените, дополнувањата на решение за измена на регистер на радиодифузери, печатени и електронски медиуми, интернет портали за локалните избори.
На денешната седница се разгледуваа и 34 барања за изземање на претседатели, заменици претседатели и членови на Општинските изборни комисии, а воедно на нивни места беа избрани нови.
Ова ќе бидат осми по ред локални избори, а на минатите, во 2021, набљудувачката мисија на ОДИХР во земјава имаше тим од 16 експерти. Тогаш вкупно 165 набљудувачи од 29 земји ги следеа изборите, а за првпат се гласаше со биометриска идентификација на гласачите.
Будимпешта ја игнорира одлуката на Судот на БиХ, Сијарто му се обраќа на Додик како претседател

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, се сретна со Милорад Додик во Будимпешта денеска (4 септември), обраќајќи му се со „г-дине претседателе“, иако неговиот мандат е официјално одземен.
Унгарскиот министер за надворешни работи изјави дека Унгарија ја почитува волјата на народот кој „ги избрал своите лидери демократски на избори“.
Додик повеќе не е претседател на босанскиот ентитет Република Српска (РС), по пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот.
Унгарските власти имаат добри односи со Додик, а официјална Будимпешта ги блокираше сите обиди на Европската Унија да го санкционира.
„Веруваме дека ставот кон лидерите на Западен Балкан, кој подразбира санкции, омаловажување, дека ова не смее да биде решение, не смее да биде однесување што се применува во меѓународната политика“, рече Сијарто.
Тој додаде дека странското влијание на Западен Балкан традиционално доведува до дестабилизација.
Во врска со нелегалниот референдум за пресудата на Додик, планиран од властите на ентитетот, тој рече дека ниту тие, ниту Брисел не треба да имаат збор во тоа каква ќе биде иднината на РС.
Собранието на РС распиша референдум за 25 октомври за непризнавање на одлуките на Судот на БиХ, ЦИК и високиот претставник, иако Уставниот суд на БиХ претходно нагласи дека пониските нивоа на власта не можат да организираат референдуми за државни прашања.
Зборувајќи пред знамињата на БиХ и РС, Додик ги повтори своите претходни тврдења дека БиХ е „земја проблем и случај“ и рече дека Дејтонскиот договор не бил во интерес на многу „американски администрации и канцеларии во Брисел“ од самиот почеток.
„Како договорна страна, ја донесовме РС во БиХ, а БиХ не беше желба за нас, туку неопходност“, рече Додик.
Тој ги повтори и своите претходни барања Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) да ја напушти земјата и рече дека „ако работите тргнат на лошо за нас“, РС ќе донесе одлука за независност.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете