Вести
Американскиот суд и нареди на Агенцијата за глобални медуми да ги запре чекорите за затворање на РСЕ
Американскиот суд во вторникот (25 март) го одобри барањето на Радио Слободна Европа за привремена забрана (TRO) во тужбата која ја поднесе против Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ) поради прекинот на финансирањето на РСЕ наменето од американскиот Конгрес.
Окружниот суд во Вашингтон во својата одлука наведе дека агенцијата најверојатно постапила „произволно и каприциозно“ при прекинувањето на грантот за РСЕ и дека таквите дејствија ќе предизвикаат „ненадоместлива штета“ на медиумот доколку се спроведат.
Окружниот судија Ројс Ламберт напиша во пресудата на 10 страници дека ТРО е потребна за да се запре затворањето бидејќи РСЕ покажа дека веројатно ќе го добие случајот на судењето, дека дозволувањето на дејствијата на УСАГМ да продолжат додека судот не ја слушне судбината на финансирањето на РСЕ ќе предизвика „ненадоместлива штета“ на медиумот.
„Раководството на УСАГМ не може, со оправдување од една реченица што практично не нуди објаснување, да ја принуди РСЕ да се затвори - дури и ако претседателот ѝ рекол да го стори тоа“, објасни Ламберт.
Следниот чекор ќе биде одлука за барањето на РСЕ за прелиминарна наредба со која се бара од УСАГМ да ги обезбеди приближно 77-те милиони долари што Конгресот ги додели за активностите на РСЕ за остатокот од фискалната 2025 година, која завршува на 30 септември. Се очекува судот да донесе одлука за ова во наредните недели.
Заканата за финансирањето на РСЕ предизвика бран глобална поддршка од организациите за заштита на медиумите, аналитичарите и застапниците на демократијата, како и публиката на 27 јазици и 23 земји каде што дејствува РСЕ.
Се чини дека Ламберт го призна ова во својата одлука, пишувајќи дека Владата конкретно ја поддржува РСЕ од 1950 година како средство за обезбедување „сигурни, локално релевантни вести за публиката изложена на комунистичка пропаганда“.
„Ја цениме промислената и неконтроверзна одлука на судијата Ламберт да го спречи УСАГМ да ја игнорира волјата на Конгресот. Очекуваме понатамошен напредок во нашиот случај дека е неуставно да се задржат средствата што Конгресот ги додели на РСЕ до крајот на фискалната година“, рече претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус по одлуката.
„Оваа пресуда дополнително испраќа силна порака до нашите новинари ширум светот: нивната мисија, како што е дизајнирана од Конгресот, е вредна и драгоцена и треба да продолжи. 75 години РСЕ е тесно усогласена со американските национални безбедносни интереси борејќи се против цензурата и пропагандата во многу од најрепресивните општества во светот“, додаде тој.
УСАГМ тврдеше дека го прекинала грантот за РСЕ на 15 март, неколку часа откако извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп повика на кратења на седум агенции - вклучително и УСАГМ - до „максимална мерка во согласност со важечкиот закон“.
Потегот за укинување на грантот за РСЕ беше објавен во писмо потпишано од Кери Лејк, која ја наведе нејзината титула „Виш советник на в.д. директор на(УСАГМ) со овластување делегирани од в.д. директорот“.
Во писмото се наведува дека „со доделените средства повеќе не се постигнуваат приоритетите на агенцијата“.
Не беа дадени дополнителни објаснувања, а судијата Ламберт рече дека УСАГМ не дала дополнително образложение за потегот за намалување на финансирањето за време на сослушувањето на рочиштетот во понеделникот.
„Објаснувањето понудено од УСАГМ тешко може да се окарактеризира како објаснување: се сведуваше на еден ред во писмото за прекинување, во кое се наведува дека доделените средства повеќе не ги постигнуваат приоритетите на агенцијата“, напиша Ламберт во пресудата.
За време на сослушувањето во понеделникот, УСАГМ изјави дека презела „итни административни чекори“ за да иницира исплата на 7,46 милиони американски долари средства што РСЕ ги бараше за деновите во март додека работеше пред објавувањето на писмото.
Абигејл Стаут, адвокатка од Министерството за правда што ја застапува УСАГМ, исто така, на сослушувањето тврдеше дека договорот за грант помеѓу УСАГМ и РСЕ, како што е наведено во Законот за меѓународна радиодифузија и дава право на агенцијата да го раскине договорот доколку РСЕ не ги почитува одредбите наведени во него.
Ламберт рече дека барањето на Агенцијата за глобални медиуми, РСЕ да ги користи тие средства за да ги исплати своите финансиски обврски наместо за операции е „функционален еквивалент на тоа воопшто да не ги добие“.
„РСЕ ќе биде принудена да ги раскине договорите за закуп, да ги раскине договорите за вработување - со што ќе се уништи кредибилитетот што го изгради со децении и да ги прекине сите други операции“, напиша судијата Ламберт.
УСАГМ (USAGM) е независна американска владина агенција која го надгледува емитувањето на вести и информации на повеќе од 60 јазици на над 400 милиони луѓе секоја недела.
Вкупното буџетско барање за USAGM за фискалната 2025 година беше 950 милиони американски долари за финансирање на сите негови операции и капитални инвестиции.
Тие вклучуваат медиуми како што се РСЕ/РЛ, Гласот на Америка, Радио Слободна Азија, Радио Марти за Куба, Блискиот Исток радиодифузна мрежа (MBN) и Фондот за отворена технологија.
Буџетското барање за 2025 година само за РСЕ беше околу 153 милиони американски долари, покажуваат документите на Агенцијата за глобални медиуми.
види ги сите денешни вести
Уставниот суд на Косово го стопираше декретот на Османи за распуштање на собранието
Уставниот суд воведе привремена мерка до 31 март по декретот на претседателката Вјоса Османи за распуштање на Собранието на Косово.
Судот изјави дека одлуката е донесена по службена должност и дека ѝ забранува на претседателката Османа каква било акција поврзана со деретот од 6 март, како и на Собранието на Косово за каква било акција сè додека е на сила привремената мерка.
Судот објави дека мерката останува на сила сè додека не се донесе конечна одлука во овој случај и дека е воведена „за да се спречи непоправлива штета на уставниот поредок на Косово и демократското функционирање на клучните институции во земјата“.
Ова значи дека Османи не може да го објави датумот на нови избори додека е на сила мерката, бидејќи таа го распушти Собранието со декрет што владејачката партија на премиерот Албин Курти, Движењето Самоопределување, го оспори пред Уставниот суд.
На седницата одржана на 5 март, владејачката партија ги претстави двајцата кандидати за претседател: Глаук Коњуфца и Фатмира Колчак-Муљаж, откако претходните разговори меѓу Курти и двете главни опозициски партии - Демократската партија на Косово и Демократскиот сојуз на Косово - за заеднички, консензуален кандидат не дадоа резултати.
Седницата беше прекината поради недостиг на кворум, бидејќи опозициските партии ја напуштија.
Некои правници толкуваат дека Собранието мора да го избере претседателот во рок од 60 дена од почетокот на седницата наменета за избор на претседател.
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Енвер Хасани, за Радио Слободна Европа на 6 март изјави дека декретот на претседателката на Косово е „неуставен“.
Според него, Османи немала право да го распушти Собранието, а пратениците имаат 60 дена, почнувајќи од 5 март, за да го изберат претседателот.
Претседателот на Косово се избира со двотретинско мнозинство во првите два круга или со 61 глас во третиот круг, но за да се одржи седницата во салата мора да бидат присутни 80 пратеници.
За опозициските партии, двете фигури презентирани од владејачката партија беа неприфатливи, па затоа инсистираа на политички договор или кандидат околу кој ќе се постигне консензус.
Самата Османи се стремеше кон втор мандат, но никој не ја предложи. За владејачката партија, таа немаше потребна поддршка, додека другите партии сметаа дека таа не го претставува единството што се очекува од претседателот на државата.
ЕK го претстави планот за мали нуклеарни реактори до 2030 година
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги најави своите планови за проширување на производството на нуклеарна енергија, вклучително и распоредување на мали модуларни реактори во ЕУ за да се обезбеди климатски прифатливо снабдување со електрична енергија.
„Во последните години, гледаме глобално оживување на нуклеарната енергија и Европа сака да биде дел од тоа. Затоа денес презентираме нова европска стратегија за мали модуларни реактори“, рече фон дер Лајен на вториот меѓународен самит за нуклеарна енергија во Булоњ-Бијанкур во близина на Париз.
Нејзината цел е да има оперативни мали реактори во Европската Унија до почетокот на 2030-тите.
Малите реактори треба „да играат клучна улога заедно со традиционалните нуклеарни реактори во флексибилен, безбеден и ефикасен енергетски систем“.
Малите модуларни реактори се однесуваат на реактори со моќност до 300 мегавати, во споредба со приближно 1000 мегавати произведени од повеќето нуклеарни централи.
Нивните компоненти можат да се произведуваат во фабрики. За да се поттикне развојот на мини нуклеарни централи, регулативите треба да се хармонизираат низ целиот блок, потенцираше Фон дер Лајен.
„Логиката е многу јасна. Кога е безбедно да се распореди, мора да биде едноставно да се распореди низ цела Европа“, рече таа.
Германија не е претставена на владино ниво и ги затвори своите нуклеарни централи, но ќе продолжи да ги следи дискусиите.
Фон дер Лајен изрази жалење за намалување на производството на нуклеарна енергија во неколку земји од ЕУ.
„Додека во 1990 година, една третина од електричната енергија во Европа доаѓаше од нуклеарна енергија, денес тоа е само близу 15%. Ова намалување на уделот на нуклеарната енергија беше избор. И гледано од денешна перспектива, беше стратешка грешка за Европа да му го сврти грбот на сигурен и достапен извор на енергија со ниски емисии.“
Комисијата треба да поддржи инвестиции во технологијата со гаранција од 200 милиони евра (233 милиони долари). На самитот, исто така, се одржаа воведни забелешки од францускиот претседател Емануел Макрон и шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
Голем број шефови на држави и влади се поканети на самитот, чиј домаќин е Франција, која најголемиот дел од својата електрична енергија ја црпи од нуклеарните централи.
Пад на цената на нафтата по изјавата на Трамп за брз крај на операцијата во Иран
Референтната цена на нафтата денеска, 10 март падна откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војната со Иран ќе заврши „многу брзо“.
Неговите коментари доведоа до пад на цената на нафтата, која е сега поблиску до 90 долари за барел - но сепак е далеку над нивоата пред војната, објави Би-Би-Си.
Цените на нафтата скокнаа на највисоко ниво во последните четири години, бидејќи војната, сега во втората недела, ги блокираше земјите и местата критични за производството на нафта и транспорт на нафта и гас од Персискиот Залив.
Во меѓувреме Иран предупреди дека нема да дозволи извоз на „ниту еден литар нафта“ од регионот доколку продолжат нападите меѓу САД и Израел.
Во понеделникот, цената на нафтата достигна и до 119 долари по барел, а последен пат тоа се случи по руската инвазија на Украина.
Трамп вели дека војната ќе заврши со намалување на цените на нафтата на долг рок и оти размислува да ја преземе контролата врз Ормутскиот Теснец, клучен за глобалните испораки на нафта и гас, кој во голема мера е блокиран од Иран.
Ал-Судани до Рубио: Ирачкиот воздушен простор не смее да се користи против соседите
Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ал-Судани му рекол на американскиот државен секретар Марко Рубио дека Ирак не треба да се користи како лансирна рампа за напади во војната на Блискиот Исток.
Ирак се граничи со Иран, против кој САД и Израел започнаа масовни напади на 28 февруари, како и со Заливот, кој Исламската република го нападна со ракетни и беспилотни летала.
Во рок од неколку часа од почетокот на војната, борбени авиони и ракети што доаѓаа од сите правци го исполнија воздушниот простор на Ирак.
Судани во телефонски разговор со Рубио нагласи „важноста да се обезбеди дека ирачкиот воздушен простор, територијата и водите не се користат за никаква воена акција насочена кон соседните земји или регионот“, соопшти канцеларијата за медиуми на премиерот.
Судани отфрли „секаков обид за вовлекување на земјата во тековни конфликти“, како и „навлегување во нејзиниот воздушен простор од која било страна“.
Ирак, долго време посредничко бојно поле меѓу Вашингтон и Техеран, беше вовлечен во војната од самиот почеток, со напади за кои се обвинуваат САД и Израел насочени кон групите поддржани од Иран, кои пак оттогаш преземаат одговорност за нападите врз американските бази во Ирак и поширокиот регион.
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, изјави дека Рубио „остро ги осудува терористичките напади од страна на Иран и терористички милициски групи поврзани со Иран во Ирак“, вклучувајќи го и регионот Курдистан.
Тој го повика Ирак да ги преземе „сите можни мерки за заштита на американскиот дипломатски персонал и објекти“.
Во саботата, системите за воздушна одбрана пресретнаа ракети испукани кон амбасадата на САД во Багдад.
Американската воздушна одбрана сега речиси секојдневно пресретнува беспилотни летала над Ербил, главниот град на Курдистан, каде што се наоѓа и комплекс на американски конзулати.
Иран негира дека нивни ракети влегле во турскиот воздушен простор
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан негираше дека двете ракети испукани кон Турција потекнуваат од Иран, соопшти турската влада.
За време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Пезешкијан „изјави дека ракетите што влегле во турскиот воздушен простор не биле од иранско потекло и дека прашањето ќе биде темелно истражено“, соопшти турското претседателство рано утрово во вторник, 10 март.
Турција, членка на НАТО, во понеделник соопшти дека балистичка ракета лансирана од соседен Иран била неутрализирана од одбранбените системи на алијансата додека влегувала во турскиот воздушен простор.
Некои остатоци паднале на отворено земјиште во близина на јужниот град Газиантеп, близу до сириската граница, соопшти турското Министерство за одбрана.
За време на телефонскиот разговор со Пезешкијан, Ердоган ги осуди и израелските и американските напади врз Иран, како и иранските напади врз неколку земји во регионот, соопшти турското претседателство.
„Иранските напади врз „братските земји“ не беа од корист за никого и мора да престанат“, му рекол Ердоган на Пезешкијан.
Минатата недела, систем за воздушна одбрана на НАТО во пограничниот регион на Турција со Иран, исто така, пресретнал балистичка ракета. Остатоците од таа ракета паднале во покраината Хатај на отворено подрачје. Во ниту еден од инцидентите не се пријавени повредени.
Јапонија ќе распореди ракети за контранапад во близина на Кина
Јапонија ќе распореди серија ракети со долг дострел за контранапад во југозападен регион во близина на Кина до крајот на март, соопштија официјални лица денеска, 9 март.
Копнените сили за самоодбрана планираат да ги позиционираат своите ракети од типот 12 земја-брод, со пријавен дострел од 1000 километри (620 милји), во Кумамото, регионот Кјушу, изјави главниот секретар на кабинетот Минору Кихара на редовниот брифинг.
„Ми беше кажано дека откако ќе се направат потребните подготовки, Министерството за одбрана ќе ги информира локалните жители за овој потег“, рече портпаролот на владата.
Јапонија се обидува да го зајакне својот воен капацитет додека Кина ги зголемува своите поморски активности во Источнокинеското Море.
Таа сака да го задржи својот капацитет за „контранапад“ и да ги користи ракетите за да ги погоди непријателските бази доколку Јапонија биде под директен напад.
Односите на Јапонија со Пекинг брзо се влошија откако премиерката Санае Такаичи навести во ноември дека Токио би можел воено да интервенира во секој напад врз самоуправуваниот Тајван.
Кина го смета Тајван за своја територија и не ја исклучува можноста да го земе со сила.
Откако Такаичи го даде ова мислење, Пекинг наметна економски притисок врз Токио и ги обесхрабри кинеските државјани да ја посетуваат Јапонија.
Локалните медиуми објавија дека јапонските копнени сили доставиле лансер за ракетите во Кумамото преку ноќ, без претходно известување до локалните заедници, што предизвика десетици противници да организираат протест пред локалната воена база.
Критичарите на овој потег велат дека распоредувањето на ракетите би можело да ја направи областа цел на можни непријателски напади.
Турција распореди борбени авиони и одбранбени системи во северен Кипар
Турција распореди шест борбени авиони Ф-16 и системи за воздушна одбрана во северен Кипар, соопшти во понеделник, 9 март, турското Министерство за одбрана.
Овој потег доаѓа во услови на зголемени регионални тензии поради конфликтот предизвикан од нападите на САД и Израел врз Иран, што доведе до напад со беспилотни летала на медитеранскиот остров - поделен помеѓу отцепената северна турска држава и грчката држава на југ, членка на Европската Унија.
Распоредувањето има за цел зајакнување на безбедноста на северен Кипар „во услови на неодамнешните регионални случувања“, соопшти министерството на платформата X, осврнувајќи се конкретно на отцепената Турска Република Северен Кипар.
Министерството соопшти дека може да се преземат дополнителни мерки, во зависност од понатамошниот развој на настаните.
Турското распоредување следи по слични чекори од Грција и другите членки на ЕУ во услови на загриженост за потенцијално прелевање на регионалните тензии на Кипар.
Нов лет од Емиратите во вторник, се работи на евакуација на граѓани и од други земји
По евакуирањето на 151 лице од Дубаи кои пристигнаа синоќа (8 март) на Скопскиот аеродром, се очекува следен авион да има во вторник, 10 март со кој отприлика ист број патници ќе пристигнат во државата.
Третиот лет се планира за средината на неделата, но се уште се чека да се види дали ќе се зголеми интересот на македонските граѓани од ризичните подрачја, за да биде целосно искористен потенцијалот за извлекување што го организира државата.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, рече дека се работи и на евакуација на наши граѓани кои се во Бахреин, Катар и Кувајт. Тие ќе бидат однесени во Саудиска Арабија од каде се очекува во среда да бидат донесени со еден авион.
Министерот апелира македонските граѓани кои се наоѓаат во ризичните подрачја и се пријавиле за евакуација, ако одлучиле да не бидат евакуаирани тоа да го пријават.
„Вкупно 14 граѓани кои требале да бидат на денешниот лет од Дубаи за Скопје до последен момент најавувале дека ќе дојдат, но не се појавиле на аеродромот. Ги повикуваме нашите државјани, кога одлучуваат да не ја користат оваа услуга, на евакуирање, да не информираат навреме за тоа. Среќа што бевме подготвени и што се ангажираше нашата Амбасада со листа на чекање, да ги пополниме тие 14 места со граѓани што требаше да бидат на летот во вторник. Замолувам и апелирам на максимална одговорност зашто се трошат буџетски средства. Кога е во прашање безбедноста, нашата цел е секој лет да биде пополнет до последното возможно место“, рече Муцунски.
Со вечерашниот организиран чартер лет од Обединетите Арапски Емирати пристигнаа 151 патник од кои повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца се од Косово, а четворица се со холандско државјанство.
Осмомартовски марш во Скопје со минута молк и пораки против насилството
Со минута молк и пораки за правда денеска во Скопје започна традиционалниот Осмомартовски марш, организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија.
Учесниците точно напладне се собраа во паркот „Жена борец“, од каде маршираа кон Градскиот парк и бистата на Вера Јоциќ.
Годинашниот марш се одржува под слоганот „Нема да нè снема“, кој, според организаторите, ја изразува непоколебливата борба на жените да опстојат во систем и општество што како што велат често не ја гарантира нивната безбедност, не ги штити од насилство и ги остава на маргините.
Учесниците порачаа дека празничните честитки за 8 Март не се доволни доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и системската дискриминација.
Маршот се одржува во чест на борбата за женските права и историската традиција на 8 Март, кој симболизира солидарност и отпор во стремежот кон еднаквост и достоинствен живот.
Во руски напад врз станбена зграда во Харков убиени најмалку 10 луѓе, соопшти Украина
Најмалку 10 луѓе беа убиени кога Русија со балистичка ракета погоди петкатна станбена зграда во североисточниот украински град Харков, соопштија локалните власти на 8 март, предизвикувајќи гневен повик од претседателот Володимир Зеленски за акција од западните партнери.
„Од стемнување, [спасувачките екипи] ги расклопуваат урнатините на станбена зграда во Харков по рускиот балистички ракетен напад“, рече Зеленски на Телеграм.
„Влезот беше уништен, горните катови на соседната зграда беа оштетени. Можеби сè уште има луѓе под урнатините. Сите потребни служби работат на лице место за спасување.“
Официјалните лица изјавија дека две деца се меѓу загинатите во нападот.
АФП соопшти дека нејзините новинари виделе спасувачи како пребаруваат низ урнатините, каде што се верува дека се заробени неколку луѓе.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Сињехубов, рече дека 15 лица се повредени, а 19 станбени згради се оштетени од руските напади во текот на ноќта.
„Партнерите треба да одговорат на овие дивјачки напади врз животот. Русија не ги напушти своите обиди да ја уништи станбената и критичната инфраструктура на Украина и затоа поддршката треба да продолжи“, рече Зеленски, повикувајќи ги западните партнери да ги зголемат залихите на оружје за воздушна одбрана.
Русија негира дека ги таргетира цивилните области, и покрај широките докази за вакви напади. Министерството за одбрана во Москва соопшти дека нејзините сили извршиле масовни напади преку ноќ врз украинските воено-индустриски комплекси, воени аеродроми и енергетски објекти, објави Интерфакс.
Украинските власти изјавија дека Русија, исто така, нападнала четири железнички станици и друга железничка инфраструктура во централна Украина и пристанишни објекти во регионот Одеса на југот на земјата.
Москва, Киев и Вашингтон се вклучени во трилатерални преговори за да се обидат да го прекинат конфликтот на Русија со Украина, кој прерасна во целосна војна по руската инвазија во февруари 2022 година.
Сепак, овие разговори се чини дека се во мирување откако Соединетите Американски Држави, заедно со Израел, започнаа масовна воздушна кампања против Иран, што доведе до иранска одмазда против многу арапски земји од Заливот.