Достапни линкови

Вести

Украинските сили се борат за Вовочанск, САД ветуваат нова испорака на оружје

Украински полицаец во градот Вовочанск, Харкивска област. 13 мај 2024 година.
Украински полицаец во градот Вовочанск, Харкивска област. 13 мај 2024 година.

Руските сили на 20 мај продолжија со својот немилосрден напад врз украинскиот регион Харкив, вклучително и со масовен напад со беспилотно летало врз самиот град, додека локалните власти рекоа дека вооружените украински војници сè уште држат околу 60 отсто од пограничниот град Вовчанск којшто е во фокусот на кампањата на Москва во последните недели.

„Непријателот продолжува да се обидува да ги потисне вооружените сили на Украина од Вовчанск“, изјави за националната телевизија Роман Семенуха, заменик-шеф на регионалната воена администрација.

Тој додаде дека „околу 60 отсто“ од Вовочанск е под контрола на украинските сили, но дека руските напади не престануваат, јави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Семенука рече дека Русите ги концентрираат своите напори на Вовчанск и Липци - уште едно населено место во областа каде што пред војната живееле околу 4.500 луѓе.

Украина соопшти дека рано денеска ги соборила сите 29 беспилотни летала камикази од типот Шахед, лансирани од Русија во Харкив, вториот по големина град во Украина.

Украинската војска, исто така, соопшти дека Русија лансирала балистичка ракета „Искандар-М“, но не соопшти дали била пресретната.

На 10 мај, руските трупи почнаа да ги гранатираат пограничните населби во регионот Харкив и започнаа копнена офанзива во областа Вовчанск. Се чини дека на 16 мај руските единици влегле во Вовчанск, на околу пет километри од границата, каде што се водат најжестоките борби на северот.

Заземањето на Вовчанск - дом на околу 17.500 луѓе пред војната - ќе го претставува најважниот напредок на Русија од почетокот на офанзивата во регионот Харкив, додека Кремљ се обидува да ги развлече украинските сили на североисток.

Соединетите Држави понудија нова поддршка за Киев, повикувајќи ги другите сојузници да продолжат со снабдување со оружје за да помогнат во одбраната на Украина.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и околу 50 шефови на одбрана од целиот свет се состанаа на 20 мај за да ги координираат дополнителните испораки на воена помош за Украина.

„Се среќаваме во време на предизвик“, рече Остин, ветувајќи дека американското оружје ќе продолжи да пристигнува „од недела во недела“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју објавено од Ројтерс, се пожали дека на западните сојузници им треба премногу долго за да донесат клучни одлуки за дополнителна воена поддршка.

„Секоја одлука до која ќе дојдеме ние, а подоцна и сите, доцни околу една година“, рече тој.

види ги сите денешни вести

update

Двајца мртви откако руски дронови и проектили погодија енергетски капацитети на Украина

Дрон Шахед од израелско производство, забележан над Украина за време на руски напад во 2022 г.
Дрон Шахед од израелско производство, забележан над Украина за време на руски напад во 2022 г.

Во утринските часови на 20 јули руските сили продолжија со нападите со беспилотни летала и проектили насочени кон украинската енергетска инфраструктура.

Гувернерот на регионот Харкив, Олег Синјехубов, изјави дека ракетите „Искандер“ убиле две лица, а раниле три во источниот регион.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека нивната воздушна одбрана соборила 13 од 17 руски беспилотни летала низ пет региони. Но, официјални претставници од регионите Суми и Чернихив известија дека дроновите Шахед погодиле и оштетиле енергетски објекти на северните територии.

Државната енергетска компанија „Укренерго“ објави дека е погоден и енергетски објект во централниот регион Полтава. Оттаму соопштија дека поради нападите привремено била прекината електричната енергија за индустриите и домаќинствата во Полтава и Чернихив.

Регионалната воена управа во Суми, пак, соопшти дека бил нападната енергетска инфраструктура во областа Конотоп.

Од пролета, украинските енергетски капацитети се честа мета на руските сили.

Еден од поголемите напади беше во текот на ноќта и утрото на 8 мај, кога Министерството за енергетика објави дека била нападната инфраструктурата за производство и пренос на електрична енергија во шест региони. По овој напад, поради недостаток на електрична енергија, државната „Укренерго“ воведи рестрикции во снабдувањето со струја за индустријата и бизнисот, а предупреди дека не се исклучува во иднина да има рестрикции и за домаќинствата.

Зеленски му честиташе на Трамп за номинацијата и се согласи на средба

Зеленски и Трамп во Њујорк, септември 2019 г.
Зеленски и Трамп во Њујорк, септември 2019 г.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и се согласил на „лична средба“ за да разговараат за чекорите кон траен мир со Русија.

Зеленски разговарал со Трамп на 19 јули, еден ден откако републиканскиот кандидат ја прифати номинацијата од неговата партија и вети дека ќе стави крај на војната во Украина доколку биде избран.

„Разговарав со Доналд Трамп за да му честитам на републиканската номинација и да го осудам шокантниот обид за атентат во Пенсилванија. Му посакав сила и апсолутна безбедност во иднина“, напиша Зеленски во објавата на платформата Икс, алудирајќи на обидот за атентат на 13 јули на предизборен митинг кога Трамп беше полесно повреден во увото.

Зеленски рече дека се согласил со Трамп да „разговараат на лична средба за тоа кои чекори можат да го направат мирот праведен и вистински траен“, без да даде никакви детали за тоа кога и каде ќе се одржи таквиот состанок.

Американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп претходно на социјалната мрежа „Трут“ објави дека во петокот имал „многу добар разговор“ со украинскиот претседател Зеленски. Тој вети дека преку преговори ќе стави крај на војната меѓу Киев и Москва „дури и пред да ја преземе функцијата во јануари доколку победи на изборите на 5 ноември“.

„Двете страни ќе можат да се состанат и да преговараат за договор што ќе стави крај на насилството и ќе го отвори патот напред кон просперитетот“, рече Трамп.

Целосната руска инвазија на Украина, во која загинаа десетици илјади луѓе од двете страни, сега е во својот 29-ти месец и не и се гледа крајот. Русија моментално окупира околу 17 отсто од територијата на Украина.

Повикот на Зеленски доаѓа откако во Киев и во другите европски престолнини расте загриженоста дека Трамп ќе добие уште еден четиригодишен мандат во Белата куќа.

Шансите на републиканецот да победи на изборите во ноември 2024 година се подобрија откако лошиот настап на 81-годишниот актуелен претседател Џо Бајден во минатомесечната дебата покрена прашања за неговото физичко и ментално здравје.

ЦУК: Во изминатите 24 часа имало 35 пожари на отворено, активни се 12

Пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари шума (фотоархива)
Пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари шума (фотоархива)

Вкупно 35 пожари на отворено имало во изминатото деноноќие во Северна Македонија, а од нив утрово (20 јули) активни се вкупно 12, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Еден од нив е на територијата на Општина Неготино за кој од ЦУК велат дека е „кај армискиот полигон Криволак во правец штипско рамниште“, но е ставен под контрола.

Мешана шума гори на територијата на Градско, кај селата Подлес и Чичево, како и во Ново Село кај селото Вадилен, а пожар во борова шума има кај селото Тажево во Општина Македонски Брод.

Нискостеблеста шума, сува трева, грмушки, пак, горат во два пожари на територијата на Чашка, и по еден на териториите на Росоман, Кавадарци, Штип, Велес и Долнени.

Во Делчево гори градската депонија.

Пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари, а најсериозен е пожарот на планината Серта. Од 14 јули Владата прогласи и кризна состојба. Во гаснењето на пожарите вклучена е и Армијата и полицијата, а помош има и од земји од регионот, како Словенија, Турција и Србија.

Претпладне сончево и топло, попладне невреме

Невреме во попладневните и вечерните часови се најавува и за наредните денови, Скопје, 9 јули 2024 г.
Невреме во попладневните и вечерните часови се најавува и за наредните денови, Скопје, 9 јули 2024 г.

Сончево и многу топло време со мала облачност во претпладневните часови, најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска, 20 јули.

Но, попладне и во вечерните часови, пак, на повеќе места во државата се очекува нестабилно време со пороен дожд и врнежи од дожд, а можен е и град.

Температурата во текот на денот, според најавите, ќе достигне до максимум 39 степени.

Според УХМР, невреме во попладневните и вечерните часовите се очекува да има и утре и во текот на следната работна недела.

Минималните температури ќе се задржат високи, а дневните од вторник ќе бидат во опаѓање.

Во Лвов убиена поранешна украинска пратеничка позната по промовирање на јазикот

Фарион се здоби со слава поради кампањите за промовирање на украинскиот јазик и дискредитација на јавните службеници кои зборуваат руски (фотоархива)
Фарион се здоби со слава поради кампањите за промовирање на украинскиот јазик и дискредитација на јавните службеници кои зборуваат руски (фотоархива)

Вооружен маж во петокот (19 јули) застрела и уби поранешена пратеничка во украинскиот парламент позната по кампањите за промовирање на украинскиот јазик.

Ирина Фарион (60) била погодена во главата на улица во западниот град Лвов. Откако беше пренесена во болница, таа им подлегна на повреди, потврди регионалниот гувернер во Лавов, Максим Козицкиј, во објава на Телеграм.

Наталија Матолинец, шефица на службата за анестезиологија во Првата медицинска асоцијација во Лавов, изјави дека Фарион била донесена во болницата во критична состојба „со тешка прострелна рана во главата“.

Веднаш била оперирана, а потоа префрлена на одделот за интензивна нега, но нејзиното срце не можело да издржи, посочи Матолинец.

„За жал, и покрај сите напори на лекарите, и покрај сите обиди за реанимација, животот на Ирина Фарион не можеше да се спаси“, рече Матолинец.

Министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко, изјави дека пукањето се третира како обид за атентат. Полицијата започна потрага по напаѓачот.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека добива редовни извештаи за напорите на украинските сили да го фатат осомничениот. Тој порача дека секој чин на насилство е за осуда.

Фарион, која по професија е лингвист, стана член на националистичката партија Свобода (Слобода) во 2005 година и беше избрана за пратеничка во парламентот во 2012 година, но не успеа во последователните обиди да биде реизбрана.

Таа се здоби со слава поради честите кампањи за промовирање на украинскиот јазик и дискредитација на јавните службеници кои зборуваат руски.

Некои критичари ги сметаа ставовите на Фарион како радикални, а некои нејзини изјави предизвикаа контроверзии. Во 2018 година, кога Украина се бореше со сепаратистите финансирани од Русија кои зазедоа територии на истокот на земјата, таа повика „секое лице што зборува руски, да се удри со тупаница во вилицата“.

Поради нејзините контроверзни изјави, во 2023 година, таа беше отпуштена како професорка на Катедрата за украински јазик на Институтот за хуманистички и општествени науки на Политехничкиот универзитет во Лвов.

На крајот на мај, Апелациониот суд во Лвов донесе одлука таа да се врати на работа како професорка.

Израелската окупација на палестинските територии е нелегална, одлучи судот на ОН

Судиите на Меѓународниот суд на правдата во Хаг на 24.5.2024.
Судиите на Меѓународниот суд на правдата во Хаг на 24.5.2024.

Највисокиот суд на Обединетите нации (ОН) на 19 јули соопшти дека израелската окупација на палестинските територии и населби е незаконска и дека Израел треба да се повлече што е можно поскоро.

Советодавното мислење на судиите на Меѓународниот суд на правдата, познат како Светски суд, не е обврзувачко, но има тежина според меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел, пренесува Ројтерс.

„Израелските населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим, и режимот поврзан со нив, беа воспоставени и одржувани со кршење на меѓународното право“, рече претседателот на Меѓународниот суд на правдата, Наваф Салам, читајќи ги наодите на 15-члената комисија.

Судот рече дека обврските на Израел вклучуваат плаќање на компензација за штетата и „евакуација на сите доселеници од постоечките населби“.

Израел го отфрли мислењето на судот

Во брзата реакција, израелското Министерство за надворешни работи го отфрли мислењето на Меѓународниот суд на правдата како „фундаментално погрешно“ и еднострано и го повтори својот став дека политичко решение во регионот може да се постигне само преку преговори.

„Еврејската нација не може да биде окупатор во својата земја“, се вели во соопштението од кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Мислењето ги налути и доселениците на Западниот Брег, но и политичарите како министерот за финансии Безалел Смотрич, чија националистичка верска партија е блиска до движењето на доселениците и кој самиот живее во населба на Западниот Брег.

„Одговор на Хаг - суверенитет сега“, рече тој во објава на платформата „Х“, во очигледен апел Западниот Брег да биде формално припоен од Израел.

Мислењето на Меѓународниот суд на правдата, исто така, утврди дека Советот за безбедност на ОН, Генералното собрание и сите држави имаат обврска да не ја признаат окупацијата како легална или да „обезбедат помош“ за одржување на присуството на Израел на окупираните територии.

Палестинското Министерство за надворешни работи го нарече мислењето „историско“ и ги повика државите да го почитуваат.

„Нема никакво помагање. Нема соучесништво. Нема пари, оружје, трговија... нема какви било активности за поддршка на нелегалната окупација на Израел“, рече палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики пред судот во Хаг.

Случајот произлегува од барањето за правно мислење од 2022 година од страна на Генералното собрание на ОН, пред војната во Газа која започна во октомври.

Израел го освои Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим - области на историската Палестина што Палестинците ги сакаат за држава - во војната на Блискиот Исток во 1967 година и оттогаш изгради населби на Западниот Брег и постојано ги проширува.

Израелските лидери тврдат дека териториите не се легално окупирани бидејќи се на спорна територија, но Обединетите нации и поголемиот дел од меѓународната заедница ги сметаат за окупирана територија.

Во февруари, повеќе од 50 земји ги презентираа своите позиции пред судот, а палестинските претставници побараа од судот да утврди дека Израел мора да се повлече од сите окупирани територии и да ги растури илегалните населби.

Израел не учествуваше во усните аргументи, но поднесе писмена изјава во која му кажа на судот дека издавањето советодавно мислење би било „штетно“ за напорите за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.

Повеќето земји-учеснички побараа од судот да ја прогласи окупацијата за нелегална, додека неколку, вклучително и Канада и Британија, тврдеа дека треба да одбие да издаде советодавно мислење.

Соединетите Американски Држави се најголемиот воен сојузник и поддржувач на Израел и побараа од судот да не нареди безусловно повлекување на израелските сили од палестинските територии.

Ставот на САД беше дека судот не треба да донесе никаква одлука што би можела да им наштети на преговорите за решение за две држави засновано на принципот „земја за мир“.

Во 2004 година, Меѓународниот суд издаде советодавна одлука дека тампон зоната на Израел околу поголемиот дел од Западниот Брег е нелегална и дека израелските населби се основани со кршење на меѓународното право. Израел ја отфрли пресудата.

Јужноафриканската Република го обвини Израел за геноцид врз Палестинците во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.

Војната во Газа започна откако Хамас, наведен како терористичка организација од САД и Европската унија, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници. По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива на Газа.

Според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, во борбите загинале повеќе од 38.000 луѓе. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.

Меѓународниот суд на правдата (МСП), наречен и Светски суд, е највисокото правно тело на Обединетите нации, основано во 1945 година за да ги решава споровите меѓу државите.

Панелот од 15 судии на МСП, проширен со дополнителен судија од секоја страна во спорот, се занимава, на пример, со гранични спорови, како и со други случаи иницирани од држави кои обвинуваат други земји за прекршување на обврските од договорите на ОН. Неговата јурисдикција секогаш се заснова на согласност на суверените држави на страните во предметниот спор. Без претходна или ад хок согласност, тој суд нема јурисдикција.

Во овој суд нема посебно обвинителство. Овој суд е надлежен и за спорови од Конвенцијата за геноцид од 1948 година.

Дачиќ го посети ранетиот полицаец во Лозница

Полиција во Лозница, западна Србија
Полиција во Лозница, западна Србија

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ го посети Вјекослав Илиќ, полицаецот кој беше повреден во нападот на 18 јули на запад на Србија во петокот во ппштата болница во Лозница, кога беше убиен уште еден полицаец.

„Го посетив Илиќ, кој е во стабилна состојба и се опоравува. Србија ја цени и почитува неговата пожртвуваност и храброст, но и вредностите што ги носи секој српски полицаец, подготвен да го жртвува сопствениот живот за да ги заштити своите граѓани и земјата“, изјави министерот Дачиќ.

Нападот врз полицајците се случил во раните утрински часови кога при рутинска контрола го запреле возилото во кое се наоѓал осомничениот.

При излегувањето од автомобилот, напаѓачот со пиштол ги застрелал полицајците, а потоа побегнал. Српските власти нападот го означија како „терористички“.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ во петокот соопшти дека е убиено лицето кое усмрти еден и рани уште еден полицаец.

Дачиќ во своето обраќање пред новинарите не го откри името на убиениот, наведувајќи дека на 19 јули припадници на полицијата „ликвидирале албански терорист“ во селото Бања Ковиљача во близина на границата со Босна и Херцеговина.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово побара од српските власти да го потврдат идентитетот на убиениот.

Полицијата во Србија со фотографијата претходно соопшти дека интензивно трага по Фатон Хајризи, косовски државјанин кој избега од затвор во Косово.

Германец осуден на смрт со стрелање во Белорусија, тврди група за човекови права

Затвор во Минск, Белорусија (илустративна фотографија)
Затвор во Минск, Белорусија (илустративна фотографија)

Германец обвинет од Белорусија за извршување на неколку злосторства, вклучително и „тероризам“ и „платеничка активност“, е осуден на смрт со стрелање, објави белоруската група за човекови права на 19 јули.

Рико Кригер (30) е осуден според шест члена од белорускиот кривичен законик на тајно судење одржано на крајот на јуни, објави Центарот за човекови права Вијасна, пренесува агенцијата Франс Прес.

Точните обвиненија против него не беа веднаш јасни, а официјалната новинска агенција на Белорусија не објави ништо за неговиот случај.

Обвиненијата може да се поврзани со полковникот Калинуски, група доброволци и белоруски борци кои се бореле против Русија во конфликтот во Украина, објави Вијасна.

Според профилот на ЛинкедИн, за кој Вијасна вели дека му припаѓа на Кригер, тој работел како спасител за германскиот Црвен крст и како чувар за амбасадата на Соединетите држави во Берлин.

Ова е првпат некому да му се суди за платеничка активност во Белорусија, објави групата „Вијасна“.

Белорусија е единствената европска земја која дозволува смртна казна, резервирајќи ја за тешки злосторства, вклучително и тероризам и предавство.

Нетанјаху е против изградба на привремена болница за децата од Појасот Газа

Бенјамин Нетанјаху, pремиер на Израел
Бенјамин Нетанјаху, pремиер на Израел

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху ги блокира плановите за изградба на полска болница во Израел во која би се лекувале болните и повредени деца од Појасот Газа.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на почетокот од неделата најави полска болница како привремена мерка за да се обезбеди лекување на децата додека е затворен за цивили граничниот премин Рафа помеѓу Појасот Газа и Египет.

Според Галант во привремената болница би се лекувале децата заболени од карцином, дијабетис и децата со ортопедски повреди.

Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху се наведува дека „не се одобрува изградба на болница за жителите на Газа на израелска територија и затоа истата нема да биде изградена“.

Вирусот на детска парализа е пронајден во примероците од отпадните води од разурнатиот дел од Појасот Газа, соопштија во четвртокот Министерството за здравство кое е под контрола на Хамас.

Министерството за Газа контролирано од Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација соопшти дека илјадници луѓе кои живеат во преполни кампови за раселени луѓе сега се изложени на ризик да заболат од многу заразна болест која може да предизвика деформитети и парализа.

Српски хеликоптер го изгасна пожарот во близина на селото Росоман

Српски хеликоптер Камов К-32
Српски хеликоптер Камов К-32

Припадниците на Одделот за вонредни состојби и хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи на Србија гаснеа пожар во близина на селото Росоман во Северна Македонија.

Според српското МВР, на таа локација од противпожарен хеликоптер испуштиле 20 тони вода.

Од 16 јули, во Северна Македонија се испуштени вкупно 157 тони вода.

„Екипа на МВР во текот на вчерашниот ден успешно го стави под контрола пожарот кај градот Радовиш, на планината Плачковица, каде исто така самостојно ја изврши интервенцијата“, се вели во соопштението.

Помошта од Србија е испратена врз основа на барање на Владата на Северна Македонија.

Министерството за внатрешни работи на Србија претходно соопшти дека испраќа противпожарен хеликоптер Камов К-32 со капацитет од пет тони вода во Северна Македонија со седум припадници на тамошното Министерството за внатрешни работи.

Пожарите во Северна Македонија опустошуваат стотици хектари, а веќе 30 дена е прогласена вонредна состојба. Во исто време, криза има и во однос на противпожарната опрема, па се гаснат и возила стари 45 години.

Во Северна Македонија нема доволно пожарникари, па општините си помагаат, а помош почна да пристигнува и од други земји.

Топлотниот бран ги зафати земјите од Западен Балкан, а екстремните температури на места надминуваат и 40 Целзиусови степени. Се очекува ова да биде најдолгиот и најинтензивен топлотен бран во 2024 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG