Достапни линкови

Вести

Борел: Земјите-членки на ЕУ треба да ги испратат противракетните системи во Украина

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел

Земјите-членки на Европската Унија треба да ги испратат своите противракетни системи за да се зајакне воздушната одбрана на Украина додека Русија ги напаѓа нејзините градови, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, предупредувајќи дека Европа не може да се потпре само на Вашингтон за помошта за Киев.

Повеќе од две години по почетокот на руската инвазија, Украина се соочува со недостиг на муниција, републиканците во американскиот Конгрес ја блокираат клучната воена помош, а ЕУ не успева да достави доволно муниција навреме.

„Имаме Патриоти, имаме противракетни системи. Мораме да ги извадиме од нашите касарни, каде што се за секој случај, и да ги испратиме во Украина, каде беснее војна“, изјави Борел за новинарите на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите -членки на Г7, кој се одржува на италијанскиот остров Капри.

„Во спротивно, електроенергетскиот систем на Украина ќе биде уништен. А ниту една земја не може да се бори без струја во домовите, во фабриките, за интернетот, за сè“, додаде тој.

Противвоздушната одбрана на Украина е клучно прашање за министрите собрани во Италија, откако Германија вчера апелираше до Европската Унија и НАТО да направат повеќе за да му помогнат на Киев.

„Сигурен сум дека ќе го направиме тоа, но мораме да го направиме брзо“, рече Борел, додавајќи дека жали што „внатрешната политика“ во Соединетите Држави го одложува многу потребниот пакет помош за Украина во вредност од 60,84 милијарди долари.

„Не можеме да зависиме само од САД. Мораме да ја преземеме сопствената одговорност и да престанеме да велиме: „Доволен е САД“, потенцираше високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

види ги сите денешни вести

Европол: Разбиен синџир на измами преку кол центри во земји од Западен Балкан

Илустрација, повикувачки центар
Илустрација, повикувачки центар

Германските власти со помош на Европол го прекинаа најголемиот синџир на измами преку повикувачките (кол) центри во балканските земји, вклучително Босна и Херцеговина и Либан, се вели во соопштението на организација на Европската Унија надлежна за спроведување на законот, која работи со криминалистичко-разузнавачки информации - Европол објавено на 2 мај.

Во соопштението се наведува дека полицијата во БиХ, Германија, Албанија, Косово и Либан утрото на 18 април извршила рации во 12 кол центри, кои биле означени како извор на неколку илјади измами кои се вршеле на дневна основа.

Во акцијата наречена „Пандора“ приведени се 21 лице, од вкупно 39 осомничени.

Акцијата била покрената откако службеничка во банка во германски град забележала нешто сомнително во декември кога едно клиент побарал да подигне 100.000 евра во кеш, по што се покажало дека клиентот бил жртва на измама со „лажни полицајци“.

Клиентот ја известил полицијата која ја спречила измамата и го привела лицето кое се обидело да го измами клиентот. Полицијата потоа почна да ги прислушува линиите на центарот за повици.

Инспекторите набрзо откриле дека за само 48 часа биле направени 28.000 лажни повици од телефони што ги користеле измамниците.


Поради проширувањето на истрагата и нејзината сложеност, истражните органи почнаа да ги следат повиците во БиХ, Косово, Албанија и Либан.

Утврдено е дека поголемиот дел од „наплатата на долгови“ се вршела од БиХ, додека лажни повици поврзани со електронско банкарство биле упатени од територијата на Косово.

Што се однесува до инвестициите, измамниците најчесто оперирале од Албанија, додека со платежните картички „се занимавале“ измамници од Либан.

Германските истражувачи за четири месеци пресретнале над 7.500 повици и спречиле штета во вредност од над 10 милиони евра.

Освен што го спречиле делото, истражителите успеале да ги лоцираат и адресите од кои се јавувале. По собирањето информации за телефонските броеви, сопствениците и техничката инфраструктура како што се серверите, планот беше да се отстрани целата инфраструктура на центарот за повици. Европол даде аналитичка поддршка во истрагата.

Во акцијата учествуваа повеќе од 60 германски полицајци, со поддршка од неколку стотици колеги од БиХ, Косово, Албанија и Либан.

ХРВ бара истрага за егзекуциите на предадените украински војници

Илустрација
Илустрација

Меѓународната организација Хјуман рајтс воч (ХРВ) повика на истрага за снимката која покажува дека дури 21 украински војник биле егзекутирани, за време на предавањето или откако им се предале на руските сили.

Организацијата и повика одговорните да бидат казнети за воени злосторства.

Во нивното соопштение е наведено дека на снимките од дрон, објавени на социјалните мрежи, се чини дека 15 украински војници се убиени додека се обиделе да се предадат, додека уште шестмина најверојатно биле застрелани додека се предавале или веќе се предале.

Организацијата посочи дека снимките објавени во декември и февруари не изгледаат како изолирани инциденти.

„Од целосната инвазија на Русија на Украина, нејзините сили извршија многу грозоморни воени злосторства“, изјави помошник директор за кризи и конфликти во Хјуман рајтс воч, Белкис Виле.

„Погубувањето или убиствата на предадените и повредените украински војници, ладнокрвно застрелани, кои се изрично забранети според меѓународното хуманитарно право, е исто така вклучено во тоа срамно наследство“, додаде тој.

Макрон: Не е исклучено испраќање копнени сили во Украина ако Москва ја пробие линијата на фронтот

Францускиот претседател Емануел Макрон
Францускиот претседател Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон повторно не ја исклучи можноста за испраќање на западни воени сили во Украина.

Во денеска објавеното интервју во британски „Економист“, Макрон изјави дека мораме „да го поставиме ова прашање доколку Москва ја пробие првата линија на фронтот и доколку Киев тоа го побара“, пренесуваат француските медиуми.

„Доколку Русите ги пробијат линиите на фронтот и доколку пристигне барање од Украина (што не е случај денес) мораме легитимно да се запрашаме. Да се исклучи тоа прашање априори значи дека не ја научивме лекцијата од изминатите две години, кога земјите од НАТО првично ја отфрлија можноста за испраќање тенкови и авиони во Украина пред конечно да се премислат“, вели францускиот лидер.

Макрон неодамна ја повика француската одбранбена индустрија трајно да го зголеми производството на оружје во услови на војна во Украина.

Неговите поранешни изјави за испраќање на француски трупи во Украина, предизвикаа жестоки реакции кај рускиот претседател Владимир Путин, кој предупреди дека таквиот потег носи „реален“ ризик од глобален нуклеарен конфликт.

Русија ја почна воената инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Кремљ: Неосновани се обвинувањата на САД дека руските сили користеле хемиско оружје во Украина

илустрација
илустрација

Кремљ ги оквалификува како неосновани американските обвинувања дека руските сили користеле хемиско оружје во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва останува обврзана со договорот за забрана на употреба на хемиско оружје.

Стејт департментот ја обвини Русија дека го користела хемиското оружје „хлорпикрин“ против украинските сили со што ја прекршила Конвенцијата за забрана за употреба на хемиско оружје.

„Употребата на тие хемикалии не е изолиран инцидент и најверојатно е мотивирана од желбата на руските сили да ги отстранат украинските сили од зацврстените позиции и да постигнат тактички напредок на бојното поле“, соопшти Стејт Департментот.

Американскиот претседател Џо Бајден неколку пати досега го повика рускиот претседател Владимир Путин да не користи тактичко нуклеарно или хемиско оружје за да ја врати изгубената територија во Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски алармираше дека властите „со најголема сериозност“ ги сфаќаат растечките стравувања дека Русија може да се сврти кон хемиското оружје.

ДСЗИ: Забрана за пристап на Токсикологија за здравствените работници без договор за работа

илустрација
илустрација

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката. Ваквиот чекор на ДСЗИ следува откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.

Како што денеска (2 мај) информираше директорката на ДСЗИ Рената Младеновска менаџментот на Клиниката не постапил по мерките што ги издал ДЗСИ, освен по една точка да се свика Управниот одбор.

„ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки кои истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по истото решение, меѓутоа такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори и медицинскиот и организацискиот беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите од истите документи ДСЗИ го констатираше следново: По точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници соработници коишто немаат договор за вработување, односно договорот им истекол на 31.12.2023 година истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија што значи дека не е постапено од решението под точка 1 и 2“, рече Младеновска.

Доколку не се постапи и по ова решение, Младеновска рече дека следуваат парични казни за организацискиот и за медицинскиот директор, како и за самата Клиника.

Прашана како е можно да се појавуваат на работа лица кои немаат договор за работа, Младеновска упати одговорот да се бара кај менаџментот на Клиниката и кај Министерството за здравство.

Инаку доктори од Клиниката за токсикологија неодамна на прес-конференција алармираа дека во оваа здравствена установа се случува хаос особено, како што велат, од назначувањето на организациската директорка Бесија Иљази на средината на февруари.

Наспроти нив, пак, министерот за здравство Илир Демири најави дека ќе го разреши медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, Данил Петровски, додека кај организациската директорка вели „нема констатирано ниту едно прекршување на правото“.

Досега, не е разрешен ниту Петровски, ниту Илјази.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) кој изврши вонреден надзор на Клиниката за токсикологија утврди дека вкупно 11 лица бесправно работеле со пациенти и давале здравствени услуги, иако немале договори за ангажман.

Авиокомпаниите Ер Франс, КЛМ, Луфтханза и Брисел Ерлајнс под истрага од ЕУ

илустрација
илустрација

Европските авиокомпании „Ер Франс“, „КЛМ“, „Луфтханза“ и „Брисел ерлајнс“ се меѓу 20-те авиокомпании што се под истрага од страна на Европската Унија за потенцијално погрешни практики дека нивната активност е ориентирана кон заштита на животната средина.

Ова го соопштија дел од компаниите, потврдувајќи ја информацијата на белгиската телевизија РТБФ.

Авиокомпаниите мора да разјаснат до кој степен тврдењата дека емисиите на јаглерод диоксид предизвикани од летовите може да се надоместат со „зелени“ проекти или употребата на одржливи горива се засновани на цврсти научни докази.

„Ер Франс“ потврди дека добиле писмо од Европската комисија. Компанијата во моментов ја прегледува нејзината содржина и ќе ги испита дејствијата што треба да се преземат, изјави портпаролот на француската авиокомпанија.

Луфтханза во соопштението наведе дека и таа внимателно го разгледува случајот.

Портпаролот на КЛМ рече дека холандската компанија, дел од групацијата Ер Франс, исто така добила писмо од Европската Комисија.

Швајцарија објави дека засега Русија не е поканета на мировните преговори за Украина

илустрација
илустрација

Швајцарската влада денеска соопшти дека „во оваа фаза“ Русија не е поканета да учествува во разговорите за постигнување мировен договор меѓу Москва и Украина, што ќе се одржат во Швајцарија во средината на јуни.

„Швајцарија е убедена дека Русија треба да биде вклучена во овој процес“, се вели во соопштението на владата во Берн.

Исто така се додава дека мировниот процес без Русија е невозможен.

Русија, која пред две години ја почна инвазијата врз Украина, соопшти дека швајцарската иницијатива е осудена на пропаст без учеството на Москва.

Постојаниот руски претставник во Обединетите Нации во Женева, Генадиј Гатилов, изјави дека иако Москва не е против преговорите за завршување на војната, нема да учествува во преговорите во Швајцарија, земја за која вели дека се откажала од неутралност во својот став за конфликтот.

Швајцарија усвои санкции на Европската Унија против Русија поради инвазијата и замрзна околу 7,7 милијарди швајцарски франци финансиски средства на Русите, кои Гатилов ги опиша како „ограбени пари“.

Според рускиот дипломат иницијативата е дизајнирана да ги натера тие земји да ја поддржат мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за која рече дека е неприфатлива за Русија.

По санкциите од Чешка, соработник на проруски украински политичар се пресели во Словачка

Артем Марчевски
Артем Марчевски

Артем Марчевски, близок соработник на прорускиот украински политичар Виктор Медведчук, ја напушти Прага и замина во Словачка откако чешките власти му воведоа санкции поради обидите да изврши „операции со влијание“ во корист на Москва на чешка територија.

Извештаите во медиумите цитираат извори како и адвокатот на Марчевски кој рекол дека словачките власти му дале на Марчевски статус на привремена заштита.

Марчевски има и украински и израелски пасош.

Претходно, германското издание на „Шпигел“ ги идентификуваше Медведчук и Марчевски како оператори на промосковската веб-страница за вести „Гласот на Европа“ со седиште во Прага. Според Шпигел веб-страницата одиграла клучна улога во финансирањето на про-Кремљ кандидатите за изборите во Европскиот Парламент.

Либан ќе добие помош од милјарда евра од ЕУ

илустрација
илустрација

Либан и неговиот народ можат да сметаат на постојаната поддршка на ЕУ и со задоволство можам да објавувам пакет од една милијарда евра помош за земјата за периодот од 2024 до 2027 година, најави денеска претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која во придружба на кипарскиот претседател Никос Христодулидес престојува во Бејрут.

„Тоа ќе придонесе за зајакнување на социо-економската отпорност на земјата и нејзината севкупна безбедност и стабилност“, истакна Фон дер Лајен.

Таа потенцираше дека нејзината денешна посета на Бејрут е силно сведоштво за континуираната поддршка на ЕУ за Либан и неговиот народ.

„Ова беше јасна порака на европските лидери на нашиот последен Самит и посветеност на обезбедување силна финансиска поддршка на земјата во справување на значајните предизвици со кои се соочува. Милијардата евра до 2027 година ќе ја обезбедат многу потребна помош за луѓето во Либан и ќе придонесат за неговата безбедност и стабилност“, додаде Фон дер Лајен.

Целта на пакетот економска помош е да се поддржи Либан во зајакнување на образованието, социјалната заштита и здравството, за спроведување на итните економски, финансиски и банкарски реформи, како и за поддршка на либанските вооружени и безбедносни сили со опрема и обука за контрола на границите и за борба против трговијата со луѓе и шверцот.

Посетата на Фон дер Лајен на Либан доаѓа по Специјалниот европски совет од 17 и 18 април, на кој беше потврдена решеноста на ЕУ да ги поддржи најранливите категории граѓани во Либан, вклучително и бегалците и внатрешно раселените лица, како и нивните домаќини. Европските лидери, исто така, ја потврдија и потребата да се создадат услови за безбедно, доброволно и достоинствено враќање на сириските бегалци, согласно одредбите на УНХЦР.

Од 2011 година, поддршката на ЕУ за Либан достигна над три милијарди евра, вклучително и 2,6 милијарди евра за поддршка на сириските бегалци и нивните домаќини во Либан.

ЕУ стравува дека стотиците илјади сириски беглаци од Либан би можеле да се упатат кон Кипар, во обид да дојдат на територијата на ЕУ.

Курти: Ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на казнените мерки

Косовскиот премиер Албин Курти
Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се исполнети сите барања на Европската Унија (ЕУ) за укинување на казнените мерки против Косово, кои беа воведени кон средината на минатата година, бидејќи официјална Приштина ги игнорираше барањата во врска со деескалација на состојбата во општините со српско мнозинство на северот.

Курти рече дека минатата недела ЕУ го одобрила Планот за економски раст за Западен Балкан - вреден 6 милијарди евра - со цел да се забрза европската интеграција на регионот.

„Мерките кои се во сила против Косово се спротивни на напорите на регионот за забрзување на интеграцијата во ЕУ, особено кога станува збор за Планот за раст и неговата цел. Ние продолжуваме со нашите напори да отвориме повеќе можности за реформи во рамките на дијалогот со ЕУ. Во тој контекст, ние ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на рестриктивните мерки и тие мерки мора да бидат отстранети“, рече Курти на состанокот на Советот на министри за евроинтеграции на 2 мај.

Казнените мерки што ЕУ ги наметна за Косово се однесуваат на привремено суспендирање на работните групи за Спогодбата за стабилизација и асоцијација, непоканување на Косово на средби на високо ниво и прекинување на билатералните посети.

Исто така, укинати се и средствата за Косово кои беа планирани со Инвестициската рамка и инструментите за претпристапна помош - ИПА 2024 година.

Неколку дипломатски извори за РСЕ изјавија дека мнозинството земји-членки на ЕУ се за укинување на рестриктивните мерки за Косово. Единствената разлика меѓу земјите-членки беше дали мерките треба да се укинат веднаш или постепено.

Курти на состанокот на Советот на министри зборуваше и за аспирациите на Косово да стане членка на ЕУ. Тој рече дека Приштина е подготвена да добие статус на земја кандидат и да ги отвори преговорите за членство.

„Како најнапредна демократија во регионот, подготвени сме да одговориме на илјадници технички прашања кои доаѓаат од Европската Комисија. Споредено со регионот, Косово не е подготвено само за кандидатски статус, туку и за отворање преговори и многу поглавја за членство. Членството во Европската Унија е стратешки избор“, рече Курти.

Косово поднесе апликација за членство во ЕУ, на 15 декември 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG