Вести
Бугарија го тужи Гаспром за 400 милиони евра

Бугарската државна компанија за гас, Булгаргаз, поднесе тужба против рускиот енергетски гигант Гаспром за обештетување во износ од 400 милиони евра. Причината е штетата настаната како резултат на едностраното прекинување на испораките на гас за Бугарија во 2022 година, соопшти компанијата на 9 јули.
Веста доаѓа еден месец откако германска енергетска компанија успешно го тужеше Гаспром за 13 милијарди евра. Ова се случи во сличен арбитражен случај за прекинот на гасот за Германија во 2022 година.
Одлуката за Германија дојде од Меѓународниот арбитражен суд во Стокхолм. Случајот на Бугарија беше изведен пред Арбитражниот суд на Меѓународната стопанска комора во Париз.
Во мај, Владимир Малинов, вршител на должноста министер за енергетика на Бугарија, ја објави намерата на Булгаргаз да бара таква компензација од руската компанија. Одлуката за висината на средствата е донесена по финансиска и правна анализа со учество на меѓународни експерти.
Од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година, Русија побара од своите европски клиенти да плаќаат за испораките на природен гас во рубли наместо валутите предвидени во потпишаните долгорочни договори - долари и евра.
Бугарија одби да го стори тоа. Како одговор, Русија еднострано го прекина снабдувањето со гас во април 2022 година.
Бугарија и Полска беа меѓу првите земји со прекинати испораки на руски гас. Последователно, Москва го прекина и снабдувањето преку гасоводот Северен тек. Овие акции на Русија доведоа до рекордно зголемување на цената на природниот гас и енергијата во европски земји.
Компании во Италија, Франција, Полска, Украина, Финска веќе поднесоа арбитражни случаи против Гаспром поради прекин на испораките спротивно на потпишаните договори.
види ги сите денешни вести
Зеленски вели дека Русија има за цел да посее „хаос“ со енергетски напади

Претседателот Володимир Зеленски ја обвини Русија дека сака да посее „хаос“ во Украина со започнување напади врз енергетската мрежа и железничката инфраструктура на неговата земја.
Москва, чии сили ја нападнаа Украина во 2022 година, во последните недели ги засили воздушните напади врз украинските енергетски објекти и железнички системи.
„Задачата на Русија е да создаде хаос и да изврши психолошки притисок врз населението преку напади врз енергетските објекти и железниците“, им рече Зеленски на новинарите, во коментари објавени во четврток, 9 октомври.
Неодамнешните напади се одраз на слични руски бомбардирања во зимите 2022, 2023 и 2024 година, кога нападите оставија милиони Украинци без енергија или греење подолги периоди.
Зеленски рече дека руските напади оваа година веќе ја ставија украинската гасна инфраструктура под „силен притисок“ и дека повеќе напади врз гасната инфраструктура би можеле да ја принудат неговата земја да го зголеми увозот.
Украина неодамна ги засили и сопствените напади со беспилотни летала и ракети на руска територија во кампања за која Зеленски рече дека покажува „резултати“ и која, исто така, ги зголеми цените на горивата во Русија.
„Веруваме дека тие изгубиле до 20 проценти од снабдувањето со бензин - директно како резултат на нашите напади“, рече Зеленски, додавајќи дека има докази дека Русија го зголемила увозот од Кина и Белорусија.
Украина неодамна погоди и електрана во рускиот пограничен регион Белгород, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Сенатот на САД повторно не го усвои законот за финансирање

Американскиот Сенат повторно не успеа да го усвои законот за краткорочно финансирање на владата до 21 ноември, додека прекинот на работата на владата влезе во деветтиот ден.
Сенатот го одби законот што го усвои Претставничкиот дом со 54 гласа „за“ и 45 „против“, бидејќи не беше достигнат прагот од 60 гласа потребни за негово усвојување.
Ова беше шести обид за усвојување на законот за финансирање.
Сенатот, исто така, ја одби и верзијата на демократите, која содржеше неколку одредби поврзани со здравствената заштита.
Блокадата на работата на владата на САД почна на 1 октомври, на почетокот на фискалната 2026 година, откако демократите во Сенатот го одбија краткорочниот закон за финансирање што ќе им овозможеше на федералните министерства да останат отворени до 21 ноември.
Демократите одбиваат да го поддржат предлогот на републиканците без поголеми отстапки, фокусирајќи се особено на прашањата за здравствена заштита.
Германија ја ограничи продажбата на канабис преку интернет

Германската влада на 8 октомври одобри планови за ограничување на продажбата на канабис преку интернет, во обид да го ограничи порастот на увозот што следеше по легализацијата на рекреативната употреба минатата година.
Според амандманот на постојниот закон, рецептите за канабис сега ќе се издаваат само по посета на лекар, додека нарачките преку интернет и испораката по пошта ќе бидат забранети. Продажбата ќе биде ограничена на аптеките, каде што фармацевтите ќе мора да дадат совет за употреба.
Во април 2024 година, Германија стана деветтата земја во светот што го легализираше рекреативниот канабис. Оттогаш, увозот се зголеми за повеќе од 400 проценти во првата половина од годината во споредба со истиот период минатата година, според владини податоци.
„Масовното зголемување на увозот на канабис и практиката на препишување на лекот преку интернет, без никаков личен медицински контакт, бараат политичка акција“, изјави германската министерка за здравство Нина Варкен.
Владата соопшти дека зголемувањето на увозот не е поврзано со зголемената побарувачка кај тешко болните пациенти, бидејќи рецептите издадени преку системот за јавно здравствено осигурување се зголемија за едноцифрен процент
Германската АфД го отстрани својот партиски член поради учество на форум на крајната десница во Русија

Германската партија Алтернатива за Германија (AfD) во Хамбург го исклучи локалниот партиски член Роберт Риш од градскиот совет откако сликите анализирани од РСЕ/РЛ покажаа дека тој присуствувал на форум на крајнодесничарската партија во Русија, на кој се собрале екстремнодесничарски политичари.
Риш присуствуваше на конференцијата во Санкт Петербург на 12 септември, покажа анализата на сликите.
Меѓу организаторите на настанот беше и Константин Малофеев, тајкун поврзан со Кремљ, под западни санкции за вмешаност во агресивната војна на Москва против Украина.
Помалку од еден месец подоцна, на 6 октомври, раководството на АФД (AfD) едногласно одлучи да покрене дисциплинска постапка против Риш, изјави Дирк Нокеман, лидерот на партијата од Хамбург.
Риш ги негираше обвинувањата, велејќи дека патувањето било приватно и дека „пријателка“, која е поранешната членка на советот на АФД во Хамбург, Олга Петерсен, го замолила да ја придружува на еден настан.
Тој додаде дека роденденот на Петерсен се паднал на истиот датум како и конференцијата и тврдеше дека немал претходно знаење за учесниците или за агендата.
Риш понатаму рече дека „води кампања за мир“ и не може да биде одговорен за оние „со кои седел во иста просторија“.
Покрената е и постапка за исклучување против Петерсен. Според германските медиуми, таа исто така присуствувала на настанот во Санкт Петербург и сега живее во Русија, јавно поддржувајќи ја руската влада.
Во март 2024 година, Петерсен дејствувала како набљудувач на изборите на кои претседателот Владимир Путин обезбедил нов мандат и наводно го нарекол гласањето „отворено, демократско и слободно“.
Во февруари, Петерсен, која е родена во Русија, објави фотографии на кои се гледа со руски војници во руски окупиран дел од Украина.
Најавен како основачка конференција на „меѓународна лига на антиглобалисти“ наречена Паладини, на форумот во украсениот Марински дворец во Санкт Петербург од царската ера присуствувале и крајно десничарски политичари од земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Мексико, Шпанија и Јужна Африка.
Косовскиот Уставен суд : Собранието не е конституирано, гласањето во пакет не е дефинирано со Уставот

Уставниот суд на Косово на 8 октомври ја објави целосната одлука по жалбата поднесена од Српската листа - најголемата српска партија во Косово - во врска со конституирањето на Собранието.
Во одлука објавена неколку дена претходно, судот прогласи дека Собранието не е конституирано и им даде на пратениците 12 дена да го завршат процесот, од денот кога целосната одлука ќе биде објавена на неговата веб-страница.
Косовското собрание за РСЕ/РЛ изјави дека пресудата ги обврзува партиите да закажат седница во рок од 48 часа.
„Судот потсетува дека уставните одредби, Деловникот на Собранието и судската пракса на Судот не подразбираат никаква обврска за пратениците да гласаат во пакет за потпретседателите на Собранието, без разлика дали се тие предложени од 3 (три) најголеми парламентарни групи или заедници кои не го сочинуваат мнозинството. Во овој контекст, бидејќи гласањето во пакет не е изречно утврдено со Уставот, тоа може да се спроведе доколку постои договор меѓу парламентарните групи или пратениците“, се наведува во целосната одлука.
Судот, меѓу другото, наведува дека „врз основа на парламентарната пракса за избор на потпретседатели од редот на пратениците на заедниците кои не го сочинуваат мнозинството, од 2011 година, потпретседателите од редот на пратениците на заедниците кои не го сочинуваат мнозинството се гласаат и избираат во пакет. Затоа, Судот оценува дека таквата постапка за гласање останува на дискреционо право на пратениците и пратеничките групи, под услов да се спроведе избор на членови на Претседателството на Собранието“.
Српската листа поднесе жалба токму за оваа точка од постапката, оценувајќи дека негласањето во пакет за двајца потпретседатели од малцинствата претставува кршење на законот.
Емилија Реџепи беше избрана за потпретседател на Собранието од несрпското малцинство, додека ниту еден српски пратеник не го доби потребниот број гласови за местото резервирано за тоа малцинство, и покрај неколкуте круга гласање со промени на кандидатите.
По прифаќањето на жалбата, Уставниот суд изрече привремена мерка со која им забрани на пратениците да преземат какви било дејствија за формирање нова Влада, бидејќи постоеше сомневање за кршење на Уставот.
Јасно стави до знаење дека Собранието не се смета за конституирано без избор на потпретседател на Собранието од српска националност.
Низ целата пресуда, Судот наведе дека, врз основа на Уставот и Деловникот на Собранието, потпретседателот на Собранието од српската заедница се избира со мнозинство гласови од сите пратеници на Собранието, односно 61 глас „за“, а предлогот се поднесува писмено од мнозинството пратеници од српската заедница.
„Од горенаведеното, Судот подвлекува дека предлогот за потпретседател на Собранието од редот на пратениците на заедниците што не го сочинуваат мнозинството, во конкретниот случај на српската заедница, треба да го поднесе мнозинството или најголемиот број пратеници од редот на пратениците на српската заедница“, се наведува во пресудата.
Во Собранието на Косово, Српската листа има девет места резервирани за српската заедница, а уште едно го освои Ненад Рашиќ од српската партија За слобода, правда и опстанок. Рашиќ е министер во владата на Албин Курти
„Застапеноста на немнозинските заедници во структурата на Претседателството на Собранието е уставна гаранција, така што немнозинските заедници, имено српската заедница и другите немнозински заедници, се вклучени во целосното функционирање на Претседателството на Собранието, овозможувајќи им да учествуваат во донесувањето одлуки на Претседателството на Собранието, на начин утврден со Деловникот за работа на Собранието“, наведува Судот, меѓу другото, во образложението на одлуката.
И покрај фактот дека поминаа неколку месеци од одржувањето на парламентарните избори, Косово сè уште нема нови институции. Најголемите албански партии не постигнаа договор за продолжување на процесот и како резултат на тоа, Уставниот суд беше принуден неколку пати да донесе пресуди.
На парламентарните избори, движењето Самоопределување освои најмногу гласови и 48 места во Собранието. Демократската партија на Косово е втора со 24 места, Демократскиот сојуз на Косово е трет со 20, потоа Српската листа со девет и коалицијата на Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива со осум. Останатите места ги држат малцинствата.
Меѓународната заедница постојано повикува на Косово што поскоро да формира нови институции.
Талибанците ги ограничија социјалните мрежи во Авганистан

Веб страниците на социјалните платформи во Авганистан се „намерно ограничени“, соопшти во средата групата за сајбер безбедност и мониторинг на интернет Нетблокс (NetBlocks).
„Метриките покажуваат дека платформите на социјалните медиуми Instagram, Facebook и Snapchat сега се ограничени од повеќе провајдери во Авганистан; инцидентот следи по прекинот на телекомуникациите минатата недела и е најновиот во низата мерки за цензура на интернет воведени од Талибанците“, соопшти NetBlocks.
Некои корисници на социјалните мрежи во Авганистан изјавија за Радио Азади (авганистанскиот сервис Радио Слободна Европа ) претходно во текот на денот дека не можеле да пристапат до социјалните медиуми без користење филтри или VPN мрежи од вторник вечерта.
Владата предводена од Талибанците официјално не коментираше за исклучувањето на социјалните медиуми.
Минатата недела во Авганистан настана 48 часовен хаос, откако талибанските власти ги исклучија телекомуникациите низ целата земја. Талибанците го прекинаа пристапот до интернет со оптички влакна и мобилни телефонски услуги, кои се потпираат на истиот систем, без предупредување на 29 септември. Пристапот беше вратен на 1 октомври.
Овој потег предизвика хаос, ги прекина летовите и го прекина пристапот до банкарските и е-трговските системи, како и до онлајн бизнисите и училиштата.
Талибанците не ја соопштија официјалната причина за таквата одлука, но затворањето дојде неколку недели откако радикалната исламистичка група го блокираше пристапот до интернет преку оптички влакна во неколку провинции, наведувајќи загриженост за „неморал“.
Критичарите рекоа дека потегот е дел од поширока репресија врз индивидуалните слободи и слободниот проток на информации во Авганистан.
Запирањето на комуникациите ги погоди обичните Авганистанци, приватните бизниси и владините канцеларии и создаде предизвици за илјадници Авганистанци кои живеат надвор од земјата.
Интернетот беше спас за авганистанските жени, од кои многумина го загубија правото на работа и студирање откако Талибанците воведоа забрана во 2022 година. Прекинот на интернет предизвика страв кај жените дека нивната последна надеж бледнее.
Австрија заштеди 310 милиони евра со репреговарање за платите на државните службеници

Австриската влада повторно преговараше за годишното зголемување на платите на државните службеници, со што се заштедија 310 милиони евра од буџетот за следната година, соопшти владата во среда, додека се обидува да се справи со буџетскиот дефицит над ограничувањето на ЕУ и највисоката инфлација во Западна Европа.
Трипартиската коалициска влада на власт од март презеде многу необичен чекор за повторно отворање на договорот за плати што веќе беше договорен, заканувајќи им се на синдикатите со замрзнување на платите во следните години доколку не се согласат. Земјата едвај ќе избегне трета година рецесија оваа година.
Владата тврдеше дека буџетските ограничувања го направија овој потег неопходен. Австрија има традиција на колективни преговори за плати по сектори во кои работниците генерално добиваат зголемување на платите приближно во согласност со инфлацијата, а штрајковите се ретки.
„Австрискиот модел што нè направи богати со децении функционира - моделот на консензус, на балансирање на интересите. Мислам дека ова е добар договор“, изјави министерот за финансии Маркус Мартербауер.
Австриската инфлација е околу 4%, двојно повеќе од просекот во еврозоната. Канцеларот Кристијан Штокер издаде соопштение во кое ја повтори својата цел за намалување на инфлацијата на 2% следната година и рече дека договорот „ќе придонесе за прекинување на спиралата плати-цени и достигнување на таа цел за инфлација“.
Роналдо стана првиот фудбалер милијардер

Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо стана првиот милијардер меѓу фудбалерите, откако неговото богатство беше проценето на 1,4 милијарди долари, објави новинската агенција Блумберг.
Во извештајот се наведува дека Роналдо одамна заработувал речиси иста сума пари како и аргентинскиот фудбалер Лионел Меси, кој многумина го сметаат за негов главен ривал, но дека во 2023 година имало голем јаз меѓу нив двајца кога станува збор за финансиите.
Роналдо потпишал договор со фудбалскиот клуб Ал-Наср во Саудиска Арабија вреден 200 милиони долари.
Платата на Меси не е толку голема, но тој ќе има финансиски удел во фудбалскиот клуб Интер Мајами, каде што моментално игра, а по завршувањето на професионалната кариера би можел да има исто богатство како Роналдо.
Португалецот освоил пет титули во Лигата на шампионите, едно Европско првенство и две Лиги на нации за време на долгата и успешна кариера.
Тој е водечкиот стрелец на сите времиња за националните тимови и првиот фудбалер во историјата што постигнал 900 гола во натпреварувачки натпревари.
МВР:Приведена сопругата на ранетиот носител на советничка листа на ДУИ во Липково

Сопругата на докторот и носител на советничка листа на ДУИ во општина Липково, Зеќирија Шахини, кој вчера беше нападнат и ранет со пиштол во центарот на Куманово, е уапсена, соопшти денеска полицијата.
Според Министерството за внатрешни работи(МВР), за 43 годишната тетовчанката е осомничена за поврзаност со обидот за убиство на нејзиниот сопруг.
Шахини беше нападнат вчера, кога маскиран човек со пиштол се доближи до неговиот автомобил и стрелаше, погодувајќи го во ногата. Тој бил вработен на скопската Клиника за пулмологија.
„На 07.10.2025 полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско. Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес“, е наведено во соопштението на МВР.
Оттаму додаваат дека осомничениот за пукањето, 36-годишен гостиварец, е во бегство.
„По целосно документирање на случајот, против А.А ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава“, велат од МВР.
Нападнатиот Зекирија Шахини е носител на советничката листа на ДУИ во Липково на претстојните локални избори.
Јавното обвинителство (ЈО) соопшти вчера дека првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат.
„Во пукањето е приведено едно лице, а по напаѓачот се трага“, соопшти Јавното обвинителство.
Од Министерството за здравство вчера реагираа со вознемиреност на веста дека нивниот колега бил нападнат со оружје, посочувајќи дека се надеваат на брза истрага и санкционирање на сторителите. Реакции имаше и од политичките партии кои бараат од институциите конкретни чекори за враќање на јавната доверба и безбедноста на теренот.
Во Северна Македонија на 19 октомври ќе се одржат локални избори. Во тек е 20-дневната предизборна кампања.
Путин со декрет одговори на европските идеи за „репарација“

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела потпиша декрет кој се чини дека е насочен кон средствата на странските компании кои продолжуваат да работат во Русија. Путин го потпиша декретот како очигледен одговор на разгледувањето од страна на ЕУ за шема за позајмување милијарди долари на Украина врз основа на замрзнати руски средства што се чуваат во ЕУ, а кои се неподвижни откако Москва ја започна својата целосна инвазија пред повеќе од три години.
Декретот повикува на забрзана приватизација на државниот имот за да се обезбеди одбранбена способност, но директно се однесува на „непријателски дејствија“ на Соединетите Држави, западните земји и организации поврзани со нив, кои имаат за цел да воведат „рестриктивни мерки против граѓаните на Руската Федерација и руските правни лица“.
Декретот опишува посебна постапка за регистрација, продажба и пренос на средства, вклучително и забрзан временски рок, и ја именува ПСБ Банка (поранешна Промсвјазбанк) како единствен организатор на продажба на имот.
Путин го потпиша декретот како очигледен одговор на планот на ЕУ за шема за позајмување милијарди долари на Украина врз основа на замрзнати руски средства што се чуваат во ЕУ, откако Москва ја започна својата целосна инвазија пред повеќе од три години.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја изнесе идејата за „заем за репарација“ во нејзиното годишно политичко обраќање до Европскиот парламент минатиот месец.
ЕУ разгледува различни начини за покривање на поголем дел од сметката за финансирање на одбранбените напори на Украина, бидејќи САД навестија дека можеби нема да бидат подготвени да ги финансираат одбранбените потреби на Украина уште долго.
Фон дер Лајен го изнесе својот аргумент пред лидерите на ЕУ на неформалниот самит во Копенхаген на 1 октомври за да разговараат за Украина, на кој присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Се очекуваше министрите за финансии на блокот подетално да го разгледаат планот на состанокот во Луксембург оваа недела.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете