Достапни линкови

Вести

ЕУ: Изборите во Косово не придонесуваат за смирување на тензиите

Портпаролот на ЕУ вели дека Унијата жали што косовските Срби на северот на Косово ја пропуштиле можноста да го искористат своето право на глас.
Портпаролот на ЕУ вели дека Унијата жали што косовските Срби на северот на Косово ја пропуштиле можноста да го искористат своето право на глас.

Брисел ќе биде подготвен да ја разгледа можноста за укинување на санкциите кон Косово, но само откако шефот на европската дипломатија Џозеф Борел ќе поднесе извештај до земјите-членки, порача портпаролот на Европската Унија (ЕУ(Петер Стано.

„Во согласност со своите заклучоци од 12 декември 2023 година, Советот ќе разговара за мерките на ЕУ врз основа на извештајот на високиот претставник за исполнување на барањата на Унијата“, вели Стано во писмениот одговор.

По насилството на крајот на мај 2023 година на северот на Косово, кое избувна откако избраните градоначалници од албанска националност влегоа во општинските згради во општините со мнозинско српско население, ЕУ во јуни лани реши да воведе рестриктивни мерки за Приштина.

За потсетување, градоначалниците беа избрани на избори во април 2023 година, откако Србите ги напуштија косовските институции на крајот на 2022 година, во знак на незадоволство од одлуката за регистарски таблички на Владата на Косово.

Партијата Српска листа и локалното српско население ги бојкотираа изборите.

Ситуацијата ескалираше на 29 мај во Звечан кога дојде до судири меѓу демонстрантите и членовите на Мировната мисија на НАТО на Косово (КФОР).

Владата на Косово, претходно денеска (22 април) ја повика ЕУ да ги укине, како што велат, неправедните рестрикции велејќи дека ја исполниле обврската од договорот со Унијата за намалување на тензиите на северот на земјата.

Владата соопшти дека со завршувањето на изборниот процес на 21 април, за време на кое се гласаше за импичмент односно смена на албанските градоначалници во четири општини на северот на земјата, Косово „ја исполнило својата обврска кон своите граѓани и одговорноста преземена од договорот со ЕУ“.

Стано, пак, посочи дека со гласањето за импичмент на градоначалниците, Косово ја отворило можноста за почеток на нови локални избори „иако организирањето на гласањето за недоверба не било без предизвици“.

Тој нагласи и дека одлуката на политичките партии на косовските Срби да се повлечат од процесот и да повикаат на бојкот довело до низа тешкотии, вклучително и формирање на некои изборни комисии без членови од редовите на косовски Срби.

Портпаролот на ЕУ изјави и оти одлуката на директорите на училиштата од српската програма на северот на Косово да не дозволат користење на школите како избирачки места, неколку дена пред денот на гласањето, создала сериозни предизвици за Централната изборна комисија.

Сето ова, вели Стано, им го отежнало и пристапот на граѓаните до точни информации за новите локации на избирачките места.

„ЕУ жали што косовските Срби на северот на Косово ја пропуштија можноста да го искористат своето право да гласаат и да избираат градоначалници кои би биле вистински претставници“, рече Стано и подвлече дека исходот од изборите не придонесува за смирување на тензиите и поплочување на патот за враќање на Србите во косовските институции, што е неопходно за нормализирање на односите.

види ги сите денешни вести

Реакции во Србија по усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница

Српскиот претседател Александар Вучиќ во српско знаме по усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница на Генералното собрание на Обединетите нации, 23 мај 2024 година.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во српско знаме по усвојувањето на резолуцијата за геноцидот во Сребреница на Генералното собрание на Обединетите нации, 23 мај 2024 година.

Откако Генералното Собрание на Обединетите Нации денеска, 23 мај, ја усвои резолуцијата за геноцидот во Сребреница, вечерва пристигнуваат реакции од претставниците на српската власт.

Резолуцијата беше усвоена со 84 гласа „за“, 68 „против“ и 19 „воздржани“, а тоа значи дека 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

По завршувањето на заседавањето во ОН, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, им се заблагодари на сите земји што беа воздржани или гласаа против.

„Ова е големо изненадување, многу луѓе беа шокирани во салата. Од оние кои беа во салата, 87 не гласаа за Резолуцијата. Две третини од жителите на планетата беа на наша страна“, рече Вучиќ.

Особена благодарност Вучиќ упати до Кина, Русија и Обединетите Арапски Емирати.

„Србија никогаш нема да ја заборави поддршката од овие држави, но и од Унгарија, која беше единствена во регионот против“, додаде Вучиќ.

Тој упати благодарност и до српскиот народ, пособено до Србите во Косово, Црна Гора и Република Српска.

Мали: Направено е злосторство против Србија

Вицепремиерот и министер за финансии на Србија, Синиша Мали на својот Инстаграм профил напиша дека е „сторено злосторство“ против Србија.

„На нашиот народ му беше дадена етикета што не ја заслужува, а тоа го направи современиот свет, кој е полн со демократија и развој. Ќе се сеќаваме“, напиша Мали.

Тој додаде дека е горд на претседателот Александар Вучиќ, „кој достоинствено одговорил на многу тежок предизвик на највисоко ниво денеска во Њујорк“.

„Горди сме на Србија, на него, на силата и кредибилитетот што ги покажавме. Горди сме затоа што на целиот свет му ја кажа вистината и затоа што не се плашеше од оние многу поголемите од нас“, напиша Мали.

Петковиќ: Резолуцијата нема да придонесе за помирување

Директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ, по гласањето напиша дека резолуцијата „нема да придонесе за помирување или смирување на тензиите, туку само ќе биде како ветер во грб за нови насилни претензии и акции“.

Тој додаде дека претседателот Вучиќ покажал „како е да се бранат интересите на меѓународното јавно право“.

„Србија покажа како треба да се брани достоинството на мала суверена земја на Балканот, која не се согласува да ѝ се лепат опасни политички етикети само затоа што тоа и одговара на нечија меѓународна агенда денес“, напиша Петковиќ.

Колони автомобили во Белград во знак на протест

Од друга страна пак, во знак на протест токму против усвојувањето на резолуцијата, десетици автомобили со истакнати српски знамиња во колона се движат по главните улици на Белград.

Автомобили со истакнати српски знамиња минуваат низ главните улици на Белград.
Автомобили со истакнати српски знамиња минуваат низ главните улици на Белград.

Иранскиот претседател Раиси погребан во родниот град Машхад

Улиците на Машхад се полни со луѓе кои се збогуваат со починатиот претседател, Ебрахим Раиси, на 23 мај 2024 година.
Улиците на Машхад се полни со луѓе кои се збогуваат со починатиот претседател, Ебрахим Раиси, на 23 мај 2024 година.

Претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, кој загина во хеликоптерска несреќа за време на викендот, беше погребан во неговиот роден град Машхад во четвртокот, на 23 мај.

Раиси беше погребан до мавзолејот на осмиот шиитски имам Реза, најважното шиитско светилиште во земјата, објави државната телевизија ИРИБ.

Три милиони луѓе беа присутни на погребната церемонија, пренесува државната медиумска агенција ИРНА. Немаше независни проценки за бројот на присутни.

Раиси, министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан и уште седум други лица загинаа во хеликоптерска несреќа во неделата во северозападниот дел на земјата.

Амирабдолахијан беше погребан во главниот град Техеран во четвртокот.

Пред ова, во регионот на Хорасан, од каде што потекнува Раиси, се одржа уште една погребна церемонија поддржана од државата, на која присуствуваа десетици илјади луѓе, а поворката со неговиот ковчег помина и низ Техеран.

Главниот град на провинцијата Бирјанд е избран за претпоследна станица за погребните церемонии, бидејќи Реиси имал посебен однос со тој град, објасни претходно потпретседателот Мохсен Мансури.

Раиси го претставуваше и Бирџанд во Советот на експерти, влијателно свештено тело во Иран.

Погребните церемонии за смртта на Раиси започнаа на 21 мај во шиитскиот свештенички центар Ком и во Табриз, главниот град на иранската провинција Источен Азербејџан, каде што се урна хеликоптерот.

Ајатолахот Али Хамнеи, врховниот лидер на Иран, го назначи Мохамад Мокбер, потпретседател на Раиси, за привремен претседател на земјата до одржувањето на новите претседателски избори на 28 јуни.

Путин потпиша указ за заплена на американскиот имот во Русија

Владимир Путин, претседател на Русија (Илустративна фотографија)
Владимир Путин, претседател на Русија (Илустративна фотографија)

Владимир Путин нареди заплена на американскиот имот во Руската Федерација за да се компензира загубата на имотот на руските олигарси и Централната банка на Русија во САД.

Во документот кој Путин го потпиша денеска, 23 мај, се наведува дека владата на Руската Федерација е обврзана да воспостави посебна процедура за надоместување на штетата предизвикана на Русија во врска со „непријателските и спротивни на меѓународното право“ дејствија на САД.

Специјална комисија формирана од рускиот кабинет ќе го идентификува имотот во сопственост на американски правни лица во Русија, вклучително и хартии од вредност, кои можат да се користат за компензација на штетата.

За да се надомести штетата, според уредбата, може да се користат хартиите од вредност, недвижностите, имотите и имотните права на имотот во сопственост на САД кои се предмет на заплена.

Во декретот, исто така, се наведува дека носителот на авторските права од Русија може да тужи според руските закони за да утврди незаконско одземање на имот од страна на САД.

На 24 април американскиот Сенат го одобри предлог-законот за трансфер на замрзнати руски средства во Украина, кој, меѓу другото, содржи одредби за конфискација на руски имот, вклучително и забрана за нивно одмрзнување. Овој предлог-закон претходно беше усвоен од Претставничкиот дом на САД. Во исто време, американскиот претседател Џо Бајден се уште го нема потпишано овој документ.

САД, ЕУ и другите земји воведоа санкции и ги замрзнаа средствата на Русија и руските олигарси по целосната руска инвазија на Украина. Во летото 2023 година, Министерството за финансии на САД објави блокирање на имотот на руските олигарси и Централната банка на Руската Федерација во износ од повеќе од 330 милијарди долари.

Претходно, весникот „Фајненшл тајмс“ напиша дека земјите од Г7 самитот ги интензивирале преговорите за трансфер на дел од замрзнатите руски средства во Украина. Според изворите во овој текст, САД понудиле да и ги префрлат на Украина средствата на Централната банка на Руската Федерација замрзнати во Европа како „аванс“ за компензација за штетата предизвикана како последици на непријателствата.

Курти: Ризикот од нова војна во регионот е реален

Албин Курти за време на свое обраќање на конференцијата за одбрана во Лондон, 23 мај 2024 година.
Албин Курти за време на свое обраќање на конференцијата за одбрана во Лондон, 23 мај 2024 година.

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Србија ја интензивира соработката со Русија, Кина и Иран, предупредувајќи дека постои реална опасност од, како што рече, „нова војна во регионот“.

На конференцијата за одбрана во Лондон, Курти рече дека усогласувањето на Србија со Русија, „деструктивниот пристап“ кон Косово и огромното вооружување се „показатели дека Србија се стреми кон ескалација со намера да ги оствари своите територијални амбиции“.

Тој исто така посочи дека во време кога Европа доживува војна, мислејќи на војната во Украина, „не можеме да ја игнорираме заканата од нова војна во регион кој многу добро знае што значи тоа“.

„Три од четирите бригади на здружената српска армија, вклучително и 48 напредни бази околу границата со Косово, без други специјализирани единици, се стационирани на југот на територијата, во близина на границата со Косово. Заканата не е само теоретска. Ризикот од нова војна е реален“, рече тој.

Курти го спомена и нападот врз косовската полиција во Бањска во Звечан.

Во септември 2023 година, вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, убивајќи го наредникот Африм Буњаку. Во размената на оган загинаа тројца напаѓачи.

Косово смета дека Србија е одговорна за организирање и извршување на нападот, нешто што Белград го негира. Одговорноста за нападот ја презеде поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ.

Се претпоставува дека Радоичиќ моментално е во Србија. Во декември минатата година, Меѓународната полициска агенција (ИНТЕРПОЛ) издаде налог за апсење на Радоичиќ на барање на Косово.

Меѓународната заедница постојано бара одговорните за нападот да бидат изведени пред лицето на правдата.

Курти рече дека група од речиси 100 вооружени лица влегла во Косово „со план за подолг и поширок конфликт во северниот дел на нашата земја“.

„Не е само класификацијата на Србија со Русија што сугерира дека целта на таа група била да го повтори она што Русија го направи во Донбас во 2014 година“, рече Курти.

Тој мислеше на конфликтот во источна Украина што започна во 2014 година меѓу сепаратистите поддржани од Русија и украинските војници.

Курти нагласи и дека „нема сомнеж“ за тоа кој е виновен за нападот во Бањска.

„Нападот на Бањска се случи поради заземањето на државата во Белград и агресивните и експанзионистички амбиции на оние од врвот“, рече Курти.

Тој додаде дека Косово не е единствената земја од Западен Балкан која е ранлива на физички напади.

Според него, заканата се манифестира и преку „огромна дезинформациска инфраструктура која Русија помогнала да се изгради, а која ја користи интервенцијата на НАТО за да го оцрни Западот“.

На крајот на минатата година беше објавен извештај за дезинформации, кој го подготви Балканската истражувачка мрежа (БИРН) со поддршка на Европската Унија.

Во извештајот се наведува дека Косово е изложено на дезинформации и наративи кои доаѓаат од Русија и Кина, кои имаат за цел да поттикнат меѓуетничка и меѓуверска војна во земјата, да го криминализираат НАТО и да ја намалат довербата на општеството во евроатлантските интеграции, како и да ја прикажат Соединетите Американски Држави како лош пример.

Зеленски ја покани Сиљановска Давкова во Украина

Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Северна Македонија
Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Северна Македонија

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Таа во разговорот ја изрази македонската недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија, додавајќи дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.


Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, чија цел е да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина.

Претседателот Зеленски ја поканил претседателката Сиљановска Давкова да ја посети Украина, за што тие дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија, пишува во соопштението.

Телефонскиот разговор со претседателот Зеленски, претседателката Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италија и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

Макрон: Потребни се повеќе преговори за изборните реформи во Нова Каледонија

Францускиот претседател Емануел Макрон во посета на Нова Каледонија
Францускиот претседател Емануел Макрон во посета на Нова Каледонија

Може да бидат потребни „неколку дена“ за Нова Каледонија да се смири по најновите политички тензии, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот (23-ти мај) за време на посетата на островот погоден од немири во Пацификот.

Макрон го посети островот во јужниот дел на Пацификот, кој и припаѓа на Франција како територија со посебен статус, по неколкудневните немири во кои загинаа шест луѓе а беа повредени стотици други. При немирите изгореа многу јавни автобуси, продавници и јавни згради.

Немирите избија поради спорната реформа на изборните закони на територијата, а Макрон посочи дека плановите за реформата се одложени, и дека се потребни „повеќе преговори“.

Меѓу другото, Макрон изјави дека треба да се одржи референдум како дел од политичкиот процес за иднината на островот.

Контроверзната изборна реформа ќе им овозможи на уште илјадници Французи кои живеат на островот 10 години да гласаат, што според Париз е потребно за унапредување на демократијата на островот, каде што околу една четвртина од околу 270.000 жители се идентификуваат како Европејци.

Сепак, водачите на домородниот народ Канак кои ја формираат најголемата заедница во Нова Каледонија, околу 40 отсто од населението, не сакаат реформата да се спроведе, бидејќи стравуваат дека тоа ќе ја ослаби нивната политичка моќ и ќе направи каков било иден референдум за потешка независноста на островот.

Немирите на островот оддалечен околу 1.200 километри од Австралија почнаа на 13 мај, а досега се уапсени повеќе од 280 „бунтовници“.

За Париз, Нова Каледонија е важна воено и геополитички, но и поради наоѓалиштата на никел.

На сите три референдуми за независност, одржани во 2018, 2020 и 2021 година, жителите гласаа да останат дел од Франција.

Осомничениот за обидот за атентат врз Фицо тврди дека не сакал да го убие

Илустрација,
Илустрација,

Приведениот осомничен за обидот на атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо тврди дека не сакал да го убие премиерот, туку дека сакал само да го повреди, затоа што не се согласувал со владините политики, покажува судскиот документ објавен на 23 мај.

Според судскиот извештај, човекот приведен за пукањето кон Фицо, изјавил дека користел стар пиштол, што го поседува повеќе од 30 години.

Документот на 9 страници го објаснува образложението зошто судот наредил притвор на 71-годишниот осомничен, врз основа на испрашувањето што го имал кај властите што го истражуваат случајот, јавува новинската агенција Ројтерс.


Тоа се првите официјални коментари на осомничениот кои се објавени во јавноста, по повеќе од една недела од обидот за атентат по кој словачкиот премиер се бори за живот. Неговата состојба е подобрена, но тој останува хоспитализиран.

Осомничениот кој порано работел како чувар во трговски центар вели дека никој не знаел за неговиот план и се извини за своите постапки, наведувајќи дека сака да му се извини и на Фицо, пишува во судскиот документ.

Фицо беше застрелан четири пати од непосредна близина на 15 мај на плоштадот во централниот град Хандлова каде што се состануваше владата.

Во судскиот документ е наведено дека осомничениот изјавил дека „одлучил да дејствува“ бидејќи не се согласува со владината политика, поконкретно со укинувањето на Специјалното обвинителство, дека не се согласува со „прогонот на културните и медиумските работници“ како и со надворешната политика околку воена помош предвидена за Украина.

Првиот голем обид за атентат врз европски политички лидер повеќе од 20 години ги истакна длабоките политички поделби во централната европска земја, пишува Ројтерс.

Левичарско-националистичката владина коалиција на Фицо се соочи со опозициски протести и критики на Европската комисија за некои политички средишта, кои критичарите велат дека му штетат на владеењето на правото и слободата на медиумите.

Неговата влада ја прекина државната војска на Украина, одржа дијалог со Русија, го растури специјалното обвинителство за борба против корупцијата и го реновира јавниот ТВ и радио радиодифузер во земјата.

Најавена првата средба на лидерите на Јужна Кореја, Кина и Јапонија по речиси пет години

Од лево кон десно: јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол, кинескиот премиер Ли Кианг и јапонскиот премиер Фумио Кишида.
Од лево кон десно: јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол, кинескиот премиер Ли Кианг и јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Лидерите на Јужна Кореја, Кина и Јапонија ќе се сретнат следната недела во Сеул, а ова ќе биде нивна прва трилатерална средба по неполни пет години, а со цел да разговараат за тоа како да ја обноват нивната соработка, соопшти во четвртокот, 23 мај, канцеларијата на јужнокорејскиот претседател.

По инаугуративниот трилатерален самит на кој присуствуваа само лидерите на овие земји во 2008 година, нивните состаноци требаше да се одржуваат секоја година.

Сепак, последниот самит се одржа во Кина во декември 2019 година, по што се случи пандемијата со ковид-19, но и односите меѓу трите соседи на Далечниот Исток се искомплицираа.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол, кинескиот премиер Ли Кианг и јапонскиот премиер Фумио Кишида ќе бидат присутни на трилатералната средба закажана за понеделник, 27 мај, најави на пресконференцијата заменик-директорот за национална безбедност на Јужна Кореја.

Кинескиот претседател Си Џинпинг нема да присуствува.

Ли и Кишида треба да пристигнат во Јужна Кореја во недела, а попладнето ќе се сретнат со Јун поединечно пред официјалната вечера. Според јапонските власти, се уште не се знае дали ќе има билатерална средба меѓу Кишида и Ли.

„Самитот ќе биде пресвртница за Кореја, Јапонија и Кина за целосно воспоставување и нормализирање на системите за тристрана соработка“, рече Ким.

Ким рече дека се очекува тројцата лидери да разговараат за соработка на шест теми предложени од Сеул, и тоа - размена на персонал, климатски промени, трговија со стоки, здравје и стареење на населението, технологија и природни катастрофи. Тој рече дека овие дискусии ќе бидат вклучени во заедничка изјава на крајот на самитот.

Тој додаде дека лидерите ќе разговараат за регионалните и меѓународните политички прашања, но не прецизираше кои, како и за заеднички одговор на бројните глобални кризи и придонес за светскиот мир.

Трите земји, кои се тесно поврзани економски и културно, заедно придонесуваат со 25% од светскиот бруто домашен производ.

Но, напорите за зајакнување на соработката честопати беа закочени поради различни прашања, вклучително и историски спорови за јапонската агресија во минатите војни и стратешкиот натпревар меѓу Кина и САД.

Јужна Кореја и Јапонија се клучни воени сојузници на САД, а на нивна територија се стационирани повеќе од 80.000 американски војници. Бавно напредувачката нуклеарна програма на Северна Кореја и зголемената кинеска самоувереност во регионот ги поттикна Сеул и Токио да го зајакнат своето безбедносно партнерство со Вашингтон, што ги налути Пекинг и Пјонгјанг.

Набљудувачите оценуваат дека трилатералната средба доаѓа во време кога трите азиски земји треба да ги подобрат односите. Тие веруваат дека Јужна Кореја и Јапонија сакаат да ги зачуваат добрите односи со нивниот најголем надворешно трговски партнер, Кина, но дека Пекинг не сака да види дополнително зајакнување на безбедносната соработка долж оската Сеул-Токио-Вашингтон.

„Ако продолжи сегашната ситуација, Јужна Кореја, САД и Јапонија ќе продолжат да се држат заедно, со што ќе формираат алатка за држење на Кина под контрола. Затоа, Кина размислува во насока дека подобрувањето на соработката со Јужна Кореја и Јапонија ќе им служи на нивните национални интереси“, рече Ким Јеол Су, аналитичар во Корејскиот институт за воени прашања.

Односите меѓу Јужна Кореја и Јапонија имаа сериозни турбуленции во минатото, поради проблемите што произлегуваат од јапонската колонизација на Корејскиот полуостров во првата половина на 20 век.

Сепак, нивните односи се значително подобрени од 2023 година, кога двете земји презедоа неколку значајни чекори за надминување на историските поделби и зајакнување на соработката соочени со заедничките предизвици како што се нуклеарните амбиции на Северна Кореја и слабостите во глобалниот синџир на снабдување.

Јужна Кореја, Јапонија и САД сакаат Кина, како главен сојузник и најголем донатор на Северна Кореја, да ја искористи својата моќ за да го убеди Пјонгјанг да се откаже од својата нуклеарна програма.

Кина официјално не ја поддржува нуклеарната програма на Северна Кореја, но е осомничена дека избегнува целосна примена на санкциите на Обединетите нации против Пјонгјанг и дека тајно им праќа помош за да го одржи својот сиромашен социјалистички сосед.

Експертите оценуваат дека Северна Кореја е еден вид штит на Кина против американското влијание на полуостровот и дека им служи на нивните стратешки интереси.

Владата на Република Српска одлучи да понуди договор за „мирна разделба“ со Федерацијата на Босна и Херцеговина

Седница на Владата на Република Српска (РС) во Сребреница, на која присуствуваше и претседателот на РС Милорад Додик, 23 мај 2024 година.
Седница на Владата на Република Српска (РС) во Сребреница, на која присуствуваше и претседателот на РС Милорад Додик, 23 мај 2024 година.

Владата на Република Српска (РС) во следните 30 дена ќе состави договор кој ќе му биде испратен на другиот босанскохерцеговски ентитет, Федерацијата на Босна и Херцеговина, а кој ќе се однесува на „мирна разделба“ во Босна и Херцеговина, соопшти премиерот на РС, Радован Вишковиќ, по седницата на Владата на РС одржана во четвртокот на 23 мај.

Седницата на Владата на РС се одржа во пресрет на денешната седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), на чиј дневен ред е Резолуцијата за Сребреница.

„Ова не е отцепување, мирната разделба не е отцепување, уставно загарантираното право е мирното раздружување. Ние ќе понудиме разделба, бидејќи ако не сметате за геноциден народ, што не сме, тогаш не мораме да живееме заедно“, рече Вишковиќ, без да се наведе други детали за чекорите што ќе се преземат.

На седницата присуствуваше и претседателот на РС Милорад Додик.

Резолуцијата со која се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница и го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници, беше спонзорирана од триесет земји. Официјални предлагачи на резолуцијата за Сребреница се Германија и Руанда.

Резолуцијата досега ја поддржаа сите земји од Западен Балкан, освен Србија и босанскиот ентитет Република Српска.

И покрај пресудите на меѓународните судови, официјален Белград и властите на босанскиот ентитет Република Српска негираат дека во јули 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците, но зборуваат за „страшно злосторство“.

Србија активно лобира против усвојувањето на резолуцијата, а Собранието на РС усвои протестна нота, упатена до членките на Обединетите нации, во која побараа повлекување на резолуцијата ден пред да се расправа за резолуцијата во ОН.

Пред гласањето во Собранието на ОН, во Сребреница, Бања Лука и другите градови во ентитетот, беа поставени билборди и знамиња на босанскиот ентитет Република Српска и Србија.

За геноцидот во Сребреница, кој го изврши Армијата на РС и во кој беа убиени најмалку 8.372 Бошњаци, повеќе од 50 лица беа осудени на околу 700 години затвор.

Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го карактеризираше злосторството во Сребреница како геноцид.

„Сакам да се најде убиецот на мојот брат, не е виновен целиот српски народ“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:12 0:00

Според податоците од Меморијалниот центар Поточари од јули 2023 година, пронајдени и закопани се посмртните останки на 6.751 жртва на геноцидот во Сребреница, додека по околу илјада жртви се уште се трага.

Радован Караџиќ, првиот претседател на ентитетот Република Српска, беше законски осуден во Хаг на доживотна затворска казна за геноцидот во Сребреница, како и за злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војната во другите делови на Босна и Херцеговина.

Во истиот суд за геноцид на доживотен затвор е осуден и главниот командант на ВРС, Ратко Младиќ.

Најмалку шест лица загинаа во руските воздушни напади врз Харкив

Локација на еден од серијата руски ракетни напади врз Харков, Украина, 22 мај 2024 година.
Локација на еден од серијата руски ракетни напади врз Харков, Украина, 22 мај 2024 година.

Најмалку шест лица загинаа во руските воздушни напади врз источниот украински град Харкив, соопштија официјални лица во четвртокот (23 мај), што всушност претставуваат најновите воздушни напади врз градот, кој е под руски напади уште од почетокот на војната.

Најмалку 16 лица се повредени во ракетните напади С-300, изјави регионалниот гувернер Олег Синегубов.

Околниот регион Харкив е една од точките на војната, откако руските сили започнаа ненадејна копнена офанзива во пограничната област овој месец, што предизвика евакуација на илјадници жители.

Харкив, вториот по големина град во Украина, се наоѓа на неколку десетици километри оддалечен од границата со Русија и е под постојани напади од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека Русија го користи нивниот недостаток на системи за противвоздушна одбрана за да изврши „брутални“ напади врз градовите во близина на линијата на фронтот.

„Руските терористи го користат фактот дека Украина сè уште нема доволна заштита од противвоздушна одбрана и сигурни можности да ги уништат терористичките минофрлачи на нивната локација - блиску до нашите граници“, рече Зеленски во објава на социјалните мрежи.

Во исто време, лидерот на украинската област Запорожје, за која Кремљ тврди дека е дел од руска територија, изјави дека 74-годишен маж загинал во руско гранатирање во селото Мала Токмачка.

Во последниве недели, руските сили го постигнаа својот најголем напредок на истокот на Украина, разурнат од војна во последните 18 месеци, додека Киев ги чека очајно потребните американски и европски воени резерви.

Околу 11.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови откако Москва започна копнена офанзива на 10 мај, соопштија регионалните власти во четвртокот.

Во исто време, руските власти тврдат дека во украинските напади на пограничниот регион Белгород, како и на окупираниот Доњецк загинале две лица.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата армија започнала офанзива на Харкив за да создаде тампон зона, која ќе ги заштити руските погранични села од украинските напади.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG