Достапни линкови

Вести

Царини од 35 проценти за Канада, Трамп размислува за 15 до 20 проценти за другите земји

Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе воведат царини од 35 проценти на канадскиот увоз следниот месец и дека планираат да воведат општи царини од 15 или 20 проценти за повеќето други трговски партнери.

Во писмо објавено на неговата социјална платформа Truth Social, Трамп му кажал на канадскиот премиер Марк Карни дека новите стапки ќе стапат на сила на 1 август и ќе се зголемат доколку Канада возврати, пренесува Ројтерс.

„Наместо да соработува со Соединетите Држави, Канада воведе свои царини. Почнувајќи од 1 август 2025 година, ќе воведуваме царини од 35 проценти за канадските производи извезени во СоединетитеДржави“, напиша Трамп во писмото.

„Тие царини можат да се променат, нагоре или надолу, во зависност од нашиот однос со вашата земја“, предупреди Трамп.

Во писмо од една страница, американскиот претседател повторно ја обвини Канада дека не успеала да го спречи протокот на фентанил во САД, иако податоците покажуваат дека само маргинална количина на овој опиоид влегува во земјата од нејзиниот северен сосед.

Во последните денови, Трамп ја прошири својата трговска војна со воведување нови царини за голем број земји.

Околу 20 претежно азиски земји веќе добија слични писма од почетокот на неделата, со царини од 25 проценти применети на производи од сојузници како Јапонија и Јужна Кореја, а до 40 проценти за некои други земји од Југоисточна Азија.

Сепак, Бразил, кој претходно не беше засегнат од дополнителни царини над 10 проценти, забележа најголемо зголемување на своите производи.

Американскиот претседател најави царина од 50 проценти како одговор на кривичното гонење на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро, обвинет за обид за државен удар по поразот на изборите.

види ги сите денешни вести

ЕК разгледува опции за возачите на камиони од Западен Балкан

Илустрација
Илустрација

Европската комисија (ЕК) разгледува можност за наоѓање решенија за одредени категории професионалци од трети земји, вклучително и возачи на камиони, со цел да се овозможи подолг престој во Шенген зоната.
Сепак, во оваа фаза нема конкретно решение, освен потврдувањето дека ова прашање ќе се разгледува во иднина.

Стратегијата за визите усвоена од Европската комисија на 29 јануари наведува дека институцијата ќе соработува тесно со земјите-членки за да најде „прагматични решенија“ за да овозможи продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани од трети земји, а воедно да обезбеди безбедност и економски придобивки за Унијата, како и правна сигурност за патниците.

Стратегијата, исто така, наведува дека, за да се најдат овие прагматични решенија, меѓу другото ќе се разгледа и можноста за воведување ново законодавство на ниво на ЕУ, со специфичен сет правила за продолжен краткорочен престој.

„Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжен престој, со цел нивно постепено укинување“, се наведува во стратегијата.

Ова важи и за превозниците од Западен Балкан, кои ги блокираат граничните премини со Шенген зоната од 26 јануари.

Потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен, потврди дека европските претставници се свесни за загриженоста изразена од транспортните оператори од Западен Балкан, но предупреди дека воведувањето на систем за влез-излез не подразбира промена на правилата или воведување дополнителни барања.

„Свесни сме за тешкотиите во оваа област. Исто така, го решаваме ова прашање во визната стратегија. Затоа, предлагаме да се разгледа поголема флексибилност, без да се загрози безбедноста“, рече Виркунен.

Таа објасни дека ситуацијата со возачите на камиони е различна од онаа на прекуграничните работници, кои редовно ја преминуваат границата на истите гранични премини и за кои веќе постои одреден степен на флексибилност.

„Ова е различно на пример за возачите на камиони. Постојат и други професии каде што идентификувавме предизвици, како што се спортистите и уметниците на турнеја. Ги решаваме овие прашања во оваа визна стратегија“, додаде Виркунен.

Усвоената стратегија признава дека одредени категории работници треба да останат подолго од 90 дена во рамките на 180-дневниот период дозволен со Шенгенските правила.

Ова се категории кои во голема мера се потпираат на мобилноста, како што се уметници на турнеја, спортисти или возачи на камиони, кои треба да останат подолго во Шенген зоната без потреба од престој или дозвола за престој.

„Ова создава сложен систем, дополнително усложнет од постоењето на билатерални договори склучени од некои земји-членки пред стапувањето во сила на Шенгенското acquis. Овие договори им дозволуваат на државјаните на одредени трети земји да останат подолго
од 90 дена, но само на територијата на одредена земја-членка, со што се поткопува унифицираната примена на Шенгенската правна рамка“, се наведува во документот на Европската комисија.

Превозниците од четири земји од Западен Балкан ги блокираат граничните премини од 26 јануари поради воведувањето на Системот за влез/излез во Шенген зоната поради.

Европскиот систем за влез/излез (ЕВС) е автоматизиран ИТ систем кој го заменува рачното печатирање на пасошите за граѓани кои не се членки на ЕУ и влегуваат во Шенген зоната. Системот евидентира биометриски податоци (отпечатоци од прсти и слики од лицето), како и име и датуми на патување, со цел подобрување на безбедноста на границите, откривање на лица кои го пречекориле дозволениот престој и спречување на кражба на идентитет.

Системот беше делумно воведен во октомври 2025 година, додека се очекува да стане целосно оперативен во април 2026 година.
Безвизниот режим, кој важи и за земјите во регионот, опфаќа краткорочни престои до 90 дена во кој било период од 180 дена.

Овие правила се хармонизирани на ниво на Европската Унија и регулирани со законодавството на ЕУ, со униформни услови, процедури и важност низ целата Шенген зона.

Кривична пријава за претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски

Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), поради сомнение дека ја злоупотребил службената положба и овластување, на начин што ѝ овозможил на една нафтена компанија незаконски да продолжи со работа повеќе од една година.

Како што информираат од Финансиска полиција, Бислимовски иако бил законски обврзан, не и ја одземал лиценцата за работа на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.

„Наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година, со што ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки“, се вели во соопштението на Управата за финансиска полиција.

Оттаму наведуваат дека со ваквото постапување, „Тритерол Петрол“ остварила вкупен промет од над 194,5 милиони денари, а стекнала и противправна имотна корист од околу 14,1 милион денари.

Во ноември лани Финансиската полиција поднесе кривична пријава против лицата Љ.П. и З.А. во својство на управители на правното лице „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, како и против самото правно лице, поради сомнение за сторени кривични дела „Фалсификување исправа“ и „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство“ од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.

Црногорските превозници ја прекинаа блокадата на границите

илустрација
илустрација

Здружението на транспортери на Црна Гора донесе одлука за прекин на блокадата на товарниот сообраќај. Ова следува по нивната средба со претставниците на Владата.

Од здружението велат дека се дефинирани решенија за значителен број проблеми, а започнало и повлекувањето на камионите од граничните премини, јави Радио телевизија на Црна Гора.

„ДДВ се враќа во законски предвидениот рок. Добивме уверение дека транзитниот период за увоз на стоки од Црна Гора ќе биде 72 часа. Добивме уверение дека предлогот за бенефицирано работно искуство ќе биде ставен на гласање пред Владата“, беше кажано по состанокот.

Превозниците од Црна Гора додаваат дека проблемот со акцизата за горивото уште не е решен.

„Но, добивме уверувања дека сите главни теми со европските партнери, вклучувајќи го ETIAS и акцизата за дизел горивото, ќе бидат разгледани за да не стимулираат. Зголемувањето на работното време на фитосанитарните инспектори ќе биде продолжено“, истакнаа претставниците на превозникот.

Здружението на меѓународни превозници на товар на Црна Гора го блокираше товарниот сообраќај во близина на девет гранични премини: Дебели Бријег, Илина Брдо, Враќеновича, Ранча, Метељка, Добраково, Драченовац, Кула и Божај, како и влезот и излезот од пристаништето во Бар.

За време на протестот, патниците и камионите што превезуваат лекови, животни, експлозиви и оружје можеа да поминат.

Црногорските превозници протестираат и затоа што Министерството за финансии не ги прифати нивните барања за зголемување на износот на поврат на акцизите за горива што ги имаат нивните колеги во регионот, а бараат и побрзо враќање на износот на ДДВ за 30 до 60 дена затоа што чекаат со години, како и да се продолжи работата на царинската и фитосанитарната инспекција.

Превозниците од Црна Гора, како и нивните колеги од Босна и Херцеговина, Србија и Северна Македонија, веќе неколку дена ги блокираат товарните терминали на граничните премини.

Здруженијата на превозници од овие четири земји од Западен Балкан бараат измени во новите правила на Европската Унија, бидејќи поради нивната примена, сега имаат проблем со регулативата според која професионалните возачи од трети земји можат да останат во Шенген зоната максимум 90 дена во рок од шест месеци.

Европската комисија претходно соопшти дека работи на наоѓање решение што би им овозможило на професионалните превозници да останат подолго во зоната на Шенген земјите.

Гаши: Добро е да има меѓупартиски договор за укинување на техничката влада

Африм Гаши, претседател на Собранието на РСМ
Африм Гаши, претседател на Собранието на РСМ

Претседателот на Собранието, Африм Гаши не верува Владата да предложи законски измени за укинување на техничката влада без да има некој начелен договор помеѓу партиите.

„Можам да кажам дека сè уште нема никаков предлог од Владата во однос на оваа тема. Мислам дека разговори течат. И не верувам дека Владата без да има некој начелен договор помеѓу партиите ќе предложи нешто така големо круцијално, но сепак зависи од нив, рече Гаши на денешниот брифинг со новинарите.

Потенцира дека кога ќе пристигне предлог од Владата, ќе го достават до пратениците и ќе почне процедурата. Потоа, вели Гаши, политичките партии, но и граѓаните, ќе ценат дали е во ред тоа или не.

На новинарско прашање дали се подготвени како владејачко мнозинство да гласат за укинување на техничката влада без согласност од опозицијата, Гаши рече дека законот тоа го овозможува и не го забранува, но според него подобро е да се постигне договор.

„Мислам дека подобро би било сите заеднички да се договориме кога престанува потребата од таква техничка влада. Сега ако се настојува да се пристапи инаетчиски или унилатерално и тврдоглаво да се застане зад некој став, тоа е друга работа. Но, треба да се аргументира и да се дојде до решение кое сите заедно еден ден ќе кажеме - оваа техничка влада веќе не ни треба. Ако дојде до таков момент, мислам дека е добро заедно да го изгласаме тоа решение. Воопшто зборувам во принцип, силината на аргументите да бидат битни за решавање на проблемите, а не некој посебен интерес на некоја политичка партија“, рече спикерот Гаши.

На 14 јануари се одржа лидерска средба, а едно од прашањата за кои се разговараше беше и укинувањето на Техничката (Пржинската) Влада. По средбата беше кажано дека се размислува за две варијанти поврзани со ова прашање. Едната е да се укине веднаш, а втората по следните парламентарни избори.

На средбата не присуствуваше лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче. Подоцна тој го повтори ставот на партијата дека укинување на техничката влада не треба да има. Филипче смета дека ќе има предвремени парламентарни избори, на кои СДСМ ќе настапи кога и да се случат.

Мерц: Европа треба да стане доминантна сила во новиот светски поредок

Германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германскиот канцелар Фридрих Мерц

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Европа треба повторно да стане доминантна сила за да се наметне во новонастанатиот светски поредок предводен од неколку моќни играчи.

Европејците ќе можат да ги спроведат своите идеи само „ако самите научиме да го зборуваме јазикот на политиката на моќ“, им рече Мерц на германските пратеници додека држеше говор за надворешна политика во Бундестагот.

Во последните децении, Европа беше политичката сила што инсистираше на владеењето на правото како основа за односите меѓу државите и народите, рече Мерц истакнувајќи:

„Сакаме да го зачуваме сето ова и да продолжиме да го заштитуваме во иднина“.



Осврнувајќи се на обидот на американскиот претседател Доналд Трамп да го стекне Гренланд, Мерц го пофали обединетиот одговор на европските сојузници во НАТО.

Трамп ги отфрли заканите за воведување царини или дури и стекнување на територијата во сопственост на Данска со сила откако европските нации се заканија со контрацарини.

Ова искуство накратко им овозможи на Европејците да ја почувствуваат „радоста на самопочитувањето“, рече Мерц, додавајќи дека „оваа новооткриена самодоверба“ сега мора да се искористи за справување со понатамошни проблеми.

Стармер се сретна со Си во обид за „пософистицирани“ односи со Кина

Британскиот премиер Кир Стармер и кинескиот претседател Си Џинпинг
Британскиот премиер Кир Стармер и кинескиот претседател Си Џинпинг

Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, велејќи му на кинескиот претседател дека сака „пософистициран“ однос со Кина. Средбата е втора меѓу двајцата мажи и претставува кулминација на месеците подготовки за посетата на Стармер, додека тој се стреми да ги ресетира односите меѓу двете земји.

Кажувајќи му на Си дека поминало „премногу долго“ откако британски премиер ја посетил земјата, тој рече:

„Кина е клучен играч на глобалната сцена и е од витално значење да изградиме пософистициран однос“.

Нагласувајќи ги економските придобивки од подобрените односи со Кина, Стармер рече: „Имајќи го предвид британскиот народ, јас сум тука денес“. Дадов ветување пред 18 месеци кога бевме избрани во владата дека ќе ја натерам Британија повторно да се сврти кон надвор. Бидејќи, како што сите знаеме, настаните во странство влијаат на сè што се случува во нашите матични земји, до цените на полиците во супермаркетите и колку безбедно се чувствуваме“.

Си рече дека односите меѓу Велика Британија и Кина во последните години биле проследени со „пресврти што не им служеле на интересите на нашите земји“.

Опишувајќи ја состојбата во светот како „турбулентна и флуидна“, Си рече дека повеќе дијалог меѓу Велика Британија и Кина е „императив“, без разлика дали е „заради светскиот мир и стабилност или за економиите и народите на нашите две земји“.

„Во минатото, лабуристичките влади дадоа важен придонес во растот на односите меѓу Кина и Велика Британија. Кина е подготвена да развие долгорочно и конзистентно стратешко партнерство со Велика Британија. Тоа ќе им користи на нашите два народа“, рече Си.

Пред средбата со кинескиот лидер, Стармер беше пречекан од претседателот на Националниот народен конгрес, Жао Леџи, во Големата народна сала во Пекинг. Жао рече дека е „значајно“ да се развиваат односите меѓу Велика Британија и Кина во услови на „променлив и турбулентен меѓународен пејзаж“.

Тој, исто така, ги пофали напорите на Стармер за постигнување зближување со Кина, велејќи дека односите се на „правилниот пат кон подобрување и развој“ и дека е „постигнат позитивен напредок“.

„Лукоил“ ќе ги продаде своите странски средства на американската компанија „Карлајл груп“

илустрација
илустрација

Рускиот нафтен гигант Лукоил, кој е санкциониран од Вашингтон поради војната во Украина, објави дека ќе ги продаде своите странски средства на американската инвестициска фирма „Карлајл груп“.

На крајот на октомври 2025 година, со цел да извршат притисок врз државните финансии на Русија, Соединетите Држави ги додадоа двата најголеми производители на нафта во Москва, „Лукоил“ и „Роснефт“, на својата црна листа на санкционирани субјекти.

Компаниите што работат со руските гиганти ризикуваат секундарни санкции што ќе им го оневозможат пристапот до американските банки, трговци, транспортери и осигурители.

„Лукоил“ „информира дека потпишал договор со американската инвестициска компанија „Карлајл“ за продажба на „ЛУКОИЛ Интернешнл ГмбХ“, соопшти вториот најголем производител на нафта во Русија, без да ја открие вредноста на договорот.

Договорот ги исклучува средствата во Казахстан и сè уште бара одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти „Лукоил“, додавајќи дека сè уште се преговара и со други инвеститори.

САД првично ѝ дадоа на компанијата еден месец да ги продаде имотите, но потоа постепено го продолжија како што преговорите се одолговлекуваа.

По веста, акциите на Лукоил пораснаа за 3,5 процент, според Московската берза.

Огромните странски средства на фирмата вклучуваат акции во нафтени полиња и рафинерии низ целиот свет, вклучувајќи ги Ирак, Азербејџан, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Нигерија и Мексико.

Руската економија се соочува со проблеми бидејќи финансискиот товар од речиси четиригодишниот напад врз Украина и последователните западни санкции ја зголемија инфлацијата и го попречија растот.

Во 2025 година, приходите на Москва од нафта и гас - кои обезбедуваат приближно една четвртина од приходите на државниот буџет и помагаат во финансирањето на нејзината офанзива во Украина - паднаа на петгодишно најниско ниво.

Трамп го повика Иран да „постигне договор“ или следниот напад ќе биде „полош“

FILE PHOTO: U.S. President Donald Trump speaks to reporters aboard Air Force One
FILE PHOTO: U.S. President Donald Trump speaks to reporters aboard Air Force One

Американскиот претседател Доналд Трамп го повтори својот повик до Иран да „постигне договор“ за својата нуклеарна програма или да се соочи со „многу полош напад“ од оној насочен кон земјата минатата година, кога американските и израелските воздушни напади ги нападнаа иранските нуклеарни постројки.

Трамп се заканува со воени напади против Иран по бруталното задушување на протестите против естаблишментот, за кои групите за човекови права и очевидци велат дека одзеде илјадници животи.

Соединетите Американски Држави во последните денови распоредија борбени авиони, воздушна одбрана и она што Трамп го нарече „армада“ на Блискиот Исток, потег што ги зголеми тензиите со Иран и ја зголеми веројатноста за воена акција, според експертите.

„Се надевам дека Иран брзо ќе седне на преговарачка маса“ и ќе преговара за фер и правичен договор - БЕЗ НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ - таков што е добар за сите страни“, напиша Трамп во објава на социјалните мрежи на 28 јануари.

„Времето истекува, навистина е од суштинско значење! Како што му реков на Иран еднаш претходно, НАПРАВЕТЕ ДОГОВОР! Тие не го сторија тоа, а имаше и „Операција полноќен чекан“, големо уништување на Иран. Следниот напад ќе биде многу полош!“, напиша Трамп.

Централната команда на САД изјави на 27 јануари дека група американски носачи на авиони, предводени од американскиот брод „Абрахам Линколн“, се наоѓа во водите на Блискиот Исток.

Зборувајќи пред коментарите на Трамп, иранскиот министер за надворешни работи рече дека преговорите со Вашингтон не можат да се одвиваат во атмосфера на закани за воена акција.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи беше цитиран од државната новинска агенција ISNA на 28 јануари како вели дека „водењето дипломатија преку воена закана не може да биде ефикасно или корисно“.

Тој додаде дека во последните денови „немал контакт“ со американскиот претставник Стив Виткоф и дека „Иран не барал преговори“. Трамп во интервју за „Аксиос“ на 26 јануари рече дека Техеран „се јавил во бројни прилики“.

Економија што се намалува

Иран е во превирања од 28 декември 2025 година, кога мирни демонстранти почнаа да излегуваат на улиците во Техеран за да бараат властите да преземат мерки за да го спречат спиралното зголемување на инфлацијата и падот на валутата.

Немирите се проширија низ целата земја и прераснаа во поширока антивладина акција, предизвикувајќи масовен и смртоносен одговор од властите што предизвика бес низ целиот свет.

Американската организација за човекови права ХРАНА, чии бројки РСЕ/РЛ редовно ги цитира откако започна насилното задушување во Иран претходно овој месец, вели дека потврдениот број на жртви, вклучувајќи ги и безбедносните сили, сега е 6.221, додека бројот на жртви што сè уште се под истрага е 17.091. Уапсени се повеќе од 42.000 луѓе.



Некои проценки од официјални лица, цитирани неофицијално од разни медиуми, го ставаат бројот на жртви неколку пати поголем.

Неуспешен нуклеарен договор

Иран се согласи на значаен договор од 2015 година - Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) - со светските сили, со цел да се спречи развојот на нуклеарно оружје во замена за ублажување на економските санкции.

Но, почна да се откажува од своите обврски откако Трамп, во својот прв мандат, ги повлече САД од договорот во 2018 година и повторно воведе сериозни санкции против Техеран.

Иран ја прекина соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија во јули 2025 година како одговор на бомбардирањето на САД и Израел на неговите клучни нуклеарни постројки во Фордоу, Исфахан и Натанц.

Санкциите поврзани со нуклеарниот договор и други прашања сериозно ја оштетија иранската економија, што понекогаш доведе до улични немири поради зголемувањето на цените и недостигот на клучни стоки и енергетски резерви.

Сегашните немири се сметаат за најголем предизвик за Исламската република од нејзиното основање во 1979 година.
Санкциите, исто така, ја попречија иранската индустрија, бидејќи важните сектори беа отсечени од резервни делови и други ресурси.

Техеран остана пркосен наспроти притисокот од Западот во врска со неговата нуклеарна програма и процедурите за збогатување на ураниум. Се вели дека програмата е строго за цивилни цели и негира дека земјата се обидува да изгради нуклеарно оружје.

Одделно, Министерството за внатрешна безбедност на САД соопшти дека депортирало тројца Иранци кои нелегално влегле во Соединетите Држави и биле поранешни членови на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), кој Вашингтон го означи како терористичка организација.
Не беше јасно каква функција имале тројцата Иранци во ИРГЦ, моќна, елитна гранка на вооружените сили на Иран.

ИРГЦ работи независно од редовната војска на Иран и директно му известува на врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

Поранешна претседателка на црногорскиот Врховен суд осудена на 10 години затвор

Поранешната претседателка на Врховниот суд Весна Меденица доаѓа во Високиот суд со адвокат, Подгрица, Црна Гора, 2025 година
Поранешната претседателка на Врховниот суд Весна Меденица доаѓа во Високиот суд со адвокат, Подгрица, Црна Гора, 2025 година

Поранешната претседателка на Врховниот суд на Црна Гора, Весна Меденица, беше осудена на десет години затвор во среда, објави претседателката на Вишиот суд во Подгорица, судијката Весна Ковачевиќ, за Радио телевизија на Црна Гора.
Синот на Меденица, Милош Меденица, исто така беше осуден на десет години затвор.

Во декември, Специјалното државно обвинителство побара казна од 20 години затвор за Весна Меденица и Милош.

Обвинителството ја обвини Меденица за соучество во криминална организација наводно предводена од нејзиниот син Милош, која била вклучена во трговија со дрога, шверц со цигари, поткуп и нелегално поседување оружје и експлозиви.
Тринаесет други лица и една компанија беа обвинети во истиот судски процес.

Специјалниот обвинител Јован Вукотиќ во својот завршен збор во декември рече дека Весна Меденица не била обичен член на криминалната организација на нејзиниот син Милош.

„Таа била нивниот институционален штит и требало да биде штит на црногорското судство. Таа била задолжена и да известува за други информации“, рече тој.

Европол ги сними телефонските разговори на Милош во кои тој наведува дека неговата мајка е свесна за нелегалните активности и дека може да очекува заштита од неа.

Во декември, адвокатите на Меденица побараа ослободителни пресуди во своите завршни зборови.
Меденица беше на високи судски позиции 17 години. Таа поднесе оставка на крајот од 2020 година по промената на власта во Црна Гора.

Беше уапсена во април 2022 година по објавувањето на транскриптот од Европол, а шест месеци подоцна беше ослободена за да се брани од затвор.

Бојан Маричиќ е нов претседател на ДИК, изгласани измените во Кривичниот законик

Бојан Маричиќ
Бојан Маричиќ

Со 83 гласови „за“ Собранието го избра Бојан Маричиќ за претседател на Државната изборна комисија (ДИК). За потпретседател е избран Абдуш Демири, а за членови на Комисијата Александар Даштевски, Ангелчо Ристов, Светлана Карапетрова, Борис Кондарко и Дитмире Шеху.

Во продолжение на седницата за членови на Комисијата и заштита од дискриминација пратениците ги избраа Лимко Бејзароски и Наташа Ахмед. Претседателот на Собранието Африм Гаши соопшти дека кандидатката Џинан Ахмед се откажала од кандидатурата.

Собранието го донесе и Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Со предлог-измените пратениците предвидуваат построги казни за злоупотреба на службената положба и овластувања, но не ги враќаат на нивото што беа пред септември 2023 кога имаше намалување на санкциите.

Ваквите измени се поднесени во Собранието со потпис од девет пратеници од коалицијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците на Левица беа против законското решение со образложение дека се носи во интерес на функционерите од владејачкото мнозинство.

За делото „злоупотреба на службената положба“, чие намалување на казните во септември 2023 предизвика најмногу критики од домашната јавноста и од Европската Унија, во предлогот се предвидуваат поголеми затворски казни, но горната границата за нив останува. Тоа значи дека иако има заострување на казните, роковите за застарување на кривичното дело се пократки од тоа што беше пред септември 2023, кога немаше горна граница за дел од казните.

Пратениците не го прифатија предлог законот за изменување на Законот за енергетика поднесен од Левица со кој се бара укинување на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а нејзините надлежности да поминат во Министерството за енергетика.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG