Вести
САД ја удвоија наградата на 50 милиони долари за апсење на Мадуро
Соединетите Држави (САД) на 8 август објавија дека ја дуплирале наградата, на 50 милиони долари, за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој е обвинет од американските власти за трговија со дрога.
„Денес, Министерството за правда и Државниот департмент објавуваат награда од 50 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Николас Мадуро“, напиша главниот обвинител Пам Бонди на социјалната мрежа X.
Претходната награда објавена во јануари беше 25 милиони долари.
САД сметаат дека изборот на Мадуро за претседател во јануари, за време на администрацијата на Џозеф Бајден, е нелегитимен.
Во јули оваа година, неговата партија освои огромно мнозинство градоначалнички места на локалните избори, кои беа обележани со бојкот од страна на опозицијата.
Истиот месец беше првата годишнина од претседателските избори на кои Мадуро беше прогласен за победник.
Националниот изборен совет ја прогласи Мадура за победник на претседателските избори, без да даде детали за гласањето, тврдејќи дека била жртва на компјутерско хакирање што многу експерти го сметаат за неверодостојно.
Опозицијата потоа прогласи победа и ја обвини владата за измама. Поради ова, голем дел од нив ги бојкотираа парламентарните избори одржани во мај, на кои таборот на Мадуро освои 253 од 285 места, според Националниот изборен совет.
види ги сите денешни вести
Собир во Скопје за поддршка на поранешните лидери на ОВК
Во Скопје денеска се одржа протестен собир за поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), обвинети за воени злосторства.
Собирот е организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој на собирот ја истакна праведноста на војната на ОВК и поддршката за борците за слобода. Протестот претходно го поддржа и градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити од ВЛЕН, која е коалиционен партнер во актуелната влада.
На плоштадот „Скендербег“ и околниот паркинг се собрани граѓани со албански знамиња и обележја на ОВК, а сообраќајот кон паркингот на ТЦ Мавровка е затворен. Собирот, на кој имаше силно полициско обезбедување, помина во мирна атмосфера.
Демонстрантите скандираа „УЧК, УЧК“, а следеа останатите говорници кои изразија благодарност кон лидерите на УЧК, вклучувајќи го и Али Ахмети.
Пред толпатa граѓани, Ахмети им се заблагодари на САД и НАТО што ја поддржале ОВК за, како што наведе, запирањето на геноцидот врз Албанците на Косово и додаде дека денеска се обраќаат и до Европа, додавајќи дека ОВК се борела за својот народ.
Тој рече дека ОВК ги почитува меѓународните конвенции и дека ја осудува секоја акција против цивилно население, а дека обвинувањата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими се неосновани и дека се упатени од Белград и Москва.
„Обвинувањата за жолтата куќа, обвинувањата за заеднички злосторнички потфат ја оцрнуваат историјата на војната на ОВК. Овој процес мора да заврши со епилог на невиност бидејќи Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими и војниците кои се зад решетки се обвинети за дела што не ги сториле“, додаде Ахмети.
На собирот се обратија Берат Хајдари - ветеран на ОВК, како и Хисни Гучати - претседател на Организацијата на воени ветерани.
Протестот во Скопје доаѓа по серија собири организирани изминатите месеци во повеќе европски градови, насочени против судењето на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) пред Специјализираните совети за Косово во Хаг.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно неделава рече дека нема да го поддржи протестот, но и дека е формиран Кризен штаб кој ќе ги следи сите настаните поврзани со маршот, 24 часа пред и по неговото одржување.
Државата и институциите, потенцира тој, ќе преземат сè што е во нивна моќ за да се спречи намерата да се испровоцираат какви било негативни реакции кои би можеле да имаат последици за граѓаните и регионот.
На 16 ноември се одржа протест во Стразбур, Франција, пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, организиран од групи што произлегуваат од војната на ОВК, каде беше изразено незадоволство од судењето на поранешните команданти – Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими – пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.
Организаторите рекоа дека протестот во Стразбур ги обединува Албанците „онаму каде што започна неправедната сага во нашата историја“.
Судењето на Тачи, Весели, Красниќи и Селими започна во 2023 година и е при крај. Сите тие ги негираат обвиненијата за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Претходно, слични протести се одржаа и во Тирана, Хаг и Приштина.
Во извештај од 2010 година, составен од тогашниот швајцарски сенатор Дик Марти и одобрен од Парламентарното собрание на Советот на Европа, се тврди дека лидерите на Ослободителната војска на Косово (ОВК) биле вклучени во трговија со органи за време на војната 1998-99 година.
Ова доведе до формирање на Специјализираните совети за Косово во 2015 година за да се истражат наводните злосторства од страна на членовите на ОВК против етничките малцинства и политичките ривали.
Судење во Хаг
Во септември, во корист на одбраната сведочеа поранешниот помошник државен секретар на САД – Џејмс Рубин, правниот советник на косовската делегација за време на разговорите во Рамбује во 1999 година – Пол Вилијамс, специјалниот претставник на САД за време на косовската војна – Крис Хил, и поранешниот британски дипломат – Џон Стјуарт Данкан.
Сите сведочеа дека Тачи немал авторитет над ОВК.
Специјализираните совети очекуваат судењето на поранешните водачи на ОВК да биде завршено до крајот на декември.
Тачи беше политички лидер на ОВК пред и за време на војната 1998-1999 година, Весели беше началник на разузнавачката служба, Красниќи беше портпарол, а Селими беше член на Генералштабот.
Обвинението против нив вклучува обвиненија за незаконско притворање, тортура, убиство, злосторства против човештвото, присилно исчезнување и прогон на стотици цивили и лица кои не учествувале во војната.
Се тврди дека овие злосторства се случиле помеѓу март 1998 и септември 1999 година на различни локации во Косово, а исто така и во северна Албанија.
Според Специјализираните совети, Тачи, Весели, Красниќи и Селими носат лична кривична одговорност за овие злосторства, но сите негираат вина.
Адвокатите на одбраната изјавија дека ОВК немала да добие поддршка од меѓународната заедница доколку постоел злосторнички план, како што тврдат обвинителите.
Според нив, обвинението се базира на селективно погрешно толкување на настаните.
Партиски судир околу мигрантите: СДСМ бара резолуција, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за лицемерие
Опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска разменија меѓусебни обвинувања околу прашањето за мигрантите и наводните планови за нивно прифаќање во Северна Македонија.
Од СДСМ во соопштение порачаа дека прашањето за мигрантите е државно, а не локално, и побараа од премиерот Христијан Мицкоски да се изјасни дали ќе потпише резолуцијата со која, како што велат, би се гарантирало дека во земјава нема да се носат мигранти „за пари“.
Според СДСМ, одбивањето на Владата да ја стави резолуцијата на гласање во Собранието отвора сомнежи за постоење планови за мигранти.
„Собранието е највисокиот орган на државата, составен од пратеници директно избрани од народот. Затоа Резолуцијата е народен договор. Со една одлука, на целата територија на Македонија, прашањето може да биде затворено“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека СДСМ и нивниот лидер Венко Филипче лицемерно ја отвораат темата, потсетувајќи дека за време на нивното владеење бил усвоен план за изградба на мигрантски камп во Бардовци во 2018 година.
„За сето тоа има и доказ во Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на Владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека тврдењата за носење мигранти од Велика Британија се неосновани и демантирани, обвинувајќи ја СДСМ за ширење паника и политички конструкции.
Темата за мигрантите останува предмет на политички препукувања меѓу двете најголеми партии, без официјална одлука донесена на собраниско ниво.
Темата за мигрантите се отвори по објавите во неколку британски медиуми на 5 декември, меѓу кои „Дејли мејл“, „Тајмс“ и „Сан“, во кои се тврдеше дека Велика Британија води преговори со Северна Македонија за прифаќање мигранти чии барања за азил биле одбиени. Во написите се наведуваше дека Лондон би ѝ плаќал на земјава за секој преземен мигрант и би обезбедил дополнителни инвестиции и поддршка.
Владата на Северна Македонија ги демантираше овие наводи, оценувајќи ги како неточни и за внатрешно-политичка употреба, при што се повика и на претходна изјава на британскиот амбасадор Метју Лосон и наведе дека уште во мај тој категорично негирал дека Северна Македонија ќе прифаќа мигранти од Велика Британија.
Путин со декрет ги обврзува странците што бараат престој во Русија на договор со војската
Рускиот претседател Владимир Путин минатиот месец издаде декрет кој не беше пироко објавен, а со кој се бара од многу странски мажи кои бараат постојан престој или државјанство да потпишат договор со војската во екот на војната на Москва против Украина, откри истражување на Радио Слободна Европа.
Државните и приватните руски медиуми речиси и да не го споменаа барањето, што е многу невообичаено во меѓународната пракса, откако Путин го потпиша Декретот бр. 821 на 5 ноември.
Но, новата мерка веќе ги принудува мигрантите кои го изградиле својот живот во Русија да избираат помеѓу регрутација и напуштање на земјата, открија Система, руската истражувачка единица на РСЕ, и Азатик Азија - нејзината единица на руски јазик што ја покрива Централна Азија.
Акиф, 48-годишник кој дошол во Русија од Азербејџан пред четири години, дознал за барањето кога неодамна ја посетил канцеларијата на Федералната служба за миграција за да праша какви документи му се потребни за постојан престој, изјави за РСЕ неговата сопруга Марија. Таа зборуваше под услов нивните презимиња да не бидат објавени.
„Пиони во мелницата за месо“
Акиф и Марија, руски државјанин, се венчале пред три години и изградиле имот во регионот Нижни Новгород каде што чуваат овци, кози и зајаци. Акиф ги исполнил другите услови, положил тест по руски јазик и добил привремен престој.
Но, двојката одлучила да ја напушти земјата, напуштајќи го планот на Акиф да бара постојан престој.
„Не знаеме што да правиме. Ние сме пиони во мелницата за месо“, рече Марија.
Постојаниот престој им дава на мигрантите правна стабилност: Тие можат да ја напуштат и повторно да влезат во Русија без дополнителни визи и да работат без посебна работна дозвола. За многу мигранти од други поранешни советски републики, тоа е единствениот пат до државјанство.
Сепак, според декретот на Путин, за да аплицираат за постојан престој, одредени мажи мора да поднесат воен договор за најмалку една година служба, договор за служба во Министерството за вонредни ситуации или потврда од канцеларијата за регрутација во која се наведува дека се неспособни за воена служба.
Слични правила важат и за мажите кои бараат руско државјанство: Тие мора да поднесат потврда дека се неспособни или да докажат дека служеле во војската или во Министерството за вонредни ситуации и дека биле отпуштени пред 24 февруари 2022 година, првиот ден од целосната инвазија на Русија врз Украина.
Овие барања важат за мажи кои бараат постојан престој или државјанство врз основа на долгорочен престој или семејни околности. Апликантите во други категории, како што се висококвалификувани специјалисти и оние кои бараат престој врз основа на студии во Русија, се ослободени.
Уредбата не се однесува на мажи од Белорусија, воениот сојузник на Русија. А за граѓаните на Казахстан и Молдавија, барањето е во сила само за апликации за државјанство, а не за постојан престој. Постојат посебни правила за граѓаните на Украина. Уредбата вели дека мерките се привремени, но не дава временска рамка.
„Му забранив да потпише“
Друг мигрант кој неочекувано дознал за барањето е 24-годишниот Бурксон кој дошол од Таџикистан пред околу една година и работи во регионот Ханти-Мансијск, кој произведува нафта. Во владината канцеларија му било кажано дека за да аплицира за постојан престој ќе мора да потпише воен договор, според неговиот татко.
„Тој ме слуша. И му забранив да го потпише договорот“, изјави таткото на Бурксон за „Азатик Азија“ во Таџикистан.
Освен повторувањето на непопуларната мобилизација од септември 2022 година, која ги натера многумина да ја напуштат земјата, руската војска остави малку неизгазени патишта во своите напори да ја одржи работната сила во војната, во која западните разузнавачки агенции и други велат дека повеќе од 1 милион руски војници се убиени или ранети.
Русија регрутираше мажи од целиот свет и се обидуваше да регрутира машки мигранти од почетокот на целосната инвазија.
Некои странци доброволно потпишаа договори во замена за плаќање или поедноставени процедури за државјанство. Москва постојано ги прошируваше таквите стимулации како што војната трае.
На пример, странските војници што се борат во Украина не мора да го положат испитот по руски јазик за државјанство. И руските пратеници неодамна разгледаа предлог-закон со кој се разјаснува дека странците кои се бореле на страната на Русија нема да бидат екстрадирани во други земји кои ги бараат за кривично гонење или извршување на казна.
Во мај, шефот на Рускиот истражен комитет, Александар Бастрикин, изјави дека најмалку 20.000 натурализирани мажи од Централна Азија се борат на фронтот, додека уште 10.000 биле испратени „да копаат ровови“.
Не е норма
Новонатурализираните граѓани биле повикани во канцелариите за миграција и им се заканувало одземање на статусот ако одбијат да се борат. Неодамна, натурализираните мигранти биле притворени и во големи рации и биле притиснати да потпишат воени договори.
Официјално, декретот означува првпат притисокот да стигне до оние кои не се руски државјани. Тоа означува отстапување од широко распространетата пракса на глобално ниво: Во повеќето земји со задолжителна воена служба, таа се однесува на граѓаните, а поретко на жителите со постојан престој.
Известувањето во медиумите, или недостатокот од него, е исто така невообичаено. Руските медиуми рутински ги објавуваат или опишуваат декретите на Путин, но во овој случај извештаите за декретот во главните печатени и електронски медиуми не го споменаа директно барањето, велејќи дека е воспоставена поедноставена постапка за добивање престој или државјанство за странците кои се приклучуваат на војската.
Темур Умаров, соработник во Центарот Карнеги Русија Евроазија во Берлин, рече дека се чини дека зад декретот стојат два мотива.
„Со овие правила, руската влада решава два проблема“, изјави Умаров за Система.
„Тоа ја зголемува мобилизацијата на сметка на луѓето кои имаат ограничена способност да ги бранат своите права и ја прави долгорочната миграција во Русија помалку привлечна“.
„Мигрантите во иднина ќе мора да доаѓаат во Русија исклучиво како работна сила“, рече тој.
Уапсена иранската добитничка на Нобелова награда, Наргес Мохамади
Иранската добитничка на Нобеловата награда за мир за 2023 година, Наргес Мохамади е уапсена заедно со неколку други активисти за човекови права за време на комеморација во североисточниот град Машхад.
Според Фондацијата „Наргес Мохамади“, апсењето се случило на 11 декември, за време на настан со кој се одбележувале седум дена од смртта на Кхосров Аликорди, истакнат адвокат и борец за човекови права.
На комеморацијата присуствувале многу луѓе, меѓу кои бројни познати активисти, поранешни политички затвореници и семејства кои бараат правда за жртвите на државно насилство.
Во објава на профилот на Мохамади на платформата Икс е наведено дека таа била „насилно уапсена од страна на безбедносните и полициските службеници“.
Нејзиниот сопруг, Таги Рахмани, кој живее во Франција, потврди дека „Наргес Мохамади, Сепиде Голиан и уште неколку други“ биле приведени на собирот.
Судири со безбедносните сили
Видео-снимки што кружат на социјалните мрежи покажуваат голема посетеност, а учесниците извикуваат слогани критични кон Исламската Република. На едно широко споделувано видео, Мохамади и активистката Сепиде Голиан стојат на врвот од возило, предводејќи ја толпата во извици како „Да живее Иран“.
Други снимки прикажуваат судири меѓу безбедносните сили и учесниците, при што полицајци напаѓаат демонстранти додека тие извикуваат слогани против власта.
Официјални претставници во Машхад подоцна потврдија дека неколку граѓански активисти биле уапсени. Според нивните тврдења, притворот на Мохамади е привремен и нареден од обвинителството.
Наргес Мохамади, која има 53 години, го помина најголемиот дел од изминатата деценија зад решетки. Таа издржуваше казна од 13 години и девет месеци пред да биде ослободена од здравствени причини на почетокот на декември 2024 година. Во моментот на новото апсење, наводно била на лекување.
По ослободувањето, Мохамади продолжи со својот ангажман во областа на човековите права, среќавајќи се со граѓански активисти низ цел Иран и учествувајќи во меѓународни дискусии, вклучително и виртуелни конференции со странска публика.
Мал авион падна во Мавровско Езеро, две лица повредени
Мал авион се урна во Мавровско Езеро – соопшти денеска (12 декември) Центарот за управување со кризи (ЦУК).
-Инцидентот бил пријавен на број 112, а информацијата веднаш е проследена од страна на ЦУК до СВР-Тетово, Итната медицинска помош (ИМП) и Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК-Тетово) за итна интервенција, соопшти ЦУК.
Авионот, како што нагласуваат, е од марката „пајпер“ и е наменет за превоз на четири лица. Двајцата патници во авионот се косовски државјани.
Тие, според информациите од СВР Тетово, се пренесени во гостиварската болница.
„Денеска околу 12:35 часот е пријавено дека во близина на браната „Белички канал“ во Мавровско Езеро се урнал мал авион. Од леталото на копното успеале да излезат двајца косовски државјани, Џ.П. (41) и Д.М. (64), кој го управувал авионот. Тие се здобиле со повреди и се пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар“, изјави портпаролот, Фатмир Реџепи.
По падот на спортскиот авион, Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти (КИНСИВ) почна истрага.
Претседателот на КИНСИВ, Марјан Прпоски, за агенцијата МИА изјави дека посадата на воздухопловот не е во животна опасност.
Прпоски вели дека денеска во 12.30 часот добиле информација оти мал спортски воздухоплов од типот Пајпер 28 слетал во Мавровско Езеро.
„Тимот на КИНСИВ веднаш излезе на терен и почна со истрага. Воздухопловот е во приватна сопственост и со американски регистарски ознаки и посадата на воздухопловот не е во животна опасност“, изјави Прпоски и најави повеќе информации од истрагата во наредните денови.
Зеленски ги посети трупите додека Украина тврди дека освоила територија близу Купјанск
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски во петокот изјави дека ги посетил трупите кои ги одбиваат руските напредувања кај опколениот град Купјанск, за кој Москва минатиот месец тврдеше дека повторно го зазела, но Киев негира – објави АФП.
Украина претходно соопшти дека нејзината армија повторно зазела две населени места во северниот дел на Харковскиот регион и ги потиснала руските трупи назад во Купјанск, стратешки важен град.
„Многу Руси зборуваа за Купјанск. Бев тука, им честитав на момците. Благодарам на секоја единица, на секого што се бори тука, на секого што го уништува окупаторот,“ рече Зеленски, носејќи панцирен елек, во видео објавено на Телеграм.
Тој не ја откри точната локација, но АФП го геолоцираше Зеленски на патот на влезот во југозападниот дел на градот.
Во петокот, Баталјонот Картиа соопшти дека украинската армија повторно зазела две населени места северно од градот.
„Киндрашивка, Радкивка и нивните предели се ослободени, како и бројни соседства во северниот дел на Купјанск,“ напиша единицата на социјалните мрежи.
Руската армија на крајот на ноември тврдеше дека повторно го зазела градот Купјанск, кој првпат го зазеде во 2022 година, пред украинските сили да го повратат во есента истата година.
Русија во последните месеци се пофали со напредоци на боиштата, каде украинските сили се под притисок.
Киев повеќепати ги отфрли руските тврдења за големи успеси како обиди на Москва да ја промовира приказната дека Украина е пред неминовен колапс, со цел да влијае врз мировните преговори.
Вашингтон сега го притиска Киев да направи големи територијални отстапки како дел од планот да се стави крај на речиси четиригодишната војна.
„Русите многу поефикасно дејствуваат во информативниот простор од кој било наш партнер и шират информации што не ја одразуваат реалноста,“ им рече Зеленски на новинарите во четвртокот.
„Мора да побиваме очигледни бесмислици,“ додаде тој.
Русија нема побарано формално анексирање на Харковскиот регион, каде што се наоѓа Купјанск, и според Зеленски, најновата верзија на нацрт-планот на САД за завршување на војната може да предвиди Русија да се повлече од овие области, а Украина да се повлече од Доњецкиот регион.
ФЗО откри низа пропусти во работата на дел од здравствените установи
Кај 14 јавни здравствени установи од кои две во Скопје, се утврдени неправилности во работењето. Ова го покажала вонредната контрола на работењето и финансиското управување на службите за Итна помош и на Домашна посета на целата територија на државата, што ја спроведе Фондот за здравствено осигурување.
„Од 37 јавни здравствени установи, од кои 29 надвор од Скопје и осум во подрачјето на Скопје, кај 23 ЈЗУ не се установени недостатоци во работењето. Во дел од установите се пронајдени недостатоци. Очигледно со проблеми се 14 установи од кои две се во Скопје, а 12 се надвор од Скопје“, изјави денеска (12 декември) генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски.
Тој информираше дека седум установи немале одобренија односно „не постои согласност за ценовниците што ги наплаќаат кон пациентите“.
„Значи сите ЈЗУ имаат ценовници, но тие ги одобрува ФЗО и Министерството за здравство. Тие установи функционирале со нивни интерни ценовници. Не тврдам дека тие се или не се на штета на пациентите, само кажувам дека не се одобрени. Кај две ЈЗУ е установено дека кон нас неправилно фактурирале услуги, а други две ЈЗУ наплаќале услуги од пациентите кои не смееле да ги наплаќаат“, додаде Клековски.
Недостиг и на ампули за болка
Тој посочи дека кај една јавна здравствена установа надвор од Скопје, констатирале дека недостигаат ампули за болка, дека лековите кои ги држат во Итната медицинска помош се под минимумот неопходен да функционираат.
„Кај една е утврдено дека немаат тимови за тоа што треба да го испорачаат. На сите ЈЗУ им е даден рок од два месеци да ги коригираат утврдените недостатоци по што повторно ќе извршиме уште една контрола“, информираше директорот на ФЗО.
Контролата нотирала дека е затворена Домашната посета во Шуто Оризари поради недостиг на персонал, но според Клековски, Здравствениот дом за тоа не информирал соодветно.
Истовремено со оваа контрола, извршени се и контроли кои се однесуваат на исплатите на платите во други 26 установи.
„Од нив, за жал, само осум биле без неправилности, а кај другите 18 установи се констатирани неправилности“, истакна Клековски.
При тоа, пријавени се и два случаи со по повеќе од 32 часа месечно прекувремена работа, што е надвор од законски дозволеното. Фондот открил и два случаи на зголемување на директорски плати надвор од законот и колективните договори, а дури осум случаи каде до ФЗО не ни биле доставени бараните документи кои ги вклучуваат книгите за дежурства за дополнителна дејност.
„На сите им упатуваме барање да извршат поврат на незаконско исплатените средства. Дел од следната контрола ќе биде да видиме дали постапиле. Станува збор за зголемување на платите од 10 отсто“, појасни Клековски.
Нагласи и дека во овој сет на контролирани ЈЗУ има и многу мали, има и здравствени домови, има и многу големи клинички болници. Посочи дека контролата се однесува на актуелното време, а не на минатите времиња, на сите им е дадено време да ги остранат недостатоците и тоа ќе биде предмет на повторни контроли.
Клековски информираше и дека овие податоци ги доставуваат до министерствата за здравство и за финансии, како и до Државниот завод за ревизија.
„Има елементи на кривични дела и нас ни е неопходно да се проследат понатаму. Од минатогодишните наши пријави се ефектуирани неколку кривични пријави од полицијата, но немаме никаква повратна информација дали Обвинителството постапува по нив, рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали клиниките кои работат со долгови се истите тие кои си ги зголемиле платите, рече дека има и такви.
Партиски обвинувања на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за преземањето на „Стопанска банка-Битола“
Српското сценарио се потврдува во Македонија и преку зделките со Алта Банка“, предупреди Александар Саша Димитријевиќ, член на ЦО СДСМ, посочувајќи дека преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“ од страна на српската Алта Банка е реализирано веднаш по доаѓањето на власт на ДПМНЕ.
Тој рече дека „Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски“, што, укажува на сериозно политичко-финансиско влијание.
Димитријевиќ детално објасни дека сопственикот на Алта Банка, Давор Мацура, во Србија стекнал огромни државни бизниси иако до вчера бил сопственик на мала менувачница, наведувајќи дека токму тој модел на сомнителни зделки е препознатлив за власта на Српската напредна партија (СНС) и претседателот Александар Вучиќ.
Тој потсети дека Европската централна банка му го суспендирала правото да купи удел во Адико банка поради сомнеж за потеклото на капиталот, како и дека постои долга истрага за Alta Pay поради сомнежи за перење пари.
„Ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари. Еве го српското сценарио на кое предупредуваме!“, истакна Димитријевиќ на прес-конференција.
Во партиската реакција од владејачката ВМРО-ДПМНЕ паак се вели дека се вчудоневидени од денешната „бомба“ на СДСМ и ја обвинија опозицијата дека „живее во паралелен универзум“.
„Повеќе од 10тина дена, СДС сака да продаде некаква приказна за српски свет во државата, но тешко им оди. Не ја научија лекцијата која им ја одржаа граѓаните, а на следните избори добро е ако имаат и 100.000 гласови. Прашањето кое го поставуваме е дали СДС е опозиција во Србија или во Македонија? И зошто се толку опседнати со наша соседна држава?“, пишува во реакцијата од ВМРО-ДМПНЕ.
Од СДСМ пак побараа Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за како што велат, „крајно сомнителното преземање“ и да не се дозволи Македонија да стане финансиска платформа за туѓи политички агенди“.
Бугарскиот парламент едногласно ја прифати оставката на владата
Парламентот на Бугарија со 227 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ денеска ја прифати оставката на владата н Росен Жељазков.
Тој вчера на итна конференција во Парламентот изјави дека владата поднесува оставка.
Оставката е дадена пред гласањето за недоверба на владата поднесена минатиот петок од партијата Промените продолжуваат – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) и поддржано со потписите на пратениците од Алијанса за права и слободи (АПС) и Морал, единство, чест (МЕЧ).
„Коалицијата ја разгледа ситуацијата. Не се сомневаме дека владата ќе добие поддршка на претстојното гласање за недоверба. Без оглед на тоа, одлуките на Народното собрание се важни кога ја одразуваат волјата на народот. Нашата желба е да бидеме на нивото што го очекува општеството. Моќта доаѓа од суверенот и гласот на народот. И младите и старите го кренаа својот глас за оставка. Оваа граѓанска енергија мора да се поддржи и охрабри“, истакна вчера Жељазков.
Оставката следеше по големите протести, предизвикани од контроверзните буџетски планови на владата. Бугарската Влада на крајот на ноември го повлече нацрт-буџетот, што веќе беше доставен до Парламентот, по масовните протести на партиите и синдикатите ширум земјата и предупредувањето од Европската комисија дека нацрт-буџетот не е во согласност со буџетските правила на ЕУ.
Протестите ескалираа во општо незадоволство поради корупција, неправда и неуспех во многу сектори од работата на владата.
Жељазков беше избран за премиер на 16 јануари со 125 гласа „за“, 114 „против“ и без „воздржани“.
Серија израелски напади го погодија Либан
Серија израелски напади го погодија јужен и источен Либан во петок, 12 декември објавија државните медиуми, додека израелската армија соопшти дека ги таргетирала локациите на Хезболах, во најновите вакви напади и покрај едногодишното примирје.
Либанската државна Национална новинска агенција (ННА) објави напади на околу десетина локации, вклучително и до околу 30 километри од израелската граница, понекогаш изведувајќи „тешки напади“.
Израел продолжи со нападите врз Либан и покрај прекинот на огнот од ноември 2024 година, кој требаше да стави крај на повеќе од една година непријателства со милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, и исто така ги задржа војниците во пет области што ги смета за стратешки.
Израелската војска во соопштението соопшти дека нејзините сили „нападнале комплекс за обука и квалификација“ што го користеле елитните сили Радван на Хезболах, каде што оперативците „минале вежби за стрелање и дополнителна обука за употреба на разни видови оружје“.
Армијата, исто така, „нападнала дополнителна воена инфраструктура на Хезболах во неколку области во јужен Либан“, се вели во соопштението.
Според прекинот на огнот, Хезболах требало да ги повлече своите сили северно од реката Литани, на околу 30 километри од границата со Израел, и да ја демонтира својата воена инфраструктура таму.
Според планот одобрен од владата, либанската армија треба да ја демонтира воената инфраструктура на Хезболах јужно од Литани до крајот на годината, пред да се справи со остатокот од земјата.
Нападнатите места во петокот генерално се северно од реката.
Порано оваа недела, Израел започна серија напади врз јужен Либан, велејќи дека погодил и центар за обука на Хезболах и други цели.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете