Вести
Русија ја прекина испораката на гас за Европа преку Украина

Рускиот државен гасен гигант Газпром соопшти дека го прекинал снабдувањето со гас во Европа преку главниот гасовод што минува низ Украина, откако Киев одби да го обнови договорот за транзит потпишан пред сеопфатната инвазија на Москва.
Овој потег, објавен на почетокот на 1 јануари во објава на каналот на Телеграм на Гаспром, не се очекува да предизвика големи проблеми за повеќето европски клиенти, поради долгогодишните напори на многу земји да не се зависни од рускиот гас.
Словачка, Унгарија, Австрија и неколку балкански земји продолжија да го користат рускиот гас испорачан преку Украина, иако во помали количини.
Молдавија, сепак, е повеќе изложена на ризик, поради големата електрана што се напојува со руски гас. Молдавските власти прогласија вонредна состојба минатиот месец во очекување на истекот на транзитниот договор меѓу Москва и Киев.
Фабриката, лоцирана во отцепениот регион Трансдњестров, почна да се гаси на почетокот на 1 јануари, а нејзиниот оператор, Тирастеплоенерго, рече дека го прекинува снабдувањето со централно греење и топла вода за сите домаќинства и административни згради во Трансдњестров, освен болниците.
Не е јасно дали имало прекини во електричната енергија, која централата ја снабдува со остатокот од Молдавија.
„Го запревме транзитот на руски гас, тоа е историски настан“, се вели во изјавата на украинскиот министер за енергетика. „Русија ги губи своите пазари, ќе претрпи финансиски загуби.
Гасоводот од советската ера, кој носеше гас од Сибир до рускиот пограничен град Суџа, потоа во Украина, беше последниот голем гасовод во функција, по уништувањето на подморскиот гасовод Северен тек кон крајот на 2022 година.
Друг гасовод што носи гас во Полска преку Белорусија, исто така, е суспендиран поради инвазијата во Украина.
Русија порано снабдуваше нешто помалку од половина од природниот гас на Европската унија, но блокот драстично го намали тој увоз по февруари 2022 година.
Многу европски клиенти се свртеа кон алтернативни извори, вклучително и течен природен гас обезбеден од САД и Катар и од Норвешка.
Австриското Министерство за енергетика соопшти дека нивните испораки се загарантирани благодарение на набавките за гас што тече низ Италија и Германија и претходните напори за полнење на контејнери за складирање.
Словачка, чиј премиер Роберт Фицо, беше во необична посета на Москва минатиот месец, исто така не се очекува да забележи никаков недостиг, иако официјалните лица рекоа дека алтернативните набавки ќе чинат дополнителни 177 милиони евра (184 милиони долари).
Во изјавата објавена неколку часа откако гасот престана да тече, Фицо предвиде дека потегот ќе има „драстично“ влијание врз земјите од Европската унија, но не и врз Русија.
Унгарија и другите земји продолжуваат да добиваат руски гас од југ преку црноморскиот гасовод Турски тек.
Запирањето значи дека Украина ќе се откаже од околу 800 милиони долари годишно како транзитни такси. „Газпром“, пак, ќе загуби од речиси 5 милијарди долари од продажбата на гас.
„Европската гасна инфраструктура е доволно флексибилна за да обезбеди гас од неруско потекло за Централна и Источна Европа преку алтернативни рути“, рече портпаролката на Европската комисија, Ана-Каиса Иконен. „Таа е засилена со значајни нови увозни капацитети течен природен гас од 2022 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела беше огорчен кога Фицо се сретна со рускиот претседател Владимир Путин и последователно се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија на Украина во текот на зимските месеци поради одлуката на Украина да не го обнови договорот за гасоводот.
Зеленски го обвини Фицо дека прима „наредби“ од Кремљ за да им наштети на Киев и неговиот народ додека Русија ги напаѓа украинските електрани и нејзината енергетска мрежа.
види ги сите денешни вести
САД имаат за цел „траен мир“ во Украина, Зеленски бара безбедносни гаранции

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се заложи Киев, Европа и Соединетите Американски Држави (САД) да работат заедно на планот за ставање крај на инвазијата што рускиот претседател Владимир Путин ја почна против Украина пред три години.
„Ќе се сретнам со Русите - само еден Русин, со Путин - само откако ќе имаме заеднички план со Трамп (американскиот претседател Доналд Трамп) и Европа“, рече Зеленски по средбата со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на маргините на Минхенската безбедносна конференција на 14 февруари.
Зеленски рече дека Киев е многу подготвен да работи на ставање крај на руската војна против Украина, но нагласи дека „потребни се вистински безбедносни гаранции“.
Американскиот потпретседател рече дека САД се насочени кон „траен мир“ во Украина.
„Сакаме војната да заврши, сакаме убиствата да запрат, но сакаме да постигнеме траен, траен мир, а не таков мир што ќе ја доведе Источна Европа во конфликт само неколку години подоцна“, изјави Венс, пренесе АФП.
Конференцијата во Минхен апочна во услови на интензивни шпекулации за тоа дали може да доведе до дипломатски пробив што би можел да го постави курсот за ставање крај на најголемата војна во Европа од 1945 година.
Немаше знаци за присуство на Русија на конференцијата, а Зеленски ги минимизираше шансите за голем напредок, велејќи дека немало мировни преговори во Минхен и ги отфрли шпекулациите дека ќе се сретне со руските преговарачи во Саудиска Арабија следната недела.
Трамп ден претходно рече дека американските и руските претставници ќе се сретнат во петок во Минхен и дека Украина е поканета.
Од американска страна, покрај Венс, на средбата беа и државниот секретар на САД, Марко Рубио и Кит Келог, специјален пратеник на претседателот Доналд Трамп за војната во Украина.
Претходно оваа недела, Трамп телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и најави дека разговорите со Москва за прекин на борбите во Украина ќе почнат „веднаш“.
Новинската агенција Ројтерс објави дека ова е прв познат директен контакт меѓу Путин и американскиот претседател од пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Разговорите дојдоа во време кога се приближува третата годишнина од руската инвазија во Украина,, на крајот на овој месец.
Османи и Курти на одделни средби со Соренсен за дијалогот Косово - Србија

Претседателката на Косово, Вјоса Османи и премиерот Албин Курти се сретнаа одделно со Питер Соренсен, новиот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот Косово-Србија за да разговараат за овој процес.
Оваа прва средба беше на маргините на Минхенската безбедносна конференција, која почна на 14 февруари во хотелот „Бајеришер Хоф “ во Минхен, Германија и ќе трае три дена.
„Ќе продолжиме да работиме со нашите сојузници за да го завршиме овој процес со взаемно признавање и заштита на суверенитетот, уставноста и територијалниот интегритет на нашата Република“, напиша Османи на мрежата Икс(поранешен Твитер).
Курти рече дека е важно целосно да се спроведе договорот за нормализација на односите, постигнат меѓу Косово и Србија во 2023 година. Страните не го потпишаа овој договор ниту пак презедоа какви било чекори за негова имплементација.
Од Кабинетот на Курти соопштија дека овој договор „се уште го прекршува и не го почитува Србија, која исто така одбива да го потпише и со писмото на поранешната премиерка [Ана] Брнабиќ, Србија практично се повлече од договорот“.
„За да се оди напред, неопходно е да се потпише договор, да се повлече писмото од поранешната премиерка Брнабиќ и да се предаде лидерот на терористите Милан Радоичиќ, за кого веќе постои обвинение на 160 страници на Обвинителството на Република Косово“, рече Курти.
Се верува дека Радоичиќ е на слобода во Србија по нападот во Бањска на северот на Косово во септември 2023 година, при што беше убиен косовски полицаец.
Петер Соренсен, дипломат од Данска, официјално започна со работа на 1 февруари, наследувајќи го Мирослав Лајчак.
Косовската претседателка Османи, премиерот Курти и други претставници на Косово го критикуваа Лајчак за нееднаков пристап кон дијалогот и затоа што, како што тврдат, понекогаш „застанувал на страната на Србија“.
Соренсен, за разлика од неговиот претходник, ќе се занимава само со дијалогот меѓу двете соседни земји, а не со регионалните балкански прашања.
Назначувањето на Соренсен беше позитивно оценето со оглед на тоа што овој 57-годишен дипломат го познава регионот. Беше ангажиран во Косово, во рамките на Мисијата на Обединетите нации (УНМИК), како и во други дипломатски улоги, во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
Друг аргумент што властите во Приштина го наведоа како позитивен е дека тој е од Данска, земја која ја признава државноста на Косово и дека ќе има еднаков пристап до дијалогот.
Косово и Србија се во дијалог со посредство на Европската унија од 2011 година. ЕУ често ги потсетува двете страни дека напредокот во процесот на дијалог е поврзан со нивниот пат кон евроатлантските интеграции.
Трговците предлагаат пониски цени на 100 до 200 производи наместо ограничена маржа

Да се состави листа од 100 до 200 производи кои граѓаните секојдневно ги купуваат и тие реално да поевтинат наместо да се ограничи бруто-профитната маржа на 10 отсто како што предложи Владата, побараа трговците и дистрибутерите на средбата со министерот за економија на 14 февруари.
Од Министерството за економија соопштија дека конечна одлука ќе се донесе следната недела.
Даница Блажевска, претставник од Комората на трговци, изјави дека е подобро заедно со производителите и добавувачите да направат реално намалување на најнеопходните производи за секојдневно живеење кое ќе биде видливо за граѓаните.
„Бараме да се намали големиот број на производи кои се опфатени во мерката и да се сведе на 100 до 200 кои се вистински потребни, бидејќи сега се опфатени над 1.000 производи. Тоа создава проблем во секојдневното работење. Не може да се постигне доволна контрола, бидејќи се случуваат злоупотреби со картончињата на кои се напишани цените, ги вадат, паѓаат. Тоа, пак, ни создава голем ризик дека може да дојде инспекција и да ни најде дека е необележана цената“, изјави Блажевска.
Откако граѓани два пати бојкотираа маркети поради високи цени на храната, Владата го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.
Со Предлог-одлуката требаше да бидат опфатени основните прехранбени производи на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници, но и на детергентите, бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а се дел од основните потреби на граѓаните.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи и до 50 отсто.
Уапсени 13 лица поради нелегално фрлање 35.000 тони опасен отпад во Хрватска

Хрватската канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) потврди дека отворила истрага за бизнисменот Јосип Шинцек од Вараждин и за уште девет други осомничени лица за тешки еколошки злосторства, откако беа уапсени на 13 февруари.
Агенцијата за соработка за спроведување на законот (Европол) на Европската унија (ЕУ), пак, на 14 февруари објави дека хрватската полиција уапсила 13 лица во врска со овие кривични дела.
„Криминалците заработиле најмалку четири милиони евра незаконски фрлајќи медицински и опасен отпад од Италија, Словенија и Германија во Хрватска. Се проценува дека најмалку 35.000 тони отпад биле фрлени незаконски“, соопшти Европол.
Лабораториските анализи покажуваат дека нелегално фрленото ѓубре, кое лажно било прогласено за пластичен отпад што може да се рециклира, законски се смета за опасен отпад.
Хрватските власти сметаат дека криминалната мрежа илегално го закопувала и отстранувала медицинскиот отпад од хрватските компании.
Вклучените во оваа мрежа се обвинети и за фалсификување службени и деловни документи, даночно затајување и перење пари. УСКОК соопшти дека Шинцек бил на чело на криминалната група.
Трговијата со отпад е нелегална активност која овозможува заработка на високи профити. Незаконското одлагање на отпад често предизвикува непоправлива штета на животната средина, загадувајќи ја почвата, водата и воздухот.
„Овие злосторства обично одат рака под рака со фалсификување документи или финансиски злосторства како што се перење пари или корупција“, соопшти ЕВРОПОЛ, кој исто така објави фотографии од локациите каде бил одлаган отпадот.
Хамас ќе ослободи уште тројца заложници во замена за палестински затвореници

Палестинската милитантна група Хамас ги објави имињата на тројца заложници за кои се очекува да бидат ослободени во сабота, 15 февруари, откако поминаа 498 дена во заробеништво на Хамас, јави агенцијата АП.
Форумот на семејства на заложниците дека станува збор за Иер Хорн (46), Сагуи Декел Чен (36) и Саша Труфанов (29).
Претходно, Хамас, која САД и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација, соопшти дека викендов ќе ги ослободи следните тројца израелски заложници, во замена за палестински затвореници. Ослободувањето на заложниците беше доведено во прашање откако Хамас го обвини Израел дека го крши договорот за примирје што стапи на сила на 19 јануари.
Од почетокот на прекинот на огнот на 19 јануари, имаше пет размени на 21 заложник на Хамас и повеќе од 730 палестински затвореници, во првата фаза од примирјето.
Војната би можела да продолжи доколку не се постигне договор за покомплицираната втора фаза, во која е предвидено ослободување на сите преостанати заложници заробени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и неодредено продолжување на примирјето.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека доколку сите заложници во Газа не бидат ослободени до пладне во сабота на 15 февруари, тој ќе предложи да се прекрши примирјето меѓу Израел и Хамас, за што предупреди дека „ќе создаде пекол“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е под силен притисок да обезбеди ослободување на преостанатите заложници, откако тројца Израелци ослободени од заробеништво пристигнаа дома во многу лоша состојба минатата сабота.
Саудиска Арабија ја поздрави идејата за средба меѓу Трамп и Путин во Ријад

Саудиска Арабија ја поздрави идејата американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин да се сретнат во кралството, јави агенцијата Ројтерс.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека би можело да поминат неколку месеци пред да се договори средба меѓу Путин и Трамп, веројатно во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
Трамп и Путин разговараа во средата и ја објавија својата намера да се сретнат лице в лице.
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман беше првиот странски лидер што Трамп го повика по преземањето на функцијата. Тој го опиша престолонаследникот како „фантастичен човек“ за време на неговиот говор преку видео - врска пред публиката на Светскиот економски форум во Давос.
Путин, кој ги посети Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати во 2023 година, минатиот септември рече дека му е благодарен на Мохамед бин Салман што помогнал да се организира најголемата размена на американско-руски затвореници од Студената војна.
Министерството за правда до Владата достави допис за разрешување на обвинителот Коцевски

Министерството за правда, постапувајќи по заклучокот од 50-та седница на Владата на РСМ одржана на 11 февруари годинава презеде активности и подготви мислење за предлог разрешување на државниот јавен обвинител кое го достави до Владата за натамошно процесуирање согласно Законот за Јавното обвинителство и Уставот на Република Северна Македонија.
„Во изминатиот период бевме сведоци на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство“, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, како што велат од Министерството за правда, постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе.
„Воедно, во јавноста беа лиферувани и информации и податоци за предмети, со што е повредена обврската за тајност во постапките“, се наведува во соопштението.
Од Министерството за правда посочуваат дека во Законот за Јавното обвинителство е наведено дека Јавниот обвинител на РСМ е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функциите на Јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието. Собранието пак, како највисок претставнички орган на граѓаните е уставно надлежен за именување и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поради како што наведоа „постапувањето надвор од законските надлежности и нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантираше тврдењето дека постапил незаконски посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
Лекот „клексан“ ќе се подигнува со рецепт во аптека

Наместо да се бара рефундација, антикоагулансот „клексан“ ќе може да се подигне на рецепт во аптеките, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
„Прв приоритет ни е префрлањето на антикоагулансите, особено „клексан“, кој веќе е на болничката листа. Наместо пациентите да чекаат рефундација, ќе можат директно да го подигнат на рецепт. Очекуваме штом Комисијата почне со работа и правилниците бидат усогласени, оваа промена да стане реалност“, рече Клековски.
Како што посочи Клековски, побарани се две измени во правилникот, односно да се овозможи преместување на лекови од болничката на аптекарската позитивна листа, како и Фондот да добие право за преговарање на цените на лековите кои се субвенционирани.
„Позитивната листа претставува форма на субвенција за одредени лекови. Сметаме дека кога државата веќе ги субвенционира, треба да имаме право да преговараме за нивната цена, а не да ја прифаќаме автоматски големопродажната цена. Забележавме дека со претходното зголемување на позитивната листа сите производители ги користеа максималните дозволени цени“, рече Клековски.
Додаде дека лековите кои се на позитивната листа треба да бидат достапни по пониска цена, со цел субвенциите да имаат реален ефект.
Од 16 септември лани, граѓаните од аптеките бесплатно ги земат новите девет лекови со кои беше проширена поитивната листа, по дури десет години од последното ажурирање, кога беше збогатена со само еден лек. На листата беа додадени лекови за крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција.
Ставањето нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо, а често и од други држави. Затоа што листата не беше ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.
Германското обвинителство: Авганистанецот призна дека намерно удрил во толпата во Минхен

Авганистанскиот државјанин призна дека намерно влетал со автомобил меѓу демонстрантите во Минхен, а властите утврдиле дека злосторството имало исламистичка позадина, соопшти денеска (14 феврауари) германското обвинителство.
Во инцидентот се повредени најмалку 36 лица, вклучително и едно дете.
„Тој призна дека намерно влетал меѓу демонстрантите. Внимателна сум со донесувањето избрзани заклучоци, но врз основа на сите информации што ги имам досега, можам да кажам дека злосторството имало исламистички мотив“, рече обвинителката Габриела Тилман на прес-конференција.
Инцидентот се случил вчера околу 10 часот и 30 минути кога возачот го забрзал својот автомобил, а потоа удрил во демонстранти во Минхен кои се собрале на повик на синдикатот на работниците „Верди“.
Напаѓачот е идентификуван како Фархад Н., 24-годишен Авганистанец кој дошол во Германија во 2016 година за да побара азил.
Како што пренесува германски „Билд“, тој е роден во 2001 година во Кабул, Авганистан, а од неодамна живее во областа Лаим во Минхен.
Сто отсто зголемен бројот на хрватски доброволци за служење воен рок

Минатата година бројот на доброволци за служење воен рок во Хрватска е зголемен за 100 отсто во однос на претходната 2023 година, а од годинава на воена обука пристигнале речиси 300, соопшти денеска (14 феврауари)Министерството за одбрана.
Од 298 волонтери, 254 се момчиња, а 44 се девојки, а меѓу нив, како што се наведува, има и шест врвни спортисти, кои ќе поминат низ скратена програма за обука прилагодена на нивните професионални обврски.
Тие обуката ја започнаа во армискиот центар во Пожега, а командантот Томислав Матиќ изјави дека нивната мотивација е подготвеноста да и служат на татковината.
Во меѓувреме Хрватска се подготвува за започнување на правната процедура за враќање на задолжителниот воен рок, а првите повици на регрути се очекуваат кон средината на 2025 година.
Во 2008 година, Хрватска привремено го суспендираше задолжителниот воен рок, а оттогаш тој се служеше само доброволно.
Во соседна Србија, задолжителниот воен рок, кој беше укинат на 1 јануари 2011 година, ќе биде повторно воведен во 2025 година. Оттогаш, приклучувањето во армијата е само доброволно.
Освен од Србија и Хрватска, и од Црна Гора најавија дека размислуваат за задолжителен воен рок, кој беше укинат во 2006 година.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете