Достапни линкови

Вести

Иран прв пат лансираше три сателити истовремено

Фотографијата објавена од Министерството за одбрана на Иран на 28 јануари 2024 година го покажува иранскиот сателитски носач Симорг (Феникс) на платформа за лансирање на непозната локација.
Фотографијата објавена од Министерството за одбрана на Иран на 28 јануари 2024 година го покажува иранскиот сателитски носач Симорг (Феникс) на платформа за лансирање на непозната локација.

Иран на 28 јануари објави дека првпат истовремено успешно лансирал три сателити во вселената.

Државната новинска агенција ИРНА соопшти дека лансирањето, исто така, покажало успешна употреба на иранската ракета Симорг, која имала повеќекратни неуспеси во минатото.

Државната телевизија ги именуваше лансираните сателити Махда, Кајхан-2 и Хатеф-1.

Махда е опишан како истражувачки сателит, додека Кајхан и Хатеф се наносателити фокусирани на глобално позиционирање и комуникација.

Сателитот Махда од 32 килограми и другите два тешки по 10 килограми се поставени во орбитата 450 километри над површината на Земјата.


Сателитите се наменети за истражувачки и телекомуникациски мисии, како и за „тестирање на сателитски потсистеми“, се наведува во извештајот.

Тоа е нов чекор на полето на воздухопловните и вселенските активности на Иран и покрај западните санкции.

На 20 јануари, Иран објави дека успешно лансирал сателит во својата највисока орбита до сега.

Оваа програма предизвикува сомнеж кај Западот дека Техеран на овој начин ги подобрува балистичките ракети, пренесува агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Соединетите Американски Држави (САД) претходно рекоа дека иранското лансирања на сателити е спротивно на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и го повикаа Техеран да не презема никакви активности кои вклучуваат балистички ракети способни да носат нуклеарно оружје.

Санкциите на ОН поврзани со иранската програма за балистички проектили истекоа во октомври минатата година.

Интерконтиненталните балистички ракети може да се користат за испорака на нуклеарно оружје.

Техеран има доволно збогатен ураниум за „неколку видови“ нуклеарно оружје доколку одлучи да го произведе, неколкупати предупредуваше шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Иран негираше дека развива нуклеарно оружје и вели дека неговата вселенска програма, како и неговите нуклеарни активности, се развиваат исклучиво за цивилни цели.

Меѓутоа, американските разузнавачки агенции и Меѓународната агенција за атомска енергија наведуваат дека Иран имал организирана воена нуклеарна програма до 2003 година.

Иран лансираше капсула способна да носи животни во орбитата во декември додека се подготвува за човечки мисии во наредните години.

види ги сите денешни вести

Најмалку 17 Палестинци загинаа при израелските напади врз Газа

Илустрација
Илустрација

Најмалку 17 Палестинци загинаа, а 50 се ранети во израелските напади врз градот Газа во раните утрински часови во неделата, соопштија цивилните и здравствени пакистански власти. Жртвите се резултат на најмалку четири одделни израелски воздушни напади врз четири куќи во различни области на градот, јавува новинаската агенција Ројтерс.

Жителите и палестинските здравствени власти изјавија дека израелската војска го засилила воздушното и копненото гранатирање.
Во саботата во израелски воздушен напад загинаа најмалку 90 Палестинци во одредена хуманитарна зона во Газа, соопшти Министерството за здравство на енклавата. Нападот беше најсмртоносниот во Газа со недели.

Израел соопшти дека цел на нападот бил воениот шеф на Хамас Мохамед Деиф, но не е сигурно дали тој бил убиен.

Руски бизнисмен обвинет за поткуп почина во затвор

Притворниот центар во Москва е познат по тешките услови, а Игор Котелников наводно бил преместен во казнена ќелија и покрај противењето на лекарот на таквата одлука, архивска фотографија
Притворниот центар во Москва е познат по тешките услови, а Игор Котелников наводно бил преместен во казнена ќелија и покрај противењето на лекарот на таквата одлука, архивска фотографија

Руски бизнисмен кој беше обвинет за поткуп на високи функционери во Министерството за одбрана во име на добавувачи, починал во истражен притвор, изјави член на Советот за човекови права во земјата.

Станува збор за рускиот 52 годишен бизнисмен Игор Котелников кој почина на 8 јули откако се чувствуваше лошо во истражниот центар во Москва, изјави Јева Меркачева. Таа не ја наведе причината за смртта, но рече дека тој бил задржан во дел од центарот кој има тешки услови.

„Бранителите на правата, испитувајќи го центарот за притвор, постојано забележаа дека овие ќелии се преполни со луѓе. [Келите] се мали, топло во топло време, студено во зима. Покрај тоа, некои затвореници седат таму цел ден“, напиша Меркачева во колумна за популарниот дневен весник Московски Комсомолец.

Таа рече дека смртта на Котелников не била прва во таква ќелија и дека други притвореници извршиле самоубиство.


Котелников, наводно, работел како посредник во шемата за поткуп што го потресе министерството на почетокот на оваа година, што доведе до апсење на поранешниот заменик министер за одбрана Тимур Иванов и уште двајца бизнисмени. Котелников ги негираше обвиненијата.


Иванов, кој го надгледуваше воено-индустрискиот комплекс за министерството, беше уапсен во април под обвинение дека зел повеќе од 1 милијарда рубљи (11,4 милиони долари) мито од изведувачи. Иванов, чие семејство се пофали со своето богатство, ги отфрли обвиненијата.

Бизнисмените Сергеј Бородин и Александар Фомин исто така беа уапсени во врска со наводната шема за поткуп.

Корупцијата во руската војска, наводно, цветала за време на поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу, кој беше на челната функција повеќе од една деценија.

Мицкоски го осуди „кукавичкиот обид за атентат“ врз Трамп

Премиерот Христијан Мицкоски, архивска фотографија
Премиерот Христијан Мицкоски, архивска фотографија

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски го осуди обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборен митинг во Батлер, Пенсилванија. Тој во пост на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека во овие моменти на,како што вели, тага, шок и загриженост на американскиот народ, изразува „најголема осуда за кукавичкиот обид за атентат“ врз поранешниот претседател Трамп.

„Истовремено, на претседателот Трамп и на повредените граѓани им посакувам побрзо опоравување и заздравување. Нашите мисли и молитви се со претседателот Трамп, со неговото семејство и со американскиот народ,“ пишува Мицкоски во објавата на Фејсбук.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше ранет во, како што рекоа претставниците на законот, „обид за атентат“ за време на предизборен митинг во западна Пенсилванија.


Трамп подоцна рече дека бил застрелан во увото, а на видеото од митингот на 13 јули се виде крв што тече од десната страна на неговото лице, додека агентите на тајната служба го симнуваа од бината каде што требаше да оддржи предизборен говор.

Две лица беа убиени, меѓу кои и осомничениот стрелец, а двајца други во публиката беа ранети, јавуваат американските медиуми. ФБИ подоцна го идентификуваше осомничениот вооружен напаѓач како Томас Метју Крукс, 20-годишен маж од град недалеку од градот Батлер, каде што се одржа собирот.


Светските лидери го осудија пукањето врз републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, инцидент што ја разбранува предизборната кампања во САД и ги зголеми стравувањата од дополнително политичко насилство.

Престрелката дојде два дена пред отворањето на републиканската национална конвенција, на која се очекува бизнисменот и поранешна реалити ТВ ѕвезда да ја обезбеди партиската номинација и помалку од четири месеци пред изборите на 5 ноември.

Девет гостиварци се затруле со храна во ист ресторан

Илустрација, болница во Гостивар
Илустрација, болница во Гостивар

Вкупно девет луѓе синоќа биле примени во гостиварската болница на Инективното одделение со симптоми на труење. Станува збор за помлади пациенти кои се жалеле доцна во ноќта на повраќање, дијареа и изнемоштеност. Од болницата велат дека по дадената терапија сите се испратени дома и нема потешки случаи.

Според првичните информации, лицата се затруле од храна во еден ист угостителски објект.

Епидемиолошката служба на Центарот за јавно здравје ги презела сите мерки, се вели во нивното соопштение.

„Земени се примероци за анализа, по што ќе се знаат причините кои довеле до влошување на здравствената состојба на пациентите и дали станува збор за бактериолошка инфекција“, е наведено во соопштението.

Пожарот на планината Серта се разграни на три, еден од нив се движи кон Криволак

Илустрација пожар
Илустрација пожар

Во моментов се активни 7 пожари на отворено, соопшти на 14 јули Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во текот на вчерашното деноноќие беа активни 21 пожар од кои 14 се изгасени. Од ЦУК информираат дека врз седумте активни пожари од рано изутрина се дејствува и со воздухопловна поддршка.

Владата доцна синоќа на седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во времетраење од 30 дена. Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов утрово изјави дека по владината одлука во гасењето на пожарот на планината Серта се вклучени 100 војници и 30 полицајци, како и полициски хеликопотер и два армиски хеликоптери.

Тој додаде дека на падините на планината Серта утрово има три активни пожари кои започнаа од еден ист пожар, но сега се одвоени. Првиот е во општината Неготино во атарот на с.Калањево, додека вториот е во Општина Конче, во близина на селата Горни и Долни Липовиќ. Третиот пожар е во општината Штип меѓу селата Драгоево и Селце.

За само еден ден опожарени се над 100 хектари ниско стеблеста и дамова шума како и дел од боровата шума на планината Серта меѓу штипските села Селце и Драгоево. Ова за новинската агенција Миа го изјави командирот на Територијалната противпожарна единица од Штип, Благој Ренџов.

Инфографика - Пожари и штети (2019-2023)
Инфографика - Пожари и штети (2019-2023)


Тој посочува дека пожарот оди во правец на воениот полигон Криволак.

„Утринава околу пет часот рано наутро излегоа на терен две екипи на пожарникари, имавме помош од месното население од селата Драгоево и Селце и од Ловното друштво. Имавме помош и од воздух - еден хеликоптер на МВР, но поради високите температури, хеликоптерот беше повлечен околу 13 часот. Теренот е непристапен, само може да се гаси од воздух“, изјави Ренџов за МИА.

Тој додаде дека поголем дел од пожароте е локализиран, но пожарот се шири кон Криволак.

„Двете села Селце и Драгоево се безбедни и нема опасност за нив“, изјави Ренџов.

Секое лето има пожари на овој потег, а пожарникарите и сите институции се ангажираат на терен на овој непристапен планински терен.

Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година
Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година

Во јули 2024 до сега, заклучно со 12.07.2024 година, имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.

Само од почетокот на годинава до средина на јуни се запалиле над 1175 пожари на отворено во земјава. Во нив спаѓаат и оние на дивите депонии и ѓубришта, потоа ниви, ливади, стрништа и дел шуми.

Путин потпиша законот за забрана на пратениците да ја напуштаат Русија без дозвола

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој пратениците на двата пратенички дома се обврзуваат да добијат дозвола за патување во странство. Неовластените патувања ќе резултираат со губење на нивниот мандат.

Авторите на законот го објаснуваат законот со безбедносните закани кон Русија во контекст на војната со Украина, притисокот на санкциите врз земјата и „значително интензивирање“ на работата на странските разузнавачки служби.

Предлог-законот не прецизира кој точно треба да ги одобри патувањата - во текстот се вели дека тоа треба да го утврдат самите Дума и Советот на Федерацијата. Веројатно, овие овластувања ќе им бидат дадени на претседателите на соодветните комори на парламентот.

Предлог-законот, исто така, ја проширува листата на структури во Државната дума кои можат да иницираат отповикување на мандатот на пратеникот. Според него, покрај досегашната законска можност тоа да се направи со иницијатива на комисијата во која припаѓа пратеникот, се проширува можноста да отповикување на пратенички мандат предложат и парламентарните комисии во кои тој е член и на Советот на Државната дума - тело под контрола на претседателот на Државната дума и неговите заменици.

Светските лидери го осудија „обидот за атентат“ врз поранешниот американски претседател Трамп

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп при симнувањето од бината, неколку минути по истрелите на митингот во Пенсилванија
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп при симнувањето од бината, неколку минути по истрелите на митингот во Пенсилванија

Светските лидери го осудија пукањето врз републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, инцидент што ја разбранува предизборната кампања во САД и ги зголеми стравувањата од дополнително политичко насилство.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш „недвосмислено“ го осуди она што ФБИ го опиша како обид за атентат.

„Генералниот секретар недвосмислено го осудува овој чин на политичко насилство. Тој ги испраќа своите најдобри желби до претседателот Трамп за брзо закрепнување“, рече портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик.

Трамп зборуваше на предизборен митинг на 13 јули во западна Пенсилванија кога беа испукани неколку истрели. Подоцна изјави дека бил погоден со куршум во увото и полесно ранет.

Две лица беа убиени, вклучувајќи го и осомничениот стрелец, а двајца други беа ранети. ФБИ соопшти дека го истражува пукањето како обид за атентат. Полицијата соопштија дека на местото на настанот била пронајдена полуавтоматска пушка.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека е „длабоко шокирана“ од пукањето.

„Политичкото насилство нема место во демократијата“, напиша таа на социјалната платформа „X“ порано позната како Твитер.

„Му посакувам на Доналд Трамп брзо закрепнување и му изразувам сочувство на семејството на невината жртва“, напиша фон дер Лајен.

Канадскиот премиер Џастин Трудо рече дека се ужаснал од веста за пукањето.

„Не може да се протцени, политичкото насилство никогаш не е прифатливо. Моите мисли се со поранешниот претседател Трамп, со сите луѓе кои присуствувале на настанот и со сите Американци“, напиша тој во објавата за социјалната платформа „X“.

Највисокиот дипломат на Европската унија, Жозеп Борел рече дека е шокиран и остро го осудува нападот.

„Уште еднаш сме сведоци на неприфатливи акти на насилство врз политички претставници“, напиша тој на X.

Италијанскиот премиер Џорџија Мелони изрази „солидарност“ со Трамп, додека францускиот претседател Емануел Макрон му посака „брзо закрепнување“, а пукањето го нарече „трагедија за нашите демократии“.

„Франција го споделува шокот и огорченоста на американскиот народ“, напиша Макрон во објавата за X.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој го посети Трамп во неговиот дом на Флорида претходно оваа недела, рече дека неговите мисли и молитви се со поранешниот претседател на САД.

И претседателот на Украина, кој во минатото имаше напорни односи со Трамп, рече дека е згрозен кога слушнал за пукањето.

„Таквото насилство нема никакво оправдување и нема место никаде во светот. Насилството никогаш не треба да преовладува“, напиша Володимир Зеленски во објавата до Х.

„Се молиме за неговата безбедност и брзо закрепнување“, рече израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во објава за X.

Престрелката дојде два дена пред отворањето на републиканската национална конвенција, на која се очекува бизнисменот и поранешна реалити ТВ ѕвезда да ја обезбеди партиската номинација и помалку од четири месеци пред изборите на 5 ноември.

Истрели на митинг во Пенсилванија, Трамп со крв на лицето

Фотографија од моментот кога обезбедувањето го евакуира Трамп по истрелите на неговиот митинг во Пенсилванија
Фотографија од моментот кога обезбедувањето го евакуира Трамп по истрелите на неговиот митинг во Пенсилванија

Агенти на тајната служба го турнале поранешниот американски претседател Доналд Трамп на митингот во Батлер, Пенсилванија откако се слушнале истрели. Тој паднал на земја, по што безбедносните служби го подигнале и го изнеле од бината, јавува Си-Ен-Ен.

Трамп потоа бил однесен во возило и евакуиран од местото на настанот. Инцидентот се случил неколку моменти откако тој се качил на бината на митингот.

Трамп ги поздравува насобраните на митингот за време на неговото евакуирање по пукањето
Трамп ги поздравува насобраните на митингот за време на неговото евакуирање по пукањето

Новинарите кои известуваа од митингот во Батлер, каде што поранешниот претседател Доналд Трамп требаше да оддржи говор, велат за Си-Ен-Ен дека слушнале „серија силни експлозии или силни удари“ пред агентите на тајната служба да се упатат кон Трамп и да го заштитат.

„Припадници на тајната служба веднаш го покрија Трамп, и потоа повторно се слушна нешто што наликува на силни удари “, се вели во новинарскиот извештај.

„Агентите го фатија Трамп, кој беше виден како ја крева тупаницата во воздух“, се додава во извештајот од митингот, а на видео снимките од новинската агенција Ројтерс се гледа, како што објави Ројтерс „нешто што изгледа како крв на неговото лице и увото“.

„Поранешниот претседател е безбеден“, соопшти тајната служба набрзо по евакуацијата.

Од кампањата на Трамп набрзо соопштија дека тој е во добра здравствена состојба, откако на митингот во Пенсилвација беа слушнати, како што јавува новинската агенција Асошиетед прес, очигледни истрели од огнено оружје кои одекнаа низ толпата.

„Претседателот Трамп им се заблагодарува на органите на редот и на првите што реагираат со нивната брза акција за време на овој грозоморен чин. Тој е добро и се прегледува во локална медицинска установа. Повеќе детали ќе следат“, е наведено во соопштението од претставници на кампањата на републиканскиот кандидат за претседател Трамп.

Владата вечерва прогласи кризна состојба поради пожарите

Пожарот во близина на Неготино
Пожарот во близина на Неготино

Владата доцна вечерва ( 13 јули ) прогласи кризна состојба во времетраење од 30 дена поради зголемена појава на пожари на територијата на Република Северна Македонија.

Со одлуката на Владата, Министерството за внатрешни работи (МВР) доби задача да ангажира полициски сили при гасење на пожарите.

Министерството за здравство и здравствениот персонал од општа и медицина на трудот се задолжуваат да бидат во приправност за времетраењето на кризната состојба, додека Министерството за финансии се задолжува да обезбеди дополнителни наменски финансиски средства доколку за тоа се покаже потреба.

„Владата му предлага на претседателот на Република Северна Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици), во справувањето со кризната состојба“, наведуваат од Владата.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека се активни 8 пожари на отворено, од кои 3 избувнале денеска, а 5 се уште се активни од претходно.

Претходно, кризниот штаб на општина Неготино информираше дека состојбата на терен е алармантна и дека досега се ангажирани сите расположливи ресурси.

„Неопходна е многу поголема поддршка. Да се обезбеди комплетна опрема за противпожарна заштита, со цел да може при гасењето на пожарот да интервенираат поголем број лица. Да се обезбеди дрон од СВР Велес и припадници на СВР Велес, кои ќе интервенираат при гасењето на пожарот“, се заклучоците на Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино по седницата одржана вечерва.

Од Авто-мото сојузот информираат дека во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Штип – Неготино кај клучка 21 км, и тоа во двата правци поради пожар на планината Серта.

Инфографика - Пожари и штети (2019-2023)
Инфографика - Пожари и штети (2019-2023)

Според податоците од ЦУК, Во општина Неготино гори во атарот на село Калањево, во општина Ново Село на Огражден, а пожар има и на планината Кожуф кон Гевгелија. Пожар има и близина на прилепско Црнилиште како и во штипско меѓу селата Драгоево и Селце. Исто така пожар има во општина Конче, кај сeлата Горно и Долно Лаповиќ, а гори и кај велешкото село Јаболчиште.

Истовремено, Владата упати апел до граѓаните за внимателност при движењето во шуми и шумските појаси и областите зафатени со пожари.

Според податоците од ЦУК, од почетокот на месецов до сега, заклучно со 12 јули, евидентирани се 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.

Обвинителство бара притвор за скопјанецот кој им дал седативи на четворицата малолетници

Илустрација
Илустрација

Основното јавно обвинителство отвори истрага и побара од Судот мерка притвор против 40 годишниот скопјанец кај кого полицијата пронајде четворица малолетници во бессознание. Според соопштението истрагата е покрената под сомнение дека на четворицата малолетници им дал медикаменти, односно од неговите лекови за одвикнување од алкохол.

Тој е осомничен за сторени кривични дела „тешки дела против здравјето на луѓето“, како и за кривичното дело „излагање на опасност“.

Осомничениот, додека на 11 јули во вечерните часови во неговиот дом престојувале четири деца на возраст од 15 до 17 години, ставил во промет лекови што се штетни за здравјето.

„Тој заедно со децата почнал да конзумира алкохол и во текот на вечерта извадил лекови “тергатол 200 мг”, “запира 10 мг” и “дијазепам 5 мг” кои ги користел за одвикнување од зависност од алкохол и кои им ги понудил на малолетниците да ги испијат за подобро расположение“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Во соопштението се вели дека тој им дал да испијат поголемо количество од лековите во комбинација со алкохолот, иако бил свесен за штетната последица што може да настапи и со тоа тешко им го нарушил здравјето.

Следниот ден попладнето полициски службеници ги пронашле оштетените деца во неговиот дом во бессознание и со сериозно влошена здравствена состојба. Со возило на итна медицинска помош биле префрлени на Клиниката за токсикологија, каде што кај децата било констатирано високо присуство на бензодијазепини во крвта.Некои од овие лекови се сметаат за седативи, а други се сметаат за анти-анксиозни лекови.

„Осомничениот претходно станал и во дневната соба ги затекнал децата како лежат во сериозно влошена здравствена состојба која претходно самиот ја предизвикал, но и покрај тоа ги оставил без помош“, е наведено во соопштението.

Директорот на клиниката Андон Чибишев соопшти дека докажано е присуство на психоактивни супстанци кај четворицата малолетни пациенти, без при тоа да има присуство на алкохол.

„Сите четворица пациенти се свесни, во подобрена здравствена состојба, со стабилни витални параметри. Немаат посериозни повреди. Продолжува интензивното лечење и надзор на Универзитетската клиника за токсикологија“, појасни Чибишев.

Во описот на случајот се вели дека вчера во 13:57 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено оти во двор од куќа, сопственост на Д.Ѓ., тој со тврд предмет бил физички нападнат од малолетник.

По добиената пријава полициските службеници биле во куќата каде ги затекнале четирите малолетни лица од кои две биле во бессознание.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG