Достапни линкови

Вести

Германија вети 1,3 милијарди евра дополнителна воена помош за Украина

Писториус положува цвеќе на плоштадот Мајдан во центарот на Киев на 10-годишнината од почетокот на протестите на Мајдан, 21 ноември 2023 година.
Писториус положува цвеќе на плоштадот Мајдан во центарот на Киев на 10-годишнината од почетокот на протестите на Мајдан, 21 ноември 2023 година.

Германија вети дополнителна воена помош од 1,3 милијарди евра за Украина, која ќе вклучува уште четири системи за воздушна одбрана ИРИС-Т, како и артилериска муниција, објави министерот за одбрана Борис Писториус за време на посетата на Киев на 21 ноември.

Германија, која е вториот најголем донатор на воена помош за Киев по САД, веќе ѝ испорача три модерни системи ИРИС-Т на Украина, од кои последниот беше испорачан минатиот месец.

Тој најави нов пакет воена помош за Украина по средбата со неговиот украински колега Рустем Умеров.

Посетата на Писториус дојде откако Русија започна смртоносен нов бран на ракетни и беспилотни напади врз Украина насочени кон цивилите и енергетската инфраструктура.

„Повторно сум тука, пред сè да ветам натамошна поддршка, но и да ја изразам нашата солидарност и длабока поврзаност, како и нашето восхитување за храбрата и скапа борба што се води овде“, рече Писториус откако положи цвеќе на плоштадот Мајдан во центарот на Киев на десетгодишнината од почетокот на протестите на Мајдан.

Писториус пристигна со воз за да се сретне со својот украински колега Рустем Умеров и претседателот Володимир Зеленски.

Посетата на Писториус, негова втора откако стана министер за одбрана на почетокот од оваа година, доаѓа еден ден по патувањето на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Украина, за време на кое тој ја повтори „долгорочната“ поддршка на САД за Украина, додека таа продолжува да се бори против руските трупи.

На 20 ноември Вашингтон објави пакет оружје и опрема во вредност од 100 милиони долари за Украина. САД ѝ дадоа на Украина десетици милијарди долари воена и друга помош од почетокот на руската инвазија минатиот февруари.

Посетите на Писториус и Остин на Украина доаѓаат во време на зголемување на руските воздушни напади врз украински цивилни цели, додека земјата разорена од војна се подготвува за очекуваното зголемување на нападите врз енергетската инфраструктура на земјата за време на студената сезона.

види ги сите денешни вести

Бајден: Блиску сме до договор за прекин на огнот во Газа

Џо Бајден, претседател на САД
Џо Бајден, претседател на САД

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа (26 февруари) изрази оптимизам дека нескоро ќе се постигне нов прекин на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас во војната во Газа.

ЕУ и САД ја прогласија Хамас за терористичка организација.

„Мојот советник за национална безбедност ми кажа дека сме блиску. Сè уште не сме готови. Се надевам дека ќе имаме прекин на огнот до следниот понеделник“, рече Бајден.

Катар, Египет и САД со недели се обидуваат да посредуваат за нов прекин на огнот меѓу Хамас и Израел во Газа, договор што треба да го олесни ослободувањето на израелските заложници кои сè уште се држат во крајбрежниот појас.

Меѓутоа, неизвесно е дали меѓународните посредници ќе можат да го договорат прекинот на огнот до 10 март, кога почнува муслиманскиот пост Рамазан.

Медиумите претходно објавија дека тешките преговори не напредуваат. Израелските телевизиски станици Канал 12 и Кан цитираа официјални лица дека преговарачката рамка предложена од посредниците сè уште не е компатибилна со барањата на Хамас.

Хамас го обвини Израел дека ги блокира преговорите.

Макрон не ја исклучува можноста за распоредување француски трупи во Украина

Украинскиот и францускиот претседател Володомир Зеленски и Емануел Макрон
Украинскиот и францускиот претседател Володомир Зеленски и Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не ја исклучува можноста за распоредување француски копнени трупи во Украина, јави ДПА.

По завршувањето на конференцијата за помош на Украина вчера во Париз, Макрон рече оти не исклучува ништо за да се осигура дека Русија нема да победи во војната против Украина.

На состанокот во Париз (26 февруари), кој беше организиран за кратко време, учествуваа високи претставници од многу клучни европски поддржувачи на Киев, вклучително и германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон.

„Немаше консензус за употреба на копнени трупи на состанокот на над 20 шефови на држави и премиери, но ништо не може да се исклучи во однос на идната динамика. Секоја земја може самостојно и суверено да одлучува за распоредувањето на копнените трупи“, рече Макрон, а пренесе германската агенција.

Францускиот претседател посочи дека на состанокот било одлучено да се формира коалиција за снабдување на Украина со ракети за напади далеку зад руските линии. На краток рок, треба да се мобилизира дополнителна муниција за Украина од сопствените резерви.

„За испорака на француските борбени авиони Мираж сè уште не е одлучено, но француската воена опрема што може да и помогне на Украина сè уште се испитува. Општото сознание денес е дека безбедноста на сите нас е загрозена“, рече Макрон.

Тој дополни дека однесувањето на Москва станува поагресивно на политичко ниво и на линијата на фронтот во Украина, а Русија како што рече, не смее да победи во војната.

Според него зголемената помош за Украина со пари и оружје мора да се мобилизира и заеднички и на национално ниво.

ЕУ усвои нова регулатива за брзи финансиски трансакции

илустрација
илустрација

Европскиот Совет усвои Регулатива за инстантните плаќања со која на граѓаните и на компаниите ќе им биде овозможено да префрлаат пари на сметки во рок од десет секунди во секој период од денот, вклучително и надвор од работното време, во која било земја членка на ЕУ и на Европската економска област.

„Новите правила ќе ја подобрат стратешката автономија на европскиот економски и финансиски сектор, бидејќи ќе помогнат да се намали секое прекумерно потпирање на финансиските институции и инфраструктури од трети земји. Подобрувањето на можностите за движење на паричните текови ќе донесе придобивки и за граѓаните и за компаниите и ќе овозможи иновативни услуги со додадена вредност,“ информира Советот на ЕУ.

Инстат финасиските плаќања во евра ќе се вршат преку банките, кои за нив не смеат да наплаќаат надоместоци повисоки од трошоците за стандардните кредитни трансфери.

Регулативата е дел од мерките за заокружување на процесот за создавање на вистински единствен пазар на капиталот на ЕУ, чија цел е да се овозможи проток на инвестициите и заштедите низ сите земји членки на Унијата во интерес на граѓаните, бизнисите и инвеститорите.

Едно лице убиено во близина на селото Блаце

Илустрација
Илустрација

Маж на возраст од 56 години е убиен на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце во близина на Скопје.

Телото било пронајдено од братот на убиениот попладнето на 26 февруари.

„Во 18:10 часот во СВР Скопје е пријавено дека во близина на локалниот пат од Долно кон Горно Блаце, Н.Т. го пронашол неговиот брат З.Т. (56) без знаци на живот, со прострелни рани од огнено оружје“, велат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од полицијата додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. За мотивите и осомничено лице или лица за убиството засега нема официјални информации.

За помалку од една недела, ова е трета жртва на убиство регистрирано во Северна Македонија.

На 21 февруари, во кумановското село Габреш имаше двојно убиство кога брат пукаше кон неговата сестра и нејзините два сина. Сестрата (66) и еден од нејзините синови (38) беа убиени, додека другиот син (36) беше ранет и со три прострелни рани беше префрлен на лекување во скопските клиники. Првичните информации за мотивите за ова двојно убиство беа нерасчистени имотно-правни односи.

Бугарија забрани влез во ЕУ на двајца руски државјани

Илустрација
Илустрација

Бугарија им забрани на двајца руски државјани да влезат во Европската унија поради нивната наводна улога во операција на безбедносната агенција во оваа балканска земја, соопшти во понеделник бугарската државна агенција за безбедност.

Владимир Николаевич Горочкин (39), роден во Калининград и 37-годишната Татјана Анатолиевна Горочкина, се претставуваа себе си како бугарски државјани Денис Рашков и Дијана Рашкова.

„Главната цел на нивното присуство во Бугарија беше да добијат бугарски лични документи и веродостојни биографски податоци, кои подоцна ќе ги искористат за извршување на разузнавачки активности надвор од Бугарија“, наведува агенцијата.

Бугарија, членка на ЕУ и НАТО, издаде петгодишна забрана за влез на двајцата руски државјани во 27-члената ЕУ.

Бугарија во септември лани го протера поглаварот на Руската православна црква во Софија и двајца белоруски свештеници, обвинувајќи ги дека служат на геополитичките интереси на Москва.

Минатата година беа уапсени и петмина бугарски државјани обвинети дека биле дел од руската шпионска мрежа во Велика Британија, чија задача била да вршат надзор и да добиваат информации.

Шолц повтори дека нема испорака на „Таурус“ во Украина за се избегне вмешување во војната

Германскиот канцелар Олаф Шолц, 16 февруари 2024 г.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, 16 февруари 2024 г.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот повторно ја отфрли можноста за испраќање крстосувачки ракети со долг дострел „Таурус“ во Украина во овој момент, наведувајќи го ризикот неговата земја директно да се вклучи во војната.

Германија сега е вториот најголем снабдувач на воена помош за Украина, по САД, и дополнително ја зголемува својата поддршка оваа година.

Сепак, Шолц со месеци го одложува исполнувањето на желбата на Украина за ракетите „Таурус“, кои имаат дострел до 500 километри и кои, теоретски, би можеле да се користат против цели далеку на руска територија.

Тој не кажа категорично дека нема да бидат доставени, но за новинската агенција ДПА го понуди досега најјасното објаснување за неговото колебање, што ја налути и германската конзервативна опозиција и некои од неговата трипартиска коалиција.

Канцеларот долго време ја истакнуваше својата решеност да и помогне на Украина без ескалација на војната и вовлекување на Германија и Северноатлантската алијанса (НАТО) во војната, и нагласи дека ниту еден германски војник нема да отиде во Украина.

Велика Британија и Франција одамна објавија дека испраќаат проектили со долг дострел „Storm Shadow“ или „Scalp“ во Украина.

Шолц во понеделникот рече дека „Таурус“ е „оружје со многу долг дострел“.

„Она што се прави во однос на контролата на целта и придружната контрола на целта од страна на Британците и Французите не може да се направи во Германија. Сите што имале врска со овој систем го знаат тоа“, рече тој.

Прашан дали е загрижен дека германските војници ќе мора да одат во Украина за да контролираат кон што целат проектилите „Таурус“, Шолц рече дека „во ниту едно време и на ниту едно место германските војници не треба да се поврзуваат со целите до кои стигнува овој (Таурис) систем“.

Тој рече дека има добри причини зошто тие проектили не се следната опција на агендата.

„Ова појаснување е неопходно. Изненаден сум што некои луѓе воопшто не размислуваат дали тоа што го правиме може да резултира, така да се каже, со учество во војната“, рече германскиот канцелар.

Шолц посочи дека германската дискусија за ракетите „Таурус“ го изгубила од вид она што сега всушност и треба на Украина.

„Она што и недостига на Украина е муниција за пукање на сите можни растојанија, но не е клучно ова од Германија“, рече тој.

Минатата недела германските пратеници ја повикаа владата да обезбеди дополнително оружје со долг дострел за Украина, но го отфрлија повикот на опозицијата за испраќање на крстосувачките ракети со долг дострел „Таурус“.

Предлогот подготвен од владејачките партии ја повикува владата да продолжи со воената поддршка.

Се вели дека „ова вклучува континуирана испорака на неопходните системи за оружје и муниција со долг дострел“ за да се овозможат напади врз „стратешки важни цели далеку во заднината на рускиот агресор“.

Таквата нејасна формулација, според АП, им овозможи на владините претставници да се залагаат или да не се залагаат за испраќање на проектилите „Таурус“.

Израелските воздухопловни сили го нападнаа Хезболах во Либан

Чад во долината Бека за каде извори во Либан известуваат дека во израелските воздушни напади се убиени најмалку двајца членови на Хезболах, 26 февруари 2024 г.
Чад во долината Бека за каде извори во Либан известуваат дека во израелските воздушни напади се убиени најмалку двајца членови на Хезболах, 26 февруари 2024 г.

Израелската војска соопшти дека нејзините воздушни сили погодиле цели на Хезболах „длабоко во Либан“ во понеделникот, додека либанските власти соопштија дека целите биле погодени во близина на североисточниот град Баалбек.

Најмалку двајца членови на Хезболах се убиени во нападите, изјави официјален претставник на либанската милитантна група, која е прогласена за терористичка организација од САД, ЕУ и голем број арапски земји.

Нападите се едни од најдлабоките во Либан од почетокот на војната пред повеќе од четири месеци меѓу Израел и Хамас – уште една група која е прогласена за терористичка од САД и ЕУ.

Тие доаѓаат еден ден откако израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вети дека ќе ги засили нападите врз Хезболах дури и ако се постигне прекин на огнот со Хамас во Појасот Газа.

Нападите, кои дојдоа веднаш откако Хезболах соопшти дека неговата противвоздушна одбрана соборила израелско беспилотно летало, најверојатно ќе ги подгреат тензиите долж либанско-израелската граница додека продолжуваат разговорите за прекин на огнот во Газа.

Во попладневните часови, Хезболах соопшти дека одговорил на воздушните напади во близина на Баалбек со истрелување 60 ракети „катјуша“ врз командата на израелската воена дивизија во Голанската висорамнина во Сирија, окупирана од Израел.

Израелската војска потврди дека во понеделникот попладне биле истрелани десетици ракети од Либан кон Израел.

Либанските безбедносни претставници соопштија дека израелските воздухопловни сили извршиле три воздушни напади на периферијата на селото Будај, во близина на Баалбек, чија цел била конвој камиони. Будај важи за упориште на Хезболах.

Официјален претставник на Хезболах потврди дека биле извршени три напади во близина на Баалбек.

Службеникот зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи не беше овластен да зборува со новинарите. Тој рече дека најмалку двајца членови на групата биле убиени во нападите и дека еден погодил складиште со прехранбени производи што е дел од проектот „Саџад“ на Хезболах, кој им ги продава производите на луѓето во своето упориште по цени пониски од пазарните.

Хезболах подоцна ги објави имињата и фотографиите на двајца свои борци без да прецизира каде се убиени.

Последните случаи го доведоа до скоро 210 бројот на убиени борци на Хезболах од почетокот на размената на оган долж границата на 8 октомври.

Војник на либанската армија кој не бил на должност дома бил тешко повреден во еден од нападите во близина на Баалбек, изјави либански претставник запознаен со ситуацијата.

Повреден е и синот на војникот, додаде службеникот кој сакаше да остане анонимен бидејќи не е овластен да дава информации на новинарите.

Воздушните напади во близина на Баалбек се случија помалку од два часа откако Хезболах соопшти дека нивните борци собориле израелско беспилотно летало „Елбит Хермес 450“ (Elbit Hermes 450) над неговото упориште во јужната либанска провинција во понеделникот.

Вториот проектил истрелан од Хезболах кон дронот беше пресретнат од Израел и падна во близина на синагога во град во близина на Назарет во северен Израел.

Немаше повредени или штети.

Израелската војска во соопштение подоцна истиот ден соопшти дека нејзините воени авиони гаѓале локации што ги користи Хезболах во источната долина Бека. Се вели дека тие биле како одмазда поради тоа што Хезболах истрелал ракета земја-воздух кон израелско беспилотно летало.

Нападот на Баалбек, поради неговата локација длабоко во Либан, е најзначаен по воздушниот напад на Бејрут на почетокот на јануари, во кој загина Салех Аури, висок функционер на Хамас.

Попладнето на 26 февруари, израелски напад удри во автомобил во јужното село Мајадел, во близина на границата, при што беше убиен теренски командант на Хезболах, изјави претставник на групата.

Хезболах, кој е сојузник на Хамас, соопшти дека ќе ги прекине своите речиси секојдневни напади врз Израел доколку се постигне прекин на огнот во Газа.

Но, Галант, израелскиот министер за одбрана, во неделата рече дека секој што мислел дека привремениот прекин на огнот во Газа ќе се применува и на северното бојно поле е „погрешен“.

Западните дипломати доставија голем број предлози за прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах, од кои повеќето ќе зависат од тоа Хезболах да ги премести своите сили седум до десет километри оддалеченост од границата.

Тоа ќе дојде заедно со зголеменото присуство на либанската армија и преговорите за повлекување на израелските сили од спорните точки долж границата за кои Либан вели дека Израел ги окупира откако се повлекол од остатокот на југот на земјата во 2000 година.

Привремениот либански министер за надворешни работи Абдалах Бухабиб во понеделникот изјави дека разговарал за францускиот предлог за јужниот регион со премиерот на земјата Наџиб Микати, додавајќи дека либанската страна работи на одговор што Французите треба да го добијат до следната недела.

„Ја поздравуваме француската улога“, рече Бухабиб, додавајќи дека Либан сака решение што ги вклучува спорните фарми Чебаа и ридовите Кфар Чуба што Израел ги освои од Сирија за време на војната на Блискиот Исток во 1967 година.

Бејрут вели дека спорната област му припаѓа на Либан и Израел треба да се повлече.

Хезболах ја сигнализираше својата подготвеност да ги прифати предлозите, но рече дека нема да има договор во Либан пред да се случи прекин на огнот во Газа.

Унгарија го одобри влезот на Шведска во НАТО

Обраќање на унгарскиот премиер Виктор Орбан во парламентот, 26 февруари 2024 г.
Обраќање на унгарскиот премиер Виктор Орбан во парламентот, 26 февруари 2024 г.

Унгарскиот парламент во понеделникот гласаше за ратификување на кандидатурата на Шведска за приклучување кон Североатланската алијанса (НАТО), ставајќи крај на повеќе од 18-месечните одложувања што ја фрустрираа Алијансата додека се обидува да се прошири како одговор на руската војна во Украина, објави АП.

Гласањето, кое помина со 188 гласа „за“ и шест „против“, дојде како кулминација на повеќемесечните „натегања“ на сојузниците на Унгарија за да ја убедат унгарската влада да ја укине блокадата за членство на Шведска.

Владата на премиерот Виктор Орбан ги достави до парламентот протоколите за одобрување на влезот на Шведска во НАТО во јули 2022 година, но работата заглави во парламентот поради противењето на претставниците на владејачката партија.

Приемот на нови земји бара едногласна поддршка од сите членки на НАТО, а Унгарија е последната од 31 членка на алијансата која ја даде својата поддршка откако Турција го ратификуваше барањето минатиот месец.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон го нарече „историски ден“.

„Подготвени сме да го преземеме нашиот дел од одговорноста за безбедноста на НАТО“, напиша Кристерсон на платформата X (поранешен Твитер).

Орбан, за кој АП вели дека е десничарски популист кој има блиски врски со Русија, рече дека критиките на унгарската демократија од страна на шведските политичари ги влошиле односите меѓу двете земји и доведоа до неподготвеност кај пратениците во неговата партија Фидес.

Но, гласањето во понеделникот ја отстрани последната пречка за членство на Шведска, која, заедно со соседна Финска, првпат поднесе барање за приклучување кон Алијансата во мај 2022 година, само неколку месеци по почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина

„Воената соработка меѓу Шведска и Унгарија и приемот на Шведска во НАТО ја зајакнуваат безбедноста на Унгарија“, рече Орбан на 26 февруари.

Сојузничките притисоци

Орбан ја критикуваше Европската унија и сојузниците од НАТО за зголемениот притисок врз неговата влада во последните месеци.

Неколку луѓе се обидоа да интервенираат однадвор во решавањето на нашите спорови (со Шведска), но тоа не помогна, туку го отежна проблемот“, рече Орбан.

„Унгарија е суверена земја, таа не толерира да и диктираат други, било да е тоа содржината на нејзините одлуки или нејзиниот распоред“, додаде тој.

Минатиот викенд, двопартиска група американски сенатори ја посети Унгарија и најави дека ќе поднесат заедничка резолуција до Конгресот со која ќе го осудат наводното унгарско назадување на демократијата и ќе ја повикаат владата на Орбан веднаш да ја укине блокадата на трансатлантската интеграција на Шведска.

Но, во петокот, Улф Кристерсон, шведскиот премиер, се сретна со Орбан во унгарската престолнина каде се чини дека постигнале договор за помирување по неколкумесечна дипломатска тензија.

По средбата, лидерите најавија склучување договор за одбранбената индустрија, кој ќе вклучува купување на четири авиони ЈАС 39 Групен (JAS 39 Gripen) од шведско производство од Унгарија и продолжување на договорот за услуги за постојната флота Грипен.

Орбан рече дека дополнителните борбени авиони „значително ќе ги зголемат нашите воени капацитети и дополнително ќе ја зајакнат нашата улога во странство“ и ќе ја подобрат способноста на Унгарија да учествува во заедничките операции на НАТО.

„Да се биде членка на НАТО заедно со друга земја значи дека сме подготвени да умираме еден за друг“, рече Орбан.

„Договорот за одбранбени и воени капацитети помага да се врати довербата меѓу двете земји“, додаде унгарскиот премиер.

Потребен е потписот на новиот претседател

Гласањето за прием на Шведска во НАТО во понеделникот беше само едно прашање на агендата на претставниците во унгарскиот парламент.

Беше одржано и гласање за прифаќање на оставката на претседателката Каталин Новак, која поднесе оставка на почетокот на овој месец по скандалот со нејзината одлука да помилува човек осуден за прикривање на серија сексуални злоставувања на деца.

По прифаќањето на оставката на Новак, претставниците треба да го потврдат Тамаш Суљок, претседателот на Уставниот суд на Унгарија, за нов претседател на државата.

Тој официјално треба да ја преземе функцијата на 5 март.

Некои опозициски партии рекоа дека нема да учествуваат во гласањето за потврдување на новиот претседател и повикаа на директни претседателски избори.

Но, Суљок беше номиниран од партијата Фидес на Орбан, која има двотретинско мнозинство во парламентот и се очекува лесно да го одобри неговото претседателствување.

Потребен е претседателски потпис за официјално да се потврди одобрувањето на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, што се очекува да се случи во следните неколку дена.

Герапетритис: Треба строго и цврсто придржување кон Договорот од Преспа

Северна Македонија и Грција, Договорот од Преспа го потпишаа на 17 јуни 2018 година, а стапи на сила на 12 февруари 2019 година, (архивска фотографија)
Северна Македонија и Грција, Договорот од Преспа го потпишаа на 17 јуни 2018 година, а стапи на сила на 12 февруари 2019 година, (архивска фотографија)

Министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис смета дека односите со Северна Македонија се на исклучително задоволително ниво и оти на билатерална основа во последните пет години се развиени многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика. Но, тој упати и порака дека Договорот од Преспа мора да се почитува.

„Мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво“, рече Герапетритис денеска, 26 февруари, одговарајќи на пратеничко прашање во грчкиот парламент, јави дописничката на државната агенција МИА од Атина.

Од грчка страна, остануваат нератификувани три меморандуми за кои шефот на грчката дипломатија доби прашање од пратеничката од опозициската Сириза, Рена Дуру. Но, тој не даде одговор кога тоа ќе биде направено.

„Предвидените меморандуми ќе дојдат за ратификација во Парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“, рече Герапетритис.

Тој уште еднаш повтори дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што не може да се измени од никоја од страните и посочи дека грчката Влада внимателно го следи спроведувањето.

Како што пишуваше Радио Слободна Европа (РСЕ), трите меморандуми кои веќе пет години се чуваат во фиока во грчкиот парламент се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите.

Покрај меморандумите, грчките власти до сега не ги сменија патните табли кои водат кон Северна Македонија. На некои од нив се уште може да се забележи референцата БЈРМ или само Скопје без ознаката МК или МКД. Грција според членот 14 од Договорот треба да се придржува кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, знаците и кодовите. Дипломатски извори за РСЕ, пак, посочија дека објаснувањето кое доаѓа од грчките институции до нив е дека не можат да им наложат на општинските власти во чија надлежност се дел од патиштата да ги направат промените на сообраќајните патокази.

Зборувајќи за исполнувањето на договорот, Герапетритис од грчкиот парламент се осврна и на патните исправи и меѓународните документи што требаше да ги промени Северна Македонија за што посочи дека „сè уште не постои целосна усогласеност“. Тој потсети дека „прилагодувањето е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја“.

„Имаше можност во периодот од пет години да ги направи потребните прилагодувања, како во однос на патните исправи, така и во однос на регистарските таблици на приватните возила. Ова до денес не е завршено, не поради одговорност на Грција, туку не е завршено бидејќи имаше бирократски, организациски или други проблеми од страна на Република Северна Македонија“, рече Герапетритис.

Тој потсети и оти грчките власти ги информирале останатите држави за пасошите од Северна Македонија.

„Грчката Влада и Министерството за надворешни работи ги направија сите неопходни дејствија, токму поради недоволната усогласеност на патните исправи и нивното прилагодување на новото име. Во врска со ова е и формалното и официјално информирање на властите во странство, на грчките дипломатски претставништва, на властите во ЕУ како и државите членки на Европската Унија за да постои целосно разбирање на имплементацијата на Договорот од Преспа“, посочи шефот на грчката дипломатија.

Рокот од пет години од стапувањето на сила на договорот за промена на документите за меѓународна употреба од Северна Македонија, истече на 12 февруари, а стотици граѓани останаа заглавени и во неможност доколку имаат потреба да ја напуштат државата поради тоа што немаат пасоши со новото уставно име.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на 21 февруари рече дека во пракса на државјаните кои веќе се надвор од државата, другите земји не им прават проблеми при патувањата.

„Во главно граѓаните немаат поголеми пречки во однос на враќањето дома. Прво, зашто ние се организиравме во дипломатско-конзуларните претставништва, овозможивме бесплатни патни листови и достава на нив по пошта. Во многу држави и не им ги бараат патните листови. Меѓутоа, бидејќи јас немам добиено официјална нота од државите како се однесуваат по однос на старите пасоши, не можам и официјално да ги известам граѓаните. Меѓутоа, тоа е порака – значи повеќето од државите дозволуваат движење и со старите пасоши“, рече Османи.

Тогаш тој посочи дека од другите земји, единствени што официјално се изјасниле за пасошите и останатите документи се Швајцарија која известила дека ќе дозволува движење со пасошите со старото уставно име, како и Босна и Херцеговина која информирала оти нема да ги признава ниту пасошите ниту личните карти со старото име.

Соработничка на Навални вели дека тој е убиен додека се постигнувал договор со Западот за негова размена

Марија Певчик, претседателка на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални (архивска фотографија)
Марија Певчик, претседателка на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални (архивска фотографија)

Соработничка на покојниот Алексеј Навални тврди дека размената на затвореници, во која требало да биде вклучен рускиот опозициски лидер, била во завршна фаза пред тој да умре во оддалечен сибирски затвор.

Марија Певчик, претседателка на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални, во видео изјава на Јутјуб на 26 февруари рече дека соработниците на Навални работеле две години за да ги убедат западните официјални лица да преговараат за договор што ќе ги вклучи критичарот на Кремљ и двајца американски државјани држени во руски затвори во замена за Вадим Красиков.

Красиков е поранешен полковник во руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кој беше осуден за атентат на поранешен чеченски борец во Берлин во 2019 година.

Певчик не ги именуваше двајцата државјани на САД кои би биле вклучени во размената. Во руските затвори моментално се наоѓаат неколку Американци, меѓу кои и поранешниот маринец Пол Вилан, новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева. Навални би бил вклучен во договорот како дел од „хуманитарната размена“.

„На почетокот на февруари, на Путин му беше понудено да го замени убиецот на ФСБ, Вадим Красиков, кој одлежува казна за убиство во Берлин, за двајца американски државјани и Алексеј Навални. Вечерта на 15 февруари добив потврда дека преговорите се во завршна фаза. На 16 февруари Алексеј беше убиен“, рече Певчик.

„Алексеј Навални можеше да седи овде сега, денес. Тоа не е стилска фигура“, додаде таа.

Изјавите на Певчик допрва треба да бидат потврдени или отфрлени од други извори.

Запрашана на редовната прес-конференција во Берлин на 26 февруари за извештајот, портпаролката на германската влада Кристијане Хофман рече дека не може да коментира.

Претходно овој месец, Путин му рече на американскиот коментатор Такер Карлсон дека „може да се постигне договор“ за ослободување на Гершкович, кој беше уапсен во март 2023 година во Русија под обвинение за шпионажа што тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како неосновани.

Путин посочи дека тој може да биде дел од размена за „патриотски“ руски државјанин кој моментално отслужува доживотна затворска казна за убиство во Германија--очигледно мислејќи на Красиков.

Волстрит журнал цитираше тогашни западни функционери дека Путин сакал Красиков да биде ослободен во замена за американските затвореници, вклучително и Гершкович и оти Красиков е централен за секој договор.

Во нејзиното видео, Певчик тврди дека Путин „не би толерирал“ Навални да биде ослободен и наместо да го вклучи во размена, рускиот лидер решил да се „ослободи од преговарачкиот адут“.

Таа не понуди докази за да го поткрепи нејзиното тврдење.

Таа, исто така, рече дека рускиот милијардер Роман Абрамович дејствувал како „неформален преговарач“ меѓу Кремљ и американските и европските претставници.

„Го прашав Роман Абрамович преку заеднички познаници како, кога и под кои околности го направил тоа и што рекол Путин. За жал, Абрамович не одговори на овие прашања, но ниту тој не негираше ништо“, рече Певчик.

Ниту Абрамович ниту Кремљ засега не ги коментираа ваквите тврдења.

Телото на Навални беше предадено на неговото семејство во текот на викендот, една недела откако неговата смрт беше објавена од страна на управата на таканаречениот затвор „Поларен волк“ каде што тој отслужуваше 19-годишна казна поради екстремизам и други обвиненија кои тој и неговите приврзаниците ги отфрлија како политички мотивирани.

Причината за неговата смрт не е наведена.

Мајката на Навални ги обвини руските власти дека и вршеле притисок да има таен погреб за нејзиниот син со цел да се избегне масовен излив на поддршка за еден од најгласните критичари на Путин.

„Погребот сè уште се чека. Не знаеме дали властите ќе се мешаат да се изврши погребот како што сака семејството и како што заслужува Алексеј. Ќе ве информираме штом има вести“, рече неговата портпаролка Кира Јармиш на платформата Икс (поранешен Твитер) на 24 февруари.

Во објава на 26 февруари таа додаде дека „бараме сала за јавно збогување со Алексеј. Време: крај на оваа работна недела“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 26 февруари рече дека е „апсурдно“ да се тврди дека врз семејството на Навални се врши притисок.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG