Достапни линкови

Вести

УНХЦР загрижена за судбината на Авганистанците протерани од Пакистан

Депоратција на Авганистанците од Пакистан
Депоратција на Авганистанците од Пакистан

Многу од авганистанските семејства кои се протерани од Пакистан немаат дом во кој да се вратат и ќе се борат да се прехранат во суровата зима, предупредија на 24 ноември, во петокот Обединетите нации.

Агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР соопшти дека повеќе од 370.000 луѓе се вратиле во Авганистан од 3 октомври, кога Пакистан им постави ултиматум на 1,7 милиони Авганистанци за кои вели дека живеат илегално во земјата.

„Многу од нив не се слушнале со нивните роднини (во Авганистан). На оние што направија им беше кажано дека нема простор за нив или дека има премалку за споделување“, рече Хсијао-Веи Ли, авганистански државен директор за Светската програма за храна на ОН (WFP), кој неодамна отпатува на граничен премин за да ја набљудува дистрибуцијата на помош во храна.


Исламабад постави краен рок до 1 ноември за доброволно враќање на сите Авганистанци без документи во Пакистан во нивната земја на потекло.

Масовните пристигнувања придонесуваат за тековната хуманитарна криза во Авганистан, при што околу 16 милиони луѓе веќе се соочуваат со акутен глад оваа зима.

види ги сите денешни вести

Украинскиот министер за надворешни работи ќе ја посети Кина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе ја посети Кина од 23 до 25 јули на покана на неговиот кинески колега Ванг Ји, објавија на 22 јули министерствата за надворешни работи на двете земји на нивните официјални веб-страници.

„За време на состаноците и преговорите, страните ќе разменат мислења за актуелната ситуација и изгледите за развој на билатералните односи. Главна тема на разговор ќе биде барањето начини за запирање на руската агресија (врз Украина) и можната улога на Кина во постигнување на стабилен и праведен мир“, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Минатата недела, додека беше во Велика Британија, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека целиот свет ќе мора да изврши притисок врз Русија за да ја убеди да седне на преговарачка маса и да размисли за завршување на војната.

„Ова не значи дека сите територии ќе бидат вратени со сила. Мислам дека моќта на дипломатијата може да помогне“, рече тој, додавајќи дека колку е послаба Русија на бојното поле, толку е посилна позицијата на Украина на преговарачката маса.

Од 15 до 16 јуни, Швајцарија беше домаќин на Мировниот самит за Украина. Повеќе од 80 земји и четири организации, вклучително и Советот на Европа, Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент, повикаа „територијалниот интегритет“ на Украина да биде основа на секој мировен договор за ставање крај на војната во Русија.

Шефот на швајцарската дипломатија Игнацио Касис по самитот предложи следниот состанок да се одржи пред изборите во САД.

И Володимир Зеленски рече дека веќе има земји заинтересирани да бидат домаќини на вториот мировен самит, а Киев започнал преговори со нив. Сепак, тој не ги именуваше овие земји.

Како што изјави за Радио Свобода заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Ихор Жовква, Русија може да учествува на следниот мировен самит под услов да е подготвена „конструктивно“ да разговара и да го спроведе акцискиот план договорен на првиот самит. Наместо тоа, Кремљ ја отфрли идејата за учество на овој настан.

Репортер близок до Кремљ избркан од германското здружение на новинари

Хуберт Сајпел (десно) го интервјуира рускиот претседател Владимир Путин, 2014 година.
Хуберт Сајпел (десно) го интервјуира рускиот претседател Владимир Путин, 2014 година.

Германското здружение на истражувачки новинари „Netzwerk Recherche“ објави дека Хуберт Сајпел повеќе не е член на здружението.

Ваквата одлука е донесена откако било потврдено дека влијателниот новинар и автор добил пари од Москва за да пишува пофални книги за рускиот претседател Владимир Путин.

Заедничката истрага на германскиот јавен радиодифузер ZDF во ноември 2023 година откри дека Сајпел, кој го интервјуирал Путин и напишал две книги за него, добил 600.000 евра од олигархот поврзан со Кремљ, Алексеј Мордашов.

„Со своето однесување, Зајпел ги прекрши основните правила на независното новинарство и нанесе огромна штета на угледот на нашата професија“, изјави за ЗДФ претседателот на „Netzwerk Recherche“, Даниел Дрепер.

Макрон: Франција е подготвена за Олимписките игри

Францускиот претседател Емануал Макрон
Францускиот претседател Емануал Макрон

Претседателот на Франција, Емануел Макрон при денешната посета на Олимпиското село истакна дека Пaриз е подготвен за да биде домаќин на Олимписките игри (ОИ).

„Подготвени сме и ќе бидеме подготвени во текот на Игрите“, посочи Макрон.

Претходно, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави дека неколку дена пред почетокот на Олимписките игри во Париз биле спроведени еден милион административни истраги и било утврдено оти 4355 лица би можеле да претставуваат закана.

Безбедносните истражување се спроведени за сите лица кои на каков било начин ќе учествуваат во ОИ од 26 јули до 11 август и на Параолимписките игри од 28 август до 8 септември.

Проверени се спортисти, тренери, новинари, волонтери, приватно обезбедување, дури и граѓаните кои живеат во близина на одржувањето на церемонијата на отворање на ОИ.

Според најавите околу 35000 полицајци и жандарми и 18000 француски војници ќе ги обезбедуваат Олимписките игри секој ден.

Церемонијата на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз 2024 година е на 26 јули во 19:30 часот (по средноевропско време).

Советот на ЕУ ги укина визите за Србите од Косово

Српски пасош, илустрација
Српски пасош, илустрација

Советот на Европската Унија донесе одлука за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово кои имаат српски пасоши, издадени од Директоратот за координација на Србија.

Одлуката е донесена на ниво на министри за надворешни работи на последната средба. Со усвојувањето на оваа одлука од страна на Советот на ЕУ, сите законодавни процеси се завршени.

Веднаш откако регулативата ќе стапи во сила, што ќе се случи на 20-тиот ден од нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, таа ќе почне да се применува во сите земји-членки на ЕУ.

„Денеска Советот на ЕУ усвои регулатива со која се гарантира дека целиот регион на Западен Балкан е подложен на ист визен режим, со укинувањето на исклучувањето што претходно важеше за имателите на српски пасоши издадени од Директоратот за координација на Србија“, се вели во соопштението на ЕУ.

Косовските државјани без визи во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:21 0:00

Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ.

„Мала, но важна победа за човековите права на Србите на Косово и Метохија“, напиша шефот на дипломатијата на Србија на платформата Х на 22 јули.

Процедурите за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово кои поседуваат само српски пасоши, почнаа поради одлуката за безвизен режим со Косово, која стапи на сила на први јануари годинава.

Косово не го признава тој пасош и носителите на тие пасоши не можат да летаат од аеродромот во Приштина.

Со укинувањето на визите за косовските пасоши, само косовските граѓани кои поседуваа документи издадени од Координативната управа на Министерството за внатрешни работи на Србија во Белград за граѓаните во Косово, останаа единствените во регионот на кои им требаше виза за патување во Шенген зона.

Во ноември минатата година Европската комисија предложи укинување на визите за оваа категорија граѓани. Европскиот парламент го изгласа во април годинава.

За два дена во Иран егзекутирани 8 лица

илустрација
илустрација

Групите за права соопштија дека иранските власти егзекутирале осум лица во текот на викендот, изразувајќи загриженост дека режимот може да го забрза извршувањето на смртните казни по затишјето пред предвремените претседателски избори одржани претходно овој месец.

Новинската агенција ХРАНА, фокусирана на човековите права, објави дека четири лица, меѓу кои и еден авганистански државјанин, биле обесени во затворот Кезел Хесар во Карај на 21 јули. Новинската агенција соопшти дека тие биле осудени за обвиненија поврзани со дрога.

Групите за права документираа нагло зголемување на бројот на егзекутирани Авганистанци во Иран, а активистите истакнуваат дека тие не добиваат фер судење.

Исто така, организацијата Иран за човекови права со седиште во Осло соопшти дека четири лица, вклучително и една жена, биле обесени на 20 јули во затвор во Шираз. Тројца од нив се осудени за убиство, а еден е прогласен за виновен за силување.

Претходно овој месец, организацијата соопшти дека егзекуциите се намалени за 30 отсто во првите шест месеци од 2024 година, но предупреди дека тоа би можело да се засили по предвремените претседателски избори.

Реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан го победи ултраконзервативниот ривал Саид Џалили во вториот круг од гласањето на 5 јули. Хјуман рајтс воч на 15 јули го повика Пезешкијан да се бори против зголемениот број егзекуции во Иран.

Од 22 јули годинава во иранските затвори биле погубени најмалку 268 лица, од кои повеќе од половина беа осудени за обвиненија поврзани со дрога. Амнести интернешенел наведува дека Иран извршил 853 егзекуции во 2023 година, со најмалку 481 егзекуции за пресуди за наркотици.

Бидејќи иранската влада не објавува официјална статистика за бројот на егзекуции, меѓународните и иранските групи за права ги документираат случаите користејќи информации само од државните медиуми и организациите за човекови права.

Таравари: Невозможно е да се зголемат платите во здравството до крајот на годината

илустрација
илустрација

До крајот на годината невозможно е да има зголемување на платите на здравствените работници и потпишување на нов колективен договор како што бараат синдикатите, изјави денеска (21 јули) министерот за здравство Арбен Таравари.

Таравари рече дека поради огромниот буџетски дефицит невозможно е да има зголемување на платите и дека ќе побара разбирање од синдикатите.

„Се надевам дека во здравството нема да има огромно скратувње на буџетот бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година. Со синдикатите имав еден состанок, повторно ќе имам и ќе побарам од нив разбирање за евентуално да се договориме за идната година. Оваа година практично е невозможно да се донесе нов колективен договор“, рече Таравари по посетата на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Од Независниот синдикат изминатата година неколкупати протестираа поради аномалии во колективните договори и ниските плати.

Новиот министер ги почна промените во здравството со смена на дел од досегашните директори во скопските клиники и болниците во внатрешноста.

Петмина загинати во Дом за стари лица во Хрватска

илустрација
илустрација

Пет лица загинале во дом за стари и изнемоштени лица во Дарувар, 130 километри југоисточно од Загреб, јавија хрватските медиуми.

Според нив, маж влегол во домот за стари и изнемоштени лица и почнал да пука во луѓето.

Пет лица загинаа на лице место, а на некои сè уште им се укажува лекарска помош.

Напаѓачот потоа побегнал, но полицијата набрзо го уапсила во близина на кафуле во градот.

Како што јавуваат медиумите, низ градот одекнуваат сирени на службите за итна медицинска помош.

Вонредните контроли утврдиле лоши хигиенски услови во кујните и храна со поминат рок

илустрација
илустрација

Педесет и четири оператори со храна добиле казни, а на осум им е изречена забрана за работа. Ова е епилогот од вонредните контроли на инспекциските тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кои биле спроведени во период од 16 до 19 јули.

Од АХВ денеска информираа дека со контролите биле опфатени 112 објекти во туристичките центри Дојран, Охрид, Струга и Преспа.

Со контролите било утврдено неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат.

„Од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари констатирана беше и работа на објекти- оператори со храна кои не се регистрирани или одобрени за работа од страна на АХВ, поради што беа изречени мерки забрана за работа, а затекнатите производи беа забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени беа и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа“, се наведува во соопштението од АХВ.

Исто така од промет биле отстранети 8700 килограми небезбедна храна која како што додаваат, била уништена.

Од АХВ најавуваат дека и во наредниов период ќе продолжат со спроведување на вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури на сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава.

Европските министри ќе разговараат за одговорот на „неприфатливите“ ставови на Унгарија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Министрите за надворешни работи на Европската Унија ќе дискутираат како да одговорат на патувањата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Русија и Кина и позиционирањето на неговата земја во однос на улогата на ЕУ во Украина, изјави во понеделник шефот за надворешна политика на Унијата, Жозеп Борел.

„Ќе разговараме за тоа што се случи и за ставовите на унгарската влада“, рече Борел, опишувајќи ги како „неприфатливи“.

Унгарија го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со блокот во јули и речиси веднаш потоа премиерот Виктор Орбан отиде во Москва и Пекинг во како што ја нарече, „мировна мисија“ и покрај тоа што никој од неговите партнери во ЕУ не беа информирани или не му дадоа мандат да го стори тоа.

Тој, исто така, предвреме го напушти самитот на НАТО за да се сретне со поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Министерот за надворешни работи на Орбан оттогаш ја доведе во прашање улогата на ЕУ во Украина.

Некои земји-членки би сакале блокот да покаже построг став кон Будимпешта.

Меѓу идеите кои се споменуваат се да се бојкотира или да се намали присуството на министрите на неформалниот состанок во Будимпешта на крајот на август, иако постои поделеност меѓу земјите за неговата корисност.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок пред пристигнувањето во Брисел рече дека Борел ја претставува надворешната политика на ЕУ за министрите и дека „не е изненадувачки што ваквите егоистички патувања“ иритирале многумина.

Министерот за надворешни работи на Луксембург Ксавиер Бетел рече дека ќе оди на неформалниот состанок на крајот на август, велејќи дека е важно да се задржи дијалогот со Будимпешта.

„Игнорирањето или неизбирањето на дијалогот би било грешка“, смета тој.

Орбан, кој е критичар на западната воена помош за Украина и кој има најтопли односи од кој било лидер на ЕУ со Путин, исто така постојано ги задржуваше одлуките за воена помош за Украина.

Говорејќи во објава на социјалните мрежи пред состанокот во понеделник, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го критикуваше блокот.

„Веќе со недели, бриселската странска бирократија и лидерите на некои земји од ЕУ ги „острат забите“ поради нашата мировна мисија, поради фрустрација и излегувањето на нивната неуспешна стратегија“, рече тој, додавајќи дека патувањата ја отвориле вратата за понатамошна дипломатија.

Украина ја презеде одговорноста за нападот на рафинеријата во Русија

Рафинерија за нафта во Краснодарскиот регион (фотоархива)
Рафинерија за нафта во Краснодарскиот регион (фотоархива)

Украинските власти во понеделник (22 јули) ја презедоа одговорноста за нападот со дрон врз рафинеријата во југозападна Русија, каде што руската војска претходно соопшти дека уништила 80 украински беспилотни летала во текот на ноќта за време на рациите на неколку руски области.

Извор близок до украинската одбрана објави дека цел на неколку беспилотни летала била рафинеријата во Туапсе, град на брегот на Црното Море во руската област Краснодар, каде што избувнал пожарот, пренесе АФП.

„Се расчистува степенот на штетата“, додаваат истите извори, наведувајќи дека се работи за рафинерија на рускиот гигант Роснефт опремена со пристанишен терминал и дека околу 90 отсто од неговото производство е наменето за извоз.

Руските регионални власти на Телеграм објавија дека пожарот во рафинеријата бил предизвикан од напад со дрон.

„Киевскиот режим уште еднаш се обиде да ја нападне цивилната инфраструктура во Туапсе со беспилотни летала“, соопштија руските власти, додавајќи дека на местото се испратени 100 пожарникари.

Според првичните информации нема повредени.

Украина, која се соочува со руска инвазија повеќе од две години и чија енергетската инфраструктура е уништена со непрестајно бомбардирање, изведува напади со беспилотни летала длабоко во Русија на енергетските и логистичките локации што ги користи војската специјално за нејзините операции на украинска територија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG